Координативен состанок: Се реализира договореното од теренските посети на премиерот Груевски

Претседателот на Владата, Никола Груевски денеска на координативен состанок со министрите, директорите и градоначалниците повторно на повеќе часовна средба ги разгледуваа проблемите и барањата од граѓаните кои беа посочени при редовните теренски посети и средби на премиерот во сите региони од државата.

Инфраструктурни проекти, изградба на водоводни и канализациони мрежи, изградби на градинки и спортски сали, патишта и асфалтирање на улици во повеќе општини, населени места и населби, беа само дел од точките на денешниот координативен состанок. Со детални рокови, динамика за реализација и разгледување на сите можности за излегување во пресрет на барањата на граѓаните се расправаше за секој пооделен проект, информираа од Владата.

На состанокот, кој се уште трае во Владата, беше договорена дополнителна изградба на 4 нови градинки и проширување на капацитетите на уште три постоечки градинки. Во постојниот план беше договорено да се градат две нови градинки во Куманово.

- Во 2016 година планираме таму два објекти да се направат за градинки, истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.

Покрај најавата за изградба на нови градинки, планирано е и проширување на постојните капацитети на градинката во населбата Гоце Делчев, која треба да се реализира во 2017 година.

- Да ве задолжиме да почнете подготовки за 2017, проширување на капацитетот на детската градинка во населбата Гоце Делчев во Куманово, му посочи премиерот на министерот Спасов.

Ќе се гради градинка и во населбата Драчево во дворот на училиштето Кузман Шапкарев. Беше договорено активностите да започнат во втора половина на 2016 година.

- Беше заклучок предложен на Влада. До тогаш да подготвите се што треба, проекти, тендерска постапка и да почне во втората половина на 2016, истакна Груевски.

Исто така, во ноември ќе се започне да се гради и градинка до 100 дечиња во Горно Лисиче која што треба да биде комплетно готова до септември 2016 година. Градоначалникот на Аеродром, Ивица Коневски на состанокот информираше и за проширување на капацитетите на две постоечки градинки во Аеродром со што како што кажа ќе се задоволат потребите на граѓаните од оваа општина. Во Аеродром, во Долно Лисиче средината на наредната година започнува и реконструкција на улиците 1 и 2 што беше и барање на граѓаните изложено при посетата на премиерот.

- Значи веднаш штом завршат во мај, јуни вие почнувате со рекострукција на улиците 1 и 2 во Долно Лисиче, рече Груевски.

Крајот на наредната година беше договорено да отпочне со градба и нов објект на основното училиште „Димитар Македонски“ во населба Горно Лисиче.

- Како што се договоривме при средбата и на минатиот координативен состанок, во рамки на буџетот за 2016 година планирани се средства за проект кој потоа во текот на годината по дефинирањето на проектот МОН ќе тендерира кон крајот на 2016, за да почнеме со градба на нов објект во населбата Горно Лисиче. Крајот на 2016, почетокот на 2017 почнува градбата на ново училиште, истакна заменик-министерот за образование Спиро Ристовски.

Иако не беше ветено на граѓаните на состанокот се договори и изградба на спортска сала во Долно Лисиче која треба да влезе во Програмата за 2017 година.

За општина Старо Нагоричане беше разгледано барањето за изградба на водовод во населеното место Татариновац при што се договори распишување на тендер за изведба од страна на Министерството за транспорт и врски веднаш по доставувањето на проектот од општината.

За оваа општина се договори и до ноември општината да заврши со изработка на општиот акт за изградба на спортска сала во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ за да може истата Министерството за образование да ја отпочне со градба во 2016 година.

- Значи потрудете до крајот на ноември општиот акт за изградба на спортска сала во ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“ да биде завршен за да може Министерството за образование да ве стави во план и да ги почне подготовките во текот на 2016 да почне и градбата на спортската сала, рече Груевски.

На состанокот беа разгледувани и барањата на граѓаните од Кисела Вода за поголема присутност на сообраќајната полиција во повеќе реони на општината за што веќе се одржал и состанок во МВР за кој информираше министерот за внатрешни работи Митко Чавков.

- Со градоначалникот имавме средба веднаш после првиот состанок кога беа испорачани барања од граѓаните. Имавме состанок на кој присуствуваше директорот на Бирото за јавна безбедност и началникот на Центарот за внатрешни работи Скопје и беа посочени барањата и проблемите со кои се соочуваат граѓаните и договорени се веднаш засилени мерки и активности за соодветно покривање со патроли и не само во однос на тоа прашање туку и за другите прашања утврдиме веднаш динамика, рече Чавков.

Покрај овој вид на барања, на координативниот состанок детално се разгледуваа и барањата од личен карактер кои се однесуваат за одреден личен проблем на граѓаните, а за кои беше информиран премиерот при неговите редовни теренски посети. Во тој контекст на состанокот беа решени барања од граѓаните кои се однесуваа на индивидуални предмети за реновирање на објектите во сопственост на ПУИГ а во кои живееле едно или повеќе семејства, се разгледуваа барањата поврзани со владиниот проект за отпис на долгови, барањата поврзани со процесот на исплата на надоместокот за обесштетување на граѓаните од поплавените региони и сл. За сите овие барања, институциите беа задолжени од премиерот поединечно да ги исконтактираат граѓаните и да ги известат за степенот и можноста за реализација за нивното доставено барање.

Од Владата информираат дека овој вид на координативни состаноци ќе продолжи и во идниот период бидејќи истото претставува продолжување на континуитетот на работата на премиерот базиран на редовни средби со граѓаните и постојано разгледување на посочените проблеми и барања на граѓаните, без разлика дали истите се однесуваат на едно семејство или на едно населено место или населба.