Хан: Изборите мора да се одржат согласно договорот

Изборите мора да се одржат во април согласно договорот. За таа цел потребна е соодветна изборна законодавна рамка која треба да се донесе до 6 октомври. ЕУ е подготвена да ги искористи сите свои ресурси за да помогне во однос на изборите. Доколку се спроведе договорот, ЕК е подготвена да влијае врз членките на ЕУ да ги отстранат резервите во однос на почнувањето преговори со Македонија.

Ова го порача вечерва во Скопје еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан на заедничката прес-конференција со премиерот Никола Груевски по состанокот за Пристапниот дијалог на високо ниво. 

- Сите мои партнери потврдија дека изборите треба и мора да се одржат до крајот на април како што беше договорено. Тоа е една обврска која што беше договорена и тие треба да се подготват во согласност со европските и меѓународни стандарди. ОБСЕ/ОДИХР, Советот на Европа се тука за да го понудат своето искуство во подготвувањето и мониторингот на овие избори. Европа е подготвена да ги искористи сите свои ресурси, човечки ресурси за да помогне во однос на изборите, но за да се направи ова важно е да се има соодветна изборна законодавна рамка и за да се донесе оваа законодавна рамка во согласност со јунскиот договор при што сите политички лидери се обврзаа дека најдоцна до 6 октомври треба да има договор за содржината на нов изборен законик, рече Хан.  

Во однос на бегалската криза порача дека ЕУ ќе и помогне на Македонија во справување со овој проблем за да не стане жртва на оваа состојба, која што е резултат на состојбите на Блискиот исток. ЕУ мора да си ја заврши својата работа, а тоа не го стори досега, рече Хан и најави дека следната недела ЕК, а потоа и на престојниот Совет на ЕУ ќе се донесе заеднички документ за европска солидарност не само со бегалците туку и со земјите од регионот како Македонија, која е на бегалската рута. Ова е, нагласи прв ваков пример на европска солидарност, поддршка и помош. 

-  Утре патувам на границата со Грција за да ја видам состојбата од прва рака, а на почетокот на следната недела експерти од ЕУ ќе бидат во земјата да поразговараат со нивните колеги од релевантните министерства за да видат што е потребно за да се даде финансиска поддршка за земјата да се справи со состојбата, затоа што ниту Србија ниту вашата земја не треба да станат место каде што ќе останат заглавени бегалците. Ние не ја сфаќаме вака солидарноста, посочи Хан.

Запрашан за тоа какви се очекувањата Македонија да добие препорака и да започне со преговори нагласи дека прво е важно да се спроведе договорот од Пржино. 

- Јас сум прагматичен и мораме да ги преземаме чекорите еден по еден...Сега треба да се сконцентрираме на она што е договорено со договорите од јуни и јули. Ако се спроведе се што е договорено тогаш може да се спроведе следниот чекор. Ве уверувам сите дека ќе направам се за да ги убедиме земјите членки да ги елиминират нивните резерви во однос на почетокот на преговорите. Ова не може да се направи за неколку месеци. Се работи за еден процес, меѓутоа сега барем има едно заедничко разбирање меѓу сите земји членки дека најдобриот придонес кон развојот на една земја во Европа која сеуште не е земја членка на ЕУ е да се започне со преговори за членство. Тука влогот на ЕУ е најголем и тоа мора да се искористи и да се цени, истакна Хан.

Премиерот Груевски подвлече дека политичкиот договор е добра основа за успешно надминување на предизвиците и повторно концентрирање на напорите за преминување во следниот чекор од пристапниот процес. Започнувањето на преговори со ЕУ е примарна цел за Република Македонија, а преку засилен европски партнерски амгажман, додаде, е можно унапредување на процесот на евроинтегрирање.

- Почетокот на пристапните преговори е можен и неопходен и треба конечно да се случи како што повеќе години наназад предлага ЕК. Треба да се дозволи пристапните преговори да течат паралелно со разговорите за наемтантиот спор за името со нашиот јужен сосед, со кого сме одлучни да градиме партнерски односи во рамки на ЕУ и НАТО. Тоа ќе биде најдобрата мерка за зајакнување на меѓусебната гршко-македонска доверба, истакна премиерот Груевски.

Осврнувајќи се на кризата со мигрантите шефот на Владата истакна дека Македонија уште еднаш потврди дека е дел од решението со сите активности кои ревносно ги спроведуваат нашите институции за контрола и управување на границата според европските стандарди и евидентирање и хуман третман на бегалците.

- Благодариме за декларираната финансиска помош од ЕК и земјите членки. Таа ќе биде дотоколку покорисна кога е насочена кон институциите на РМ кои се справуваат со вонредни предизвици во исклучително сложена ситуација. Уште позначајно е интензивно да соработуваме и партнерски да споделуваме искуства и ресурси од заедничките европски инструменти, каде Македонија несомнено заслужува да биде третирана како земја членка, подвлече премиерот Груевски. 

Еврокомесарот Хан денеска имаше средби со лидерите на политичките партии, а претпладнево се сретна и со претставници на граѓанското општество. Тој заедно со премиерот Никола Груевски копретседаваше со петтиот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво меѓу Република Македонија и Европската Унија.