Нова спортска сала за Домот за деца без родители „11 Октомври“

Домот за деца без родители „11 Октомври“ ќе добие нова спортска сала, инвестиција вредна 28 милиони денари. Салата ќе биде градена по европски стандарди, а ќе биде наменета за мал фудбал, кошарка, ракомет, гимнастика, пинг-понг... 

- Досегашните услови во оваа јавна установа ниту од далеку не ги задоволуваа потребите на децата за спортување и за правилен физички развој и физичко воспитување. Проблем кој до неодамна постоеше во голем број училишта во Македонија во кои не беше направена значајна инвестиција со децении. Спортската сала која ќе биде изградена овде за првпат по многу долго време ќе им овозможи на децата соодветни модерни услови за спортување и рекреација, истакна на поставувањето на камен-темелникот за изградбата на спортската сала премиерот Никола Груевски.  

Верува дека оваа спортска сала ќе биде од корист за децата од оваа установа која, како што рече, ќе може од неа да приходува и средствата од тоа да ги искористи за потребите на штитениците.

- Знам дека ним им недостигаат многу работи. Дел од нив државата не може да им ги надополни затоа што се дел од нивната судбина, но голем дел може. Оваа спортска сала е дел од она што државата може за нив да направи, рече Груевски. 

Потенцира дека досега во општина Центар се изградени две вакви сали, а третата е во фаза на градба. Додаде дека се планира во оваа општина да се изградат уште три спортски сали, девет тениски терени и две повеќенаменски игралишта. 

Досега во Македонија се изградени 33 спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 53 тениски терени и 53 повеќенаменски игралишта. Во градба се, рече Груевски, две нови сали, 22 тениски терени и седум повеќенаменски спортски игралишта, како и повеќе сали од Проектот 145 училишни спортски сали.

- Ваквите инвестиции во спортот и се потребни на Македонија и им се потребни на младите. Спортот е особено важен во образованието и формирањето на карактерот на секој млад човек. Преку спортот учиме што значи да се работи напорно и да се оствари резултат, но и да се биде фер играч и да се подаде рака кога е некој подобар од нас, рече Груевски. 

Со оглед на тоа што овој објект, како што рече, е наменет за потребите на една посебна категорија граѓани посочи дека Владата напорно работи и на многу други проекти чија цел е на овие деца да им се даде колку е можно подобар старт во животот по напуштањето на згрижувачките установи. 

Потсети дека досега за десетпати е зголемена паричната помош за децата по напуштањето на установите или згрижувачките семјества од 330 на околу 3.000 евра, воведена е парична помош за студентите кои до 18 години имале статус на дете без родители во висина од 12 илјади денари доколку се корисници на социјален стан или 24 илјади денари доколку не користат право на домување, воведена е програмата Д-10 со која се предвидени мерки за вработување на овие лица и досега се вработени 143 граѓани, зголемен е за 25 проценти на паричниот надоместок за згрижување деца без родители од минималните 6.500 и максималните 8.500 денари во 2006 година на 8.125 и 10.625 денари. 

Тој потсети дека се обезбедени 150 социјални станови кои им се дадени под закуп на поранешните штитеници од овие установи.

Од 2013 година доделени се и 21 стан кои ги гради Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, 24 се достапни и ќе бидат доделени во идниот период, а дополнителни 50 се во дополнителна градба. 

Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески истакна дека со изградбата на оваа сала штитениците од домот „11 Октомври“ ќе добијат вистински услови за спортување, рекреација и тренинзи, а со тоа, како што рече, и можност да практикуваат поздрав живот и да се насочат кон вистинските вредности. 

- Спортот не е и не смее да биде привилегија само на одбраните и на богатите луѓе. Напротив, тој мора да биде достапен до сите, секому и секаде подеднакво. Во таа насока се капиталните инвестиции на Владата во областа на спортот и спортската инфраструктура кои се реализираат преку Агенцијата за млади и спорт, истакна Спасески. 

Додаде дека сето ова се прави, бидејќи, како што потенцира, со вложувањето во спортот се вложува во иднината, во младите генерации, во здрави и цврсти стабилни млади луѓе, столбови на иднината на Македонија.