Груевски: СДСМ не го либерализираше телекомуникацискиот пазар иако инструментите беа кај нив

ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција постојано апелираше да се направи либерализација на телекомуникацискиот пазар, но тоа не се правеше од страна на СДСМ, изјави премиерот Никола Груевски во врска со случајот „Маџар телеком“.  

Коментирајќи ги најновите случувања во врска со овој случај, Груевски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ во првите 60 дена по победата на изборите во 2006 година објавиле јавен повик за трет мобилен оператор по што и цените во мобилната телефонија драстично се намалиле.  

- ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција постојано јавно апелираше за либерализација на телекомуникацискиот сектор, но тоа не се правеше од страна на СДСМ, иако во нив беа сите инструменти и мнозинството во Парламентот. Она што ние го направивме уште пред изборите е тоа дека во нашата програма за изборите во 2006 година дадовме јавно ветување дека доколку победиме ќе објавиме јавен повик за трет мобилен оператор. Во првите 60 дена беше објавен јавен повик за трет мобилен оператор и веднаш потоа цените паднаа за 70 проценти. Мислам дека тука се е јасно, рече Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на новата лабораторија на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.