Отворена приватна градинка во кампусот „Вудро Вилсон“ кај Брвеница

Во кампусот „Вудро Вилсон“ кај општина Брвеница денеска свечено беше пуштена во употреба приватна градинка во која се инвестирани околу 600 илјади евра.

Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, кој присуствуваше на отворањето на градинката, рече дека таа е најголема и една од најубавите приватни градинки во државата  која има  капацитетот да згрижи 125 деца и ќе отвори околу 60 нови работни места. Градинката има кавлитетни и модерни услови според светските стандарди за предучилишни деца.

Во Македонија досега се отворени 25 приватни градинки од кои 23 почнале со работа во последните три години. 

- Сето ова е резултат на добрата комуникација и соработка на Министерството за труд и социјална политика и на Владата на РМ со приватните инвеститори за отворање вакви објекти, за кои има потреба особено во руралните средини и градот Скопје, изјави Спасов.

За таа цел, рече тој, им се овозможуваат многу поволности на инвеститорите - како продажба на земјиште за оваа намена од страна на општините по почетна цена од 1 евро за 1 метар квадратен, намалување на комуналиите за 95 отсто доколку објектот е наменет за приватна градинка или приватен страски дом, можност за користење на активните мерки и политики од Агенцијата за вработување, како и проектот „Македонија вработува“ - за вработување на потребниот кадар.

- Се разгледуваат и нови механизми од идната година, како и основање посебен специјален грант за приватни детски градинки со што уште повеќе би се анимирале приватните инвестритори во оваа насока, рече  Спасов.

Тој посочи дека паралелно со активностите за поддршка на приватните градинки продолжуваат и напорите на Министерството за обновување и изградба на јавни  градинки во повеќе општини од целата држава.

Покрај предучилишна настава, во кампусот „Вудро Вилсон“ неколку години се одржува и настава во основно и средно образование. Директорката на кампусот Елита Маша истакна дека ниванта институција како странска инвестиција очекувала и добила позитивен пристап и ефикасна соработка од институциите на државата за изведување на наставата во градинката спорд меѓународни програми. Посочи дека имаат намера градинката да стане регионална и во неа да има деца од повеќе околни општини.

Министерот Спасов одговарајќи на новинарско прашање не сакаше да го коментира случајот со дадилката од Скопје, приведена поради малтретирање бебе. Рече дека тоа е кривично дело  и е надлежност на истражни и судски органи, но оти законот за детска заштита подразбира сите  што работат со деца да ја поминат процедурата за лиценцирање.

- Во јавните и приватните градинки сите вработени лица ја поминале оваа процедура, а и оние што чуваат деца во домашни услови можат да стекнат лиценца според законската процедура. Тоа подразбира проверка на стручното знаење но и утврдување на подобноста преку проверка на психофизичкото здравје, проверка на состојбата односно дали лицето е осудувано за семејно насилство, злоупотреба на деца и слично, што се спроведува во Министерството за труд и социјалан политика. Останува на родителите дали ќе инситираат негувателката да има лиценца, но ние им овозможуваме на сите заинтересирани да добијат лиценца за работа со деца откако ќе ја поминат законската процедура, рече Спасов