Тодоров: Преглед и вакцинација на лицата во Прифатниот центар во Гази Баба

Тим од инфектолози и дерматовенеролози, имајќи ја предвид претходно направената здравствена проценка за каков тип специјалности треба да се упатат, попладнево во Прифатниот центар за странци во Гази Баба ќе изврши здравствен преглед на оние лица кои имаат потреба од преглед. И досега се преземаа мерки за здравствена заштита на овие лица. 

Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека ќе се изврши и вакцинација на сите оние кои се сместени во Центарот по препорака на Комисијата за заразни болести која заседава и претседателот на Комисијата е дел од тимот на државно ниво кој ја следи состојбата. 

- Битно ни е да бидат вакцинирани сите оние кои подолго се задржуваат во Република Македонија. Оние кои само транзитираат може да се изврши дезинфекција на превозните средства. Планираме дезинфекција на возовите и автобусите. А оние кои подолго од 72 часа ќе останат во Македонија по кој било основ, како што предвидува новиот закон, тие доколку во себе немаат доказ дека се вакцинирани тогаш повторно се прави вакцинација, посочи Тодоров.

Потенцира дека досега биле прегледани 21 мигрант кои побарале здравствена заштита пред се во Општата болница во Куманово. 

- Заедно со Црвениот крст и постојаното тело во кое членувам јас и претставници од Министерството за здравство постојано ја следиме состојбата. Од Црвениот крст имаат определено и мобилни екипи кои патролираат долж коридорот по кој се движат мигрантите и од аспект на здравство, се преземаат сите мерки кои се неопходни за превенција од ширење заразни заболувања, рече Тодоров.