„Вина од Македонија“ со конкретна стртатегија и визија до 2020 година

До 2020 година најмалку 50 отсто од вкупната количина извезено вино да биде во шише, а вредноста да забележи пораст од најмалку 45 проценти. Ова е целта на здружението „Вина од Македонија“ кое денеска одбележува пет години работење.

Во стратегискиот план 2015 - 2020, здружението ги таргетира пазарите во Европа (Англија, Германија, Бенелукс, Данска, Русија), САД со Канада и Азија (Кина и Јапонија). 

Предвидува и обезбедување поддршка за секторот, вклучувајќи развој на лозарството и винарството, за извозот преку заеднички маркетинг и промоција, градење на брендот и имиџот на македонските вина на регионалните и меѓународните пазари.

- Македонија последниве десет години направи голем исчекор, произведува вина од светска класа, но сега е потребно тоа да се продаде за што е неопходен добар маркетинг, заедничко, здружено настапување и учество на најголемите саеми, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков кој присуствуваше на свечената седница со која беше одбележан јубилејот.

Според Цветков, државата годинава одвои 500.000 евра поддршка за заеднички настап на винариите на пазарите во Германија, Русија, Кина, САД,...

- За да бидеме што поконкурентни со поголемо и поквалитетно производство, мора да се здружиме, порача министерот.

Како што рече, претседателот на „Вина од Македонија“ Ѓорѓи Петрушев, пред пет години, Тиквеш, Сковин, Стоби, Бовин, Далвина, Камник, Дудин, Езимит, Попов и Риго Импекс седнаа на заедничка маса, го најдоа својот заеднички интерес и прифатија дека предизвикот не е промоција на поединечните винарии, туку промоција на Македонија како винска земја, а тоа може да се направи само здружено.

- Не верувавме дека ќе направиме толку голем прогрес, бевме премногу самокритични. Пет години потоа, би можел да кажам дека сме на вистинскиот пат, имаме солидна основа со поддршка на сите релевантни институции да оствариме уште поголеми резултати, истакна Петрушев.

„Вина од Македонија“, подвлече претседателот на Управниот одбор на „Тиквеш“ Светозар Јаневски, е создадено со визијата Македонија да стане препознатлива на глобалната винска мапа и водечка винска земја во Југоисточна Европа.

- Уште повеќе, позиционирањето на Македонија како земја што произведува висококвалитетни вина, ги зајакнува позитивните атрибути и препознатливоста на интернационалните пазари по добро земјоделство, специфична, здрава и традиционална кујна, атрактивност од туристички аспект, свој идентитет и традиции, нагласи Јаневски во обраќањето, додавајќи дека за да се постигне поединечен успех на странските пазари најпрво мора заеднички да се работи на создавање перцепција за Македонија како винска земја од каде доаѓа врвно вино. 

Јаневски посочи дека постои нераскинлива врска меѓу брендот на земјата и развојот на категоријата „Вина од Македонија“. Секој од овие два чинитела придонесува за развој на другиот и двете треба да работат заедно кон позиционирање и развој.

Во рамки на јубилејот, поделени беа и сертификатите за завршен втор степен на познавање вино според стандардите на Wine and spirits education trust од Лондон на првата генерација слушатели на едукативните програми во организација на „Вина од Македонија“.