Канческа-Милевска се сретна со генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во рамки на работната посета на Париз вчера имаше средба со генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, на која разговараа за досегашната соработка и идните активности, информира Министерството за култура. 

- На средбата беше подвлечен партнерскиот однос што Република Македонија го негува со УНЕСКО и кој се одликува со поддршка на многубројни иницијативи и реализација на голем број проекти во областа на културата, заштитата на културното наследство, образованието, науката, информатичкото општество и животната средина, соопшти Министерството.

Канческа-Милевска изразила задоволство што за релативно кусо време на Репрезентативната листа на УНЕСКО за нематеријално културно  наследство беа впишани две културни добра од Република Македонија: обичајот Четрсе – Празнување на светите четириесет маченици, и машкото соборно оро „Копачката“.

- Таа го изрази своето уверување дека годинава Комитетот на оваа конвенција ќе ги впише во Листата за заштита на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО машкото двогласно пеење „Гласоечко“ и мултинационалната апликација „Мартинки“ во која, покрај Бугарија, Романија и Молдавија, партиципира и Република Македонија. Канческа-Милевска посочи дека нашата држава и во иднина ќе продолжи со своите заложби за што поголема заштита и промоција на нематеријалното културно наследство, информира Министерството за култура. 

Канческа-Милевска и Бокова размениле мислења и за Четвртата светска конференција за меѓурелигиски и меѓуцивилизациски дијалог која треба да се реализира наредната година во Македонија.

Министерството наведува дека верската конференција ја промовираше Република Македонија како лидер на платформата за меѓурелигиски дијалог, соживот и толеранција. Таа досега се реализираше под покровителство на УНЕСКО и, во таа смисла, биле истакнати заедничките заложби за продолжување на конференцијата со логистичка и финансиска поддршка од УНЕСКО.

Канческа-Милеска ја информирала Бокова и за иницијативата Република Македонија да поднесе апликација за прогласување на Битола за град на филмот на УНЕСКО. Оваа титула, чии носители се шест други градови во светот, меѓу кои се и Софија и Брадфорд, ќе придонесе за уште поголема меѓународна афирмација и промоција на Битола и Македонија. 

- На средбата беше изразено уверувањето дека следната средба меѓу Канческа-Милевска и Бокова ќе се реализира за време на претстојното 38-мо заседание на Генералната конференција на УНЕСКО кое ќе се одржи од 3 до18 ноември 2015 година, соопшти Министерството за култура.