За еден месец почнува производството на Техникал текстил, ќе вработи 1.000 лица

Германската компанија Техникал текстил за еден месец ќе го почне производството во фабриката што ја гради во ТИРЗ Штип. Првите 50 вработени од планираните 1.000 веќе се на обука во нивната фабрика во Словачка, а веднаш бараат и дополнителни 300 до 400 лица за да ги ангажираат во фабриката во Штип. 

Сопственикот на Техникал текстил, Јенс Венгланд, денеска со директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо го потпиша договорот за реализација на инвестицијата во Македонија вредна над 10 милиони евра, на кое присуствуваше и премиерот Никола Груевски.

Идејата за инвестирање во Македонија произлегла од рекламата која ја видел во авион додека патувал кон Абу Даби каде што требало првично да се реализира оваа инвестиција, а го привлекле и подобрите услови што ги нуди Македонија за правење бизнис. 

- Планиравме првично инвестицијата да биде во Абу Даби, но кога ги видовме условите во Македонија го сменивме мислењето бидејќи работите тука се одвиваат многу брзо. Додека во Абу Даби ни беа потребни за одредени активности две години, тука во Македонија од првиот состанок беше потребна една година, рече Венгланд.

Тој додаде дека сакаат да почнат што побрзо со реализација на инвестицијата. Планираат, како што појасни, изградбата на фабриката да заврши за четири недели, а ќе произведуваат фибер стакло за индустријата, за бродската индустрија и за индустријата за енергија на ветер. 

Директорот на дирекцијата за ТИРЗ Мизо посочи дека целата инвестиција се реализира за една година, односно дека инвестицијата е официјализирана во мај минатата година и оти за една година ќе има функционална фабрика која ќе произведува и извезува.

Фабриката ќе се простира на 13.000 метри квадратни и ќе се произведува производ кој сега се прави во нивната фабрика во Словечка, а имаат и одредени операции во Кина и Обединетите Арапски Емирати.

Мизо истакна дека со сопственикот на Техникал текстил компанија веќе се во разговори за тоа кои се другите потенцијални инвестиции не само од неговата компанија туку и нивните бизнис партнери. 

Планираат за една година доколку оди добро со оваа инвестиција да почнат и производство на алуминум и пластика.

Сопственикот на компанија Јенс Венгланд денеска пред потпишување на Договорот во Владата се сретна со премиерот Никола Груевски.