Попоски на министерски состанок посветен на прашања за енергетската стабилност во Будимпешта

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денес во Будимпешта, заедно со министрите за надворешни работи на Унгарија, Грција и Србија и министерот за ЕУ прашања на Турција, учествуваше на министерски состанок посветен на прашања за енергетската стабилност во Регионот на Централна и Југоисточна Европа.

На состанокот кој беше одржан на иницијатива на министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија Петер Сијарто беше разгледан интересот на земјите за поддршка на диверзификацијата на рутите и изворите за снабдување со природен гас од Република Турција.

На пленарната средба министрите се согласија за потребата од снабдување со гас во регионот на централна и југоисточна европа. Тие се заложија за диверзификацијата на изворите и рутите за снабдување со гас како клучен фактор во остварување на сигурно снабдување со енергија за регионот. Беше споменато дека овој проект е отворен за соработка за сите земји кои имаат интерес. Договорено е во најскоро време да се одржи состанок на експертско ниво и да се изработат физибилити студии за понатамошен развој на овој проект со цел создавање на потребна инфраструктура и можните начини на финансирање.

"Денешниот состанок во Будимпешта завршува со два клучни заклучоци. Првиот е воспоставување на техничка група која ќе ја разгледа економската оправданост и можноста за изградба на гасовод, кој би носел гас од Турција, преку Грција, Македонија, Србија до Унгарија и централно- европските пазари. Вториот заклучок е поврзан со натамошен механизам за следење, дали доколку таа можност се појави би можеле да настапиме заеднички за мобилизирање на финансиски фондови, истакна Попоски.