Постигнат договор помеѓу Владата и СОНК

Министерството за образование и наука и СОНК постигнаа согласност за повеќе теми кои во изминатите месец и половина беа предмет на, како што велат двете страни, интензивен и конструктивен дијалог, кој резултира со денешното усвојување на взаемно прифатлива спогодба, врз основа на која во следниот период ќе се иницираат измени во законските и подзаконските акти.

Екстерното тестирање како процес за проверка на знаењето на учениците и на објективноста на оценувањето на наставниците и останува да се имплементира како механизам за зголемување на квалитетот на образовниот систем во земјата.

Социјалните партнери велат дека системот значително се унапредува и надградува во насока на иницирање поголема стимулација и компетитивност кај самите наставници. Така, резултатите од процесот на екстерното тестирање, нема да имаат реперкусии врз личните примања на наставниците, доколку се најдат на листата со најголеми отстапувања во оценувањето на учениците, притоа, сé додека се наоѓаат на таа листа, можноста за кариерен напредок ќе биде во мирување, а обуките, односно советувањата и натаму задолжително ќе мора да се посетуваат.

Додека, за наставниците коишто ќе се најдат во првата половина на листата на наставници со најмали отстапувања, предвидено е зголемување на 10 проценти на платата за наредните 9 месеци, при што, по 3 последователни години доколку наставникот се одржува на оваа листа, ова зголемување на платата станува трајно.

Како што информираат од МОН и СОНК, двете страни, се согласни и понатаму да продолжат заеднички да работат во насока на усовршување и имплементација на целиот овој процес.

Новини ќе има и во водењето на педагошката евиденција. Започнуваат активностите за нејзино поедноставување, преку  целосно укинување на хартиениот дневник во следните 2 години, односно единствено водење на електронскиот дневник почнувајќи од учебната 2017/2018 година.

Казнените одредби од законите за основно и средно образование по сите основи се групираат по тежинско ниво, но и се намалуваат за 20 проценти. Ќе има дополнителни олеснителни околности при првиот сторен прекршок, но и поголема ригорозност при секој нареден.

Министерството и СОНК се согласни и за продолжување на преговорите за утврдување на реалните можности за зголемување на платите во образованието, а во контекст на тоа ќе се интензивираат договарањата за воведување на звања на наставниците, утврдени со Законот за наставници. Нешто за кое, според ставот на двете страни, постои цврста обострана верба, затоа што платите во образованието и досега етапно се зголемуваа, исто како и платите во сите останати ресори.

Спогодбата во која детално се дефинирани решенијата е усвоена на денешната седница на Советот на СОНК, на која освен поширокото раководство на синдикатот, присуствуваа и министерот и заменикот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и Спиро Ристовски.