Претставници од турскиот Генералштаб во посета на Македонија

Група од  десет генерали на високи позиции во Генералштабот на Република Турција и десетина штабни офицери на различни должности од денеска престојува во дводневна посета на Македонија.

Тие се сретнаа со  министерот за одбрана на Фатмир Бесими и со заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини  при што разговараа за реформските процеси во АРМ и учеството и придонесот на Македонија кон глобалните мировни мисии,  демократијата, мирот и еднаквоста во светски рамки.

- Посетата која традиционално секоја година се реализира како заедничка активност на Амбасадата на Република Турција во Република Македонија и Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, придонесува кон зајакнување на пријателските релации и одличната одбранбена соработка помеѓу двете земји и дополнително ги зајакнува традиционално добрите релации и врски помеѓу нашите земји и народи, с евели во соопштението.

Како дел од културната програма на посетата, гостите од Република Турција ќе го посетат Музејот во Битола и Спомен собата на Кемал Ататурк,  како и турската заедница во градот Ресен и градот Охрид.

По Македонија, претставниците од Турските вооружени сили ќе ги посетат и  Албанија и  Косово.