Груевски: Одиме на локални избори и тие ќе бидат слободни, фер и демократски

ВМРО-ДПМНЕ ќе оди на локани избори, оти тоа е и законска обврска. Изборите ќе бидат слободни, фер и демократски, а подготвени сме и на засилен мониторинг, бидејќи имаме чиста намера, идеја, и сакаме да овозможиме најдобрите според граѓаните да победат, изјави денеска премиерот Никола Груевски.

- ВМРО-ДПМНЕ се залага за одржување на редовните локални избори. Тие се наша законска обврска нешто што граѓаните го очекуваат и ние ќе бидеме целосно посветени, како и во минатото да имаме фер, демократски и слободни локални избори на коишто граѓаните ќе ја изразат својата слободна волја и ќе се определат за градоначалници во кои што најмногу веруваат дека ќе придонесат за нивната општина за подобрување на општината со проекти и дела од коишто тие ќе имаат  бенефит и подобар живот, потенцира Груевски по пуштањето во употреба на спортска сала во Средното учулиште „Зеф Љуш Марку“ во општина Бутел.

Тој особено се осврна на барањето на опозицијата за засилен мониторинг. 

- Јас на минатите избори пред година и пол кажав дека не само што сме подготвени за засилен мониторинг, како што тоа го бара опозицијата. Не засилен, туку цел ОБСЕ на свет во Македонија да дојде и ги следи сите избирачки места и сите избирачки кутии целодневно, 12 часа плус уште колку сакаат по завршувањето на гласањето, ние сме подготвени да ги пречекаме, да им го овозможиме тоа, да ги поканиме, пред се, како држава. Така што од тој аспект немаме никакви дилеми дека незасилен, презасилен, туку најзасилен или не знам каков мониторинг нека дојде во Македонија ние имаме чиста намера, чиста идеја, ние не сакаме никаде да добиеме нешто што не заслужуваме, ние сакаме да овозможиме најдобрите според граѓаните да победат и да ги водат општините во Македонија, рече премиерот Груевски.

Тој посочи оти власта е отворена за секакви нови идеи и барања од опозицијата во однос на избирачкиот список со цел да не им се даде повод на политичките противници дека нешто се прави нелегално.

- Што се однесува до избирачките списоци иако веќе и претставниците на опозицијата пред камери објавија дека изборните списоци се веќе прочистени, ние сме подготвени доколку дојде нова идеја во врска со изборните списоци дополнително да се пречистуваат, чистат, рачистуваат или што сакаат, целосно им стоиме на располагање. До сега ги прифативме сите нивни идеи вклучително и онаа неколку дена пред гласањето да не се дополнува Избирачкиот список со луѓе коишто во тој период ќе изавдат биометриски лични документи, иако тоа според мое длабоко убедување се коси со човековото право да гласа и да биде вклучен во Избирачкиот список. Сепак, за мир во куќа, што се вели, да не им даваме алиби на политичките противници дека нешто сакаме во последен момент да направиме нелегално и неетички така што и тоа барање го прифативме. Отворени сме за сите идеи и соработка, како и на претходните избори да имаме одлични, екстра добри организирани, фер и демократски слободни избори, рече премиерот Никола Груевски.