Кралев ја заврши посетата на Белгија со договорени две нови програми за образование и мобилност

Со учество на конференцијата „Регионално вмрежување и академска соработка во Југоисточна Европа: Промовирање на европските вредности во високото образование” што денеска се одржа во Брисел во организација на Мрежата на правни факултети од Југоисточна Европа (СЕЕЛС), министерот за образование и наука Панче Кралев ја заврши тридневната посета на Кралството Белгија.

Во рамки на посетата Кралев имаше неколку значајни билатерални средби со високи претставници на Европската унија, посети реномирани универзитети и учествуваше на конференции како што беше денешната што, според него, овозможило следната година да се отворат нови програми под раководство на Националната агенција за европски програми и мобилност.

- Со денешното присуство на форумот на СЕЕЛС ја заокружувам посетата на Белгија која ја остварив со цел преку контакти со Европската комисија и други европски институции да овозможиме отворање на нови програми под раководство на Националната агенција. Но, притоа остварив и посета на некои реномирани и престижни универзитети во Белгија, како што се универзитетите во Гент и Лувен, каде и до денеска македонски студенти имаат право да студираат под исти услови, т.е. идентична школарина која ја плаќаат белгиските студенти и оние од останатите земји на Европската унија. Наша цел е овие услови да останат и во иднина, оти се работи за меѓу најдобрите универзитети во Европа, кои нудат специјализирано знаење во повеќе области, изјави Кралев за дописникот на МИА од Брисел.

Според министерот, на престижните универзитети во Гент и Лувен веќе има десетина студенти од Македонија, но дека со заеднички напори во иднина има стремеж да се  зголеми нивниот број.  Тој посочи дека на денешната конференција на СЕЕЛС можело да се види одличен пример како факултети од одредена област може да се здружат и заеднички да настапуваат пред Европската комисија и фондовите за наоѓање  дополнителни средства кои ќе ги помогнат нивните научно-истражувачки активности во иднина.

- Тридневната посета ја оценувам како многу успешна и очекуваме следниот период од програмите што ги води Националната агенција за европски програми во Македонија да бидат отворени и одобрени плус уште неколку со што нашите граѓани и организациите во Република Македонија ќе имаат на располагање дополнителни средства со цел приближување кон ЕУ, потенцира министерот Кралев.

Инаку, на денешната конференција на Мрежата на правни факултети од Југоисточна Европа беа присутни сите министри за образование или нивни заменици од земјите од поранешна Југославија, плус Албанија, а тука беа и ректорите на државните универзитети на Тирана, Ниш, Сплит, Риека, Белград, Крагуевац и на Универзитетот „Свети Кирил  и Методиј” - Скопје Велимир Стојковски. На конференциајта учествуваа и деканите на правните факултети од овие универзитети, меѓу кои и деканот на Правниот факултет  „Јустинијан Први” Борче Давитковски, а копретседавач беше и проф. д-р Горан Коевски.

- Европа денес е на праг на реализација на нов циклус на програмата за образовнание и наука до 2020 година, а тоа е програмата „Еразмус за сите 2014-2020” за мобилност, како и програмата „Хоризонт” за истражување и иновации за периодот 2014-2020 година. Сето ова има големо значење, оти во 2011 година, Универзитетот „Свети Кирил и Методиј”, односно Правниот факултет, доби една одговорна задача за организирање на СЕЕЛС-регионален центар за факултетите што се занимаваат со правни науки, во кој учествуваат факултети од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора и други од регионот, а има барање за пристап на факултети од Бугарија, Романија и Турција, изјави ректорот на УКИМ Стојковски.

Според направенит пресек на денешната конференција на СЕЕЛС, активностите што досега ги имал македонскиот центар беа оценети со највисока оценка од страна на сите присутни на конференцијата. Тоа, според ректорот Стојковски, за Македонија е одлично и доволно говори дека стануваме лидери во формирање на центар кој е пример како може да се организираат и други центри од други области во кои регионот и пошироко ќе разменат искуства во насока за подобрување на квалитетот и на образованието, и на мобилноста, но и полесна имплементација на сите акти и новини што се носат во Европската комисија.

Дарко Димитров, директор на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, за крај оцени дека оваа тридневна посета на Белгија била прилика за него и министерот Кралев да се сретнат со високи претставници на Европската комисија од сферата на образованието, што според него била успешна и македонската делегација оставила голем впечаток во институциите во Европа.

- Оваа година имаме над 1,3 милиони евра реализација на буџет во однос на мобилноста за програмите „Доживотно учење” и „Млади во акција” и сметам дека и европските службеници сфатија дека Макеоднија е сериозен кандидат за учество во овие европски програми што ќе стартуваат кон крајот на следната година. Со оваа посета стекнавме можност да добиеме дозвола за отворање две нови програми во Република Македонија, две нови европски иницијативи кои ќе им бидат достапни на граѓаните уште следната година, рече директорот Димитров.