Џафери со порака до студентите во Приштина: Создавајте вредности, достигнете врвови и никогаш немојте да застанете

Денес претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, беше во посета на Колеџот ААБ во Приштина, Република Косово.

Според агендата, премиерот првично имаше средба со Управниот одбор и ректорот на Колеџот ААБ, Блерим Олури. Колеџот ААБ е првата приватна високообразовна институција во Косово, основана веднаш по војната на Косово, по создавањето на новите економски, социјални и културни односи за нормален живот на косовските граѓани, нарушувајќи ги на овој начин монополските услови кои владееја долго време во образованието.

На средбата со УО и ректорот Олури, претседателот се информираше за сите поединости за Колеџот од административен, инфраструктурен и професионален карактер а одговорите ги доби од ректорот Олури, кој посочи дека институцијата, која на почетокот нудела само студии од областа на уметноста и масовната комуникација, со тек на време, се претворила во релевантен домашен академски центар, кој претставува пример за една високообразовна институција, не само во регионот, туку и пошироко, промовирајќи при тоа институционална автономија, и академска слобода и научни истражувања во самата институција.

Во рамките на посетата, имаше и обиколка на просториите на колеџот, а претседателот Џафери, одржа предавање пред студентите, на тема „Пријателските односи помеѓу Република Косово и Република Северна Македонија”.

Во своето излагање пред студентите, премиерот Џафери посочи дека „билатералните политички односи меѓу двете земји се одликуваат со отворен и конструктивен дијалог, како и продуктивна и плодна соработка во сите области од взаемен интерес и тука спаѓа политичката, економската, бизнис соработката, инфраструктурната, образовната, здравствената и се разбира, размената на искуства и соработката во интегративните процеси во НАТО и ЕУ, како суштински за целиот регион на Западен Балкан.

Во однос на поддршката на евроинтеграцискиот пат на Косово, како и членството во рамките на меѓународните организации и иницијативи, претседателот Џафери изрази уверување дека таа поддршка нема никогаш да недостасува, и дека како државни претставници и сонародници, не ја испуштаат ниту една можност за поддршка на членството, партиципацијата или во најмала рака обезбедување на статусот на набљудувач за Република Косово, затоа што, како што посочи „како регион сме онолку силни колку што е силен и нашиот најслаб сосед, што значи, само обединети можеме да бидеме сила која може да говори и да делува во свое име и да го направи најдоброто за себе во овие несигурни времиња.“

Во продолжение на предавањето, претседателот на Владата, Џафери, истакна дека соработката во меѓународните платформи е исклучително корисна можност за земјите поединечно,  но и за целиот регион, посочувајќи го Планот за раст на Западен Балкан на Европската Комисија или Виенскиот економски форум и други, што е потврда на нашата заедничка цел за интегрирање во европското семејство. 

Во контекст на НАТО, премиерот Џафери посочи дека целосно ја подржуваме Република Косово и нејзината стратешка цел за интегрирање во овој сојуз, особено имајќи го предвид актуелниот геополитички контекст и актуелни воени дејствија во Украина и на Блискиот Исток.

Своето предавање премиерот Џафери го заокружи со мотивот за создавање на европски вредности дома, во регионот, а тоа е за да станат нашите земји атрактивни за живот, образование, работа, создавање, развој и стручно усовршување на младите поколенија. Меѓу другото, потенцираше дека „само ако се претставуваме заедно, во соседски и регионален аспект, нема да постои предизвик кој нема да го надминеме.“

На крајот на своето излагање, претседателот на Владата, Џафери, им порача на студентите „Создавајте вредности, откривајте нови врвови, и немојте никогаш да го сопрете чекорот. Со вас напред, сите заедно, како регион, ќе бидеме пример кон кој ќе го вперуваат показалецот  сите!“

Во знак на благодарност кон премиерот Џафери, студентите имаа подготвено пригоден подарок, уметничка слика која му ја подарија на крајот на предавањето.

Во текот на денот, премиерот Џафери беше и во посета на Меморијалниот центар во Преказ, каде оддаде лична почит кон жртвите на семејството на командантот Адем Јашари, а го посети и неговото семејството кое се уште живее таму.