Ковачевски: Со проевропско мнозинство, ќе ги продолжиме евроинтеграциите, до 2030 година ќе бидеме полноправна членка на ЕУ

„Со проевропско парламентарно мнозинство, со проевропска Влада, како оваа што ја предводам, со проевропски политики, во брзи рокови, до 2030 година, Република Северна Македонија ќе биде членка на ЕУ“, порача претседателот на Владата, Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија.

„Не само што е возможно Република Северна Македонија да продолжи со европските интеграции, туку тоа и ќе се случи, многу скоро, со проевропско мнозинство во Парламентот, што ќе го реализира условот од Преговарачката рамка со ЕУ“, оцени премиерот.  

Граѓаните на Република Северна Македонија, како што посочи тој, уште од независноста се определија за прозападен курс на развој на родната земја и за евроатлантски интеграции. А, ги нагласи и податоците од истражувањата на јавното мислење објавени вчера, според коишто 80 проценти од граѓаните се за членство во ЕУ.

„И ниту еден неодговорен политичар, ниту една радикална популистичка деснолевичарка проруска коалиција, нема да застане на патот да продолжиме со демократскиот развој, со економскиот развој, со стратешкото партнерство со САД и со партнерствата со земјите членки на НАТО и на Европската Унија, кои се наши природни партнери. Натаму се движиме. И таму ќе бидеме!“, рече премиерот Ковачевски.

„Ние ќе продолжиме по европскиот пат уште поцврсти и помотивирани во определбата тоа да се случи. Откако некој се понадева дека тоа што се случи со НАТО во 2008 година, кога извиси државата од зачленувањето и потоа моравме да чекаме 10 години – дека истото ќе го повтори и со ЕУ, но тоа нема да се случи. Нови изолации, нови контроверзни бизнисмени, инвестиции, замолчени медиуми, катанци на фирми, ќе биде дел на нашето минато. Бидејќи тоа е нешто што нема да се повтори“, додаде премиерот Ковачевски.

Претседателот на Владата потенцираше дека Република Северна Македонија го има најчистиот заклучок од Брисел досега.

„Ние никогаш не сме имале појасен заклучок на Европскиот совет, од овој што го имаме сега. Заклучокот е еден параграф и вели дека Република Северна Македонија успешно го заврши процесот на скрининг, останува да ја заврши својата обврска за амандмани на уставот и без одлагање и без дополнителна одлука, Европскиот совет ја закажува втората меѓувладина конференција, на којашто се отвораат поглавјата. И нема никакви дополнителни барања. Хистериите дека македонскиот јазик ќе сме го изгубиле, ќе сме бугаризирале, асимилирале паднаа во вода, како и претходните за федерализација, кантонизација и што ти уште не, од кујните на мајсторите за кочници. Не се и никогаш не биле на вистинската страна за историјата, не беа ни сега, а со тоа не се ни на страната на иднината на својот народ. И заради што? Заради личен политички профит, заради лични, а и туѓи политички агенди. Затоа сакаа да ја повторат 2008 година. Но вратата на Европската Унија е отворена. Нашите европски пријатели видоа со кого имаат работа и со кого и ние си имаме работа. И затоа е толку јасен заклучокот, веднаш штом се направат амандманите веднаш започнуваат преговорите по поглавјата кои што ги имаме со ЕУ“, посочи премиерот Ковачевски.

Сега, како што рече премиерот - и ние сме ѝ потребни на Европската Унија, бидејќи во овој момент ЕУ има потреба да ја обезбеди стабилноста поради војната која што се води во Украина. „Сега е моментот на заеднички интереси, кога и ЕУ има потреба од нас и ние имаме потреба од неа. И оваа уникатната шанса за продолжување на интеграциите ќе се реализира“.

Премерот Ковачевски оцени дека „Планот за раст на Европската комисија кој што го усвои на 8 ноември оваа година, за конкретна финансиска поддршка за доближување на македонската економија кон нивото на економиите на европските земји и за унапредување на македонскиот животен стандард уште пред полноправно членство, е најконкретната политичка порака од Европската Унија, дека ја очекува Република Северна Македонија во европското семејство, во амбициозниот и достижен рок до 2030 година“.

Овој европски инструмент за поддршка на реформите и развојот на Западен Балкан, како што објасни премиерот Ковачевски, е во висина од 6 милијарди евра, за периодот 2024-2027 година. Се состои од 2 милијарди евра грантови и 4 милијарди евра концесиски заеми. И од нив, околу 1 милијарда евра може да користи државава.

„Заедничка цел со ЕУ е до април 2024 година да се направи првиот трансфер на финансиски средства. Ова значи дека ако продолжиме со реформите и со процесот на интеграција, првиот трансфер од новиот пакет ќе биде достапен четири месеци од сега. За прв пат имаме резервирано финансиски средства за реформи. За првпат ни се отворени можности за вклучување во програми, во коишто не сме биле вклучени досега. И многу важно за граѓаните и за компаниите, со Планот за раст е овозможен пристап до европскиот заеднички пазар од половина милијарда луѓе. Што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во ЕУ“, соопшти премиерот Ковачевски.

„Ние успешно го завршивме скрининг процесот со ЕУ, во 15 месеци, што е резултат на посветената работа на институциите“, посочи премиерот Ковачевски и додаде дека два од трите патокази што беа обврска да бидат подготвени и коишто треба да ја рефлектираат политичката заложба за спроведување на клучните стратешки реформи преку дефинирање на краткорочни и долгорочни цели, што ќе кореспондираат со рокот 2030 година, веќе се испратени до Европската Унија.

„Што значи, сè што беше и е до Владата, за забрзана интеграција на Република Северна Македонија во ЕУ, се прави и е направено. И ќе се направи. Ова се добива кога се има проевропска Влада и евроатланска ориентација. Се добива - просперитет. И се добива јасен план за движењето на државата кон интеграцијата во ЕУ. Сите кои го кочат европскиот пат, им ја одземаат можноста на македонските граѓани да живеат достоинствено, конечно неизвесноста да ја заменат со предвидливост, а македонскиот стандард на живот да стане европски животен стандард. И затоа реков, блокада нема да дозволиме. Кој не сака евроинтеграции, кој не знае како да го води овој процес, нека се тргне или ќе биде тргнат од страна на граѓаните. Ние знаеме како. На иста линија сме со прогресивната јавност во државата и евроинтеграциите ќе продолжат“, нагласи премиерот Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Парламентот.