Од 213-та владина седница: 40.000 земјоделци следната недела ќе добијат авансна исплата на субвенциите, за прв пат досега; 30 милиони денари од државниот Буџет за реконструкција на спортската сала „Работнички“ во Скопје

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница донесе измени и дополнувања на програми и уредби, со коишто се овозможува земјоделците во државава за прв пат досега, да добијат авансна исплата на субвенциите.

Станува збор, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, за предвремена, односно авансна исплата на субвенциите по програми за тековна година, согласно новиот модел на субвенционирање што го воведе Владата.

Односно, сите 40.000 земјоделци кои се стекнале со право за субвенции, ќе добијат авансна исплата на 30 проценти од субвенциите, во текот на следната недела.

Владата даде поддршка и да се продолжи рокот за аплицирање во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, за дополнителните 70 проценти од субвенциите, што според новиот модел на субвенции, се поврзани со пријавување на количината на производство, од страна на земјоделците. Рокот за пријавување до 25 декември, е продолжен до 30 декември. Според пријавеното производство на количините, на почетокот на годината ќе се направат пресметките за доисплатата на субвенциите, на земјоделците на кои им следуваат.

Согласно денеска донесените владини одлуки, авансна исплата од 30 проценти на субвенциите ќе добијат и лозарите, нешто што не се случило никогаш досега. Се овозможи со воведениот нов модел за субвенции, да има навремена поддршка на лозовите насади, тогаш кога им е најпотребна на лозарите.

Поконкретно, сето ова е предвидено со денеска донесените: Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2023 година; Програма за дополнување на Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2023 година; Програма за изменување и дополнување на Програмата за финансиска поддршка во органското земјоделско производство за 2023 година; Програма за изменување на Програмата за поттикнување на потрошувачка на овошје за 2023 година и Програма за изменување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2023 година.

Владата, на денешната седницa донесе и Одлука за прераспределба на средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, конкретно од Агенцијата за млади и спорт кон Општина Центар.

Станува збор за 30.000.000 денари, што согласно владината одлука, се наменети за реконструкција на спортска сала „Работнички“ – Градски парк, општина Центар, во Скопје.

Задолжена е Агенцијата за млади и спорт, средствата да ги префрли на посебна наменска сметка на Општина Центар.

Согласно владината одлука, прераспределените средства кон Општина Центар се исклучиво за намената за којашто се доделени, односно за реконструкција на спортска сала „Работнички“ – Градски парк, општина Центар.