Од Владината седница: Утврден е текст на Предлог на закон за забрана на нефер трговски практики, во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи

Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница утврди текст на Предлог на закон за забрана на нефер трговски практики, во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Креирањето соодветна правна рамка за оваа област, за прв пат во Република Северна Македонија, како што е образложено од Министерството за економија, јасно ги дефинира основите, правилата и мерките за отстранување на нерамнотежа во преговарачката моќ.  

Станува збор за примена и целосно хармонизирање со европски директиви за нефер трговски практики во односите меѓу претпријатијата во синџирот на снабдување со земјоделство и храна - треба да обезбеди примена на европските практики во целокупниот синџир на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, како и во поглед на поширокиот опсег на неговиот предмет на уредување.  

Се очекува, да се постигнат позитивни ефекти во деловното работење кај сите оператори (купувачи и добавувачи), кои се активни во синџирот снабдување со земјоделство и храна во различни фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Исто така, се обезбедува начин за поефикасни контроли и надзор  на Комисијата за заштита на конкуренцијата, којашто добива дополнителна надлежност.

Владата го утврди и текстот на Предлогот на закон за изменување на законот за јавнообвинителска служба.

Со предложените измени и дополнувања, како што е образложено од предлагачот, Министерството за правда, врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“број 41/22), се вршат соодветни измени на Законот за јавнообвинителска служба, при што минималната плата е утврдена како компонента на основната плата. Со предложените измени на Законот за јавнообвинителска служба се предлага трансформирање на минималната плата од компонента на основната плата - во дополнителни бодови за звање.

Утврден е и текстот на Предлогот на закон за изменување на законот за судска служба, на предлог на Министерството за правда, со истата цел.

Односно, со предложените измени и дополнувања, врз основа на Законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“број 41/22), се вршат соодветни измени на Законот за судска служба, при што минималната плата е утврдена како компонента на основната плата. Со предложените измени на Законот за судска служба, се предлага трансформирање на минималната плата од компонента на основната плата - во дополнителни бодови за звање.

На денешната седница е донесена одлука Владата да достави писмо до Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, со барање писмено мислење за пријавените кандидати на Огласот за именување на јавен обвинител на Република Северна Македонија.