Од 207-та владина седница: Утврден е текст на Предлог на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување плата

Владата на Република Северна Македонија донесе Предлог на закон за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата.

Со овој закон, како што е образложено од предлагачот, Министерството за труд и социјална политика, се стимулира зголемување на платите на вработените, како и намалување на трошоците за работната сила на работодавачите, со тоа што се прави законско регулирање на мерка за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување. 

Целта на Предлогот на законот е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ, намалување на даночната евазија и неформалната економија, а со цел подобрување на економскиот стандард на вработените и поттикнување на економскиот развој на Република Северна Македонија.

Владата, на предлог на Министерството за труд и социјална политика, го утврди и текстот на Предлогот на закон за правда на децата.

Се очекува, предложениот закон да допринесе кон остварување на најдобриот интерес на детето преку унапредување на правната рамка за правата на децата, како и кон унапредување на социјалната инклузија и недискриминација на децата во Република Северна Македонија.

Со законот, како што е образложено, ќе се направи усогласување со директива на Европскиот парламент за процедурални заштитни мерки за деца осомничени или обвинети во кривичната постапка и со европски директиви за утврдување минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите на криминал.

Владата на денешната седница ја разгледа Информацијата во врска со донесување Стратегија за паметна специјализација и усвои Стратегија за паметна специјализација на Република Северна Македонија 2023-2027, со Акциски план 2024-2025 година.

Примената на концепт за паметна специјализација во поттикнување на економскиот развој, како што е образложено од предлагачот, Министертсвото за образование и наука, е со цел усогласување со европски регулативи и пракси во делот на науката и истражувањето и за претпријатија и индустриска политика, произлегува и и од скрининг процесот на ЕУ, односно објаснувачките и билатералните состаноци и е утврдено и во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија.

Целта е поттикнување зелен и одржлив раст, преку вклучување знаење, иновации и технологија, за создавање производи и услуги со висока додадена вредност, конкурентни на меѓународниот и домашниот пазар.

Задолжени се Министерството за образование и наука и Министерството за економија, во координација со Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за поддршка на претприемништвото, Развојната банка на Северна Македонија, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, да го следат спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на Република Северна Македонија 2023-2027, согласно Акцискиот план 2024-2025.

Задолжено е Министерство за образование и наука еднаш годишно да ја информира Владата за текот на спроведувањето на усвоените Стратегија и Акциски план.