Од 202-та владина седница: Владата одобри користење буџетски средства за набавка на лекот Трикафта за пациенти со цистична фиброза; Продолжено е учеството на Северна Македонија во Европскиот АТМ доброволен солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата од Министерството за здравство за давање согласност за преземање обврски, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства за набавка на комбинирана терапија со лекот Kaftrio и лекот Kalydeco, за пациентите со цистична фиброза во државата.

Владата даде согласност за преземање обврски во програмите опфатени со развојниот дел од буџетот, за чие плаќање е потребно користење буџетски средства во 2024 и 2025 година на Министерството за здравство, за набавка на ваквата комбинирана терапија, во вкупна вредност од 854.549.942,40 денари.

Се работи за лек што e одобрен од Европската медицинска агенција, а ефектот од терапијата, според информацијата од Министерството за здравство е брз, значителен и одржлив и се користи како стандардна терапија за третман на пациенти со цистична фиброза на возраст над 6 години.

Задолжено е Министерството за здравство да достави до Владата Предлог Програма за обезбедување терапија за пациенти со цистична фиброза, за 2024 година.

Владата донесе Одлука за давање на согласност за продолжување на Европскиот АТМ доброволен солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија за 2024 година и за понатамошното учество на Република Северна Македонија во овој фонд, на предлог на Министерството за транспорт и врски.

Република Северна Македонија, според оваа Одлука, ќе продолжи да учествува во Европскиот АТМ доброволен солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија, за обезбедување на средства за трошоци за одржливо функционирање на нивните даватели на услуги на навигација за 2024 година согласно PC/23/60/2 на EUROCONTROL.

Европскиот АТМ доброволен солидарен фонд за поддршка на Украина и Молдавија е воспоставен согласно Директивата на Постојаната комисија на EUROCONTROL бр. 22/111 од 24 ноември 2022 година, за чие формирање Владата на Република Северна Македонија има дадено согласност, со Одлуката за давање согласност за доделување на нова задача на EUROCONTROL за формирање на доброволни солидарни фондови за поддршка на една или повеќе земји членки во кризни ситуации во воздушниот сообраќај, како и формирање на Европскиот АТМ доброволен солидарен фонд и Доброволниот привремен солидарен фонд на EUROCONTROL и за учество на Република Северна Македонија во овие фондови.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за одбрана за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија заради учество на вежбата „Brave Partner - 23“ и донесе ваква Одлука.

Полноправното членството во НАТО побарува и активно учеството во заедничките вежбовни активности, со што се зголемуваат одбранбените способности на Алијансата за одбрана и одвраќање. Во таа насока, вежбата „Brave Partner - 23“, како што е соопштено од Министерството за одбрана, е во целосна организација на Армијата на вооружените сили (ВС) на САД за Европа. На вежбата е предвидено да учествуваат единици од вториот коњички полк на вооружените сили на САД, на Армискиот полигон Криволак, што ја потврдува клучната гео-стратешка позиција на Република Северна Македонија.

На денешната седница, Владата донесе дополнување на Одлуката за воведување рестриктивни мерки во поглед на активностите на Руската Федерација, со којашто се ограничува пристапот на воздухоплови на Руската Федерација, а согласно со Регулативата на Советот на ЕУ од Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со којашто Република Северна Македонија е целосно, односно 100-процентно усогласена.

Преку ова дополнување, надлежните министерства за надворешни работи и за одбрана ќе можат дополнително да одлучат за издавање одобрение за прелет и слетување на рускиот воздухоплов за време на одржувањето на триесеттиот министерски состанок на ОБСЕ во Скопје, во период од 29 ноември до 1 декември 2023 година.

Дополнувањето е согласно регулативата на ЕУ и одредбите во самите рестриктивни мерки, со коишто, за меѓународни конференции како што е Самитот на ОБСЕ во Скопје, се предвидени исклучоци за предметни рестрикции.