Работната група на Владата се сретна со претставници на Синдикатот на УПОЗ

Работна група составена од заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заменик министерот за финансии, Филип Николовски и заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ одржаа работен состанок со претставници на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).

Работниот состанок се одржа во насока на пронаоѓање на взаемно прифатливо решение во однос на одредени состојби во судската и јавно-обвинителската служба, посочени од страна на Синдикатот на УПОЗ.

Работната група ги сослуша барањата на претставниците на Синдикатот на УПОЗ, при што истакна подготвеност, низ дијалог да се дојде до системско и одржливо решение на посочените состојби во судската и јавно обвинителската служба, се со цел, да се овозможи непречено функционирање на правосудниот систем,

Претставниците на Владата и Синдикатот на УПОЗ изразија подготвеност за понатамошно продолжување на дијалогот и доаѓање до системско, праведно, правично и солидарно решение, а кое ќе биде во функција на унапредување на работата на судската и јавно-обвинителската служба. Во оваа насока, од двете страни договорено е наредниот работен состанок да се одржи наредната среда (01.11.2023).