Генералниот секретар на Владата, м-р Методија Димовски и заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ, учествуваа на Втората регионална конференција на тема: „Промоција на медијацијата со цел искористување на нејзините предности“

Во организација на Стопанската комора на Северна Македонија – Асоцијацијата за поддршка на медијацијата (АПМ), Националниот совет за медијација – Владино тело и Меѓународната Финансиска Корпорација (ИФЦ) – дел од Групацијата на Светска Банка, денес во просториите на Стопанска комора на Република Северна Македонија, се одржа Втората регионална конференција на тема: „Промоција на медијацијата со цел искористување на нејзините предности“, на која како воведничари учествуваа генералниот секретар на Владата на Република Северна Македонија, м-р Методија Димовски и заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ.

Генералниот секретар Димовски порача дека „во услови кога нашите судови се соочуваат со голем број на предмети, користењете на алтернативниот начин на решавање на споровите, нè мотивира уште повеќе да ги охрабриме субјектите во правниот промет, правните и физичките лица, првенствено да пристапат кон користење на медијацијата за решавање на нивните меѓусебни споровите. Сметам дека не треба да се има дилема дека медијацијата е концепт, кој промовира мирно решавање на споровите, во која сите страни треба да се чувствуваат како добитници“.

Заменичката на министерот за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ истакна дека „како заменик министер во ресорното министерство, како претставник на Владата, но како правник пред се, гарантирам дека процесот на целосни и темелни реформи во правниот систем на земјата никогаш не се стопирал, забавил а уште помалку намерно попречил. Оваа Влада на РСМ ќе продолжи да работи за што подостапна, пообјективна, поправична „правда“ за граѓаните и самостојност и слобода на инволвираните институции и посредници заштитени од секакви влијанија кои треба да испорачаат неселективно спроведување на законите“.