Спасовски на селекција на кандидати за полициски службеник во Центар за обука Идризово: Сериозен пристап во продуцирање професионални полициски службеници

Денеска (30.09.2023), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со дел од раководствата на Министерството за внатрешни работи и на Македонскиот полициски синдикат, го посети Центарот за обука на МВР во Идризово, каде што во тек е процесот на селекција на кандидати за 12-месечна основна обука за полициски службеници, во генерацијата 2023-2024 за кој Министерството за внатрешни работи имаше распишано јавен оглас за прием на 600 извршители на работно место полицаец за работа во МВР, објавен на 10.08.2023 година. 

„Годинава вкупно се пријавени 1.458 лица, од кои 1.105 се мажи и 353 жени, поради што можам да констатирам дека од година во година се пријавуваат сѐ повеќе жени. Селекцијата на кандидатите започна на 27 септември, со утврдување на исполнетоста на посебните услови, како што се потребната висина и проверка на моторичките способности. Обуката се состои од теоретска настава и ситуациони вежби, кои се спроведуваат овде во Центарот за обука, но и практичен дел на стекнување на вештини, кои се изведуваат во полициските станици,  при Секторите за внатрешни работи. Моделот на полициската едукација кој го спроведуваме е заснован на годишна наставна програма, во која се опфатени активности и задачи низ три модули на стекнување нови знаења и вештини од областа на полициското работење”, истакна министерот Спасовски во изјава за медиумите. Притоа, тој потенцираше дека сериозно се пристапува кон селекцијата на кандидатите за полициски службеник, имајќи ги предвид реформите во делот на вработување на полициски службеници.

„Тука би ја споменал и исклучително важната реформа којашто ја спроведовме, а со која го променивме и концептот на вработување на полициските службеници, преку измените на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција од март 2022 година, согласно новиот Колективен договор со Македонскиот полициски синдикат. Станува збор за забрана за членување во политичка партија и  задолжителен тест за интегритет и увид во имотната состојба, со цел спречување  на корупцијата и на злоупотребата на службената положба и јакнење на интегритетот на секој работник. Полициските службеници се на браникот на државата и на граѓаните и веќе не може да стане збор за исполнување на некои туѓи интереси, а ресурсите на МВР не може да се користат во партиски цели”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека  е постигната целта којашто беше поставена во 2017 година за конечна департизација, професионализација и декриминализација на македонската полиција. 

„Ова е навистина сериозен пристап во продуцирање на професионални и компетентни полициски службеници, кои во иднина ќе ги остваруваат своите професионални задачи и обврски, постапувајќи согласно Уставот, законите и подзаконските акти, а со тоа ќе придонесат кон подобрување на безбедноста на граѓаните”, истакна министерот Спасовски.