Министерства

Министерот за економија Крешник Бектеши, во рамки на официјалната посета на Република Албанија, покрај средбата со министерот за енергетика Ѓикнури за време на потпишувањето на Меморандумот за пренос на природен гас, оствари средби и со министерот за трговија и финансии Арбен Ахметај, министерот за дијаспора Пандели Мајко и градоначалникот на Тирана, Ерјон Велиај.

Најактуелна тема на средбите беше проектот за заедничко гранично управување One Stop Shop, кој покрај со Србија Македонија ќе го воведе и со Албанија. Одлуката за воведување на заеднички контроли на надлежните органи на Република Македонија и на Република Албанија на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане е веќе усвоена од страна на Владата на РМ и се очекува во најскоро време да се пристапи кон подготовка на Спогодба за потребата од формирање на делегација за започнување на постапка за водење преговори за склучување на Спогодбата за воведување на заеднички гранични контроли на патниот граничен премин Ќафасан – Кафтане.

Министрите Бектеши и Ахметај се согласија дека што поскората имплементација на овој значаен проект за граѓаните од целиот регион, ќе овозможи и поинтензивно унапредување на веќе солидната економска соработка меѓу двете земји. Имено, билатералната трговска размена со Албанија во периодот јануари-јули оваа година продолжува да се движи по нагорна линија, па вкупната трговија бележи раст од 21,9%, при што извозот е зголемен за 25,9%, а увозот за 17,8% во однос на истиот приод минатата година.

Покрај ова, министрите разговараа и за искуствата од технолошко-индустриските развојни зони во Република Македонија, за кои постои голем интерес од страна на Албанија и во делот на моделите на функционирање, како и во делот на изготвената регулатива за нив. Министерот Ахметај изрази желба за испраќање на работна група во Македонија која ќе може да добие и подетални информации за овој наш проект, како еден од начините за привлекување на странски инвестиции. Оваа тема беше во фокусот и на разговорот со градоначалникот на Тирана, која се споменува како еден од градовите со потенцијал за отворање на таква зона.

Денеска во Владата на Република Македонија, Министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, и подносителите на проекти потпишаа договори за кофинансирање на проектите од првиот јавен повик во рамки на Програмата за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција.

Меѓу носителите на проектите се и јавни здравствени установи, Царинската управа, Центарот за управување со кризи, општини, Центарот за развој на југоисточниот плански регион, граѓански организации. Индиректни корисници се граѓаните од четири плански региони во Република Македонија и од пет региони од Грција.

Во своето обраќање, министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу рече дека до 2020 година, за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Грција, од страна на Европската Унија се обезбедени вкупно 45,5 милиони евра, од кои 50 насто за проекти кои што ќе бидат имплементирани во Република Македонија.

Средствата за национално кофинансирање ги обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.

„Во овој повик имаме на располагање 15 милиoни евра од Европската Унија и 2,4 милиони евра, обезбедени од буџетот на државата, преку Министерството за локална самоуправа, за национално кофинансирање. На овој начин државата им помага и ги охрабрува  потенцијалните апликанти: општини, граѓански организации, училишта, детски градинки, универзитети, болници, асоцијации и други непрофитни субјекти, да подготват проекти, да влезат во конкуренција и да обезбедат средства од Европската Унија. Сите апликанти што обезбедија средства за финансирање на проектите, си помагаат на себе и на локалната заедница. Во исто време се реализираат приоритетни прашања, без да се трошат средства од општинските буџети“, изјави министерот Фазлиу.

Министерот за здравство Венко Филипче ја истакна поддршката која преку овие проекти Европската Унија ја дава на институциите и на граѓаните на Република Македонија.

„Конкретно станува збор за опремување со апарати и за подигнување на јавната свест за превенција од малигни заболувања, согласно европски стандарди. Ќе се обезбедат подобри услови за скрининг на дојка во општата болница во Битола, што значи навремено дијагностицирање и лекување, а исто така ќе бидат мапирани сите даватели на услуги од двете страни на границата“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков, изјави дека Општина Гевгелија досега има реализирано 10 проекти од Програмата за прекугранична соработка со Грција, во вкупна вредност од 2 милиони евра.

Со реализација на проектите,  Царинската управа ќе добие  нова опрема, со која ќе ја подобрува функционалноста и ефикасноста на граничните премини, а ќе се обезбеди  енергетска ефикасност во училиштето во Валандово, во детската градинка во Радовиш.

Во општина Ново Село ќе се подобри здравствената грижа и социјалните услуги за возрасните лица, исто така ќе се работи на креирање на нови работни места преку развивање на винскиот туризам, техничка поддршка и управување со хуманитарни кризи и природни катастрофи во прекуграничниот регион, а исто така ќе се подобри и заедничка грижа за животната средина.

Денес, 21 септември 2018 година во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, се одржа панел-дискусија на тема: „Реформи, референдум и евроатлантски интеграции на Република Македонија“ на која учествуваа поранешниот Специјален пратеник на ЕУ во РМ, Амбасадорот Ален Ле Роа и актуелниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Француската Република, Кристијан Тимоние.

Воведно обраќање на панелот имаше Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Амбасадорот Виктор Димовски кој се осврна изминатиот едногодишен период, оценувајќи го како интензивен и значаен. Притоа нагласи дека активностите на новата реформска Влада на РМ се одвиваа на два паралелни колосека: спроведување на длабоки и одржливи внатрешни реформи во владеењето на правото и градење на независни институции, како и обновување на македонската позиција во меѓународните односи, примарно преку унапредување на добрососедските односи. „Фокусот денес е на референдумот, кој се смета за историска раскрсница за Македонија и историска шанса граѓаните да учествуваат во дизајнирањето на нивната иднина”, истакна Државниот секретар Димовски.

Во своето обраќање, Амбасадорот Ален Ле Роа, нагласи дека Република Македонија се наоѓа пред историски момент и одлука, како и пред историски крстопат и дека официјален Париз цврсто стои зад евроатланстките и европските интеграции на нашата земја. Посочи, дека Договорот од Преспа, како и секој друг меѓународен договор, не е совршен, но отвора можности и перспективи за напредок на земјата. Направи споредба со Елисејскиот Договор, што во почетокот на 1963, го потпишаа челниците на Франција и на Германија. Договорот тогаш наидувал на критики, но, од денешна перспектива, се покажа како визионерски чекор, што овозможи двете земји, но и цела Европа, да тргнат кон мир, напредок и благосостојба.„Оттука, кон Договорот од Преспа треба да се гледа како историски и визионерски чин, што отвора широки хоризонти, со потенцијал да се искористат отворените перспективи и можности за Република Македонија”, нагласи Амбасадорот Ле Роа.

На панел-дискусијата присуствуваа претставници од државните институции, од медиумите и од невладините организации, како и претставници од академската јавност.

Министерка за труд и социјална политика Мила Царовска, се обрати на Конференција за детска сиромаштија која ја организираа Министерството за труд и социјална политика во соработка со Светска банка и Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, на која што експерти од областа на детската сиромаштија и претставници од владини и академски институции дискутираа за решенија кои ќе помогнат да се стави крај на детската сиромаштија во земјата. Со оглед на тоа што 100,000 деца – секое четврто дете – живеат во сиромаштија, учесниците се согласија дека овој проблем бара преземање итни мерки.

„Социјалната реформа, која ја најавивме пред неколку дена, а ќе стартува од почетокот на наредната година, треба да го преобрази целото општество и да помогне во справувањето со детската сиромаштија. Бидејќи секое дете ни е важно, за сите домаќинства и за оние кои примаат гарантиран минимален приход и за оние со минимална плата обезбедуваме детски и образовен додаток. Ова го правиме за да им дадеме шанса на децата од сиромашните семејствата да се вклучат во образовниот процес и да имаат еднаков старт со децата од семејствата со повисоки примања“, изјави министерка за труд и социјална политика Мила Царовска.  

Истражувањата покажуваат дека сиромаштијата во детството влијае на сите аспекти од животот и може да има долгорочни последици врз физичкиот, когнитивниот и социјален развој на децата. Според податоците од Мулти-индикаторското кластерско истражување (2011) во земјата само едно од 300 сиромашни деца посетува предучилишна програма, а една третина од сиромашните деца не одат во средно училиште. Шест пати е поголема веројатноста девојчињата кои живеат во сиромаштија да се омажат пред својот осумнаесетти роденден, а двојно поголема е веројатноста сиромашните деца да  бидат физички дисциплинирани од страна на своите родители во споредба со другите деца.

Негативните ефекти од сиромаштијата се посилни кога децата трпат долготрајна сиромаштија и штетните последици опстојуваат долгорочно не само за засегнатите лица, туку и за општеството, економијата на земјата и идните генерации.

На конференцијата се обратија и претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс и директорот на канцелариите на Светска банка за Косово и Македонија Марко Мантованели.  

“За да ставиме крај на сиромаштијата мора да почнеме од децата. Децата кои растат во сиромаштија имаат поголема веројатност да бидат сиромашни кога ќе пораснат и така да продолжат да го повторуваат меѓугенерацискиот круг на сиромаштија,” рече Бенџамин Перкс.

Мантованели, пак, потенцираше дека: “Вистинска промена може да се случи ако работиме заедно на три паралелни стратегии – подобрување на социјалната помош така што ќе обебзедиме да ја примаат оние деца и семејства на кои им е најпотребна; поддршка на семејствата за да можат да подигаат успешни членови на општеството и обезбедување универзален опфат со предучилишни програми за сите деца“.

Од денeска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој започна со  првите исплати за финансиските средства од договорите склучени со последниот повик за ИПАРД 2 Програмата. Денеска се исплатени првите 10 барања. Преку ИПАРД 2 до денеска се склучени рекордни 898 договори во вкупна вредност на побарувани средства од 15,6 милиони евра, од кои 11,7 милиони евра се од европските фондови. Се очекува вкупната бројка на склучени договори да биде над 900 договори. 

Министерот за земјоделство шумарство и водостопанство Љупчо Николовски заедно со директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски и градоначалнилката на опптина Арачиново, Миликије Халими, денеска го посетија земјоделецот Алмир Ќаили во село Грушино, општина Арачиново. Амир е успешен пример кој со помош на средства од европските фондови, од ИПАРД, инвестирал во производството односно во набавка на современа механизација со која го олеснил и ги намалил трошоците. Амир има искористено средства од ИПАРД 1 програмата, и сега повторно преку ИПАРД 2  чека исплата на околу 20.000 евра за современа механизација. 

„Ова е уште еден добар пример за искоритсеност на парите од ИПАРД прогрмата Ова покажува дека со здружени сили со јакнење на Платежната агенција, со оваа евроатланска интеграција и енергија која што постои во државата, со преземањето на сите активности за забрзување на постапките за овој но и за следните повици можеме само во еден повик да стигнеме до бројка на склучени договори која што може да биде  поголема од вкупно склучените договори кои што ги имаме на предходните 12 огласи. Земјоделското е клучниот секотр на кој што се потпира Европската унија, затоа и 40 отсто од буџетот на ЕУ оди за земјоделство. Ако направиме споредби со земјите од регионот кои го поминаа патот кон кој ние сега силно чекориме, ќе видиме дека оваа поддршка за 10 пати ќе биде зголемена, пари кои ќе се искористат за модернизирање на земјоделството“, изјави министерот Николовски. 

Директорот на Платежната агнеција, Бабовски изјави дека само со осовременување на земјоделското производство може да дојдеме до конкурентни производи кои на европскиот пазар ќе бидат промотор за Македонија, а за таа цел е потребна ефикасна искористеност на европските фонодви на што МЗШВ и агенцијата посветено работат.

Преку ИПАРД 2 Македонија од Европската Унија доби 60 милиони евра за инвестиции за модернизирање на земјоделството. За следната 2019 година е договорена поддршка од ЕУ во износ од 15 милиони евра.  

Министерот Николовски посочи дека членството во НАТО и влезот во ЕУ ќе значи повеќе европски средства за субвенции, за механизација, за повисок приход, зголемување на средствата за поддршка на земјоделство, младите македонски земјоделци ќе имаат повеќе можности за повисоки приходи и градење на успешни агробизниси, модернизирање и  развој на земјоделството со помош на европските фондови, сигурни откупи и нови вработувања.

На денешната промоција, министерката за правда Рената Дескоска го поздрави формирањето на  Судско-медиумски совет кој на повисоки основи треба да ја подигне соработката на судството со новинарската фела, од аспект на зголемување на транспарентното работење на судовите и објективното новинарско известување.

Дескоска истакна дека изминатите години јавноста сведочела на честите злоупотреби на медиумите од страна на извршната власт преку објавување на снимки од притварања и судски приведувања на лица, целосно погазувајќи го начелото за презумција на невиност.

- Овој судско-медиумски совет со својата работа треба да ја зајакне довербата меѓу овие две фели и да овозможи правилно и објективно информирање за судските процеси од интерес на јавноста, без при тоа да се нарушуваат основните човекови права на учесниците во постапките, истакна Дескоска.

Министерката потенцираше дека транспарентното и јавно работење на државните органи ја одразува положбата на државните органи во едно демократско општество, а оние кои вршат било каква власт не смеат да ја кријат својата работа од оние во чиј интерес делуваат.

Според Дескоска, таквата работа на органите на државната власт ќе допринесе за унапредување на општото знаење и разбирање на граѓаните за организацијата на државата и општеството. Министерката Дескоска дополни дека само на овој начин може да се зајакне довербата на граѓаните во власта и нејзината работа, на тој начин што ќе се оствари и контрола над работата на органите на власт и ќе бидат санкционирани девијантните однесувања, во согласност со механизмите предвидени во едно демократско општество.

- Ова начело се однесува и на судовите кои се основани како државни органи и се носители на судската власт во државата. Јавноста во судската постапка е една од фундаменталните уставни претпоставки која го обезбедува правото на правично судење – потенцираше Дескоска.

Според Уставот на Република Македонија, расправата пред судовите и изрекувањето на пресудата се јавни. Во судските постапки начелото на јавност преставува своевиден контролен механизам и тоа надворешен преку учество на јавноста во текот на постапката и внатрешниот механизам односно преку правните лекови до повисоките судски инстанци кој ја проверуваат законитоста на судската одлука.

Дескоска потенцираше дека учество на јавноста обезбедува легитимност на судската одлука, а на тој начин и се гради довербата во работата на судовите.  

Во правната теорија, под принципот „јавност“ се подразбира општа јавност и јавност на учесници во постапката. Општата јавност подразбира однапред неопределен круг на лица кои не се учесници во постапката, а на кои треба да им се обезбеди да ја следат истата без при тоа да докажуваат постоење на свој правен интерес. Таквата јавност секако вклучува и право на тие лица да своите сознанија и впечатоци за работата на судот ги пренесат на други лица вклучувајќи ги тука и медиумите, можат да завземаат критички став за работата на судот и другите учесници во постапката но не смеат да се мешаат во самата постапка, и никако не смеат да го повредуваат принципот на судска и процесна автономија како и интересот на самата постапка. Границите и рамнотежата на овие два интереса е нужно да биде предмет на интерес на овој Судско-медиумски совет, кој со својата работа меѓудругото треба да помогне и за јакнење на довербата во судството.

Судовите во Република Македонија се основани како државни органи пред кои се заштитуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот и правата на другите субјекти во државата.

Воедно, кога тие одлучуваат за граѓанските права и обврски како и за кривичната одговорност се должни да обезбедат право на правично и јавно судење во разумен рок.

Министерството за правда во последните измени на Законот за судовите и на Законот за судски совет, кои беа донесени од Собранието на Република Македонија, се раководеше, меѓу останатото, и од овие постулати, воведувајќи притоа поголема транспарентност во работењето на Сускиот совет.

Имено, обврската  за јавност на седниците на Судскиот совет беше занемарена и исклучокот за тајност на седниците се воведе како правило. Со последните измени на Законот за судскиот совет на Република Македонија овој недостаток е надминат со законското решение за јавно образложување на причините за исклучување на јавноста од седницата на Советот.

Исто така предвидени се и низа одредби со кои се задолжува Судскиот совет јавно да ги објавува одлуките на својата веб-страница.

Министерството за правда во својата законодавна надлежност ќе продолжи со јакнењето на транспарентното работење на правосудните органи заради зајакнување на довербата на граѓаните во овој сектор и враќање на принципот на владеење на правото, на нашиот зацртан пат кон НАТО и Евроатланските структури.

Пред речиси три децении, политичарите и граѓаните на оваа држава се согласија дека сакаат Македонија да биде посилна, побезбедна, попроспериетна, на тој начин што ќе стане членка на Европската Унија и НАТО и ветија дека ќе ги решаваат сите проблеми кои што се пречка на тој пат. Како Влада, како граѓани се трудевме да го направиме токму тоа – да најдеме решение на проблемите кои долго време ја мачат оваа земја зашто со секоја помината деценија проблемот што сме го криеле под тепих излегува пострашен, полош и потежок за решавање.

Ова  го истакна министерката за одбрана Радмила Шекеринска на денешното отворање на Четвртиот мобилен летен универзитет на Балканот, кој се одржува во организација на Правниот факултет во Скопје и партнерски универзитети од Франција и од Германија.

Министерката рече дека владата ја презеде одговорноста проблемот кој е можеби најтежок во историјата на Македонија, а поврзан со соседите да се реши на достоинствен начин кој ќе им покаже на македонските граѓани дека е можен компромис, со зачувување и зацврстување на македонскиот јазик, култура и идентитет. „Тоа ни ги отвора вратите на НАТО и ЕУ и создава перспектива која повеќе ќе ја искористат младите“, додаде Шекеринска.

Министерката истакна дека пристапувањето кон ЕУ и НАТО зависи од две други приближувања – приближувањето помеѓу соседите и приближувањето во рамките на земјите, помеѓу различните групи, националности, религии...
 
„ Наместо да се фокусираме на тоа што нè разделува, да се обидеме да најдеме заеднички јазик... Верувам и горда сум на тоа дека Македонија поставува поинаков пример. Пред помалку од една година го потпишавме Договорот за добрососедство со Бугарија, го потпишавме Договорот со Грција и верувам дека нашите три земји и регионот се посилни заради тоа, а не послаби“, рече министерката. 

Министерката додаде дека Македонија во последните неколку години покажа дека како земја со многу различности, може да креира можности од кризи. 

„Поминавме низ многу тешка политичка криза  и мислам дека ние сите научивме од оваа криза и видовме дека заедниците можат да се приближат зашто сфативме дека ги споделуваме истите проблеми, тешкотии. Затоа за нашите земји, респектирањето, прифаќањето на различностите и почитувањето на правото е формула без која не можеме да очекуваме нашите земји и регионот да бидат подобри и без кои не можеме да очекуваме нашиот регион да се приближи кон ЕУ и НАТО“.

Правејќи паралела со делот од младите британски граѓани кои не излегоа на британскиот референдум, а очекувале поинаков исход, ги повика младите граѓани на Македонија да не ја прават истата грешка во овој важен и пресуден момент на нашата држава.

„Ние навистина го немаме луксузот уште еднаш да создадеме изгубена декада за Македонија и ве повикувам вашите одлуки, одлуките на вашата генерација да ги направите навреме за да не мора товарот од моите плеќи да помине на вашите плеќи“, рече министерката.
 

Земјоделското здружение “Современо Земјоделство” на министерот Љупчо Николовски, му додели плакета за  најуспешен министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Од здружението посочија дека оваа плакета е резултат на мерките кои министерот Николовски и Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство ги имаат преземано во изминатава година и половина, за развој на земјоделството. 

Министерот Николовски изјави дека оваа плакета ќе биде поттик и во иднина МЗШВ уште поинтензивно, да работи на политики кои ќе бидат во корист на земјоделците и ќе го поттинкат развојот на агросекторот. 

„Голема чест и задоволство ми беше да ја примам плакетата за најдобар министер за земјоделство, шумарство и водостопанство. Ова е поттик да продолжиме понатаму, да работиме уште поинтензивно, да разговараме со секој земјоделец и да креираме мерки според нивните потреби. Само заедно можеме да постигнеме развој во секторот, повисок стандард и подобар живот за земјоделците во Македонија. Резултатот од нашите мерки, на коишто посветено работиме, е видлив. Во првото полугодие од годинава имаме раст на земјоделството и учеството во БДП од над 3 отсто, пораст на вработеноста во секторот земјоделство, пораст на преработувачката индустрија во земјоделството. 
Само заедно можеме да создадеме мерки кои ќе придонесат за создавање на одржливо и конкурентно земјоделско производство, кое ќе може рамо до рамо да се носи со европското земјоделство”, порача министерот Николовски. 
Инаку здружението за земјоделци „Современо Земјоделство“ организираше манифестација за „Избор на најуспешни во областа на земјоделството за 2018 година“ каде изборот на најуспешните беше само во областа на земјоделството и оваа манифестација ќе биде единствена од ваков тип во државата.

Во рамки на манифестацијата, беше организиран и мини саем за земјоделски производи, механизација и трактори, дегустација на традиционална пелагониска храна, вино, пиво, млечни производи, мед и друго. На официалниот дел, освен за министерот Николовски, плакети за успешност добија и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, советничката за земјоделство на Претседателот на Владата на РМ, Ленче Николовска, земјоделци и компании од земјоделскиот сектор.

“Нема сомнеж дека во последните неколку години, сајбер заканите се меѓу најзначајните безбедносни закани врз современите општества, што е основна причина истите да се третираат како интегрален дел од националната и меѓународната безбедност“, истакна меѓу другото министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во своето обраќање на меѓународната министерска Конференција посветена на темата - “Високотехнолошки криминал и информатичка безбедност“ што денес и утре се одржува во Белград а во организација на спрското министерство за внатрешни работи.  

Презентирајќи ги активностите што македонската полиција, но и другите надлежни институции ги превземале и превземаат во оваа област, министерот Спасовски посебно ги посочи нормативните промени целосно хармонизирани и во соработка со ЕУ, како и Националната страгија за сајбер безбедност 2018 - 2022 година, која што служи како патоказ за развој на сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално окружување, поддржано од квалитетни капацитети, кои се базираат на доверба и соработка во полето на сајбер безбедноста.  

“Нашето министерство се фокусира на развивање на капацитетите за обезбедување на електронски докази и информации во електронска форма со цел поддршка на сите истраги кои што се водат во рамки на инстиуцијата“, нагласи Спасовски, притоа посочувајќи го Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР како клучен во превенцијата и борбата против овие обици на криминал.

“Независно од низата меѓународни признанија за покажаната ефикасност и професионалност во водењето на истраги како на национално, така и на меѓународно нив, наша цел е континуирано унапредување на капацитетите на овој Сектор во насока на истражување на компјутерскиот криминал, дигиталната форензика“, потенцираше Спасовски.

Република Македонија и Министерството за внатрешни работи продолжуваат да бидат активен дел од широкиот фронт заедно со нашите соседи и партнерските држави и посебно со ЕУ и нејзините институции, како наш стратешки партнер. “Со цел постигнување на добри резултати во иднина, сметам дека е неопходно продолжување на соработката во сите наведени сегменти при што посебно ја нагласувам важноста на редовна размена на информации на национално и меѓународно ниво“, рече Спасовски.

Со поддршка на Министерството за локална самоуправа и на УНДП во финална фаза е подготовката на техничка документација за реконструкција на пешачката патека покрај Дојранското Езеро, како и за изградба на локален пат. УНДП, во рамки на проектот за заштита на животната средина би можел да помогне и во поставување на нова урбана опрема. Со средства од Програмата за рамномерен регионален развој отпочнува реконструкција на канализациониот систем во Стар Дојран.

Ова беа некои од темите на кои денеска во Дојран разговараа заменикот министер за локална самоуправа Дејан Павлески и градоначалникот на општината, Анго Ангов.

На состанокот се разговараше и за перспективите за развој на општината преку користење на средства од ИПА Програмата на Европската Унија за прекугранична соработка.

Беше истакнато дека и покрај негативните финансиски последици од претходниот градоначалник поради непочитување на процедурата за имплементација на европски проекти, општина Дојран успеа да обезбеди 489 илјади евра од Европската Унија за реализација на заеднички проект со грчката општина Серес и со Аристотел Универзитетот од Солун.

Примарната цел на проектот е да демонстрира одржлив општински модел за управување со био-отпад во земјоделските региони за производство на биогас и компост, во кој се применуваат кружни економски принципи за подобрување на условите за живеење. Заштита на животната средина, безбедноста на храната и квалитетот на воздухот, ефикасноста на ресурсите, искористувањето на обновливите извори на енергија и човечки капацитети.

Заменикот министер Дејан Павлевски истакна дека Програмата за прекугранична соработка со Грција дава големи можности, затоа што преку неа од Европската Унија на располагање се 45,5 милиони евра, од кои, 50 насто се за проекти во Република Македонија. Кофинансирањето во износ од 15 насто го обезбедува Министерството за локална самоуправа од буџетот на државата.

Заменикот министер Павлески оствари средби и со граѓани и претставници на бизнис заедницата на кои се разговараше за владиниот план за економски раст и можностите за развој на општината и на планскиот регион.