Од 182-та владина седница: Усвоена е Национална стратегија за лозарство и винарство за зголемена конкурентност на пазарите во земјава и странство; Прифатен е текст на Договор помеѓу Северна Македонија и Португалската Република за соработка во одбраната;

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Националната стратегија за лозарство и винарство 2023-2033 година.

Овој стратешки документ, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има за цел подобрен индекс на квалитет на производството, воведување нови производствени технологии и современ пристап за промоција и маркетинг на крајните производи во и надвор од Република Северна Македонија на долгорочен план.

Основниот ефект кај сите чинители во вредносните ланци кај лозарството и винарството се очекува да биде зголемување на вредноста на крајниот производ, преку унапредување на работните процеси, оптимизација на трошоците и зголемувањето на квалитетот, што води до поголема конкурентност на производите на пазарот и поголем пазарен удел. Со тоа, оценето е дека би се зголемил вкупниот приход и профитот што го делат чинителите во ланецот.

Директни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во вредносниот ланец на лозарство и винарство: лозари, откупувачи, преработувачи, логистички фирми задолжени за транспорт и дистрибутери. Индиректни корисници на резултатите од активноста се сите чинители во земјоделството и сродните индустрии. А новиот пристап во сферата на лозарството и винарството се проценува дека неминовно ќе значи и вовед кон унапредување на работењето на целиот земјоделски и преработувачки сектор.

Владата на денешната седница ја разгледа и усвои Информацијата за потребата за потпишување Договор помеѓу Република Северна Македонија и Португалската Република во врска со соработката во областа на одбраната и го прифати усогласениот текст на Договорот.

Целта на овој договор, според предлагачот, Министерството за одбрана е воспоставување рамка за одбранбена соработка помеѓу страните на договорот, во согласност со меѓународното право, националното право на страните потписнички, како и сите договори што страните ги имаат склучено.

Со овој договор, се утврдува и развива одбранбена соработка на билатерално ниво и во рамките на Северноатлантскиот договор, што овозможува континуитет и интензивирање на соработката во рамките на партнерството со Португалската Република, како на билатерален план, така и во НАТО и ЕУ контекст. Блиската воена соработка се очекува да придонесе кон зајакнување на колективни и индивидуални способности, безбедноста и интегритетот на териториите на страните и меѓународниот мир и стабилност.

Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за потребата од учество на Република Северна Македонија во пилот програмата за копродукција на сериска телевизиска програма на ЕУРИМАЖ и го прифати текстот на Договорот меѓу Советот на Европа и Министерството за култура на Северна Македонија за финансирање на проектот „Поддршка на програмата за телевизиски серии“.

ЕУРИМАЖ, како што е објаснето од предлагачот, Министерството за култура, е фонд за културна поддршка на Советот на Европа, којшто е основан во 1989 година и во којшто членуваат 38 држави од 46 членки на Советот на Европа, вклучително и Kанада. Фондот промовира независно снимање филмови преку обезбедување финансиска поддршка за производство на долгометражен игран, анимиран и документарен филм. Вкупниот годишен буџет на ЕУРИМАЖ за оваа намена изнесува 27 милиони евра.

Република Северна Македонија е членка на ЕУРИМАЖ од 2003 година и преку овој фонд се поддржани бројни македонски играни и документарни филмови. А со учеството на нашата држава во оваа програма, продуцентите ќе се стекнат со право директно да ги пријавуваат своите копродукциски проекти како мнозински копродуценти и во случај проектот да добие поддршка, средствата ќе се уплаќаат директно на македонскиот продуцент. Копродукциите создаваат можност за широка дистрибуција на серијата и прикажување на медиуми во други држави.