Од 180-та владина седница: Финансиска поддршка за производителите на пченица и јачмен и домати и краставици; Решение и задолженија за Работната група за соодветни предлози околу најниската пензија и мерки за помош и поддршка на пензионерите

Владата на Република Северна Македонија на денешната седница донесе Програма за дополнување на Програмата за спроведување на интервентен фонд за земјоделството за 2023 година, со цел финансиска поддршка на производителите на пченица и јачмен, како и на одгледувачите на домати и краставици.

Во Програмата се додадени три нови подмерки со што се обезбедува: финансиска поддршка од 3 денари по килограм за остварено и продадено или складирано производство на пченица; финансиска поддршка за произведен домашен сертифициран семенски материјал од прва и втора генерација на пченица и јачмен од 3 денари по килограм - за произведени пченица или јачмен од прва и втора генерација за реколта 2023 година, како  и финансиска поддршка за продадени количини на домат и краставица произведени под контролирани услови - од 35 денари по килограм домат што е произведен и продаден во периодот од 5 април до 31 мај 2023 година и 30 денари по килограм за краставица којашто е произведена и продадена во периодот од 5 април до 15 мај 2023 година.

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за труд и социјална политика за формирање Работна група за разгледување предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите и го донесе Решението за формирање на Работната група.

Работна група за разгледување на предлози за прашањето за најниската пензија во Република Северна Македонија, како и пакет мерки за помош и поддршка на пензионерите е задолжена да достави до Владата соодветен и финансиски издржлив предлог за најниската пензија и предлог мерки за помош и поддршка на пензионерите.

Владата, на предлог на Министерството за образование и наука, донесе Одлука за основање Државен студентски дом „Тетово“ во Тетово.

Капацитетот на студентскиот дом ќе изнесува 300 легла. А, потребниот кадар, опрема и други услови за работа на Државниот студентски дом „Тетово“ во Тетово се предвидени согласно со нормативите и стандардите за опрема, простор и кадар за студентските домови.

Целта на основањето на студентскиот дом во Тетово, според образложението од ресорното министерство, е остварување на интересите и потребите за престој на студентите кои студираат надвор од местото на живеење.

Владата на седницата ја разгледа и усвои и Информацијата од Министерството за култура за реализација на меѓународната изложба „105 години Требениште“ во Националниот археолошки институт со Музеј при БАН во Софија.

Националната установа Археолошки музеј на Република Северна Македонија, во соработка со Националниот археолошки институт со Музеј во Софија, Република Бугарија и со Народниот музеј на Србија во Белград, ја организираше меѓународната изложба со наслов „100 години Требениште“, којашто се одржа во Скопје од февруари до август 2019 година, по што е договорено продолжување на соработката во рамките на овој проект. Требениште, како што е посочено во образложението од ресорното министерство е прв и можеби единствен пример на локалитет што е истражуван од три земји, промовиран преку три музеи, од Скопје, Белград и Софија, а изложбената поставка содржи предмети што се поврзуваат со животот крај брегот на Охридско Езеро уште од VI до IV век пред нашата ера и коишто ја покажуваат хронологијата на досегашните истражувања на некрополата Требениште.