Управниот одбор на Националната развојна стратегија проширен со нови членови од бизнис и граѓанскиот сектор

Денеска во Собранието на Република Северна Македонија се одржа состанок на Управниот одбор за креирање на Националната развојна стратегија кој е проширен со два нови членови, претставници на бизнис и граѓанскиот сектор.

Националната развојна стратегија (НРС) ќе биде сеопфатен документ за економскиот, социјалниот, еколошкиот и културниот развој на нашата држава во наредните две декади. Идејата на НРС е да обезбеди позитивна средина за национален консензус во земјата, долгорочни развојни приоритети, како и олеснување на политичкиот дијалог за стратешките цели кои треба да ги решат клучните предизвици за државата.  

Токму поради тоа Националната развојна стратегија се создава низ инклузивен процес, преку кој се консултираат сите засегнати страни, вклучувајќи ги и директно граѓаните, со цел конечниот документ за визијата и иднината на Република Северна Македонија да биде консензуален и натпартиски, како и генерациски, меѓуетнички, родово и социјално сеопфатен.

Вицепремиерот Битиќи, кој се обрати на почетокот на состанокот ја истакна токму инклузивноста на процесот на креирање на Националната развојна стратегија, истакнувајќи дека само преку инклузивност и активна партиципација ќе го постигнеме потребниот и посакуваниот консензус за донесување, но и за имплементација и следење на целите зацртани со Националната развојна стратегија, додавајќи дека четирикратниот хеликс, односно државата, академијата, бизнисот и граѓанскиот сектор, треба да го осигура токму тоа.

Досега, со цел широки консултации, во процесот на креирање на НРС, се одржаа над 40 работилници, на кои своите идеи и визии за иднината ги споделија повеќе од 3.000 граѓани, претставници на бизнис и граѓанскиот сектор, млади, ранливи категории, синдикати и останати. Дополнително, сите граѓани имаат можност да се вклучат и да остават личен печат во креирањето на Националната развојна стратегија. Своите коментари, предлози и идеи на различни теми од клучно значење државата и општеството може да ги споделат на интернет платформата на Националната развојна стратегија www.nrs.mk.

Постојаната претставничка на Обединетите Нации, Росана Дуџак на состанокот потсети на почетокот на креирањето на стратегијата, како и за важноста на оперативната структура која ќе биде креирана околу неа која треба да го поддржи нејзиното имплементирање.

На денешниот состанок се зборуваше за тематските стратешки области околу кои ќе биде градена Националната развојна стратегија, кои во следните неколку месеци ќе се искристализираат низ процесот на широки консултации како и експертски трибини.

Сите присутни изразија задоволство од досега сработеното и поддршка за процесот кој следува, а тоа е самото пишување на стратегијата.

Членови на Управниот Одбор за креирање на Националната развојна стратегија се: Артан Груби, прв вицепремиер за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмир Битиќи, вицепремиер задолжен за економски прашања, координација со економски сектори и инвестиции, Славица Грковска, вицепремиер задолжен за политики за добро владеење, Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, Фатмир Бесими, министер за финансии, Н.Е. Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство во Република Северна Македонија, Н.Е. Хенрик Маркус, амбасадор на Република Словачка во Северна Македонија, Росана Дуџак, постојан координатор на Обединетите Нации во Северна Македонија, Маријана Мачашкова, министерство за финансии на Република Словачка, Глигор Каневче, македонска академија на науките и уметностите (МАНУ), Диме Велковски, пратеник, претседател на комисија за економија, Бојан Стојановски, пратеник, претседател на комисија за финансии и буџет, Армен Григорјан, постојан претставник на УНДП, Методија Димовски, генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, Орце Георгиевски, претседател на ЗЕЛС, Анета Антонова Пешева, претседател, Собрание на МАСИТ, претставник на бизнис секторот и Данче Даниловска Бајдевска, програмски директор, фондација Метаморфозис, претставник на граѓанскиот сектор.

Процесот на создавање на Националната развојна стратегија го координира Владата на Република Северна Македонија, во партнерство со Канцеларијата на Постојаниот координатор на Обединетите Нации и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Креирањето на НРС е поддржано од Фондот за добро владеење на Британската амбасада во Скопје и од Министерството за финансии на Република Словачка.