Премиерот Ковачевски оствари телефонски разговор со премиерот Денков

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, претпладнево имаше телефонски разговор со новиот премиер на Република Бугарија, Николај Денков.

Премиерот Ковачевски му го честиташе мандатот на бугарскиот премиер Денков и посака успешна работа на новоизбраната Влада што ја предводи.

Во разговорот е изразено очекување од двете страни, за добра меѓу владина соработка, во интерес на граѓаните и на добрососедските односи.

Разговарано е за важноста од промоција на позитивната реторика којашто придонесува во меѓусебната доверба, како и од продолжување на динамиката во билатералната агенда и средбите меѓу министрите во владите кои ќе придонесат кон постигнување резултати кои се конкретни и видливи за граѓаните.  

Заедничка е оценката дека е потребна конструктивност во пристапот и понатамошната соработка, за коешто постои увереност и кај двајцата премиери дека го очекуваат и граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, но и регионот, Европската Унија и меѓународните партнери.