Тренчевска: Усогласувањето на националното законодавство е важно за понатамошно втемелување на принципите на еднаквост и недискриминација во општеството

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска заедно со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир и Народниот правобранител, Насер Зибери присуствуваа на завршниот настан насловен  „Ситуација и практики за справување со случаи на дискриминација – резултати и насоки за понатаму” како дел од ИПА проектот „ЕУ за човекови права: Воведување на концептите на не-дискриминација во законодавството“. На настанот беше во организација на Делегацијата на Европската Унија и Министерството за труд и социјална политика се дискутираше за состојбите и практиките за справување во случаите на недискриминација и беа презентирани активностите кои ги спроведуваше проектот со акцент на клучните резултати.

„Република Северна Македонија во континуитет посветено ги спроведува обврските преземени со пристапување и ратификација  кон меѓународните конвенции и договори во областа на човековите права и слободи, кои се и составен дел од правниот поредок на нашата држава, особено во однос на воведување на начелата на еднаквост и недискриминација“ истакна Тренчевска во своето обраќање.

Таа во своето обраќање ја истакна законската рамка која придонесува во борбата против дискриминацијата. Министерката го посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за работни односи и Законот за вознемирување на работно место како клучни за надминување на предизвикот.

Амбасадорот на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир се осврна на работата и поддршката на Европската Унија за државата.

„Проектот што го одбележуваме денес е само една од многуте иницијативи на ЕУ за зајакнување на домашните закони за спречување и заштита од дискриминација. Тоа доаѓа паралелно со различни активности и грантови што ги обезбедуваме на граѓанските организации – за да помогнеме во подигнувањето на јавната свест за принципите на недискриминација и како да се применат во пракса“ рече амбасадорот Гир.

Тој истакна дека делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија секогаш е подготвена за да ја овозможи потребната експертиза за државата, но и дека исто така се очекува од државата и институциите да посветено да работат во унапредување на критичните области во државата.

„Институцијата Народен правобранител повеќе од 20 години има надлежност да ја следи имплементацијата на начелото на недискриминација и соодветна и правична застапеност на припадниците на заедниците во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавните установи и служби, инструмент кој треба да помогне во создавањето на баланс во општеството, пред се во делот на вработување на сите заедници во администрацијата,“ истакна народниот правобранител, Насер Зибери.

Тој изрази задоволство што Република Северна Македонија на ова поле оди напред, ги следи трендовите и успева да ја усогласи својата регулатива со сите меѓународни документи и директиви на Европската Унија.