Грковска на конференцијата „Жените во јавниот живот“: За да ги пробиеме „стаклените тавани“, прво мора да се извлечеме од калта на стереотипите во нашите општества

„Знаеме дека правата не можеме да ги земаме здраво за готово и дека позитивните културни промени се далеку побавни од оние кои ги правиме со правните акти и преку демократските институции. И токму затоа не можеме да ја прифатиме опцијата да бидеме уморни или апатични, кога е во прашање борбата за поправедни општества. Тоа значи елиминирање на насилството врз жените и девојчињата, пристап до образование и работа и еднаков третман од системот и општеството. Но, и застапеност во лидерските, одлучувачките и сите останати влијателни јавни позиции.“, истакна заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, во воведното обраќање на конференцијата „Жените во јавниот живот“ во Брисел.

Kонференцијата во Брисел, во пресрет на Меѓународниот ден на жената, ја организира потпретседателката на Европската Комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова. 

На отворањето на конференцијата, Јоурова истакна дека токму минатогодишната средба со вицепремиерката Грковска, на која се разговараше за родово заснованите пречки на кои наидуваат жените инволвирани во борбата со корупцијата и криминалот, ја инспирирало да го организира овој настан и да стави фокус на причините поради кои жените често ги напуштаат позициите во јавниот живот.

Во таа насока, Грковска се осврна на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција, кој на нејзина иницијатива беше формиран во март минатата година, и преку чии активности за соработка и взаемна поддршка, до израз дојде притисокот на кој се изложени жените и кој е несразмерно поголем од оној на нивните колеги-мажи. 

Истакнувајќи дека голем дел од овие жени се соочиле со пречки во професионалниот развој и во приватниот живот, поради јавниот притисок заснован на мизогинија, Грковска нагласи дека дискредитацијата на овие жени не е поврзана со нивната професионалност, туку токму покажаната одлучност за борба против криминалните аномалии е мотивот зад ваквите напади.

„Тоа, на многу места во светот, а особено во регионот од кој доаѓам, е силен онеспособувачки фактор за жените, каде што традиционалниот поглед на нивната улога е сè уште многу присутен и каде што уништувањето на јавниот углед и професионалниот интегритет е лесно да се случи кога станува збор за жена.“, изјави Грковска и додаде дека за жените да можат да ги пробијат „стаклените тавани“, прво мора да се извлечат од калта на стереотипите кои се вкоренети во нашите општества.

Грковска упати апел до сите храбри жени и мажи кои се посветени на европската идеја и сето она што таа го носи:

„Продолжете да ги штитите сите демократски придобивки преку вашите постапки насекаде, бидејќи само така се заштитени сите граѓани. Имајте на ум дека кризата на демократијата е криза и за правата на жените. Затоа, не смееме да дозволиме ретроградните антидемократски сили да предизвикаат назадување, внатре во ЕУ или во земјите кои се во чекалната на ЕУ. Отпорноста на сите нивоа е задолжителна, но да не заборавиме дека пресудно е одлучувачко ниво.“

Покрај обраќањата на Јоурова и Грковска, во воведниот дел беа вклучени видео пораки од претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, претседателката на Европскиот Парламент, Роберта Мецола, претседателката на Словачка, Зузана Чапутова и поранешната Државна секретарка на САД, Хилари Клинтон. Конференцијата во Брисел продолжува попладнево со панел дискусии на високо ниво за улогата на жената во политиката, новинарството и активизмот.

Во продолжение ви го доставуваме интегралниот текст од обраќањето на вицепремиерката Грковска:

„Почитувана потпретседателке Јоурова,

Почитувани гости,

Поминаа многу децении откако една брилијантна жена, големата Еленор Рузвелт, се избори за усвојување на Универзалната декларација за човекови права, документ кој направи пресвртница со воведување на концептот на достоинство и еднаквост на сите човечки суштества.

Таа е меѓу најинспиративните примери на жени кои со својата работа и јавен ангажман покажаа дека имаат способност, интелигенција и решителност да бидат активни во јавниот живот и тоа да го прават на најдобар начин, на начин што го менува целото човештво на подобро. 

76 години откако Еленор ги водеше благородните напори и успеа да ги убеди сите мажи околу неа да го прифатат овој документ, денеска сме собрани овде во Брисел, во срцето на Европската унија, која се заснова на истите фундаментални вредности, надградени и преведени во посебни документи, конвенции, политики и мерки за заштита и унапредување на човековите права, вклучувајќи го и посебниот фокус на правата на жените, како иманентен дел од нив.

Дали тој огромен напредок значи дека нема предизвици за европските земји? Се разбира дека не. И секако, мора постојано да бидеме свесни дека сите борби за подобро утре мора континуирано да се водат. Предизвиците продолжуваат, продолжува и борбата.

Тажно е, но вистинито, сознанието дека не можеме да ги земеме правата здраво за готово. И дека позитивните културни промени се далеку побавни од оние што ги правиме со правни акти и преку демократските институции.

И токму затоа не можеме да ја прифатиме опцијата да бидеме уморни или апатични кога е во прашање заштитата на правата и борбата за поправедни општества. Тоа значи елиминирање на насилството врз жените и девојчињата, пристап до образование и работа и еднаков третман од системот и општеството.

Но, и застапеност во лидерските, одлучувачките и сите останати влијателни јавни позиции.

Затоа што еднаш извојуваните победи не значи дека тие се вечни и дека трајно сме ги победиле силите кои влечат кон уназадување. Сите сме свесни дека антидемократските тенденции, непријателски настроени кон принципите на еднаквост и човекови права и слободи, често се ревитализираат на вознемирувачки начин.

Затоа мора постојано да го задржиме фокусот на овие теми, затоа мора да направиме сѐ што е во наша моќ да го зачуваме правецот кој води кон подобар свет за жените. А тоа несомнено е свет кој е подобар за сите луѓе.

Денеска ја нагласуваме улогата на жената во јавниот живот, бидејќи тоа јасно ја илустрира општата состојба, до каде сме со еднаквоста, со перцепциите, со справувањео со стереотипите, со двојните стандарди, со сите родово засновани ризици.

Што е тоа што ги отстранува жените од политиката и воопшто од јавниот живот? Зошто жените кои се активни во борбата против корупцијата и организираниот криминал прегоруваат или се повлекуваат премногу често? Ова се прашањата кои се појавија од самиот почеток, кога во март минатата година во Скопје го основавме Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција.

Причината зошто ја покренавме оваа форма на регионална иницијатива беше поврзување, заради соработка и взаемна поддршка, на жените од регионот, кои беа или се активни на ова поле преку нивниот професионален ангажман - политичарки, обвинителки, судијки, новинарки, граѓански активистки.

Преку активностите во изминатата година, до израз дојдоа сите оние родови пречки со кои се соочува една жена со ваква положба. И стана повеќе од јасно како притисокот, на кој биле изложени многу од овие жени, е несразмерно поголем од оној на нивните машки колеги.

Слушнавме толку многу примери - како што се пречките во професионалниот развој на одлична јавна обвинителка, бидејќи станала мајка или била премлада, за проблеми во личниот и работниот живот на многу храбри и посветени жени предизвикани од кампањи за оцрнување, од сиот тој јавен притисок заснован на сурова мизогинија, онлајн и офлајн.

Дискредитацијата на овие жени не е поврзана со нивната професионалност. Напротив, токму покажаната одлучност за борба против криминалните аномалии е мотивот зад ваквите напади. А целта е да се изолираат во ќош и да бидат заборавени, само затоа што се дрзнале да им го нарушат комфорот на оние што ги заробуваат нашите општества заради личен интерес.

Тоа, на многу места во светот, а особено во регионот од кој доаѓам, е силен онеспособувачки фактор за жените, каде што традиционалниот поглед на нивната улога е сè уште многу присутен и каде што сè уште уништувањето на јавниот углед и професионалниот интегритет е лесно да се случи кога станува збор за жена.

Во правна смисла, би сакала да истакнам дека Северна Македонија постигна голем напредок и усогласена со европското законодавство во однос на родовите политики. Во последните години, верувам дека имаме напредок дури и повеќе од некои земји-членки на ЕУ. Ја ратификувавме и започнавме имплементацијата на Истанбулската конвенција, а Законот за родова еднаквост активно промовира средина погодна за спроведување на овие политики.

Но, морам да потсетам и дека не толку одамна бевме сведоци на уназадување во овие прашања кај нас, дури и влошување на права, кои со децении претходно беа уредени во полза на жените.

Ова јасно покажува дека отпорноста е клучна. И заложбата да го зачуваме постигнатото, но и постојано да одиме напред кон целосна и ефективна еднаквост на сите нивоа.

Во таа насока, за сите земји кои се стремат кон полноправно членство во ЕУ, механизмите, но пред се лидерството на Унијата вот подобрувањое на состојбата со човековите права, е клучен механизам за забрзан напредок.

Затоа, благодарна сум за денешниот настан организиран од почитуваната потпретседателка Јоурова, што овозможи да се разговара за овие важни прашања на високо ниво. Верувам дека секој кој е дел од овој настан ќе не инспирира сите. Но, и ќе ги мотивира помладите генерации за да ги водат идните добри борби.

Сигурна сум дека за да се избориме со големите ризици и пречки со кои се соочуваат жените во јавниот живот низ цела Европа и во светот, мора да се бориме за сите жени, а особено за оние чиј глас не се слуша. И дека без оглед каква е нашата улога во јавниот живот, таа треба да вклучува застапување против сите форми на дискриминација и сите предрасуди поврзани со жените.

Затоа што за да ги пробиеме стаклените тавани, прво мора да се извлечеме од калта на стереотипите во нашите општества.

На крајот, осврнувајќи се на најголемите предизвици на нашето време, време во кое човештвото ги повторува историските грешки и страдања, би сакала да упатам апел до сите кои се дел од политичкиот живот на ЕУ и нејзините членки.На сите храбри жени и мажи кои се посветени на европската идеја и сето она што таа го носи.

Продолжете да ги штитите сите демократски придобивки преку вашите постапки насекаде, бидејќи само така се заштитени сите граѓани.

Имајте на ум дека кризата на демократијата е криза и за правата на жените.

И затоа, не смееме да дозволиме ретроградните антидемократски сили да предизвикаат назадување, внатре во ЕУ или во земјите кои се уште се во чекалната. Отпорноста на сите нивоа е задолжителна. Но, да не заборавиме дека пресудно е одлучувачкото ниво.

Ви благодарам.“