Манолева: Владата ја препознава важноста на политиките и инвестициите во благосостојбата како средство за постигнување на одржливост и инклузивен развој

Маја Манолева, заменик министерка за здравство, од 10-12 мај во Луксембург, учествува на Состанок на високо ниво во рамките на Иницијативата за мали земји, организиран од СЗО насловен како ,,Унапредување на здравјето и благосостојбата“. Во своето обраќање на Панел дискусијата, на која учествуваа и министрите за здравство на Луксембург и Исланд, како и претставник од  Европката комисија, Манолева истакна дека Владата на Република Северна Македонија се повеќе ја препознава важноста на политиките и инвестициите во благосостојбата како средство за постигнување на одржливост и инклузивен развој. Пандемијата со КОВИД-19 значително придонесе за градење на националниот консензус дека здравствениот сектор е суштински за стабилна и функционална економија.

„Во Република Северна Македонија над 90 проценти од населението е покриено со здравствено осигурување што го илустриранашиот напредок во однос на приближувањето кон универзално здравствено покривање. Сепак, свесни сме дека универзалната здравствена покриеност подразбира и пристап до квалитетни здравствени услуги на населението тогаш кога им се потребни, насекаде на територијата на државата, без дополнителни финансиски трошоци и оптеретувања. Меѓу нашите национални приоритети е да испорачаме јавни здравствени добра и политики кои создаваат услови за здрав живот за сите“, потенцираше Заменик Министерката на Панелот.