Работна средба на генералниот секретар на Владата, Димовски и државните секретари со Сајмон Џејмс, британски експерт за управување со јавните политики

Генералниот секретар на Владата, Методија Димовски и државните секретари во ресорните министерства на Република Северна Македонија, денеска остварија работна средба со Сајмон Џејмс, советник во Кабинетот на премиерот на Обединетото Кралство, експерт за реформи во државната управа и управувањето со јавните политики.

На средбата, на која се разменуваа искуствата на Обединетото Кралство во делот на координација на јавните политики, централни теми беа развојот на административните структури и системи за централна координација на политиките, дефинирањето и следењето на приоритетите на Владата и поставувањето на клучните индикатори за изведба и успех кои ќе обезбедат ефикасност во работата на институциите и испорака на резултати за граѓаните и бизнисите. 

„Со зајакнување на „Центарот на Владата“ ќе ги обезбедиме предусловите за подобро функционирање на Владата и министерствата, согласно принципите на СИГМА и очекувањата на Европската Унија во претпристапниот процес. Целта ни е да развиеме јасно дефинирани, прецизни процедури за работа во однос на планирањето и координацијата на политиките, преку унапредување на работата на Генералниот колегиум на државните секретари во министерствата како клучни чинители во процесот на стратешко планирање, креирање на политиките и следење на нивната реализација,“ истакна генералниот секретар Димовски.

Денешната средба се реализираше во рамки на проектот „Преосмислување на управувањето“, спроведуван од Центарот за управување со промени (ЦУП), во соработка со Владата на Република Северна Македонија, а со поддршка на Британската амбасада во Скопје.