Ковачевски од седиштето на ОН: Северна Македонија создаде сопствен модел за функционална мултиетничка демократија со добри дипломатски обичаи и принципиелни пријателства со народите ширум светот

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамки на работната посета на САД, учествуваше на панел организиран по повод 30 години членство на Република Северна Македонија во Обединетите нации. 

Дискусија се одржа во седиштето на ОН во Њујорк, на која се обратија и Љубомир Фрчковски, постојан претставник на Република Северна Македонија во ОН, Метју Нимиц, американски дипломат и специјален пратеник на ОН во спорот за името, Џон  Багот, полковник во пензија, командант на американскиот батаљон во УНПРЕДЕП, Мирослав Јенча, помошник генерален секретар за политички работи на ОН и Денко Малески прв министер за надворешни работи на нашата држава. Премиерот Ковачевски говореше на тема Превентивна дипломатија, посредување и политика на пријателство на Северна Македонија од раните 1990-ти досега.
 
Во продолжение интегрално ви го пренесуваме обраќањето на премиерот:

„Почитувани екселенции,

Почитувани панелисти,

Дами и господа,

Почитувани гости,

Особено задоволство ми е што можам да се обратам на овој панел организиран по повод 30 години членство на Република Северна Македонија во Обединетите нации.

Кога ја гледам масава, можам да кажам дека таа зборува сама за себе. Од мојата лева страна го имаме човекот кој беше дел од оние кои го пишуваа нашиот Устав, потоа, го имаме човекот кој беше специјален пратеник на Обединетите нации, амбасадорот Нимиц, кој беше дел од нашиот пат кон НАТО, да ги постигнеме нашите стратешки цели и секогаш бил покрај Северна Македонија, да ја постигне и втората задача, членството во ЕУ. Го имаме и првиот министер за надворешни работи и прв амбасадор во ОН, професорот Малески. И ако некој ја пишувал книгата за првите триесет години на Северна Македонија, тогаш мислам дека на масава ги имаме токму тие луѓе. 

Тука имаме и претставници на Владата, претставници на нашиот дипломатски кор од поновата генерација. Но тука ги имаме и најистакнатите претставници од невладините организации во земјата кои го водеа патот за вклучување на граѓаните во процесите изминатите триесет години. И тие имаат своја заслуга за тоа што земјата одеше напред во изминатите три децении и се подобруваше во сите сфери. Мислам дека можеме подобро и повеќе, но кога ќе погледнеме наназад три децении, можам да кажам дека постигнавме многу и го постигнавме тоа заедно. Тука имаме и генерали од војската на ОН кои беа со нас од прв ден, имаме амбасадори кои служеа во Скопје, во Белград, кои, исто така, го поддржаа нашиот пат кон модерна Република Северна Македонија, членка на НАТО и идна членка на ЕУ. Затоа, сакам да ви се заблагодарам на сите, во име на Владата, во мое лично име и во име на граѓаните за сè што направивте за земјата и за нејзините граѓани во минатото и што ќе го направите во иднина. Тука на масата се пријатели на нашата држава.

 
На самиот почеток би сакал да подвлечам дека приемот во ОН, пред 30 години, претставува посебен настан во историјата на македонскиот народ и сите граѓани кои живеат во Северна Македонија – Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми и други со кои ја споделуваме оваа прекрасна земја. Тоа е исполнување на генерациски сон – да живеат во слободна, суверена и независна држава, цврсто засидрени во светското семејство на нации.
 
Во тие историски денови јас имав само 18 години и се сеќавам на возбудата и ентузијазмот на целата нација исправена пред новата доба. Кажав и на прес-конференцијата по состанокот на Советот за безбедност, дека ми е задоволство што сум прв премиер што се обратил пред Советот за безбедност во име на мојата земја. Во тоа време бев во САД, тука учев. И бев еден од првите кои ја видоа нашата земја како дел на ОН. Јас во мај, 1993 година бев во Њујорк, а во април ние станавме земја членка на ОН. Оваа приказна е многу интересна, бидејќи јас во 1992 година дојдов во САД со југословенски пасош, а се вратив во Скопје кон крајот на 1993 и тоа тогаш беше истечен, неважечки пасош. Беше вистински предизвик да се минат сите аеродроми и граници и да се вратам во Скопје. Првата работа што ја направив беше да извадам нов, македонски пасош. Ја напуштив земјата со југословенски динари, а кога се вратив, последните долари што ги заработив во САД, ги заменив за македонски денари. Така јас лично се сеќавам на изминатите триесет години.
 
Сепак, сите наскоро станавме свесни дека мирното добивање на независност е само почеток на долг и нерамен пат за нашата земја, бидејќи ниту една друга во регионот, па би рекол и во Европа не морала да донесе тешки одлуки, да направи тешки избори, а сите тие да бидат правилни за иднината на земјата.  

Уште повеќе: самиот факт дека, за разлика од другите републики во поранешна Југославија, ние успеавме да дојдеме до нашата независност на мирен начин, што се сметаше за чудо! Со растојание од 30 години, мислам дека може да зборуваме ако не за чудо, тогаш сигурно за еден вид оригинален македонски рецепт за мир. Главните состојки на овој рецепт за мир беа мошне едноставни; некои од нив се дел од насловот на овој панел: дипломатијата, општата, но и превентивната, медијацијата и добрососедството. Додајте на тоа политичка мудрост, толеранција, култура на дијалог и подготвеност за компромис, и ете ја успешната македонска приказна.

Секако, полесно е да се каже отколку да се направи. Имаше безброј искушенија да се застрани: во некои други делови од поранешна Југославија обидите за отцепување предизвикаа сериозни националистички бранови што доведоа до екстремно насилство, масовни злодела и етничко чистење. Македонскиот пат беше сосема поразличен. Киро Глигоров, нашиот прв претседател, мудро и вешто ја водеше земјата, заедно со неговиот тим, низ сите предизвици и тешкотии, комбинирајќи ја волјата за независност на народот, јасно изразена на референдумот од 8 септември 1991 година, со трпение, мудрост и решителност да се избегнат сите замки да се влезе во маѓепсаниот круг на конфронтации и конфликти.

Тука, одлуката да се покани и да се биде домаќин на првата и единствена превентивна мисија на ОН беше од клучно значење. УНПРЕДЕП мисијата, мудар и претпазлив потег да се спречи евентуално излевање на разбеснетите војни околу нас, беше првиот и успешен чин на превентивна дипломатија направен кога било! Оддавајќи му целосна заслуга на починатиот претседател Глигоров, чест ми е што тука со нас го имаме еден од неговите главни соработници првиот и тогашен министер за надворешни работи, проф. Денко Малески и сигурен сум дека и тој ќе каже нешто на оваа тема. Ми има раскажувано како почнало сè и како биле носени одлуките. Сигурен сум дека ќе сподели и со вас дел од тоа.
 
Мирно стекнатата независност и избегнување на насилството, иако беа неверојатни достигнувања во околности на војна и конфликт кои следуваа по распадот на поранешна Југославија, беа само мал дел од сето тоа што следуваше. Долгото патување за нашето право да постоиме штотуку почнуваше. Со приклучувањето кон ОН на 8 април 1993 година, беше поставен преседан во ОН, да имаш земја која се прифаќа во Организацијата под привремена референца која потоа се користеше за државата во следните 27 години.

Под закрила на ОН и со назначувањето на двајцата медијатори на Генералниот секретар, Сајрус Ванс и Метју Нимиц, за кој ми е драго што можеше да ни се придружи денес и да учествува на овој панел, започнаа разговорите меѓу Грција и нашата земја во врска со разликите за името, а конечно беа завршени преку медијација, со потпишување на Преспанскиот договор во јуни 2018 година.

За нас тоа беше тежок и болен компромис. Сепак, со тоа, нашата земја докажа дека преку употреба на дипломатија и дијалог, разбирање и толеранција, како и со компромис, дури и најтешките прашања може да се решат, а со тоа, да се отворат нови перспективи за пријателство и соработка. Во истата насока, во текот на триесетте години членство во ОН, Северна Македонија постепено ги решава отворените прашања со соседите преку употреба на цврста и стабилна политика на добрососедство.
 
Тука морам да ги споменам и сите лидери на нашата земја кои ги донесоа овие тешки одлуки. Јас сум последниот меѓу нив, кој во овој момент ја има честа и одговорноста да ја предводи Владата и со тоа што бев дел од преговорите минатата година за започнување на пристапните преговори и скрининг процесот со ЕУ, можам да кажам дека, носењето одлуки против кои се 80% од јавното мислење креирано од хистеријата на оние кои не сакаат да ја видат државата интегрирана во НАТО и ЕУ, можам да кажам дека тоа  не е лесна одлука. 

Затоа сакам да им оддадам почит на сите лидери на нашата земја, на Киро Глигоров, на претседателот Трајковски кој го водеше Охридскиот рамковен договор, на премиерите кои во минатото ги водеа процесите на транзиција на нашата земја; морам да му оддадам почит и на поранешниот премиер Зоран Заев кој донесе храбра одлука, бидејќи тоа не беше лесна одлука. Цел живот живеете со таа одлука, но знаете дека сте направиле нешто што носи подобра иднина за следните генерации на граѓани на Северна Македонија и сте донеле одлука што ја прави земјата безбедна и во НАТО и сте го поплочиле патот кон целосна интеграција во ЕУ.
 
За нас, ова, како што кажав, беше тежок компромис. Но со тоа, земјата докажа дека преку користење дипломатија и дијалог, разбирање и толеранција, како и преку компромис, дури и најтешките прашања може да бидат разрешени и да се отворат нови перспективи за соработка и пријателство.
 
На истиот начин, во текот на овие 30 години членство во ОН, Северна Македонија постепено ги решаваше прашањата со своите соседи користејќи цврста и постојана политика на добрососедство.
 
Одржувањето на духот на добрососедство и зацврстена регионална соработка, иницијативата Отворен Балкан е само еден пример за тоа, Берлинскиот процес уште еден, останува еден од столбовите на нашата надворешна политика. Покрај тоа, Северна Македонија, е сериозен регионален чинител во градењето и одржувањето на добрососедски односи и со богатото искуство во создавањето модели за решавање на идентитетските и други конфликти, може и ќе им помогне на институциите во ОН во спроведувањето на нивната надлежност во превентивната дипломатија и спречувањето конфликти, преговарањето при конфликти и помирувањето.

Драги екселенции, драги пријатели, драги амбасадори,
 
Начелата на кои Северна Македонија ја спроведува својата надворешна политика се израз на внатрешната политика на земјата за градење и одржување мултикултурна демократија и постојана инклузивност на различноста во демократските процеси, заштита и унапредувањето на човековите права и правата на различните етнички заедници и ранливите групи. Културата на дијалог и компромиси, истовремено инсистирајќи на превенција во решавањето на сите спорови, одат рака под рака со нашата приврзаност за активниот и ефективен мултилатерализам.

Се грижиме за и придонесуваме кон зацврстувањето на безбедноста, демократијата и човековите права, на национално, регионално и глобално ниво, дефинирајќи се себеси како видлив и активен партнер во ОН. На тој пат, изминатите 3 децении, ние создававме партнерства со многу земји истомисленички. Станавме членка на НАТО. Завршувањето на интеграцијата кон ЕУ, кон која вложуваме посветени напори, ќе претставува крај на долгиот пат што започна со референдумот за независност во 1991 година и последователниот прием на нашата земја во ОН, пред 30 години. Овој пат воопшто не беше лесен. Беше пат полн со воздржаност, истрајност во поддржувањето на начелата и политиките за мир, соработка и пријателство, како и решеност да се придржуваме до нив дури и во најтешките времиња.

Ова осумнаесетгодишно момче и целата таа генерација млади Македонци  во времето кога настануваше нашата независност, денес заедно стојат зад земјата, за модерна, мирна, демократска земја, да ги поддржи начелата и вредностите што го овозможија нашето поставување како суверена и независна држава, што ја збогатија социјалната кохезија на општеството и што ни гарантираат натамошен развој и напредок во семејството на нации. Северна Македонија несомнено ќе продолжи да ја зацврстува својата позиција и ќе стане поактивен миротворен фактор во центрите на меѓународната политика, како што е Организацијата на Обединетите нации.

На крај, би сакал да се заблагодарам на Постојаната мисија на Северна Македонија во ОН и лично, на амбасадорот Љубомир Фрчкоски и неговите колеги, генералниот конзул во Њујорк, неговиот заменик и помошници во мисијата, нашиот амбасадор во Вашингтон. На сите ним сакам да им упатам благодарност, бидејќи сите тие се сениори во дипломатијата и сега служат во ОН, затоа што се клучни поединци уште од првите денови на нашата независност, како и да им се заблагодарам и што го организираа овој настан, како и на сите вам, за вашето присуство и внимание.“