Средба на премиерот Заев со учесници на конференција во организација на познатиот институт Аспен: Силна поддршка за успешен референдум, за евро-атлантска иднина на Македонија и со тоа стабилен и безбеден регион

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од Бујар Османи, заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, денеска имаше состанок со учесници на конференцијата што институтот Аспен ја организира во Скопје. Во делегацијата имаше учесници од Германија, Велика Британија и од сите земји од регионот, меѓу кои и пратеници, претставници од министерства за надворешни работи, од универзитети, невладини организации, медиуми.

На средбата е изразена голема поддршка за храбрите и лидерски чекори на премиерот Заев и на Владата, што водат кон решенија. Изразено е очекување за успешност на претстојниот референдум, со што Македонија ќе ги обезбеди своите евро-атлантски интеграции, но, како што беше нагласено и стабилноста и безбедноста на целиот регион.

Република Македонија се наоѓа во важен момент во којшто нема место за национализам и политички интереси, бидејќи е во прашање безбедноста, сигурноста и развојот на државата, но и на целиот регион, е порачано на средбата.

Премиерот Заев рече дека по 27 години, оваа Влада и генерациите на денешнината се охрабриле да прават чекори напред, низ пријателства, достоинствени одлуки, низ реформи што обезбедуваат нови инвеститори и работни места и владеење на правото, ставајќи ги државните интереси и интересите на своите деца над личните и партиските интереси.

-Силно верувам во одлучноста на граѓаните да носат правилни одлуки и дека ќе ја осигураат евро-атлантската иднина на Македонија. Очекувам успешен референдум, затоа што го гледам расположението на граѓаните на теренот кои сакаат да обезбедат добра иднина за себе и за своите деца, во родната земја. Се надевам дека и сите политички субјекти ќе се надминат себе си и ќе донесат одлуки во насока на успешност на референдумот и членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, рече премиерот Заев.

Сите учесници во дебатата на средбата изразија надеж дека во Македонија ќе се спроведе успешен референдум што ќе придонесе кон позитивни развојни процеси на целиот регион и спречувајќи неизвесна иднина и можни ризици од неа.

На средбата беа разменети мислења и за други актуелни политички прашања, во насока на стабилен, безбеден и интегриран Балкан.