Премиерот Заев за Извештајот на ЕК пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието на РМ: Да продолжиме заедно со опозицијата, со поддршка на критичното мислење на граѓанскиот сектор заедно да ги носиме одлуките за сите национални интереси

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска во Собранието на Република Македонија се обрати на седница на Националниот совет за европски интеграции, на која присуствуваа пратеници, амбасадори, претставници на дипломатскиот кор, меѓународни и граѓански организации.

На почетокот на своето обраќање, премиерот Заев поздравувајќи ги сите присутни и членовите на Националниот совет за европски интеграции, со кој претседава пратеникот Никола Поповски истакна дека поводот за средбата е „настан на кој се горди сите граѓани на Република Македонија, а тоа е чистата препорака за почеток на преговорите со Европската унија во Извештајот за напредокот на Република Македонија на Европската комисија“.

„За сите нас, за граѓаните на нашата земја, за Владата на РМ, за Собранието на нашата држава, за сите останати највисоки државни функции и поединци, оваа препорака ни стигна како потврда за постигнатото и како силен мотив за следната тешка, но достижна цел: Одлука за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, на Советот на министри во јуни и подготвени сме за тој нов чекор напред“, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев констатираше дека Македонија сега, за разлика од периодот каде се наоѓаше пред точно една година, заедно со мнозинската волја на граѓаните е застаната зад определбата за едно современо општество за сите, носејќи ја одлуката за демократска и европска држава која е решена да ја промени стагнацијата со проактивни политики кон реформи и пријателства што придвижуваат напред.

„Нашата намера е во јуни, Република Македонија да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија“, порача премиерот Заев, најавувајќи во следните два месеци, поенергично продолжување на реформските и политичките процеси. Тој посочи дека врз основа на Извештајот на Европската комисија, се утврдени следните итни реформски процеси во нов План за реформската динамика до крајот на 2018 година, за што како што рече се информирани и Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, Високата претставничка за безбедносна и надворешна и политика на Европската Унија и Потпретседателка на Европската Комисија Федерика Могерини, еврокомесарот Јоханес Хан, како и Претседателот на Европската Комисија Жан-Клод Јункер.

Премиерот Заев пред присутните потсети дека претходно, во изминатите два извештаи на Европската комисија заради длабоката политичка криза, назадувањето со реформите и констатацијата за „заробена држава“, препораката за почеток на преговорите беше суспендирана и условена, со обезбедување демократски амбиент и демократски реформи, согласно очекувањата на граѓаните, согласно договореното во Пржино и согласно препораките на групата на Прибе.

„Оваа година, препораката е чиста и безусловна. Сега ни претстојат чекорите кои треба да ги изодиме до портата на ЕУ. Никогаш не сме биле поблиску, и нема да отстапиме ни педа во овој прогрес. Сите знаеме и зошто – затоа што членството во ЕУ и во НАТО значи и подобра бизнис клима и повеќе инвестиции и повисоки плати и подобар живот“, порача премиерот Заев.

Премиерот Заев истакна дека во изминатите 10 месеци не пропуштил прилика да ја повика опозицијата да биде дел од конструктивните политики на Владата, потсетувајќи дека активното учество во институциите и во политичките процеси се создава амбиент за судир на политички аргументи и за усовршување на политиките што треба да се преземат во полза на сите граѓани на Македонија.

„Да продолжиме заедно со опозицијата, со поддршка на критичното мислење на граѓанскиот сектор да работиме и заедно да ги носиме одлуките и за сите други стратешки граѓански, државни и национални интереси. Тука мислам и на обезбедувањето широк граѓански и државен консензус во решавањето на спорот со Грција. Заеднички да се фокусираме кон достоинствени решенија за билатералните прашања“, рече премиерот Заев оценувајќи дека само така може државите-членки на ЕУ да ги убедиме дека заслужуваме почеток на преговорите за членство во Европската унија.

Учеството на опозицијата, посебно и во рамки на Националниот совет за европски интеграции, со кој раководи пратеник од опозицијата, позитивно го оцени и Бујар Османи, заменик-претседател на Владата на РМ задолжен за европски прашања.

Тој нагласи дека евроинтеграциите на Република Македонија се проект кој ја изразува апсолутната волја на граѓаните на РМ, со над 80 проценти поддршка според анкетите, но се должи и на сите политички партии, кои се посветени на процесот.

Чистата и безусловна препорака на Европската комисија до Европскиот совет позитивно ја оцени и амбасадорот на Република Бугарија во Македонија, Иван Великов Петков, кој во името на бугарското претседавање со Советот на Европската унија ја поздрави како што рече чистата и безусловна препорака на ЕК до Советот за присоединување на Македонија во европското семејство.

Бугарскиот амбасадор, го истакна посебното место кое во Извештајот го има настојувањето на Владата да ги обнови и одржува добрососедските односи, посебно односите со Бугарија кои резултираа и со заеднички Договор за соработка.

Амбасадорот Иван Великов Петков додаде дека Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој ќе биде одржан на 18 мај во Софија е одлична шанса да се разгледаат можностите за забрзување на реформските процеси на Македонија со посебна иницијатива за поддршка на прашањата за безбедноста, миграцијата, транспортната и дигиталната поврзаност и изрази убеденост дека со земјите од Западен Балкан ќе биде потврдена заедничката политичка волја за интеграција во ЕУ.

Шефот за политички односи на Канцеларијата на Европската унија во Македонија Лукас Холуб, во својот говор изрази задоволство заради промените кои како што рече ги забележува во Македонија од минатата година, а кои забележа дека се заслуга на одлучноста и волјата не само на Владата и опозицијата, туку и на граѓаните на РМ, и наброи неколку области каде треба да продолжат реформите.

Претседателот на Советот за европски интеграции Никола Попоски, кој е од редовите на опозицијата, ја нагласи потребата од применување на европските стандарди и истакна дека е потребен отворен и инклузивен дијалог, со вклучување на јавноста.