Мирчески: Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија ја отпочна постапката за продажба на мерцедесот

Службата за општи и заеднички работи при Владата на Република Македонија, со Одлуката за продажба на движна ствар, донесена на 54-та седница на Владата на Република Македонија, беше задолжена да спроведе постапка за продажба на  патничко моторно возило Mercedes-benz S 600, сопственост на Службата. Целокупната постапка се води согласно одредбите од Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост.

 

Врз основа на направената процена, од страна на Министерството за правда - Биро за судски вештачења – Скопје, проценетата вредност на возилото, што воедно ќе биде и почетна цена на јавното наддавање, изнесува 14.372.208,00 денари. 

Почнувајќи од денеска тече рокот од 10 дена, во кој сите заинтересирани домашни и странски, правни и физички лица, може да поднесат Пријава за учество на јавното наддавање. Сериозноста на понудата ја гарантираат со доставување на банкарска гаранција во износ од 2% од вкупната проценета вредност на движната ствар, односно 287.444,00 денари. Дополнително, физичките лица треба да се деловно способни, да не им е изречена правосилна пресуда за учество во злосторничка организација, корупција, измама или перење пари; и да ги имаат платено сите даноци и придонеси кон Државата. Правните лица, покрај споменатото, треба да достават и Тековна состојба, како и потврда дека не им е изречена казна за привремена или трајна забрана за вршење дејност. Целосниот текст на објавата, вклучително и потребните документи, може да се најдат во денешното издание на весниците „Нова Македонија“, „Слободен печат“ и „Коха“. 

Заинтересираните лица ќе можат да го разгледаат возилото на 7 март 2018 година (среда), во периодот од  10.00 до 15.00 часот, на адреса бул. Гоце Делчев б.б, Македонска радио телевизија во Скопје (гаража во објектот на Македонска радио телевизија). 

По истекот на рокот за доставување понуди, 12 март 2018 година, Комисијата ќе има рок од три дена за евалуација на истите. Јавното наддавање ќе се изврши на 16.03.2018 година (петок) со почеток во 10:00 часот, по пат на електронска аукција, на интернет страната      е-aukcii.finance.gov.mk. 

Понудувачот кој ќе достави најповолна понуда, во рок од 15 дена од добивање на известувањето за избор ќе треба да ја уплати целосната сума. При тоа задолжително е уплатата да биде направена преку сметка во банка во Република Македонија. Со најповолниот понудувач ќе се склучи договор за купопродажба во рок од 5 работни дена по извршената уплата на цената за моторното возило. Доколку, од која било причина, понудувачот не ја плати целосната сума, договорот за продажба нема да се склучи, а банкарската гаранција ќе биде активирана. Сите давачки кои ќе произлезат околу пренос на возилото и јавните давачки утврдени со закон, ќе паднат на товар на купувачот. 

Сите дополнителни информации, заинтересираните лица може да ги побараат на електронската адреса [email protected].