Премиерот Заев оствари средба со Сојузот на организации на жени на Македонија: Ги повикувам организациите на жените заедно и активно да работиме на унапредување на родовата еднаквост

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, денеска прими делегација на Сојузот на организации на жени на Македонија (СОЖМ) од повеќе градови од земјава, предводени од претседателката на организацијата, Савка Тодорова.
Изразувајќи благодарност, претседателката Тодорова ја поздрави ратификацијата на Истанбулската конвенција, и ги нагласи очекувањата дека Премиерот исто така ќе се заложи за имплементација и мониторинг на конвенцијата.

Премиерот Заев, велејќи дека Владата има потреба, а не само чувство за соработка со СОЖМ, потенцираше дека немањето еднаквост во општеството по однос на родовите прашања е исто како да не се искористуваат половина од човечките капацитети на државата.

- Сојузот на организации на жени е одличен пример за како треба да бидеме мотивирани, гласни и организирани.  Не само што повикувам на соработка со Сојузот на организации на жени, туку и замолувам за помош од Сојузот во решавање на родовите проблеми во нашето општество – рече премиерот Заев на средбата.

Премиерот рече дека лично ќе оствари контакт со градоначалниците на општините во земјава за поголем ангажман во насока на имплементација на Истанбулската конвенција, како и решавање на проблемот со недостаток на простории за работа на организациите членки на СОЖМ.

- Имате искуство, знаење и идеи. Сега треба заедно да ги имплементираме. Ако сме ангажирани како да го направиме општеството подобро место за сите, нема да направиме грешки – истакна премиерот Заев на средбата.

Категорија: