Министерот Бил Павлески присуствува на светскиот конгрес на списанието Automotive News и на North American International Auto Show

С О О П Ш Т Е Н И Е

Министерот за привлекување странски инвестиции, г-дин Бил Павлески, директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, г-дин Виктор Мизо и економските промотори во Чикаго и Њујорк, од 10 до 13 јануари 2012 година, присуствуваат на престижниот светски конгрес на списанието Automotive News и на North American International Auto Show, кои се одржуваат во Детроит, Соединетите Американски Држави. 

Овие настани ќе бидат искористени за контакти со поголем број претставници на американски и глобални компании од автомобилската индустрија. Учесниците на овие настани се претставници од највисок ранг на светските компании од индустријата за автомобили и автомобилски делови, како Карлос Госн, претседател на „Рено Нисан“ и Серџо Маркионе, претседател на „Фиат“ и „Крајслер“. 

Во текот на престојот во Детроит,  покрај учеството на овие настани, делегацијата ќе оствари и директни средби со повеќе компании од автомобилската индустрија во САД со кои Република Македонија е во различна фаза на разговори за конкретни инвестиции.  Во текот на 2012 година, планирано е и учество на други настани во врска со оваа индустрија, кои би требало да го подобрат и онака добриот имиџ на Македонија како локација за производство и склопување на автомобилски компоненти.