Премиерот Заев по средбата со Претседателот на Косово Тачи: Немаме отворени прашања, отвораме ново значајно поглавје во нашата соработка

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, придружуван од владина делегација во состав Крешник Бектеши, министер за економија, Горан Сугарески, министер за транспорт, Роберт Алаѓозовски, министер за култура, и Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора, во рамките на официјалната посета на Република Косово, денеска оствари средба со претседателот на оваа наша соседна земја, Хашим Тачи.

 

На средбата на двете делегации беше истакнато дека Република Македонија и Република Косово со оваа посета отвораат ново, значајно, поглавје во досегашната соработка.

Премиерот Заев и претседателот Тачи, по средбата одржаа заедничка прес-конференција, на која Претседателот на Владата на Република Македонија истакна:

Сакам на почетокот на ова наше заедничко обраќање пред вас, заедно со Претседателот на Република Косово, да нагласам дека остваривме средба како лидери на две држави што немаат отворени прашања.

Добивме силно охрабрување од претседателот Тачи да го реализираме тоа што го договоривме со премиерот Харадинај - да отвориме нови можности за натамошно унапредување и продлабочување на нашите меѓусебни односи.

Заедно ги слушнавме бизнисмените на двете земји. Со нивните сугестии се отвораат можности за нови работни места, што е особено значајно за младите.

Ќе ги вложиме сите капацитети да го олесниме бизнисот со редуцирање на граничните и царинските процедури.

Во однос на нашите заеднички евро-атлантски аспирации, констатиравме дека за време на претседавањето на Бугарија и Австрија со Советот на ЕУ, се отвораат добри перспективи за овие наши стратешки цели.

Заеднички ќе се охрабруваме и помагаме во тој процес во однос на нашите отворени прашања – Република Македонија со Грција, и Република Косово со Црна Гора.

Се согласивме заеднички да упатиме порака до граѓаните на двете земји, во Република Македонија и во Република Косово, и тие да продолжат да го негуваат и продлабочуваат пријетелството меѓу двете земји, истакна премиерот Заев на средбата со Претседателот на Република Косово Хашим Тачи со што заврши официјалната посета на оваа соседна земја на Македонија.

 

 

Категорија: 
Галерија со слики: 
<p>https://flic.kr/s/aHskpNoMVz</p>