Заев: Со сите наши граѓани ќе бидеме први сојузници и заедно ќе ги надминуваме пречките - инклузијата не подразбира сожалување, ами заедништво и сојузништво

Владата на Република Македонија денеска ги отвори вратите за лицата со попречености во развојот. По повод 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, Премиерот Зоран Заев, заедно со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска во оваа институција беа домаќини на 30-тина лица со различен вид на попреченост.

Посочувајќи дека на овој начин директно ќе ги слушнат проблемите и потребите на оваа категорија ранливи граѓани, Премиерот Заев потенцираше дека, за жал, лицата со попреченост, со години наназад, непотребно, беа на маргините.

„Сметав дека прво ние треба да бидеме пример, да ги актуелизираме прашањата кои долго беа избегнувани, како и проблемите на овие луѓе. Да ги отвориме и преиспитаме нашите разбирања и перцепции за попреченостите, и поважно, да ги согледаме можностите и да ги надминеме препреките. Да покажеме дека овие лица можат да гледаат сојузник во институциите за подобрување на нивната положба, а во исто време да разбереме дека тие се сојузник на целото наше општество. Инклузијата не подразбира сожалување, ами заедништво и сојузништво, и пред се правичен и достоинствен третман во обичниот живот“, истакна Премиерот Заев.

Во исто време, Премиерот Заев потенцираше дека само општество кое најпрво ги согледува можностите на луѓето, а не мааните, е општество кое подеднакво ги гледа сите свои граѓани.

Посочувајќи дека и овие лица имаат право на образование, на вработување, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, истакна дека надминувањето на пречките со кои се соочуваат лицата со попреченост нема да остане само декларативна заложба на Владата.>

„Во Република Македонија голем дел од луѓето со попреченост со години живеат без соодветна здравствена, социјална заштита, отфрлени од институциите.
Итно е потребно да ја прифатиме посебноста на овие лица. Попреченоста не е маана, туку различност“, потенцираше министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

При денешната посета на Владата на Република Македонија, гостите имаа можност да влезат во дел од работните простории на оваа институција. Свечената сала беше интересна за сите. Портпаролот Бошњаковски раскажа за салата, која се користи за драги и посебни гости како денешните. Најголем дел од лицата со попреченост седнаа на столчињата на кои инаку седат министри, амбасадори или професори. Во исто време, тие беа имаа можност да чујат дека во истата сала неодамна беше потпишан договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Република Македонија. Настан кој, како што посочи Премиерот Заев, предизвика најголем интерес кај медиумите.

„Би сакал следната година да организираме заеднички настан со сите вас, токму во оваа сала, а јас уште денеска си ја земам обврската да бидам присутен“, им порача Премиерот Заев на своите гости.

За нив, во холот пак на Владата беа поставени и две изложби. Првата беше Гуш и Бац, составена од илустрации инспирирани од јазикот на Ерато Кардула, девојче со аутизам. Нејзините зборови се преведени на 19 јазици. А целта е да се подигне свеста за аутизмот и вклучување на децата со оваа состојба. Втората изложба беше од фотографии на Коста Ќука, фотограф од Битола, инаку лице со Даунов синдром. Тој веќе 40 години се бори и успешно, и како што вели: „ едниот хромозом повеќе, не е пречка, туку дар и стремеж да бидам подобар од сите“.

„Секојдневно се соочуваме со многу предизвици, пристапот до институциите и натаму ни е тежок. Но верувам дека започнатата соработка со Владата ќе продолжи и на задоволство на двете страни. И не само на овој ден, туку во сите 365 дена од годината. И ние како и останатите граѓани треба да бидеме вклучени во секојдневниот живот“, посочи Елизабета Тодоровска, која инаку боледува од Параплегија.

Дека овие лица иако имаат ментална или физичка попреченост можат да им помагаат на другите, покажаа преку пакувањето на оброците. Храната од Владиниот ресторан, тие заедно со Премиерот Заев ја подготвија во околу 50 оброци, кои ќе бидат доставени до ранливи лица на кои им треба поддршка.

„Во последните 10 години ова е прв пат да бидеме примени во Владата на ваква средба. Не само што видовме што се работи овде, туку и помогнавме на други лица на кои тоа им беше потребно“ истакна Милица Трпевска, лице со оштетен вид.

„Секогаш бараме што ни е потребно, ама мора да размислуваме што можеме да дадеме. Во денешното подготвување на оброците од рачињата на дечињата, беа вткаеани емоции, чувства. Ајде сите да бидеме дел од Ретвитни оброк, за да помагаме секому на кого му треба нашата помош’, ги повика граѓаните претставникот на иницијативата Ретвитни оброк, Тони Станковски.

 

 

Категорија: 
Галерија со слики: