Заев: Владеење на правото мора да има, очекувам да се почитуваат законите и Уставот

Прво, бев на средба кај Претседателот Иванов. Се лиферуваше информација за медиумите и навистина целта на средбата беше нормализација на политичките процеси во државата, заради тоа што навистина се предизвикаа реакции од страна на граѓаните, заради тоа што имаше активности предводени од Јавното обвинителство и од судовите во Македонија, поврзани со настаните од 27-ми април. Не би сакал да ги коментирам судските одлуки или слично. Јас се посветувам на политичкиот аспект, заради тоа што сум политичар и верувам дека во Македонија секако владеење на правото мора да има. Но истовремено мораме да бидеме сите внимателни, заради перспективите на државата. Македонија е исправена пред сериозни процеси. Не очекуваат сериозни реформи. И верувам дека во тој дух апсолутно ќе можеме, преку разговор со политичките субјекти, да изнаоѓаме решенија.

Медиуми: За што се разговараше синоќа на средбата кај Претседателот?

Заев: За нормализација на политичките случувања во државата. Посебно потребата опозицијата да биде инклузивно, целосно вклучена во процесите кои што доаѓаат, а секако изразуваат свое незадоволство поради одредени политички случаеви кои што имаат своја правна импликација, изразена преку предметите кои што се водат од страна на правосудните органи.

Медиуми: И што беше заклучено на средбата?


Заев: Продолжуваме ние со средбите. Разговаравме отворено, се со конечна цел како одговорни субјекти да преку дијалог ги изнаоѓаме решенијата кои што се проблематични за било која од страните во државата.

Медиуми: Што очекувате? Бидејќи имаше и пратеници во случајот кои што вчера беа опфатени.

Заев: Јас очекувам апсолутно да се почитува Уставот, законите во Република Македонија. Да се води грижа комплетно за она што го пропишуваат правните норми во нашата земја. И ништо повеќе и ништо помалку.

Категорија: