Премиерот Заев на средба со компанијата ЗТЕ: Создадени се услови кои гарантираат стабилна и предвидлива бизнис клима за инвестирање во Република Македонија

 

Во пресрет на одржувањето на Самитот 16+1 за соработка на земјите од централна и источна Европа со Народна Република Кина, Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев придружуван од заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори, Кочо Анѓушев се сретнаа со директорот на компанијата ЗТЕ за Југоисточна Европа, Линг Жи.

На средбата се разговараше за новите смарт технологии што компанијата ЗТЕ ги лансира, за позитивните ефекти што ги генерираат над 100 градови во Кина со имплементацијата на овие иновативни смарт технологии и за идните планови за инвестиции на компанијата.
На средбата се разменија мислења за новиот концепт на смарт картичка кој што оваа компанија го изработува како иновација. Претставниците на ЗТЕ го претставија концептот на смарт картичка којашто поседува можност, покрај даночните податоци да интегрира и други податоци, како што се податоци од здравствената евиденција, но и други трансакции и податоци важни за секој граѓанин кои што ќе бидат складирани на оваа смарт картичка. Овој концепт е применлив за спроведување на мерката поврат на 15% од ДДВ за граѓаните, мерка што Владата на Република Македонија планира да ја спроведе како пилот проект во два региони од јуни наредната година.

Премиерот Заев охрабри разработка на концептот, како добра можност да се обезбеди сигурен и безбеден систем кој ќе овозможува по 15% од ДДВ да се враќаат во семејните буџети на сите граѓани на Република Македонија.

На средбата се разговараше и за економските политики и мерките од Планот за економски раст кои беа оценети како нов позитивен импулс за развој на домашната економија.

На самиот крај на средбата беше заклучено дека се создадени потребните услови кои гарантираат стабилна и предвидлива бизнис клима, што претставува значаен поттик за зголемениот интерес за инвестирање во Република Македонија.

Категорија: