Премиерот Заев и градоначалникот на Солун Бутарис: Преку соработка меѓу општините и градовите до зајакнување на довербата

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, го прими во посета градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, придружуван од неговите соработници.

Премиерот Заев на почетокот на средбата го искажа своето сочувство, како и сочувството на членовите на владата и на народот во Република Македонија за жртвите и повредените во поплавите во Грција.

- Со загриженост ги следиме информациите за тешките последици од оваа катастрофа и во овие трагични моменти сме заедно со народот на Грција – рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата на Република Македонија истакна дека секогаш се добредојдени средбите со градоначалникот на Солун, господинот Јанис Бутарис, и дека разговорите со него се секогаш пријателски и отворени, и дека придонесуваат за зближувањето на граѓаните од двете земји и интензивирање на меѓусебната комуникација во повеќе области.

Градоначалникот на Солун, господинот Бутарис од своја страна го истакна неговото задоволство од средбата и од можноста лично премиерот Заев, после средбите со министерот за надворешни работи Никола Димитров, да го запознае со иницијативите за соработка меѓу општините Солун и другите општини во тој регион, со општините во Македонија.

- Сакаме да организираме средби со повеќе градоначалници во вашата земја за да ги препознаеме и да им дадеме шанса на точките што нè поврзуваат. Соработката што ќе произлезе од овие контакти и договори ќе ја зајакне довербата меѓу народите во двете земји и ќе го поттикне решавањето на спорот за името – потенцираше градоначалникот на Солун Бутарис.

Господинот Бутарис му пренесе на премиерот Заев дека со градоначалникот на Скопје, како и на другите општини во Република Македонија ќе им понуди неколку проекти кои во голема мерка ќе го зајакнат пријателството меѓу граѓаните. Тој предложи Владата на Република Македонија да ја поддржи иницијативата за обновување на стипендијата „Борјан Таневски“, да се организира заеднички фестивал на културата меѓу културните институции во Грција и Македонија, да се иницира „вински пат“ кој ќе ги поврзе винските региони меѓу двете земји, како и да се организира фестивал на храната за афирмација на локалните специјалитети и продукти, и соработка на планот на заштитата на биодиверзитетот и природните богатства.

Премиерот Заев истакна дека конкретните иницијативи на солунскиот градоначалник се добредојдени и значајни, и нагласи дека нема сомневање дека во себе го носат и потенцијалот за зајакнување на довербата и пријателството меѓу граѓаните од Република Македонија и Република Грција.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис после средбата одржаа прес-конференција на која одговараа на повеќе прашања.

Градоначалникот на Солун, Бутарис истакна дека двете земји треба да ја разгледаат опцијата за поврзување на реките Дунав и Вардар како европски проект, и дека заедничкиот настап за оваа инцијатива пред институциите на Европската Унија, може да биде силен сигнал дека двете земји имаат изградено широк консензус за заедничките интереси на Република Македонија и Република Грција.

На конференцијарта за медиумите, премиерот Заев го истакна придонесот што оваа средба го прави во однос на вкупните напори за создавање пријателски амбиент на доверба меѓу двете земји.

- Се согласивме дека секој придонес е важен кога е во прашање креирањето на амбиент на доверба за унапредување на соработката и дијалогот меѓу Република Македонија и Република Грција – потенцираше премиерот Заев.

Тој додаде дека локалните власти, локалните политики на соработка меѓу општините во двете земји, комуникацијата меѓу регионите, особено прекуграничната соработка, се од исклучително значење за остварување на потребите на граѓаните. Така се отвораат можности за различни иницијативи на планот на бизнисот, туризмот, културата и за поквалитетен живот за граѓаните и во двете земји. Ефектите од овие можности можат да имаат значајна улога, и да дадат силен придонес, во заедничките напори за градење доверба во нашите меѓусебни односи.

- Во мое име, како премиер, и во име на Владата на Република Македонија, подготвени сме да дадеме целосна поддршка на сите позитивни и прогресивни иницијативи и проекти кои ќе произлезат од потенцијалите за договори за конкретна соработка – рече во изјавата за медиумите Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев.

На нагласениот интерес на новинарите за активностите кои можат да го забрзаат процесот на разговорите околу проблемот на Република Грција со нашето име, градоначалникот на Солун истакна дека искрено очекува неговиот град да биде наскоро место на средба меѓу двајцата премиери.

 

Категорија: 
Галерија со слики: