Премиерот Заев од годишната регионална конференција: Поттикнуваме партнерство помеѓу Вишеградската група и Западен Балкан

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев денеска учествуваше на годишната регионалната конференција: Градење капацитети и регионална соработка во процесот на Европска интеграција на Западен Балкан. Конференцијата беше во рамки на проектот: поттикнување на партнерството помеѓу Вишеград 4 и Западен Балкан и градење на капацитетите на Западен Балкан. Во своето обраќање премиерот Заев истакна:

„Почитувани присутни, министри за надворешни работи, претставници на министерствата, амбасадори на Унгарија, Чешка, Полска, Словачка, Црна Гора, Србија, Босна и Херцеговина, Косово, домаќини од Македонија, ценети гости, почитувани медиуми,

Овој настан што се одржува во Скопје, главниот град на нашата држава, Република Македонија, и којшто го поттикнува партнерството помеѓу Вишеградската група и Западен Балкан е уште една силна потврда за одлучноста и сериозноста на регионот да се интегрира во Европа.

Западен Балкан географски е дел од Европа, а нашите граѓани имаат право да ги живеат европските вредности кон коишто се во големо мнозинство ориентирани. Ние како политички раководства имаме обврска да им овозможиме да ја живеат таа припадност и она што е важно е дека: Да, овие раководства на земјите од Западен Балкан се и тоа како свесни за оваа одговорна задача што ја имаат, но и чест, истовремено, бидејќи ние, почитувани пријатели, градиме иднина!

Подготвени сме да ги градиме капацитетите на нашите држави преку регионалната соработка, што го покажавме на дело преку бројните самити и конференции од коишто произлегоа конкретни иницијативи во областа на транспортот и економијата, значајни за квалитетот на живот на граѓаните на нашите земји, но и за европските интеграции.

 

 

Со денешната конференција во Скопје, Западен Балкан прави заеднички исчекор. Поттикнуваме партнерство помеѓу Вишеградската група и Западен Балкан, со цел да ги градиме капацитетите на целиот Западен Балкан.

Свесни сме, како што е свесна и Европската унија, дека само напредок на сите држави во регионот во евро-интеграциските процеси, може да придонесе кон целосна европска интеграција, а тоа е најсоодветното решение за развојот, безбедноста и стабилноста и на нашите држави и на Европа во целост.   

Во нашата држава, реформите согласно Планот 3-6-9 се главната одредница по којашто почна трансформацијата на институциите, на политиките и на општеството и ќе се движиме и во наредната, за нас клучна, 2018 година, кога очекуваме придвижувања и на планот на евро-атлантските интеграции.

Клучните области согласно Планот 3-6-9 се реформи во судството, реформи во разузнавачките служби, јавната администрација, медиумите и граѓанското општество, како и зајакнување на Собранието и на независните регулаторни тела. Ова се областите што ги лоциравме како најгорливи, но најзначајни уште во текот на политичката криза и преговорите од Пржино. Овие области беа назначени како клучни и во двата извештаја на експертската група на Рајнхард Прибе. Тие извештаи беа од голема помош за фокусирањето на Владата кон областите што бараат итни интервенции за развој на демократските процеси во државата, за пофункционален систем, за професионални институции, коишто ја имаат довербата на граѓаните и коишто им служат на граѓаните.

Во наредните месеци, до крајот на јануари, ќе следува уште поинтензивна реформска агенда којашто ќе го исполни Планот 3-6-9 во најголем дел. Тоа се крупни чекори во реформата на судството, демократски модел за разузнавачките служби и чекори кон стручна и ефикасна јавна администрација.

Ако го исполниме нашиот дел од работата и покажеме резултати, со право ќе очекуваме признание од европските партнери. Со огромно внимание ги чекаме Стратегијата за проширување на ЕУ, Извештајот на Европската комисија за Македонија, како и Самитот ЕУ - Западен Балкан за време на бугарското претседателство.

Република Македонија, по завршениот прв круг на тешки реформи ќе очекува чиста, безусловна, препорака за почеток на преговорите со ЕУ, но и фактички почеток на преговорите со ЕУ, до крајот на 2018 година.

За таа цел работиме и на подобрување на односите со соседите. Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија е пример за нашата искрена намера. Го започнавме процесот и за отворање на патот за соработка со Република Грција и со другите наши соседи и земји од регионот. Воспоставивме редовна и активна соработка со пријателите на Македонија, државите од Европската унија и од НАТО.

Почитувани пријатели,

Искуството на Вишеградската група е драгоцено и за Република Македонија, и за регионот. Многу често се прават паралели меѓу Вишеградската група и Западен Балкан, како искуство на групи држави коишто заедно чекорат кон ЕУ.

Конвенцијата за европска интеграција е позитивен модел што многу ќе помогне кога Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ, а регионалната координација само ќе ги појача ефикасноста и резултатите од преговорите.

Конвенцијата за европска интеграција е добар модел за соработка на Владата и на граѓанското општество, за изградба на механизми за соработка со граѓанскиот сектор, во функција на ЕУ интеграциите. Владата на Република Македонија го вклучи граѓанското општество во процесите на реформи, но сметаме дека таа соработка ќе биде важна и во процесот за преговори со ЕУ, со цел целото општество да преземе одговорност и да учествува во подобрувањето на квалитетот на живот во земјата.  

Владата на Република Македонија отвори инклузивни политики во државата, очекуваме и опозицијата да одговори на својот дел од обврската и да придонесе во развојот на државата. Отворивме блиски пријателски односи со соседите и со светот. Активна и движечка улога презедовме како држава и во регионалната соработка, што го покажува и оваа Конференција во Скопје. Силно верувам дека доаѓаат добри времиња и за Република Македонија и за регионот.

Само низ партнерства можеме да градиме мостови, што се единствена алтернатива на бариерите. Граѓаните на нашите држави заслужуваат слободно да се движат, да ги уживаат економските, демократските, културните, цивилизациските придобивки како современиот свет, да разменуваат искуства, да придонесуваат во развојот на Европската унија и на светот, да имаат отворени перспективи и тие да отвораат перспективи.

Ние, како избрани претставници на нашите граѓани, имаме обврска да водиме на овие патишта, да ги решаваме прашањата, а не да наоѓаме изговори.

Тој потенцијал го препозна ЕУ во нас како политички раководства, ова се моменти кога регионот, градејќи ги сопствените капацитети, гради иднина за своите деца, за сегашните и за идните генерации.

Благодарам почитувани учесници на Конференцијата и почитувани гости, за присуството и за желбата, заедно да градиме држави, регион, Европска унија, свет, на среќни луѓе.

Посакувам успешна Конференција на сите од којашто ќе излеземе за уште едно искуство побогати и уште еден чекор понапред на нашиот европски пат.    

 

Категорија: 
Галерија со слики: