Груевски: Продолжуваме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура

Премиерот Никола Груевски денеска ги пушти во употреба локалните патни правци Брвеница-Долно Седларце, Брвеница-Челопек и Јегуновце-Ратае.

Ова, како што рече во обраќањето пред собраните жители на селата, е реализирање на уште едно од владините ветувања.

Вкупната вредност на трите патни правци, кои се од големо значење за жителите на Долно Седларце, Брвеница, Челопек, Јегуновце, Ратае и другите околни села во Полошко, е 16 милиони денари. Дополнително е завршена и целосната санација на мостот во село Сиричино, во вредност од 13 милиони денари. 

- Во периодот што следи, ќе продолжиме да инвестираме во подобрување на патната инфраструктура во Полог. Вложени ќе бидат преку два милиона евра за реконструкција и надградба на околу 20 километри патишта меѓу кои и надградбата на коловозот на регионалниот пат Тетово-Попова Шапка кој оваа година го реконструиравме во должина од еден километар, а таквата реконструкција ќе продолжи и во наредните две години, истакна премиерот Груевски.

Минатиот месец, додаде, е склучен договор за реконструкција на регионалниот пат Тетово-Брвеница-Чегране-Гостивар. Градежните работи се очекува да почнат наредните денови и да траат девет месеци. Инвестицијата во реконструкција на овој пат изнесува 1,78 милиони евра.

- Во наредниот период ќе продолжиме да инвестираме и во реконструкција на патот Тетово-Пирок-Гостивар. Минатата и оваа година е реконструиран дел од патот во должина од 4,2 километри, а во наредните две години ќе се реконструира и преостанатиот дел, информира Груевски.

Според него, во делот на патната инфраструктура во полошкиот регион изминатите три години се изградени, реконструирани и модернизирани над 90 километри локални и регионални патишта за што се инвестирани повеќе од 11 милиони евра. Само во Тетово лани се вложени 4,5 милиони евра за реконструкција и модернизација на 30 километри локални и регионални патишта.

- Патот Брвеница-Челопек беше еден од најоштетените во овој регион. Ветивме дека ќе преземеме нешто околу негова санација и ветувањето е исполнето. Еден дел од патот е направен и жителите веќе може да ја осетат разликата. Возењето е посигурно, нема оштетување на возилата и патувањето е побрзо. Во наредниот период ќе изнајдеме начин да го санираме и останатиот дел од овој пат, подвлече премиерот.

Груевски потенцира и дека Владата ќе продолжи со санирање на штетите од поплавите во Полошко. Во оваа насока, рече, вчера се донесени конкретни мерки за поддршка.

Изразувајќи благодарност за локалниот пат Брвеница – Долно Седларце, градоначалникот Енвер Бајазити подвлече дека сето ова се прави со помош на централната власт, со единствена цел - да се подобрат условите во општината.

На пуштањето во употреба на патиштата присуствуваа и министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, како и директорот на Агенцијата за државни патишта Александар Стојанов.

Претходно, премиерот Груевски во придружба на Мисајловски, како и на вицепремиерот Владимир Пешевски и министерот за одбрана Зоран Јолевски ги посети селата Шипковица и Мала Речица кои претрпеа најголеми штети од поплавите.

Груевски информираше за вчера донесените владини мерки за поддршка на населението и за претстојните активности за целосно санирање на последиците.

Во Мала Речица жителите изразија задоволство од досегашните активности на надлежните институции и стручните тимови. Груевски во разговорите со нив оцени дека засега има доволно механизација, а ќе се обезбеди и дополнително доколку е потребно.

Пешевски и Јолевски од Мала Речица заминаа за Доброште во обиколка на теренот и разгледување на состојбите.

Премиерот Груевски, пак, замина за населеното место Требош каде ќе го посети објектот „Везе Шари“.