Седници на Влада

Дневни редови, соопштенија и одлуки од седниците на Владата на Република Македонија.

На денешната, 104 седница, Владата на Република Македонија го разгледа и усвои Предлог-моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, со план за негово воспоставување. На седницата Владата на РМ го задолжи Министерството за внатрешни работи во соработка со надлежните органи на државната управа и други институции да ги координира сите активности кои произлегуваат од реформата на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија.

На оваа седница, Владата го усвои Предлог-законот за данокот на личен доход како дел од даночната реформа за воведување на праведен данок и пензиската реформа за обезбедување на стабилен пензиски систем, со одлука Предлог-законот да биде испратен на усвојување во Собранието на РМ.

Владата денеска одобри Министерството за правда да го достави Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за судовите до Венецијанската комисија од која се очекува да даде мислење за предложените измени и дополнувања.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за изградба на Дом на спортови, и го задолжи Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и деловен простор од значење за Републиката, во заедничка корелација со Агенцијата за млади и спорт, да обезбеди координација и административна поддршка за целосна реализација на предметниот проект и да ја информира Влада на Република Македонија за реализација на проектот во рок од шест месеци.

На предлог на Министерството за транспорт и врски, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од спроведување на повеќегодишна јавна набавка за избор на независка ревизорска куќа, за потребите на проектот „Рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на коридор VIII, фаза 1 - делница Куманово - Бељаковце“, финансиран по пат на заем од Европската банка за обнова и развој, како и Информацијата за потреба од доставување на Апликација за инвестициски грант за изградба на заеднички железнички граничен премин со придружни содржини „Табановце“ помеѓу Република Македонија и Република Србија.

На денешната седница министрите во Владата на РМ ја разгледаа и усвоија Информацијата за давање одобрение на Министерството за здравство за започнување на постапка за доделување на повеќегодишен договор за јавна набавка за оформување на хибридна мултифункционална операциона сала со изведување на потребните градежни работи и набавка на потребната медицинска опрема за потребите на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврохирургија, Скопје.

На оваа своја седница, Владата донесе негативно мислење за Предлог-законот за амнестија на лицата осомничени, обвинети и осудени за собраниските настани од 27 Април 2017 година, кој беше доставен од група пратеници во Собрание на Република Македонија.

На предлог на Агенција за промоција и поддршка на туризмот Владата ја разгледа Информацијата за основање на туристичка развојна зона-Матка, општина Сарај, и го задолжи Министерството за економија во рок од седум дена да организира состанок со Министерството за транспорт и врски, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Општина Сарај и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот со цел да се интензивира постапката за основање на туристичка развојна зона во општина Сарај.

На денешната седница Владата на РМ ги зголеми средствата за поддршка на трошоците за купување печки на пелети во домаќинствата од 14.000.000, на 21.000.000 денари, и го задолжи Министеството за економија да објави втор Јавен оглас каде право на аплицирање ќе имаaт сите домаќинства кои купувале печки на пелети во периодот од 1 септември до 12 декември 2018 година.

Владата денеска ја разгледа и усвои Информацијата за статусот и активностите за проектот „Western Balkans Trade and Transport facilitation” предложен од Светска Банка, кој се состои од серија посебни, главно инфраструктурни царински проекти за економска интеграција на земјите од регионот.

Владата на Република Македонија на денешната седница ја задолжи Македонската банка за поддршка на развојот да склучи договор за кредит со Друштвото за производство, трговија и услуги ЈУГОХРОМ АЛЗАР ДООЕЛ увоз-извоз Јегуновце од кредитната линија од Посебниот кредитен фонд (ПКФ) на износ од 92.242.500 денари за изградба на филтерска постројка за заштита од загадување, со што ќе се овозможи фабриката да продолжи да работи и да се ангажираат вработените.

Владата на Република Македонија на својата 103 седница го усвои Предлог-буџетот на Република Македонија за 2019 година, кој ќе биде доставен на усвојување до Собранието на РМ.

Вкупните приходи и расходи во Предлог-буџетот се во рамките на предвидените параметри на Министерството за финансии, и резултираат со намалување на буџетскиот дефицит на ниво од 2,5% од БДП.

Планираниот дефицит е во согласност со Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021 и ја потврдува планираната фискалната консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за инфраструктурни проекти и поддршка на домашната економија, за зајакнување на социјалната праведност и сигурност, и за забрзување на евро-атлантските интеграциски процеси.

На седницата на Владата е усвоен и Предлог-закон за извршување на Буџетот на Република Македонија за 2019 година.

Како предточка на денешната седница, Владата на РМ беше разгледан и усвоен предлог за план и мерки за утврдување Програма за намалување на аерозагадувањето со одлука за измени и дополнување на Одлуката на Владата на РМ за утврдување на стратешките приоритети за 2019 година, со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година.

За остварување на мерките од оваа програма, Владата го задолжи Министерството за финансии да ја вклопи Програма за намалување на аерозагадувањето во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.

На денешната седница на Владата на Република Македонија беше разгледан и усвоен предлог за план и мерки за утврдување Програма за намалување на аерозагадувањето во Република Македонија.

Соодветно на тоа, на денешната седница е донесена одлука за измени и дополнување на Одлуката на Владата на РМ за утврдување на стратешките приоритети за 2019 година, со која намалувањето на аерозагадувањето се утврдува како стратешки приоритет за идната година.

Како една од одлуките на денешната седница, Владата го  задолжи Министерството за финансии да ја вклопи Програма за намалување на аерозагадувањето во предлогот за Буџетот на Република Македонија за 2019 година.

Како првични средства за оваа намена во Буџетот за 2019 година се предвидени 98 милиони денари, со препорака за обезбедување дополнителни финансиски средства за оваа програма да се искористат постоечките потенцијали од донаторската заедница.

На својата редовна, 102-ра седница Владата го усвои предлог-законот за изменување и дополнување на законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити. Целта на предлог-законот е да се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити. Со тоа, корисниците на кредити нема да плаќаат прекумерни трошоци и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на корисниците на кредит коишто имаат проблеми со отплата на истиот.

Владата денеска ги усвои стандардните оперативни процедури за постапување со жртви на трговија со луѓе. Тие уредуваат постапки, процедури и начини на обезбедување, помош и заштита на сите жртви на трговија со луѓе, без разлика дали се домашни или странски државјани со легален или илегален влез во државата, преку сеопфатен приод заснован на човекови права и насочен кон жртвата во форма на институционализирани рамки на соработка. Стандардните оперативни процедури треба да овозможат координирано постапување и партнерство на сите вклучени страни во борбата против трговијата со луѓе на локално, национално и меѓународно ниво, заради заштита на човековите права на жртвите, подобрување на идентификацијата на жртвите на трговија со луѓе, како и да дадат насоки за пружање помош и заштита на жртвите на трговија со луѓе во согласност со нивните човековите права.

Согласно последниот извештај на Светска банка „Doing Business 2019“, којшто беше усвоен на владината седница, Македонија го подобрила својот ранг за едно место и се наоѓа на 10-то место меѓу 190 држави во светот. Македонија и годинава е лидер во регионот и четврта земја во Европа според условите за водење на бизнис. Оваа година од вкупно 10 индикатори, Светска банка во својот извештај утврдила подобрување кај два индикатори: добивање на градежни дозволи и регистрирање на имот. Кај два индикатори, пристап до кредити и решавање на несолвентност, нема промена во рангот, додека влошување има кај 6 индикатори, односно: започнување на бизнис, пристап до електрична енергија, заштита на малцински инвеститори, плаќање даноци, прекугранично тргување и спроведување на договори.

На денешната седница беше усвоена информацијата за преземени активности за развој на работната сила во Република Македонија. Притоа Владата на Република Македонија го задолжи Министерството за труд и социјална политика во рок од една седмица да достави барање за номинации на претставници од Кабинетот на вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фондот за иновации и технолошки развој, Агенцијата за вработување на Република Македонија, министерство за образование и наука стопанските комори и бизнис асоцијации од различни дејности и од меѓународните партнери, (УСАИД, УНДП и Швајцарската агенција за развој и соработка - SDC, за формирање на работна група за изработка на Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2019 година, како и за формирање на координативно тело кое ќе биде надлежно за координација и следење на спроведување на кампањата за промоција на професии на младите.

Министрите денеска ја усвоија информацијата за номинирање членови во Советот за јавно приватно партнерство. До министерството за економија, во рок од три дена свои претставници треба да номинираат неколку министерства, односно министерствата за финансии, транспорт и врски, здравство, образование и наука, земјоделство, шумарство и водостопанство, животна средина и просторно планирање, култура, како и кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори. Претставници во Советот за јавно приватно партнерство им се препорачува да предложат и Бирото за јавни набавки, ЗЕЛС, Стопанска комора на Северо - Западна Македонија, Стопанска комора на Македонија и на Сојузот на стопански комори.

Владата на 102-рата седница го усвои извештајот за извршени преговори, како и усогласениот текст на Протоколот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Чешка Република за спроведување на Спогодбата за преземање на лица со незаконски престој. Протоколот, во име на Владата на Република Македонија ќе го потпише министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски. 
 

Владата на Република Македонија на 101-вата седница иницираше измени на Законот за здравствена заштита и благосостојба на животните. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е задолжено заедно со Агенцијата за храна и ветеринарство, со ЗЕЛС, како и во соработка со граѓанските организации за правата на животните, во најкус период да подготви законски измени за да се надмине проблемот со бездомните кучиња. 

На денешната седница беше прифатена информацијата за доставен предлог меморандум за реализација на заеднички интегрирана интервенција во пограничниот регион помеѓу Република Грција и Република Македонија, односно за отворање на граничниот премин „Маркова нога“. Владата на Република Македонија го овласти министерот за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, пред претстојната средба на Заедничкиот комитет за следење на програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција да реализира средба со членовите на комитетот со цел да ги запознае со позицијата на Владата на Република Македонија по предложениот предлог меморандум. 

Отворањето на граничниот премин на територијата на населено место Лемос на територија на Република Грција, општина Преспа, се смета за значителна интервенција во насока на јакнење на врските меѓу двете земји, како и интервенција со сериозна развојна карактеристика која ќе донесе повеќекратни придобивки за животната средина, развој во областа на социјалата и економијата на заедничкиот пограничен регион, односно Охрид, Ресен, Кастори и Флорина. Со отворањето на граничниот премин со сите останати пропратни и неопходни проекти, односно патна поврзаност, објект на граничните служби, развој на резиденцијалниот дел на населеното место Лемос и мулти функционалниот регионален здравствен центар во општина Преспа, ќе се постигне регионален развој и создавање на компактна транс - национална развојна зона.

Министрите на седницата ја усвоија информацијата за потребата од отпочнување постапка за водење преговори за склучување на договор помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички граничен премин за меѓународен патен сообраќај Табановце, Република Македонија и Прешево, Република Србија. Преговорите ќе ги води работна група и истата е задолжена во рок од 30 дена да ја информира Владата на Република Македонија за водените преговори при конципирањето на нацрт текстот на договорот помеѓу двете влади за воспоставување заеднички граничен премин, или one-stop-shop. 

Денеска, исто така, Владата го утврди составот на 9-члената ад-хок координативна група за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализмот. Координатор на оваа група е Рубин Земон, посебен советник на Претседателот на Владата на Република Македонија, за развој на мултикултурното општество, интеркултурализмот и интер-културните комуникации. Претседател на координативната група е министерката за правда, Рената Дескоска, а нејзин заменик, министерот за култура, Асаф Адеми. Во координативната група за развој на концептот Едно општество и интеркултурализмот членуваат Аксел Ахмедовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, Петар Атанасов, заменик министер за образование, Илхан Рахман, директор на Агенција за остварување на правата на заедниците, Дарјан Сотировски, директор на Комисија за односи со верските заедници и религиозните групи, Јована Тренчевска државен секретар во министерството за труд и социјална политика, како и Фатон Ахмети, државен секретар за спроведување на Охридскиот Рамковен договор.  

Дел од одлуките на 101-вата седница е информација за отворени податоци, предложена од Министерството за информатичко општество и администрација. Отворените податоци се податоци достапни во компјутерски обработлив формат коишто можат да се користат слободно, да се споделуваат, да се редистрибуираат и да се реискористуваат од секого и секаде, за секоја цел. Согласно информацијата секоја институција, податоците кои ги произведува треба да ги стави на располагање на јавноста и да ги користи секој што има потреба од тоа.  

На владината седница беше усвоена информацијата во врска со иницијатива за воспоставување на Заеднички економски Управен комитет помеѓу Република Македонија и Сојузна Република Германија. Постојан претседавач на комитетот ќе биде д-р Кочо Анѓушев, Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања и координација на економски ресори, додека министерот за економија Крешник Бектеши ќе биде постојан ко-претседавач. Во исто време на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на Стопански Комори, Комора на Северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), им се препорачува во рок од 5 дена до Кабинетот на Заменик претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања да достават предлог за постојан ко- претседавач на Заедничкиот економски Управен комитет. Свои претставници во комитетот треба да номинираат и министерствата за надворешни работи и за финансии. 

Владата на Република Македонија, на својата редовна 101-ва седница ја усвои информацијата за набавка, користење и одржување на монтажни лизгалишта во Република Македонија. Агенцијата за млади и спорт е задолжена да обезбеди 5 монтажни лизгалишта и согласно Законот за јавни набавки да спроведе постапка за јавна набавка за истите, како и да подготви интерен акт во врска со условите, користење и одржување на монтажните лизгалишта од страна на корисниците.
 

На денешната 100-та седница на Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за финансии, ги разгледа и усвои амандманите на ребалансот на Буџетот за 2018 година предложени на комисиската расправа во Собранието на Република Македонија.

Осумте амандмани на седницата на Владата на РМ се прифатени како дополнување на Предлогот за Изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2018 година, и новиот, интегрален текст на предлогот за ребаланс на Буџетот ќе биде проследен на усвојување на пленарна седница во Собранието на Република Македонија.

Владата на Република Македонија на својата денешна, редовна 99-та седница, го утврди текстот на Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија, и донесе заклучок да го достави до Собранието на Република Македонија.

Во духот на трајната определба за транспарентност, до документот со утврдениот текст на Нацрт-амандманите на Уставот на Република Македонија, граѓаните и стручната јавност можат да пристапат преку следниот линк: https://vlada.mk/nacrt-amandmani

На оваа седница, Владата на Република Македонија ја разгледа и ја усвои Информацијата за потребата од донесување на Закон за изменување и за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци - Штип и патна делница Кичево - Охрид, заради склучување на Анекс бр.3 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево - Охрид, помеѓу Јавното претпријатие за државни патишта и компанијата Синохидро.

Во врска со оваа точка Владата на РМ донесе и повеќе други заклучоци кои се однесуваат на надлежностите, обврските и динамиката на активностите за сите засегнати страни опфатени со новопредложениот анекс.

На предлог на Министерство за правда, на денешната седница беше разгледан и Предлогот на закон за спречување на корупција и судир на интереси.

На предлог на Министерството за здравство, на денешната седница е донесена одлука до Собранието на РМ да биде доставен Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, во кој, меѓу другото, се укинува принципот по плаќање по учинок на здравствените работници и основната плата и делот за успешност ќе се утврдува согласно колективниот договор, како создавање на услови за обезбедување здравствени работници во јавните здравствени установи преку преземање од приватните здравствени установи.

Владата на Република Македонија на денешната седница, на предлог на Секретаријатот за европски прашања, ја прифати одлуката да ги задолжи сите министерства во Владата до 2 ноември да ги достават пополнетите прашалници како содржина за редовниот извештај за напредокот на земјата што секоја година го изготвува Европската Комисија на ЕУ.
 
На денешната седница Владата на Република Македонија донесе одлука да ја поздрави одлуката на Европската Унија да ѝ додели дополнителни финансиски средства во износ од 8.042.982 евра за секторите транспорт и животна средина и климатски промени, како награда за добра изведба на реформските процеси во процесот на европските интеграции.

Владата го разгледа и усвои Извештајот од одржаните пристапни разговори за членство на Република Македонија во НАТО, одржани на 18 и 19 октомври 2018 година, во седиштето на Алијансата во Брисел.

Во согласност со планот за пристапување на Република Македонија во НАТО, следниот чекор по завршувањето на состанокот на ниво на заменици шефови на Мисии на земјите членки, во формат 29+1, треба да биде потпишувањето на Протоколот за пристапување, по што ќе почне процесот на неговата ратификација од страна на членките на НАТО.

На предлог на Министерството за транспорт и врски Владата денеска го донесе новиот текст на Уредбата за изменување на Уредбата за висината на цената на градежното земјиште сопственост на Република Македонија и висината на посебните трошоци за спроведување на постапките за отуѓување, давање под закуп и засновање на право на стварна службеност.

Со новата уредба висината на трошоците ќе изнесува 10% од вредноста на банкарската гаранција за сериозност на понудата, но не повеќе од 15000,00 денари.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од фазно финансирање и реализирање на изградбата и инсталацијата на електронскиот систем за наплата на патарини во Република Македонија. 

На денешната, 98  седница на Владата на РМ, беше разгледана и усвоена Информацијата за обезбедување на финансиски средства за подготовка на тендерска документација за издавање на управувањето со комунален отпад во Југозападен, Пелагониски, Вардарски и Југоисточен плански регион под концесии.
 
Во рамките на оваа точка, Владата го задолжи Министерството за животна средина и просторно планирање да ја продолжи постапката за информирање на општините Росоман и Дебарца за позитивните ефекти од изградба на регионалните центри на нивната територија, до конечно потпишување на Одлуките од страна на Советите на овие општини.

На седницата одржана денеска, Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за Акцискиот план за Регионална економска област и за формирање на Координативно тело за градење и спроведување на Регионалната економска област во Западен Балкан. 

Како дел од реформите во јавната администрација, не денешната седница Владата на РМ го прифати најновиот текст на Акцискиот план за реорганизација/оптимизација на органите на државната управа, со цел воспоставување на развиена кохерентна институционална поставеност на органите на државната управа, агенциите и инспекциските служби од централната власт со предлог акциски план, и го задолжи Министерството за информатичко општество и администрација во рок од еден месец по усвојувањето на Информацијата да формира меѓуресорска работна група од раководни административни службеници која ќе го координира процесот на реализација на Акцискиот плани на секои три месеци да ја информира Владата за прогресот на активностите.

На оваа своја седница го усвои најновиот текст на Предлог-законот за дополнување на Законот за ученичкиот стандард, и донесе одлука, согласно член 137 од Деловникот на Собранието, да го достави до Собранието на Република Македонија.

Со предложените измени во Законот за ученичкиот стандард се дава можност Министерството за образование и наука да додели средства на јавните ученички домови, односно на јавните средни училишта во чиј состав има ученички дом, за трошоци за тековно работење во однос на режии за греење, електрична енергија, потрошена вода и слично, за потребите на ученичкиот дом, доколку настанат непредвидливи ситуации кои ги зголемиле трошоците, а не можеле да се предвидат и планираат во нивните буџети.

На денешната седница, Владата на РМ ја разгледа информацијата за потребата за основање на нова Национална установа „Гостиварски театар“ - Гостивар, и донесе одлука за нејзино основање, имајќи го предвид мислењето на Министерството за финансии, како и оправданоста за основање на нова национална установа.

Владата на Република Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за потребата од изнаоѓање Решение за стопанисување и управување со Комплексот Македонско село во Нерези-Скопје, и донесе одлука за формирање работна група за разгледување на сите аспекти на новонастанатата фактичка состојба, која ќе треба, врз основа на анализата на сите законски решенија, да предложи постапката со која ќе се обезбеди продолжување на стопанисувањето и управувањето со комплексот Македонско село.

Владата на Република Македонија, на денешната седница, донесе одлука за формирање на Комисија за пренос на техничките уреди за следење на комуникации и на техничката документација од Министерството за внатрешни работи - Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција (ОТА).

Комисијата, составена од претставници од МВР, од ОТА, од Врховниот суд, од Јавното обвинителство, од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, како и од Комисијата за надзор над спроведувањето на посебната истражна мерка следење на комуникациите, има за задача да ја утврди фактичката состојба на техничките уреди за следење на комуникации, како и на техничката документација, кои се пренесуваат од Министерството за внатрешни работи - Управа за безбедност и контраразузнавање во Оперативно-техничката агенција, да изврши попис на сите активни мерки за следење на комуникациите, како и да состави записник за извршената задача. 

Формирањето на оваа Комисија е во функција на обезбедување гаранции за соодветна имплементација на законски решенија од кои произлегуваат и обврските Владата на РМ да ги овозможи сите услови за старт на работата на Оперативно-техничка агенција, до денот на започнување на примената на наведениот закон, односно до 1 ноември оваа година.

На редовната 96-та седница, Владата на Република Македонија ги усвои Предлог-законот за финансиска поддршка на единиците на локална самоуправа (ЕЛС) и единки корисници основани од единиците на локална самоуправа за финансирање на доспеани, а неплатени обврски, како и Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа. 

Со првиот закон се уредува финансиската поддршка за единиците на локалната самоуправа и единки корисници основани од единиците на локалната самоуправа од областа на образованието, културата, детската и социјалната заштита за финансирање на доспеани, а неплатени обврски. На овој начин ќе се подмират 51% од вкупниот пријавен износ заклучно со месец септември 2018 година, а за оваа намена со ребалансот на буџетот на Република Македонија се обезбедени 3.032.383.086 денари.

Со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа се врши измена со која се ограничува планирањето на сопствените приходи на основниот буџет на општината. Општините сопствените приходи ќе може да ги планираат до најмногу 10% од просечните приходи во последните 3 години. Доколку буџетот на општината не е изготвен во согласност со овие измени истиот нема да биде впишан во трезорот на Министерство за финансии. Дополнително, измените на законот за финансирање на ЕЛС предвидуваат зголемување на транспарентноста - општините на своите интернет страници ќе мора да објавуваат кому исплатиле и колку пари потрошиле. 

Денеска, министрите ја прифатија информацијата за текот и прогресот за отворање на центрите за ран детски развој во соработка со УНИЦЕФ во Република Македонија. Во периодот од 2014 до 2016 година се отворени 29 вакви центри во 15 општини. Од нив, 4 се јавни установи за деца - центри за ран детски развој, а 25 се во состав на установите за деца - детски градинки. Досега се опфатени вкупно 1345 деца. Дополнително, според повикот на Канцеларијата на УНИЦЕФ во февруари 2017 година, девет нови општини во Република Македонија ќе бидат поддржани од УНИЦЕФ за отворање на центри за ран детски развој, односно: Радовиш, Струга, Кривогаштани, Виница, Гостивар, Охрид, Кочани, Тетово и Куманово. 

Центрите за ран детски развој спроведуваат програма за ранo учење и развој на деца од предучилишна возраст од три до шест години, во локалните заедници каде што нема установи за предучилишно згрижување на деца, а пред се во руралните и маргинализираните средини

На денешната седница, Владата ја прифати и Предлог-програмата за дополнување на програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2018 година. Дополнувањето на програмата предвидува набавка, испорака и монтажа на опрема за детска градинка во општината Карпош, како и за два објекти за детска градинка во општина Кавадарци. 

Воведување на функцијата заменик директор на Агенцијата за лекови и медицински помагала - МАЛМЕД, предвидуваа Предлог-законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, којшто денеска го усвои Владата. Оваа потреба произлегува од обемноста на овластувањата на директорот и потребата од постојана присутност. За спроведување на законот, односно за обезбедување плата и други надоместоци за заменик на директорот, годишно ќе бидат потребни 802.000 денари.

Како материјал за информирање, Владата ја разгледа информација за претставување на книжевното творештво на авторите од Република Македонија на меѓународните саеми за книга. Согласно Националната стратегија за развој на културата во Република Македонија за периодот од 2018 до 2022 година, која предвидува мерки за унапредување на литературната и издавачката дејност на национално и на меѓународно ниво, министерството за култура е организатор на претставувањето на нашата земја на неколку меѓународни саеми на книгата во светот. Во таа насока, авторите од Република Македонија и нивното творештво, оваа година ќе бидат претставени на саемите во Франкфурт, Тирана и на саемот во Пула. 

Меѓу одлуките на денешната владина седница е и информацијата за иницијативата за потпишување на Меморандум за соработка за воспоставување на Меѓународен институт за обновливи технологии во Југоисточна Европа, како и текстот на овој меморандум. Притоа, Владата го овласти Заменик на Претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за координација на економските ресори, Кочо Анѓушев да го потпише Меморандумот за соработка за воспоставување на Меѓународен институт за обновливи технологии во Југоисточна Европа.