Министерството за здравство известува дека денеска до 13 часот, на Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 7 (седум) деца на возраст од 2 години. Сите деца се од населбата Ново Лисиче од Скопје, и ја посетувале детската градинка „Сонце“. За сите нови седум пријавени случаи се чека лабораториска потврда. Инаку, досега се заболени вкупно 8 деца од оваа градинка, сите невакцинирани со МРП вакцината. Инаку, во групата имало 28 деца сите невакцинирани. 

Од 16 декември до денеска (10 јануари) вкупно 22 лица биле хоспитализирани на Инфективната клиника во Скопје. Од нив, 13 лица се уште се хоспитализирани, а 9 се веќе пуштени на домашно лекување. Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци , а најстариот има 33 години од Скопје. 

Најмногу заболени има во населбата Ново Лисиче (општина Аеродром) - вкупно 9 деца.

Инаку, од вкупниот број заболени, 8 пациенти од Скопје биле со полесна клиничка слика и се на домашно лекување. 

Според податоците од Клиниката за инфективнби болести и фебрилни состојби, досега се прегледани околу 30 пациенти за кои се сомневале или потврдиле дека се заболени од морбили.

Досега во сите вакцинални пунктови во Скопје се вакцинирани 1.692 лица, а само денес до 13 часот вакцинирани се 85 деца.

Министерството уште еднаш повикува на вакцинација на децата, иако е прогласена епидемија од морбили и има доволно количини од МРП. вакцините. Вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со добар квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење.  

Министерството за труд и социјална политика продолжува во унапредување на правата на лицата со попреченост преку финансирање на индивидуализирани социјални услуги во заедницата од Буџетот.

Она што сакаме да го потенцираме е дека со законот којшто е во собраниска процедура услугата персонална асистенција, која досега ја имаше само во 7 општини се проширува низ цела Македонија. Со овој чекор се исполнува долгогодишното барање на лицата со попреченост, што ќе придонесе за нивно независно и самостојно живеење, активно и рамноправно учество во заедницата и во општеството во целина. Во 2019 година е предвидено со оваа услуга да се опфатат 200 лица со попреченост. Во моментот услугата ја користат околу 60 лица со попреченост.

Услугата персонална асистенција од денеска во Скопје ќе ја нудат уште 30 нови лица на кои им се доделени сертификатите за персонална асистенција, откако успешно ја поминаа обуката на Црвен крст и на Хуманост. Со ова бројот на сертифицирани лични асистенти на територија на Македонија се зголемува на околу 130.

Освен персоналните продолжува и обуката и поддршката за образовните асистенти коишто нудат помош на деца со попреченост во образовниот процес. Во новата учебна година 2018/2019, овој број е зголемен со учество на 34 општини и 300 асистенти во настава. Во 2017/2018 година преку активните мерки за вработување беа ангажирани вкупно 140 образовни асистенти во 18 општини во државата.

Премиерот Заев и директорот Танасоски го доделија првиот сертификат за овластен економски оператор на Европа АД Скопје

Во Владата на Република Македонија денеска се одржа настан на промоција на концептот овластен економски оператор на кој претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев и директорот на Царинска управа на Република Македонија, Ѓоко Танасоски го доделија првиот сертификат за овластен економски оператор на реномираната домашна компанија Европа АД Скопје. 

Во рамки на овој настан свои обраќања имаа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и директорката на Европа АД Скопје, Марика Караџова.

 

 

„Овластениот економски оператор претставува нов концепт и модернизација на царинското и надворешно-трговското работење кој произлегува како реформа од Берлинскиот процес и Протоколот 5 од ЦЕФТА и  вклучување на македонските компании во регионалните и глобални синџири на снабдување. Со овие интеграциски процеси доаѓа до силно јакнење на регионалната економија, токму преку концепти како што се овластениот економски оператор, заеднички царински и гранични контроли, заеднички профили за анализа на ризик и размена на информации. Поседувањето на сертификат за овластен економски оператор за компаниите ќе значи дека ги исполнуваат економските и безбедносните стандарди за вршење на надворешна трговија“, порача премиерот Заев во своето обраќање.

Директорот на Царинската управа посочи дека АД Европа е првата фабрика што добива статус на Овластен економски оператор, но во процес е издавање на уште три одобренија за ОЕО, а десетина други компании најавија поднесување на барања. 

„Со добивање на статус на ОЕО македонските компании покрај поволностите во царинското подрачје на Република Македонија, ќе може да ги добијат истите поволности во сите ЦЕФТА страни, односно можност за поголемо користење на поедноставените царински постапки, приоритетен третман при спроведување на царинските контроли, намален број на физички и документарни контроли од царинските органи, избор на местото за контрола како и други директни и индиректни поволности. Сето ова треба да придонесе за намалување на времето на царинење на стоките, намалување на трошоците за увоз и извоз, зголемување на конкурентноста и поголема интеграција на македонските компании на регионалните и европските пазари. Тоа треба да придонесе за зголемување на нивната професионалност, претприемачки дух и финансиски капацитети“, нагласи директорот Танасоски.

Тој додаде дека покрај ОЕО, со новиот систем за електронска обработка на царински декларации ќе се воведе концептот на дигитална царина, отворајќи потенцијали за поволно царинско окружување и раст на производството, извозот и инвестициите.

Директорката на домашната производствена компанија Европа АД Скопје, Марика Караџова во своето обраќање зборуваше за економските перформанси на компанијата, за значењето и придобивките што компанијата ќе ги има со добивањето на овој сертификат, за процесот на апликација и изрази благодарност до Владата на Република Македонија за поддршката што им ја пружа на компаниите преку Планот за економски раст за зголемување на конкурентноста.


Премиерот Заев: Реформските процеси носат и економски промени - АД Европа Скопје е првиот овластен економски оператор во Република Македонија!

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев заедно со директорот на Царинската управа на Република Македонија, Ѓоко Танасоски денеска го доделија првиот сертификат за овластен економски оператор на реномираната домашна компанија АД Европа Скопјe. На настанот свои обраќања имаа претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски и директорката на Европа АД Скопје, Марика Караџоска. Премиерот Заев во свое обраќање истакна:

 

 

„Реформските процеси носат и економски промени во Република Македонија, а резултатите веќе доаѓаат.

Денешниот настан го потврдува тој факт.

Овластениот економски оператор претставува нов концепт и модернизација на царинското и надоворешно-трговското работење кој произлегува како реформа од Берлинскиот процес и Протоколот 5 од ЦЕФТА и  вклучување на македонските компании во регионалните и глобални синџири на снабдување.

Со овие интеграциски процеси доаѓа до силно јакнење на регионалната економија, токму преку конецeпти како што се овластениот економски оператор, заеднички царински и гранични контроли, заеднички профили за анализа на ризик и размена на информации.

Поседувањето на сертификат за овластен економски оператор за компаниите ќе значи дека ги исполнуваат економските и безбедносните стандарди за вршење на надворешна трговија.

Тоа е претставува потврда за квалитетот на производите и услугите што ги нудат на пазарот, за меѓународните и европски стандарди при производството, за брзи и поедноставени царински постапки како и гаранција за навремен и брз транспорт на стоките до крајното одредиште.

Сертификатот овластен економски оператор е инвестиција и за самите производители, извозници, транспортери, шпедитери, увозници бидејќи тоа за нив еден вид на царински стандард, не само национален, туку и меѓународен што покажува дека компанијата силно работела на подигнување на нивото на конкурентност.

Крајната цел ја постигнува овој нов концепт е намалување на трошоците за извоз и увоз, намалување на времето на чекање на граница, подобрување на репутацијата на компаниите.

Со овие економски новитети, кои се директен резултат од нашата европска и евроатлантска интеграција и од пријателството и соработката кое се наметнаа во регионот, Македонија станува глобална земја во која економијата почнува да функционира за секого.

Владата на Република Македонија во текот на 2019 година со мерките од Планот за економски раст силно ќе ги поддржува компаниите да ја зголемат конкурентноста и вклучувањето во регионалните економски интеграции.

Особена чест ми претставува што денеска ќе го доделиме првиот сертификат за овластен економски оператор на наша домашна реномирана производствена компанија - АД Европа Скопје.

Како овластен економски оператор, верувам дека АД Европа Скопје ги подигнува стандардите на работење на едно повисоко ниво и ја поттикнува конкурентноста којашто е исклучително важна за економскиот раст и развој.

Ја користам приликата да ги повикам компаниите да ги започнат процедурите и постапките за добивање на овој сертификат. Важно е нашите производствени и извозни компании да се идентификуваат со европските и меѓународни стандарди на работење.

На самиот крај дозволете ми, да упатам искрени честитки до АД Европа Скопје - првиот овластен економски оператор во Република Македонија!“

 

Претседателот на Владата на Република Македонија, во синоќешното телевизиско интервју го потврди очекувањето дека 2019 ќе биде економска година за Македонија.

Премиерот Заев ги посочи досегашните нови 16 странски инвестиции, државната поддршка за 250 домашни компании, растот на платите од 5,6%, околу 40-те илјади нови вработувања, зголемувањето на социјалната помош за 300%, економските и социјалните реформи во функција на праведно и солидарно општество за сите, како сериозен исчекор во подобрувањето на економската состојба во државата и оцени дека НАТО и ЕУ интеграциите ќе придонесат кон посакуваниот економски раст во Македонија.     

„Сите индикатори што ги имаме ни даваат за право да ја прогласам 2019 година за економска година, година на економски раст. Само ќе потсетам, мај 2017 година, кога беше формирана оваа Влада имавме минус 1,7% раст, комплетна рецесија. 2018 година ја почнавме со 0.1, второто полугодие 3,1, третото полугодие 3% раст, четвртото очекуваме повеќе од 3.1. Првото полугодие од 2019 што го почнавме, очекуваме 4% и повеќе. Ако навистина го фатиме бранот на НАТО и ЕУ интеграциите, со решени историски крупни политички прашања Македонија има и тоа како одлични шанси за голем економски раст, раст што вистински ќе го почувствуваат граѓаните“, рече премиерот Заев.

Тој наведе дека досега има 16 нови странски инвестиции, 15 лиценци дадени, за медицинско масло од канабис, со 300 вработени засега, со над 100 милиони евра вкупен приход што го остваруваат, дека 250 домашни компании, по Законот за економска поддршка и преку Фондот за иновации и технолошки развој се поддржани, коишто отвораат нови работни места, дека 20 нови фабрики се отворени во индустриските зони во општините.

„Преговараме со џинови странски компании, коишто чекаат дали ова ќе помине и дали навистина ќе има траен мир, безбедност, стабилност“, рече премиерот Заев, кој изрази очекување за економски резултати како што покажуваат искуствата во Бугарија, Романија, Хрватска со влегувањето во НАТО.

Премиерот Заев рече дополни дека во Македонија очекува и повеќе заради тоа што паралелно со НАТО интеграциите, државата ги отвора и поглавја со ЕУ.

„За нас е тоа дополнителен, да го наречам меден месец. Затоа што додека преговарате и ги користите кохезионите фондови, компензационите фондови и слично, немате се уште обврска, додека не станете полноправна членка на ЕУ. Сето тоа, и тоа како е финансиска инјекција дома, дополнителни пари дома. Тоа е и една од причините зошто сум на став дека иако има претседателски избори, не треба да одиме заедно на парламентарни избори. Да дадеме шанса за овие две години, после решени вакви прашања, со сите соседи, вклучително и проблемот за името со Грција, на економскиот раст и прогрес на Македонија“, повика премиерот Заев.  

Претседателот на Владата, Заев соопшти и за резултати во новите вработувања.

„Од локалните избори наваму преку 40 илјади луѓе се вработени, најмногу во приватниот сектор но и во јавната администрација. Младинска гаранција 1.411 луѓе згрижи, тргнаа на работа, преку нивна едукација, тренинг. Преку Агенција за поддршка на вработувањата, преку Агенцијата за вработување, заедно си УНДП имаме преку 1.800 луѓе кои само во последните два - три месеци се тргнати на работа“, рече премиерот Заев.

За вработувањата во јавната администрација тој објасни дека бројката на јавна администрација е помала во 2018 во однос на 2016 година поради иселувањата, дека се пополнуваат испразнети места и тоа само таму каде што има потреба, дека недостигаат информатичари, архитекти, готвачи, келнери, професори по математика, физика, географија и дека целта е квалификуваната работна сила да се задржи во државата.

Премиерот Заев наведе дека Владата планира да го направи тоа со зголемување на просечната плата, на минималната плата, со праведното оданочување, со направените намалувања на трошоците на граѓаните, во планираното враќање на парите кон граѓаните, со што ќе има економско зајакнување на семејствата.

„Просечната плата во октомври е 6,7% поголема од октомври 2016, значи растат и платите во Македонија. Најавивме нов Закон за минимална плата за да правиме притисок на растењето на платите. Бизнисмените мора да споделат од профитот што го остваруваат со работниците. Со новите странски инвестиции коишто ги има, домашните инвестиции коишто се случуваат овде, самиот пазар ќе мора да мотивира менаџерите, газдите да даваат поголема плата на работниците. Зашто има веќе потреба од квалификувана работна сила. Тоа е спиралата на покачувањето на платите“ рече премиерот Заев.

Во насока на подобрувањето на животот на сиромашните додаде дека е зголемена социјалната помош, а мерката е пропратена со брз ангажман на социјално ранливите категории граѓани.

„Да имаме фер и солидарно општество. Направивме сериозни социјални реформи којшто треба да дадат сериозен резултат. На пример, едно просечно семејство од двајца родители и две деца, земаа 3.090 денари социјална помош. Со оваа реформа зголемивме на 11.700 денари, 70% од примателите на социјална помош да ја земаат. Останатиот дел, над 10.000 ќе земаат социјална помош. 300% е тоа зголемување. Ако досега добивале детски додаток 3.200 деца, сега добиваат 73.600 деца. Ако образовен додаток добивале 3.800 деца, сега 63.200 деца ќе добиваат. Самиот буџет на труд и социјална политика е зголемен на 2 милијарди и 200 денари во споредба со 2018 година“, рече премиерот Заев.

Тој објасни дека парите од прогресивен данок ќе одат за социјалата.

„Целта е тие кои имаат повеќе да платат повеќе. А државата преку редистрибутивните механизми на институциите да го помагаме сиромашното, затоа што преку 70% се под прагот на сиромаштијата, а имаме 3-4% екстремно богати. Со прогресивниот данок опфаќаме 9.000 граѓани, 1% од тие кои имаат приход. Се работи за оданочување од 90.000 денари нагоре. Информатичарите имаат 59.000 просечна плата. Во здравството каде зголемуваме, платата е до 90.000 специјалистите“, додаде премиерот Заев со тоа објаснувајќи дека мерката е наменета за придонес на најбогатите во општеството.  

Премиерот Заев најави дека од први јули стартува новата законска реформа за враќање на 15% од ДДВ-то во секоја сметка кај граѓаните.

Тој потсети дека со евтината тарифа на струјата сметките за струја се веќе помали за 500, 1000, 1500 денари, дека парите од радиодифузната такса на граѓаните им остануваат дома, дека се намалени казните на фирмите, извршителските трошоци какви што беа се укинуваат. Исто така ги посочи зголемените вложувања во капиталните инвестиции.

„Оваа година има повеќе од милијарда евра, 2019 година, само во патна и во железничка инфраструктура. 400 милиони за Кичево - Охрид којшто беше заглавен проект, го ослободивме, 70 милиони евра за локални патишта, 62 милиони евра за водоводи и канализации, 147 милиони има за втората фаза на железничката пруга на Коридорот 8, почнуваме со Скопје Блаце автопатот, автопатот до Штип до крајот на јануари треба да биде пуштен“, соопшти премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Зоран Заев во телевизиското интервју заокружи дека:

„Целиот пакет на економски реформи, на социјалните реформи треба да создадат амбиент за живот во Македонија којшто ќе биде доволно примамлив, при одлуката на младите луѓе да останат овде. И таргетот над 500 евра плата сакаме да го постигнеме“, наведе премерот Заев посочувајќи дека е можен со сите овие мерки.  

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, се обрати на почетокот на седницата за усвојување, донесување и прогласување на уставните амандмани и на Уставниот закон, којашто почна со Утврдување на предлог амандманите 33, 34, 35, 36 на Уставот на Република Македонија.

„Имавме инклузивен процес“ оцени премиерот Заев кој се заблагодари на пратениците од сите партии и пратенички групи, од владејачката коалиција, од Беса и од Алијанса на Албанците, на 8-темина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и на пратеникот Панчо Минов, кои, како што рече, дадоа придонес, се вградија во амандманите и во процесот и „го потврдија и верифицираа македонскиот идентитет“, за разлика од други кои тоа не го направија. Премиерот Заев се заблагодари на Алијанса на Албанците и на Беса за нивниот придонес во изградбата едно општество за сите и изрази очекување дека конечните одлуки на БЕСА ќе останат позитивни.

 

 

„Граѓаните ќе ви бидат благодарни“, порача при тоа премиерот Заев.

Тој посочи на заедничката одговорност „да ги поведеме нашите граѓани кон безбедна, стабилна, економски силна, заедничка држава“.

Премиерот Заев порача:

„Како на избрани членови на овој Парламент, директни претставници на граѓаните, но посебно како на одговорни граѓани и личности, ве повикувам да бидеме дел од оние кои ќе ја однесат нашата земја во заедничка подобра иднина. Да бидеме оние кои пишуваат историја и кои нè извлекуваат од минатото. Да бидеме дел од оние кои ќе бидат запаметени во македонската историја, како народни избраници кои ја докажаа својата храброст и одговорност и ја однесоа македонската држава во европското семејство.

Другиот избор е да бидеме запаметени како оние кои ја оставиле татковината во изолација и заборав, оние кои не ја препознале уникатната и единствена шанса за нашата земја. Другиот избор е да ги ставиме партиските и личните интереси на некои политички актери над интересите на нашиот народ и на нашите деца и свесно да ја попречиме иднината на нашата земја и да ја затвориме вратата за ЕУ и НАТО, сигурно со децении“.

Премиерот Заев посочи дека пратениците во Парламентот се дел од историски момент, што повикува на обединување, кое што е потребно како никогаш досега:

„Вашата позитивна одлука овде во Собранието ќе нѐ однесе под знамето на нашата држава кога ќе се крене на јарболот пред седиштето на НАТО во Брисел. Да ги кренеме главите, да се издигнеме над нашите делби и поделби за да гледаме како гордо се вее нашето знаме, таму пред НАТО во Брисел“.

Претседателот на Владата, Заев укажа на очекувањата и од светот:

„Светот гледа и очекува дека вие, како претставници на гордите граѓани на нашата земја, ќе покажете државничка одговорност. Вашиот глас е глас за полноправно членство на нашата земја во НАТО за помалку од една година. Вашиот глас ЗА, нѐ става во европското семејство на нации во Европската Унија. Секој глас против е глас за изолација, несигурност и сиромаштија, за нови политички кризи и поголема неизвесност дури и од оние кризи од нашето минато“.

Премиерот Заев во обраќањето рече дека потпишаниот документ на 17. јуни минатата година, во Преспа, со нашите пријатели и соседи, „за крај на спор кој цели три децении беше трауматично прашање, носеше сериозни последици и го попречуваше напредокот на нашата земја, а потписите на тој договор се почеток на крајот на неизвесноста којашто се закануваше да биде недогледна, ако не се охрабревме и ако не постигневме решение“.

Премиерот Заев додаде дека се работи за достоинствено и прифатливо решение подеднакво за двете страни:

„Имаме кристална и недвосмислена потврда за македонскиот идентитет. Македонци, Македонец, Македонка, македонско, како дома, така и во странство, преведено без ограничувања на сите јазици во светот, македонски идентитет за севкупна употреба, конечно. Грција повеќе не го оспорува нашето право за себе определување. Македонскиот јазик ќе се користи слободно секаде, во Обединетите Нации, во НАТО, ЕУ, во сите официјални институции, активности и настани. Имаме договор со јасни обележја на нашата македонска посебност. Имаме договор за јазик и идентитет кои се македонски, од нашата држава којашто ќе носи име признаено од целиот свет, Република Северна Македонија“.

Тој додаде дека „никому ништо не сме му подариле, ниту некој ни одзеде нешто кога се договоривме за географска одредница“.

Претседателот на Владата, Заев потсети на поддршката од целиот демократски свет, затоа што „овој договор е чекорот што нѐ извлекува од минатото и ни ги отвора портите на европско-македонската иднина“.

Премиерот Заев порача:

„Процесот на уставните измени со предложените амандмани треба да заврши со Одлука за измена на Уставот, што ќе ја донесе Собранието со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Тој свечен чин ќе биде кулминација на сите наши напори, израз на нашата посветеност, да најдеме решение кое е во интерес на иднината и на граѓаните на нашите две земји“.

Тој потсети на важноста на одлуката што ќе ја донесат пратениците во Собранието.

„Вашата одлука на крајот на оваа седница нѐ ставаат поблиску до чинот кога ќе го потпишеме Протоколот за пристапување во НАТО. Ние ќе бидеме 30 членка во НАТО. Нашиот пријател Грција, ќе биде првата земја којашто ќе го побара тоа“ рече премиерот Заев кој додаде и дека исходот од оваа седница ја прави огромна извесноста дека во јуни оваа година, на датумот којшто е утврден за старт на преговорите со Европската Унија - ќе ги отвориме првите поглавја“.

Претседателот на Владата, Заев рече дека „после решавањето на спорот со Грција, нашата земја веќе нема да има ниту едно отворено прашање со ниту еден сосед“, дека шириме таков дух, такво пријателство, со сите соседи, дека на нашата земја се гледа како на пример за решавање спорови, што нашите пријатели го препознаваат и ни оддаваат признание во меѓународните односи, како земја со став, земја учесник, а не само набљудувач и како земја партнер на сојузите со коишто делиме исти вредности, НАТО и на ЕУ.

„Патриотизам е кога им го градиш патот на идните генерации, правејќи држава признаена од сите, на којашто граѓаните се горди“ порача во обраќањето во Парламентот вечерва, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска ја отвори „Родителската куќа“, која е наменета за родители чии деца се на подолг престој во болница. Родители кои не живеат во Скопје, каде се наоѓа единствениот центар за лекување на малигни заболувања кај деца. 

„Среќен сум што со „Родителската куќа“ ќе им помогнеме на родителите што не се од Скопје, да имаат топол привремен дом за да можат да им бидат најголема поддршка на своите деца кои се на подолг престој во болница и се борат со канцер на хемато-онколошкото одделение. Нема да дозволам повеќе родителите да спијат кај роднините, по околните подруми во куќите околу клиниките и автомобилите, додека нивните деца се борат за живот. Отсега, тие ќе имаат свој дом“, потенцираше министерот Филипче.

Покрај можностите за сместување, на родителите во „Родителската куќа“ ќе им биде овозможена и психолошка поддршка, која е најважна за нив во тие моменти.

„Како министер, здравствен работник и родител ќе сторам сѐ за децата, бидејќи тие се нашиот најголем приоритет. Изградбата на „Родителската куќа“ е заеднички проект на Министерството за здравство и Здружението на граѓани „САНО“ од Скопје“, истакна министерот Филипче и додаде дека оваа куќа ќе биде инспирација и за други успешни проекти со други невладини организации или фондации, без разлика дали се од Македонија или од странство.

Претседателката на Здружението на граѓани „САНО“, Јелена Димовска во име на волонтерите од Здружението „САНО“ се заблагодари на Министерството за здравство што го поддржа проектот „Родителска куќа“. 

„Со гордост можам да кажам дека едно младо здружение кое се грижи за здравјето на децата заболени од малигни заболувања и нивните родители успеа за првпат во Македонија да отвори куќа, во која ќе можат да престојуваат родителите чии деца се на подолг пресот во болница, а не се од Скопје“, рече претседателката Димовска.

Во родителската куќа изградени се четири апартмани во кои ќе има комплетно уредени бањи. Родителите кои ќе престојуваат во куќата ќе може да ги користат заедничките простории како кујна, трпезарија и дневна соба. За децата кои ќе престојуваат во оваа родителска куќа ќе има посебно опремена соба за едукација и разонода, како и библиотека. Престојот во куќата и појадокот ќе биде бесплатен, а во куќата ќе може да престојуваат само оние родители кои ќе добијат препорака од одделенските лекари и директорот на Детската клиника, каде се лекуваат децата.

За непречено функционирање на куќата, ќе се грижи Здружението САНО, а Министерството за здравство ја презема обврската околу комуналиите.

Институциите и граѓанскиот сектор работат заедно на подобрување на даночните услуги. 

Ова е доказ дека можат да се понудат подобри услуги за граѓаните преку соработка на институциите и граѓанските организации. Ова е пионерски чекор во областа на даноците, и многу поразлично од праксата во минатото кога мислењето на граѓанскиот сектор беше занемарувано. Ние цврсто веруваме дека оваа соработка треба да продолжи и во иднина, истакна Министерот за финансии, Драган Тевдовски на денешната прес-конференција. На настанот беше презентиран „Водичот за подобро информирање на физички лица за данокот на додадена вредност“, документ кој заедно го изработија Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Цивитакс група во која членуваат 14 граѓански организации.

Професорот Марјан Петрески претставник на Цивитакс истакна дека за прв пат се објавува Водич кој е подготвен низ консултативен и дебатен процес со заемно слушање на аргументите на страните. Тој на прес-конференцијата ги презентираше деталите од Водичот.

 

Од соработката на институциите произлегоа две клучни подобрувања:

 

I Водич за физичките лица, ДДВ обврзници

Целта на Водичот е на едноставен начин да ги информира граѓаните за три работи: 1. Дали спаѓаат во оваа група? 2. Како можат да се регистрираат за ДДВ обврзници? 3. Кои поволности ги нуди системот?

Мнозинството на граѓани не се и не треба да бидат обврзници за ДДВ. Бидејќи платите, надоместоците на плати, бонусите и слично, не се предмет на оданочување со ДДВ.

Немаат обврска да влезат во системот на ДДВ ниту оние кои дополнително од платата прават промет помал од 1 милион денари на годишно ниво, односно 83.333 денари просечно на месечно ниво.

Оние кои вршат промет повисок од ова треба да видат дали сите промети им влегуваат во прагот, бидејќи постојат ослободувања и олеснувања.

На пример: изнајмување на недвижен имот за станбени цели не е предмет на оданочување со ДДВ, а исто така, не подлежат на оданочување со ДДВ и давање услуги (пример: ИТ, консултантски и слично) кон странство, како и средства од грантови.

Водичот може да се најде на веб-страницата на УЈП и во него можат да се најдат сите објаснувања.

 

II Предлог за законски измени во насока на допрецизирање и подобрување на постоечкиот „Закон за ДДВ“:

Од соработката со граѓанските организации произлезе предлогот Министерството за финансии да подготви две измени во законот за ДДВ.

Со првата подобро ќе се прецизира ослободувањето на образовната дејност во законот, и истата природно ќе се надополни и со научната дејност.

Второто се однесува на периодот за кој може да се изврши дерегистрација. Во моментов ДДВ обврзниците имаат обврска да останат во системот 5 години по регистрацијата. На барање на граѓанските организации, ќе дадеме можност на доброволна основа лицето да може да се одјави по 2 години, доколку во нив има промет помал од 1 милион денари и не остварил поврат на ДДВ.

Моментално лицата кои стануваат ДДВ обврзници се дел од овој систем во следните 5 години по регистрацијата. Граѓанскиот сектор побара тие да имаат можност по две години да поднесат барање за исклучување од системот, доколку повеќе не ги исполнуваат условите.

Овие барања се прифатливи за Министерството за финансии и УЈП. Истите во најбрз можен рок ќе бидат подготвени во форма на предлог измени на законот и поставени на јавна консултација.


Линк до Водичот за подобро информирање на физички лица за данокот на додадена вредност

Скопски регион

  • Патниот правец кон повисоките населени места на Скопска Црна Гора, односно селата Брест, Танушевци и Малино (опш.Чучер Сандево) не е прооден, а истите села немаат и електрична енергија.

Битолски регион

  • Заради новите врнежи од снег сообрајќајот се одвива отежнато, во зимски услови. Воведена е забрана за тешки товрни возила на патниот правец Битола - Ресен (планински превој „Ѓавато“).

Охридски регион

  • Во општина Македонски Брод и Пласница локалните патни правци кон селата Битово, Растеш, Заград, Волче, Ботушје, Бенче, Лупште, Звечан, Инче, Требовље, Брест, Косово, Рамне, Брезница, Могилец, Калуѓерец, Томино село и Сушица се проодни за теренски возила со зимска опрема.
  • Во општина Струга, патниот правец што ги поврзува селата во Малесија осносно патниот правец од с.Присовјани до хидрецентралата Глобочица е непрооден.           

Кумановски регион

  • Во општина Старо Нагоричане единствено регионалниот патен правец кон Р.Србија - Пелинце е прилагоден за движење, додека патните правци кои гравитираат кон селата во козјачијата се тешко проодни.
  • Во општина Липково, тешко проодни се патните правци кои гравитираат кон повисоките села Гошинце, Лукаре и Малино.
  • Во општина Крива Паланка, магистрален пат Ранковце - Крива Паланка - Граничен премин Деве Баир е прооден во зимски услови.
  • Регионален пат Крива Планка - с.Огит и Крива Паланка - с.Луке, во општина Крива Паланка, се проодни во зимски услови.
  • Регионален пат Ранковце - с.Герман е прооден до с.Пклиште додека од с.Пклиште до с.Герман е непрооден.
  • Локалниот пат од с.Дурачка река м.в.Метоф кон с.Дренак е непрооден Отсечено е с.Дренак во општина Крива Паланка.

Тетовски регион

  • Воведена е забрана за движење на тешки товарни возила на патните правци Гостивар - Стража - Кичево, Гостивар - крак Маврово - Дебар, Тетово - Попова Шапка со напомена дека за Попова Шапка има и забрана за движење за автобуси, а за другите пмв потребно е да се стави зимска опрема - ланци.
  • Во под шарпланинските села Вејце, Бозовце, Бродец и Вешала движењето е отежнато во зимски услови со употреба на зимска опрема.              
  • Во ЕЛС Теарце локалните патни правци се проодни освен патот за селата Варвара и Брезно.              
  • Во ЕЛС Брвеница отежнато е движењето за с.Гургурница.
  • Во ЕЛС Боговине се очекува да биде пробиен патот до повисоките планински села - Раковец, Ново Село, Урвич и Јеловјане.

Државниот инспекторат за труд, прави засилени контроли во приватните фирми за исплата на К-15 на вработените. Надзорот кој што започна од почетокот на годината ќе се спроведува до крајот на февруари, а инспекторите ги посетуваат правните субјекти од сите дејности, вклучувајчи ги и фабриките за производтсво на текстил и чевли.  

Засилениот инспекциски надзор во областа на производство на  текстил и чевли е од причини што најголем број на преставки  во изминатите години беа од работниците во наведените дејности. Напоменуваме дека во случаите каде ќе се утврди дека не е постапено согласно Законот и Колективните договори, Државниот инспекторат за труд ќе преземе мерки согласно со Закон.

Државниот инспекторат за труд е орган кој е надлежен да врши инспекциски надзор над примената на правата и обврските на работниците и работодавачите утврдени со Закон и со Колективен договор. Во таа насока, при инспекцискиот надзор,  ќе се проверува  исплатата на регресот за годишен одмор (К-15), право коешто е утврдено со Спогодба за изменување и дополнување на Општиот колективен договор  за приватниот сектор  од областа на стопанството. Во Спогодбата е утврдено дека работникот има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40% од основицата, под услов работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач. 

Истовремено ги повикуваме работниците неисплатата на К-15 да ја пријавуваат на дежурниот телефонски број на Државниот инспекторат за труд 15 131.

Редовна прес-конференција на портпаролите на Владата на Република Македонија, Миле Бошњаковски и Мухамед Хоџа, по вчерашната 114-та седница на Владата на Република Македонија.

Дневен ред: vlada.mk/sednica/114