Интервјуа

Економски.мк: Вчера Потпишавте договор со германската Маркарт за изградба на фабрика во Велес. За колква инвестиција се работи и какви бенефити се очекуваат од неа?

Веле Самак: Маркарт ќе инвестира 35 милиони евра во погон голем 15000м2 за производство на мехатронски продукти за автомобили. Тоа значи продукти кои имаат комбинација од електроника и механика. Во погонот ќе има 3 производни линии: една за штампани електронски кола, една за пластични и лиени амбалажи и на крај склопување. Начинот на производство бара тие да вработуваат 1/3 инжењери и високо-стручни кадри, и 2/3 помалку стручни кадри. За овој капацитет ќе се вработат 600 луѓе во првата фаза кои ќе бидет обучени во ова ново производство на висока технологија. Бидејќи Маркарт е водечки производител на вакви продукти за луксузните брендови како Мерцедес, Ауди и БМВ, тие купци ќе имаат директен контакт со Македонија и Велес. Со тек на време, очекуваме да се надоврзат и други локални кооперанти во одржување и сервисирање на машините и алатите, па и достава на некои од компонентите кои влегуваат во продуктите. Ако појдете на нивната интернет страна, има доста интересни слики од типот на продукти кои се планирани да се произведуваат во Велес. Тоа значи 75 милиони евра годишен извоз, или 150 милиони евра додадена вредност само во првите 5 години. А ако искуството кои го имаат во Романија од 2006 е индикација за нас, овој погон би израснал на 1000 вработени и 3-кратно зголемување на капацитетот со 80 милиони инвестиција во првите 8 години.

Економски.мк: Преговорите со компанијата почнале пред пет години. Тоа значи дека процесот на носење одлука е многу долг. Како се одвива процесот од првиот контакт до потпишување на договор?

Веле Самак: Првиот контакт вообичаено е запознавање за нас со нивниот бизнис и индустрија, размена на искуства, и воспоставување на кредибилитет за понатамошни средби. За нив тоа е увид во знаењето и посветеноста на една Влада за нивната фирма. Бидејќи се потребни многу вакви средби, првиот состанок е важен да се има основа за понатаму. Секој следен состанок станува подлабок и поспецифичен за нивните стратегии, планови, како се движи индустријата, размена на информации и сл. Кога ќе дефинира конкретна потреба за нов капацитет, како што тоа беше 2 години со Маркарт, ваквите средби гарантираат ние да бидеме една од првите земји од старт. Потоа работиме на поврзување на сите нивни потреби со понудата на Македонија за на крај тие да се комфорни дека токму тука фирмата има добра иднина. Во овој случај, додека Маркарт не дојде во Македонија, кај нив имаше голема скепса за било каква реализација. Но, кога ви видоа искуствата од другите фирми, нив им стана јасно дека ризикот е многу помал. На крај, преговорите се за деталните услови, што им треба, што се нуди од други земји, и како да се одбрани изборот на Македонија пред нивниот Надзорен Одбор.

Економски.мк: Вие учествувате на бизнис форумите кои ги организира Владата, кој е ефектот од нив?

Веле Самак: Бизнис формумите се една алка во целиот процес за привлекување инвестиции и маркетинг на Македонија. Преку нив, ние ја шириме пораката на повеќе бизнисмени и покажуваме широка посветеност со присуство на поголем Владин тим. Исто така, доколку кај некој конкретен проект или инвеститор има финални дилеми пред одлука, на бизнис форумите ја користиме можноста да ги затвориме сите прашања и да направиме финално убедување. Ефектот се гледа во зголемената свест кај многу инвеститори за Македонија, и преку референците и позитивни искуства кои се презентираат, едноставно ние како земја го дигаме трошокот да некој во иднина не игнорира. Реалноста е дека е се потешко да бидеме игнорирани како земја. А тоа е ефектот на сите досегашни напори на многу нивоа.

Економски.мк: На што работите во моментов?

Веле Самак: Во моментов припремаме нова агенда за 2014та со бизнис форуми и директни средби. Исто така имаме неколку активни проекти кои би требало до средина на 2014та да се разрешат. Тука стоиме одлично, како една од топ-2 дестинации, но тој последен чекор на убедување е најдолг и најтежок. Се работи за проекти со околу 1000-1500 вработувања. Паралелно со нив, ги охрабруваме неколку општини да работат на планирање и изградба на индустриски локации слично како што тоа го направија до сега градоначалниците на Битола, Кавадарци, Велес, Кочани каде имавне соработка и инвестиции. Важно е тие локации пред време да бидат планирани бидејќи кога ќе дојде инвеститор вообичаено е доцна.

Економски.мк: Дали 2013 може да ја сметаме за успешна на инвестициски план?

Веле Самак: Оваа година е доста успешна не само за мене лично, но и за Македонија пошироко. Само од бројките во првите 3 квартали имаме над 200 милиони евра прилив на странски директни инвестиции. Јас и мојот кабинет затворивне два проекти, на Маркарт и на Кофикаб. Моите колеги исто така потврдија доста други проекти во Кочани, Кичево, Скопје, Штип, Демир Хисар итн. Исто така, гледаме се повеќе интерес во проекти во земјоделието кои се однесуваат на нови насади, откупни центри и преработка на култури што значи многу поширок домен на странски инвестиции во иднина.

Економски.мк: Што очекувате за 2014 година?

Веле Самак: Очекувам ова темпо до сега да продолжи и да затвораме дополнителни проекти низ цела Македонија. Сите напори во промоција, убедување, маркетинг, развој на зони, инвестиции во образование, поддршка на иновативност, помош на домашни фирми, подобрување на регулативи и администрација имаат заеднички се поголем ефект во привлекувањето на инвестициите. Веќе и самите фирми ни ги кажуваат драстичните споредби меѓу многу земји со Македонија за позитивните ефекти од реформите тука. Затоа сум оптимист во тој поглед и за 2014та.

Економски.мк:Дали сте лично задоволен од тоа што го сработивте досега во Македонија?

Веле Самак:Јас сум лично доста задоволен кога се гледа дека 6 од најголемите и највидливи проекти се резултат на мое директно залагање: Џонсон Мети, Ван Хул, Дрекслмајер, Кромберг и Шуберт, Маркарт, Кофикаб, и неколку помали проекти. Тоа е извоз од една милијарда евра и скоро 10000 нови работни места, од кои скоро 4000 се пополнети. Се разбира за успех во привлекување инвестиции, покрај професионален напор и посветеност, потребно е и малку среќа. Сме имале години со многу проекти пред одлука кога од различни причини не се оствариле. И денес тоа повторно може да се случи, затоа кога покрај вештината и среќата е фактор, мора да сте професионално посветени на процес и доследност за да има поголема шанса за успех.

Извор: економски.мк

Во викенд-интервјуто на Курир, министерот говори за овие измени, но и за низата мерки превземени со цел децата од сите категории, во Македонија да имаат безгрижно детство.

-Пред да излезат овие предлози од страна на министерството за труд и социјална политика, имавме една широка и детална анализа врз основа на која што го анализиравме нашиот постоечки систем и казнената политика која се води во нашата држава во насока на казнување на сторителите на овие кривични дела, педофилија на малолетни лица под 14 години. Утврдивме дека просечната казна која се изрекува е околу 6-6,5 години.  Најниската казна е 4,5 години казна затвор. Поради тоа и поради фактот што повеќе европски земји и во САД веќе е воведена хемиската кастрација. Се работи за современи методи преку кои се казнуваат сторителите на овие кривични дела. Се превземаат медицински мерки преку кои се намалува сексуалниот нагон и либидото на сторителите и осудените за полов напад врз дете, истакнува министерот за Курир.

Поради ова, МТСП излезе пред Владата и даде конкретни предлози за заострување на казнената политика во нашата држава и за воведување на хемиска кастрација.

Кај основниот облик на педофилија, казната затвор наместо 8 години, се зголемува на најмалку 12 години. Кај квалификаторниот облик, за обљуба или друго полово дејствие врз дете кое не наполнило 14 години, настапила тешка телесна повреда, смрт или друга тешка последица, казната затвор беше најмалку 10 години или доживотен затвор, а сега се предвидува минимална казна од 15 години затвор до доживотен затвор.

И законот го впери прстот кон педофилите кои јавноста ги нарекува “монструми“. Македонската Влада, со овој чекор уште еднаш докажа дека грижата за децата е врвен приоритет.

 

-Преку овие мерки, пред се сакаме да обезбедиме што е можно побезгрижно детство на дечињата меѓутоа исто така и превентивно да делуваме кај потенцијалните сторители на вакви кривични дела дека од сега па натаму, навистина затворските казни ќе бидат многу поголеми,  казнените политики построги и ќе се воведе хемиска кастрација, вели Спасов.

Доколку осудениот се согласи на хемиска кастрација, затворската казна ќе се намали. Доколку педофилот го повтори делото, хемиската кастрација е задолжителна.

Делото ќе се смета за застарено кога детето-жртва ќе наполни 18 години. 

И кога Македонија прва во Балканот покажа подготвеност за овој голем чекор се чини дека земјава “ќе повлече нога“ за построги казни кон педофилите во цел регион.

Она по што земјава може исто така да биде пример, се владините политики насочени кон грижата за децата. Оние без родители не се препуштени самите на себе, туку можат безгрижно да живеат, со владина помош.

-Државата навистина покажува големо внимание за овие деца, покажува вистинска и непосредна грижа. Се реализираат крупни проекти во насока на обезбедување на понатамошен безгрижен живот на овие деца без родители и родителска грижа, односно откога ќе наполнат 18 години и ќе го напуштат домот, да не се чувствуваат осамено, напуштено и дека ги заборавила државата и Владата. Реализираме и конкретни мерки со кои им се помага на овие деца. Оваа година започнавме да го реализираме проектот Д10 односно вработување на деца со статус без родители и родителска грижа до 18 години, преку овој програм само оваа година ќе се вработат 83 лица. 33 се веќе вработени, а во завршна фаза е и вработувањето на уште 50. Така го решаваме клучното прашање во нивниот живот, прашањето со работа и наоѓање на начин за егзистенција на овие лица. На овој начин ќе се вработат во администрација и редовно ќе земаат плата, рече министерот за Курир.

 

Спасов се осврна и на другите многу важни проекти во оваа насока. Кога ќе го напуштат домот, децата еднократно добиваат 183.000 денари. Се дава парична помош на децата која ќе им помогне во студирањето. Студентите од оваа категорија, месечно добиваат 24.000 денари или 12.000 денари и парична помош за домување.

Бесплатно на летен или зимски одмор одат и децата од социјално ранливите категории.

 -Во насока на поддршка на загрозените категории на деца, дечиња од категории приматели за социјална парична помош, како и децата без родители и родителска грижа, изминативе две години го реализираме проектот за бесплатно летовање и зимовање за овие дечиња. Повеќе од 2000 деца посетија бесплатен одмор во Струга и на Пелистер, а оваа зима ќе пратиме 1000 деца на зимовање, 7 дена, полн пансион, бесплатен превоз. Како Влада и како министерство го даваме она што во тој момент не можат да им го дадат родителите од социјалните семејства. Овој проект ќе го продолжиме и наредните години затоа што наоѓа на интерес кај овие деца. Јас неколку пати ги посетував за време на летниот одмор и тие се навистина среќни, задоволни од условите. Некои за прв пат беа на одмор и езеро. Токму поради тоа проектот ќе го продолжиме оваа зима и наредното лето, со цел да им овозможиме на што е можно повеќе деца, образложува Спасов.

Грижата за децата и посветеноста кон спортот, македонската Влада ги преточи во еден проект. Бесплатни тренинзи по пливање и фудбал ќе можат да посетуваат дечињата без родители и од социјални загрозени семејства.

Министерството за труд и социјална политика на чело со министерот Спасов под своја закрила ги има и најмладите и најстарите, децата и пензионерите. Грижа, посветеност и реформи во насока на побезгрижно детство и на подостоинствена старост, ќе останат во фокусот на Диме Спасов.

Извор: „Курир.мк“

 

Какви се вашите очекувања од почетокот на реализацијата на ТИРЗ Тетово ?

Со поставувањето на камен-темелникот на зоната Тетово се означи почетокот на реализацијата на овој комплексен проект, прв во државата по моделот на јавно-приватно партнерство.  Мене ми е посебно драго што партнерот за изградба на зоната, норвешкиот конзорциум основан само за потребата на ТИРЗ Тетово „Нормак Инвестмент Груп“ е составен од четири сериозни норвешки бизнис асоцијации, меѓу кои SIVA International Management и „Innovation Norway“, како и една американска компанија, со огромно искуство во овој тип активности, со над 100 вакви реализирани проекти во своето работење, која оперирајќи ја зоната ќе придонесе за развој на целиот Полошки регион.

Имено, покрај инвестициите во инфраструктура, фабриките и објектите со лесна незагадувачка индустрија, како и новите вработувања, развојот на  Зоната ќе овозможи влез на нови технологии, но и можност за соработка со деловните субјекти, посебно оние кои работат во тој регион. Можеби одредени етапи одеа бавно, побавно од очекуваното, но избиравме сигурни чекори за да го реализираме планираното во интерес на граѓаните. Од инвеститорот очекуваме влез на светски стандарди,  да се донесат добри компании кои ќе отворат нови работни места, да се воведат нови технологии, иновации, да се грижат за животната средина и да произведат производи конкурентни за светскиот пазар. Со тоа оваа зона ќе придонесе за зголемување на извозот.

Посебно е интересна местоположбата на зоната. Со изградбата на адекватната инфраструктура има потенцијал да привлече многу странски инвеститори, бидејќи се блиску границите со Косово, Албанија и со Србија, аеродромот во Скопје, а со патниот правец Кичево-Охрид и до охридскиот аеродром, но и до пристаништето во Драч. Не помалку е важно и постоењето на двата универзитета во Тетово, како можност за висококвалитетни и доброобразовани кадри, што претставува посебна поволност за многу инвеститори.

Според најавите од Агенцијата за странски инвестиции, при крај е потпишувањето договори за три компании од Норвешка, Албанија и Турција кои сакаат да градат фабрики, во тек се преговори со компании од САД и од Швајцарија. Како што вети директорот на „Иновејшн Норвеј“, Ерик Веле Ватне, нивната компанија ќе ги направи сите потребни напори за да се привлечат инвеститори во неа.

Кои ќе бидат придобивките од отворањето на оваа зона?

Јас прво ќе се задржам на една поглобална придобивка токму од оваа зона, односно од моделот по кој ќе се прави, јавно-приватното партнерство. Со овој проект покажавме дека можат да се најдат сериозни инвеститори кои сакаат да соработуваат на овој начин, во партнерство со државата. За нас тоа претставува олеснување, бидејќи самиот модел овозможува забрзана изградба на инфраструктурата, зголемена ефикасност, односно намалени трошоци на животниот циклус, подобра распределба на ризиците, побрза инмплементација на проектот и подобрено управување, бидејќи оваа зона нема да зависи ни од изборни процеси, ни од промена на политичка гарнитура, ни од финансиска политика на државата...

Во делот на инвестицијата и вработувањата, според финансискиот план на партнерот во зоната треба да се слеат инвестиции вредни 160 милиони евра, од кои основната инфраструктура ќе „тежи“ приближно 15 милиони евра, а придружните објекти заедно со приклучокот до автопатот и до регионалниот пат ќе изнесуваат приближно 4-5 милиони евра. Ако ги земеме превид изградените фабрики во зоната, секако во зависност од употребената технологија, проценатата вредност може да достигне околу 500 милиони евра. Во зоната е планирана  изградба на околу 25-30 индустриски комплекси, а според најавите на „Нормак“ во зоната за неколку години треба да се отворат 7.000 работни места. Покрај директните вработувања во фабриките, мора да се напомене дека ова е можност и за останатите компании во регионот, кои ќе можат да се вклучат во делот на опслужување на компании кои ќе го најдат своето место во зоната.  

Како тече реализацијата на инвестициите во малите хидроцентрали?

Во претходниот период посветивме навистина значително внимание на реализацијата на овој проект и може да се каже дека резултатите во напредокот со изградбата на малите хидроцентрали во Македонија се веќе видливи. Досега потпишавме вкупно 66 договори за концесија за вода за производство на електрична енергија од мали хидроцентрали, чиј вкупен инсталиран капацитет изнесува 60 мегавати, со очекувано годишно производство од 230 гигават часови електрична енергија. Проценетата инвестиција се движи од 100 до 120 милиони евра.

Од вкупниот број на потпишани договори за концесија, во моментот изградени се вкупно 17 мали хидроелектрични централи, со инсталиран капацитет од 12 мегавати, за кои до сега се инвестирани над 20 милиони евра.Исто така, во моментот во изградба се уште 15 мали хидроелектрични централи со инсталиран капацитет од 16 мегавати и очекувана инвестиција од 27 милиони евра. Половината од нив се очекува да бидат завршени до крајот на оваа година, а другата половина на почетокот на 2014 година. Останатите 34 потпишани договори за концесија се во напредна фаза на обезбедување на потребните документи за добивање на одобренија за градба, со што ќе започне и нивната изградба.

Изградбата на малите хидроцентрали во Република Македонија особено позитивно влијае врз локално економскиот развој, бидејќи овозможува отварање на нови работни места за локалното население, ангажирање на локалните фирми при процесот на градење, а во буџетот на општините се слеваат дополнителни финансиски средства од концесискиот надоместок. На пример, во последниве три години по основ на концесиски надомест во буџетот е остварен приход од околу 700 милиони денари, што воопшто не е за потценување. И, најважното, со малите хидроцентрали се зголемува производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија што е во согласност со политиките на Владата за промовирање на инвестиции во чиста енергија.

Деновиве се актуелни новите тендери за минерални суровини. Како стоиме со инвестициите од концесиите во секторот рударство?

Да, деновиве се актуелни дури шест јавни повици за доделување на концесии за детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини на 53 локалитети од кои 50 локации за детални геолошки истражувања на минерални суровини и ти за експлоатација на минерални суровини. Имајќи предвид дека за секоја локација потребни се минимум 2-3 работници, за сите 50 локации ќе се отворат околу 150 нови работни места. Во  подготовка е и седмиот тендер за уште три локации.

Притоа, концесиите за детални геолошки истражувања ќе покажат со кое богатство располага државата во определените локалитети. Инвестицијата е сведена на понудениот концесиски надоместок и претставуваат потсенцијални инвестиции за оние кои ќе се одлучат на експлоатација, која пак, значи сигурна инвестиција, нови вработувања, плаќање на концесиски надоместокот по два основа и тоа за простор, како годишна давачка, и за експлоатација на минералната суровина.

Согласно измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини како новина се воведува доделувањето на концесиите за детални геолошки истражувања и експлоатација на минералните суровини да биде по пат на електронска аукција или наддавање, со што би се овозможил максимален степен на транспарентност при доделувањето на концесиите за минерални суровини.

Праксата покажа дека измените на законската регулатива во областа на минералните суровини, во насока на кратење на роковите и поедноставување на процедурите, беа најдобриот погодок за привлекување на инвестиции, особено странски, во Република Македонија. Во последниве три години склучивме дури 107 договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и тоа во 2011 година 15 концесии, во 2012 година 40 концесии и во 2013 година 52 концесии. Концесиите кои се доделени во овој период се претежно за неметални минерални суровини, термоминерални и минерални води, украсни камења и металични минерални суровини. Во Република Македонија вкупно досега се доделени 328 концесии за експлоатација на минерални суровини.

За време на истиот овој период склучивме 116 договори за концесија за детални геолошки истражувања, и тоа 40 во 2011 и по 38 во 2012 и 2013 година, од кои најмногу за неметалични минерални суровини и тоа на 76 локации.

По основ на концесиски надоместок во 2011 година се уплатени 470.072.680 денари, а во 2012 година  475.191.547 денари. До овој период годинава вкупно се уплатени средства во износ од 345.776.874 денари, од кои 78 отсто или 269.705.961 денари се приход на општините, а 22 отсто или 76.070.912 денари се приход на Буџетот на Република Македонија. Значи, општините на чија територија се врши експлоатација на минерални суровини имаат значително големи приходи по основ на уплата на концесискиот надоместок, особено оние кои имаат рудници за експлоатација на металични минерални суровини.

Од економски аспект, споредено со истиот период од минатата година во индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен бележи пораст од 6,7 проценти, што  покажува континуирана позитивна стапка на раст на производството, поради што е еден од водечките сектори од индустриското производство и со учеството од 1,5 отсто во бруто домашниот производ.

До каде се поатрактивните најавени тендери - Стогово, Тајмиште, Иловица,... и кога се очекува нивната реализација?

За локалитетот „Стогово“, Владата склучи договор за концесија за експлоатација на минерална суровина-маган со друштвото „Скопски легури мајнинг“ од Скопје. Со експлоатација на минералната суровина и изведување на рударските работи може да се отпочне откако концесионерот ќе добие дозвола за експлоатација. Концесионерот во меѓувреме треба да подготви проектната документација и да поднесе барање за добивање на дозвола за експлоатација во рок од четири години, а по добивањето на дозволата, во рок од три години да започне со работа. Притоа, оваа концесија е особено значајна за општините Дебарца, Кичево, Дебар и Струга, кои добиваат 78 отсто од концесискиот надомест. 

Што се однесува до рудникот Тајмиште во општина Зајас, деновиве се објави јавниот повик за експлоатација на минерална суровина – железо, кој ќе трае до 18 декември, а веќе следниот ден е закажано електронското наддавање. Условите за отпочнување со работа се согласно законот.

Неодамна во тој регион имавме уште една успешна инвестиција, и тоа хрватска, во делот на минералната суровина - подземна вода на локалитетот село Гари, општина Дебар. Друштвото Мали Лошињ, како дел од најавената инвестиција од 6.000.000 евра ја започна изградбата на фабрика за минерална вода, во која се најавени околу 70 нови вработувања.

Што се однесува, пак, до локалитетот Иловица, канадската компанија „Еуромакс“, специјализирана за истражување на минерални суровини, преку својата компанија регистрирана во Македонија подолго време го истражува локалитетот во општина Босилово. Во јули минатата година оваа компанија склучи договор со Владата за концесија за експлоатација на бакар и злато на локалитетот Иловица и оттогаш практично започнаа активностите за подготовка на техничката документација и подготовка на теренот за добивање на дозвола за експлоатација. Согласно законските одредби, концесионерот има рок најдоцна до јули 2016 година да ја поднесе целокупната техничка документација за добивање на дозвола за експлоатација, што вклучува изработка на главен рударски проект, кој ќе го предвиди целиот процес на експлоатација и преработка на минералната суровина. По добивањето на дозволата за експлоатација, концесионерот има рок во наредните три години во целост да ги заврши сите предвидени работи да започне со експлоатација, иако се очекува побрзо да се завршат сите подготовки, односно да почне со работа во наредниве 5 години.

Оваа инвестиција не е значајна само за регионот, туку и за целата држава. Започнувањето со експлоатација од овој локалитет уште од самиот почеток позитивно ќе се одрази на буџетот. Се очекува со изградбата на рудникот Иловица да се вложат околу 500 милиони долари, а во целиот процес на работа да се ангажираат над 500 работници, од кои повеќето ќе бидат од стручните струки од областа на геологијата и рударството.

Дали генерално сте задоволни од приливот на странски инвестиции во земјава и кои се очекувањата за оваа и наредната година во овој сегмент?

Факт е дека странските директни инвестиции имаат приоритет во активностите на Владата и тоа од повеќе аспекти: обезбедување бескаматен прилив на капитал, внесување нова технологија, култура и менаџерство во компаниите, зголемување на конкурентноста во економијата, зголемување на извозот итн.

Во време на многу силна економска криза, каква што е актуелната, не беше реално да се очекува дека странските инвеститори ќе одлучат поинтензивно да вложуваат свои средства во региони како што е европскиот, а особено балканскиот, кои се соочени со дејството на кризата. Сепак, со задоволство ќе истакнам дека напорите на Владата вложуваат со плод. Во првите осум месеци од годинава во Република Македонија влегле 153 милиони евра, што е за 53 милиони евра повеќе од цела 2012 година. Ако до крајот се реализираат веќе најавените и прелиминарно договараните странски директни инвестиции од одредени инвеститори, може да се очекува дека до крајот на 2013 година странските директни инвестиции во Република Македонија ќе достигнат до 200-250 милиони евра.

Веќе следната година се очекува заживување на светската, а во тие рамки и на европската економија. Остварувањата на македонската економја во 2013 година се очекува да продолжат и во 2014 година со уште повисока стапка на пораст од околу 3,3 проценти. Во такви услови се очекува и странските инвеститори да го зголемат својот интерес за инвестирање кај нас. Нашите очекувања се дека во текот на 2014 година би можеле да очекуваме уште поголем прилив на странски инвестиции.

И меѓународните извештаи покажуваат дека Република Македонија секоја година напредува во оценувањето. И резултатите од најновиот Извештај на „Дуинг бизнис“ покажа дека повторно се  придвиживме нагоре на ранг листата на земји кои се предмет на опсервација од аспект на условите што тие им ги нудат на бизнис субјектите за почнување и водење бизнис, што само ја потврдува целосната реформска определеност на Владата. Значи, во креирањето на политиките, мерките и регулативата сме на вистинскиот пат, останува поактивно да поработиме на подигање на усогласеноста на регулативата со квалитетот на нејзината имплементација.

Најрано, речиси 4 месеци пред стартот на календарската година, како никогаш досега во историјата на независна Македонија, Владата изготви предлог Буџет и го достави до Пратениците, со цел да имаат време и можности да ги разгледаат сите ставки и навремено да реагираат и токму од тие причини, Вицепремиерот и министер за Финансии, Зоран Ставревски не очекува повторување на минатогодишното сценарио на опзицијата, туку напротив очекува плодна и конструктивна дебата на пратениците.

-Се разбира дека очекувам жестока дискусија. И тоа е добро. Затоа и буџетот се усвојува од страна на Парламентот, бидејќи тоа се средства од сите граѓани на Република Македонија наменети за сите граѓани на Република Македонија.

Сепак тука би истакнал дека плодотворна дискусија за буџетот и режирана амандманска блокада, која се случи минатата година, се две различни работи, вели во интервјуто за Прес24, Вицепремиерот Зоран Ставревски.

Открива дека Буџетот за 2014 е еден од ретките Буџети со најголем процент на капитални инвестиции.

-Вкупниот износ на капитални инвестиции е 22,5 милијарди денари и е за 20 проценти повеќе од оваа година. Нема да најдете држава во Европа што во една година ги зголемува капиталните инвестиции за 20 проценти, вели Ставревски за Прес24, побивајќи ги тезите на опозиционите експерти дека оваа власт не инвестира во инфратсруктурата.

-Во 2005 година капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура изнесувале 2.251 милиони денари, а во 2013 година 8.496 милиони денари, додека во 2014 година се планирани 13.214 милиони денари. Значи ако споредите 2005 година и 2013 година капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, а ако споредбата се направи меѓу 2005 и 2014 година тогаш зборуваме фантастичен раст на капиталните инвестиции во инфраструктурата од 487 отсто, потенцира Министерто за Финансии.

Во интервјуто за Прес24, Вицепремиерот уверува дека не постои никаков ризик од презадолженост, и децидно потенцира дека оваа Влада не планира и нема да зголеми ниту еден дано.

-Денес државниот долг изнесува 33,6% од БДП, со што Македонија е во групата на умерено задолжени земји и четврта најмалку задолжена земја во Европа. Обврските на државата редовно се сервисираат и во таа насока на почетокот од годината беше исплатена еврообврзницата, како и други обврски по основ на билатерални и мултилатерални договори за заем, вели Ставревски за Прес24.

-Цврсто сме убедени дека политиката на ниски даноци на долг рок ја зголемува конкурентноста на македонските компании, придонесува за развој на приватниот сектор и претприемништвото и е најефикасно средство за борба против сивата економија. Во тој контекст, ќе го одржиме ветувањето дека Владата нема да зголеми ниту еден данок во Република Македонија, уверува Министерот за финансии.

Ставревски во интервјуто за Прес24, прави анализа и на странските директии инвестиции изминативе седум години, како и нивна споредба со владите на СДСМ, потенцирајќи дека критиките од опозицијата, дека странските компании ја заобиколуваат Македонија се неаргументирани.

-Значи за 6,5 години ВМРО-ДПМНЕ успеа да донесе над 1 милјарда евра повеќе странски инвестиции во однос на тоа што го оствари СДСМ за цели 10 години! Дали некој памти или може да каже која странска инвестиција ја донесе СДСМ во Македонија? Не само што не донесе ниту една, туку ги избркаа Ауди, ИНГ банката од Холандија и уште неколку глобални брендови. А тоа се случи само заради корумпираност и заштита на интересите на лоби групи блиски до СДСМ, вели во интервјуто за Прес24, Вицепремиерот, Зоран Ставревски.

 

ПРЕС24: Предлог-буџетот за 2014 година го помина првиот филтер – усвоен од Владата. Следува комисиска, а потоа и општа расправа во Собранието. Очекувате ли жестока расправа и колкави се шансите да се повтори минатогодишното сценарио – огромен број на амандмани, маратонски дискусии, блокада...?

СТАВРЕСКИ: Предлог-буџетот за 2014 година беше доставен до Собранието на 20 септември. Значи оваа година предлог-буџетот е доставен до пратениците најрано од сите буџети досега и тоа не само од сегашната власт туку воопшто. Ова им дава доволно време на пратениците да го разгледаат, како и да достават забелешки доколку имаат, во вид на амандмани. Буџетот е документ со кој се планираат сите активности кои Владата ќе ги реализира идната година. Имајќи ја на ум неговата комплексност и суштественост, се разбира дека очекувам жестока дискусија. И тоа е добро. Затоа и буџетот се усвојува од страна на Парламентот, бидејќи тоа се средства од сите граѓани на Република Македонија наменети за сите граѓани на Република Македонија.

Сепак тука би истакнал дека плодотворна дискусија за буџетот и режирана амандманска блокада, која се случи минатата година, се две различни работи. Минатата година амандманите кои беа доставени од страна на опозицијата не беа во насока на корекции на одредени ставки во буџетот, туку едноставно да помине времето и буџетот да не се донесе во рок. Тоа можеше секој граѓанин да го забележи доколку погледнеше барем половина час пренос од Комисијата за финансирање и буџет на Собранискиот канал. Тоа беа бесцелни повеќечасовни беседи од страна на пратениците на опозицијата за секој од поднесените рекордни 1.026 амандмани. А што беше целта? – Единствено да не се донесе буџетот, односно да не може да се исплати покачувањето на пензиите, субвенциите, да се попречи во реализацијата на одредени капитални инвестиции, да се попречи воопшто во едно нормално функционирање на државата.    

 

ПРЕС24: Што предвидува Буџетот за 2014 година за граѓаните и стопанството?

СТАВРЕСКИ: Буџетот за 2014 година предвидува раст на капиталните инвестиции, платите, пензиите, социјалните додатоци, земјоделските субвенции. Вкупниот износ на капитални инвестиции е 22,5 милијарди денари и е за 20 проценти повеќе од оваа година. Нема да најдете држава во Европа што во една година ги зголемува капиталните инвестиции за 20 проценти. Од вкупните капитални инвестиции, за патната и железничка инфраструктура предвидени се 3,4 милијарди денари, за образование, детска заштита и спортот 2,4 милијарди денари, за опрема и почеток на изградба на Клиниката во Скопје и Општата болница во Штип 1,9 милијарди денари, за енергетска и комунална инфраструктура 1,3 милијарди денари, за израдба на технолошко индустриските развојни зони 505 милиони денари, итн.

Предвидени се средства за пораст на платите почнувајќи од октомвриската плата, за пензиите за 600 денари за секој пензионер почнувајќи од март 2014, 5% зголемување на социјалната помош од март, а субвенциите во земјоделството се проектирани на 140 милиони евра.

 

ПРЕС24: Главна забелешка на експертите не е планот за капитални инвестиции во буџетите, туку нивната реализација. Ќе се подобри ли ефектуирањето на планот на капитални инвестиции, работите ли на тоа?

СТАВРЕСКИ: Реализацијата на капиталните расходи во периодот јануари-август во 2013 година е подобрена за 16% во однос на лани. Не велам дека не може подобро и ние се стремиме кон подобро. Бидејќи најголем дел од проектите се во зрела фаза на реализација очекувам зголемување на овој процент. Порано и планираните и реализираните инвестиции беа двојно пониски.

 

ПРЕС24: Кои се топ 5 проекти во кои ќе инвестира Владата следната година?

СТАВРЕСКИ: Освен средства во буџетот за наредната година за проектите од патната инфраструктура и енергетиката предвидени се средства и во програмата на Агенција за државни патишта, како и во програмите на ЕЛЕМ и МЕПСO. Можеби по значење како најбитни би можеле да ги издвоиме изградбата на автопатот Коридор 10, делницата Демир Капија-Смоквица, изградба на железничкиот Коридор 8 во делот Куманово-Бељаковце, реконструкција на железничката пруга на коридорот 10, изградбата на Националниот гасоводоен систем, изградбата на јавни здравствени установи, на основни и средни училишта, детски градинки, училишни и спортски сали, канализациони и водоводни мрежи итн...како што гледате не може да се ограничи само на топ 5.

 

ПРЕС24: Од каде ќе се обезбедат извори за финансирање на Буџетот за 2014 година? Има ли ризици од презадолжување?

СТАВРЕСКИ: Буџетот за 2014 година ќе се финансира од даночните и неданочните приходи, како и од продажбата на државните хартии од вредност и странски заеми. Исто така се финансираат сите европски земји. Што се однесува до вториот дел од прашањето би посочил дека Владата води исклучително претпазлива политика во однос на долгот. Пред почетокот на светската криза, извршивме предвремено раздолжување–од државен долг од 39% од БДП, колку што изнесуваше кога дојдовме на власт, го сведовме на околу 24%. Со предвремената отплата на кредитите, покрај намалување на долгот остваривме и значителни заштеди по основ на камати. Истовремено со оваа постапка го подобривме имиџот на земјата пред меѓународните финансиски инстититуции и кредитори. Со овој потег се ослободи простор во услови на светска финансиска криза, Македонија да има пристап и да обезбеди средства за финансирање од странски извори. Денес државниот долг изнесува 33,6% од БДП, со што Македонија е во групата на умерено задолжени земји и четврта најмалку задолжена земја во Европа. Обврските на државата редовно се сервисираат и во таа насока на почетокот од годината беше исплатена еврообврзницата, како и други обврски по основ на билатерални и мултилатерални договори за заем. Потврда за успешната политика за управувањето со јавните финансии доаѓа и од меѓународните финансиски институции ММФ и Светска банка. Сумарно - не постои ризик од презадолжување.

 

ПРЕС24:  Дали се планираат промени можеби во даночната политика? Зголемување на даноците за да се наполни буџетот?

СТАВРЕСКИ: Нашата даночна политика која се базира на ниски даноци е добро позната и таа не се менува. Ги намаливме даноците, придонесите и воведовме рамен данок. Од оваа политика не отстапивме ниту во времето кога најсилно се чувствуваа последиците од светската економска криза, а нема ни сега. Додека речиси сите земји од Европа ги зголемија даноците со што на многу полесен начин ја спроведуваа политиката за фискална консолидација, ние успеавме да го задржиме истото ниво на даноци. Наместо да воведува нови даноци, Владата го избра потешкиот начин на консолидација - кратење на неразвојните расходи во буџетот. Цврсто сме убедени дека политиката на ниски даноци на долг рок ја зголемува конкурентноста на македонските компании, придонесува за развој на приватниот сектор и претприемништвото и е најефикасно средство за борба против сивата економија. Во тој контекст, ќе го одржиме ветувањето дека Владата нема да зголеми ниту еден данок во Република Македонија.

 

ПРЕС24: Како оди сервисирањето на ДДВ и обврските кон стопанството?

СТАВРЕСКИ: Како што беше ветено. Заклучно со февруари 2013 целосно се исплатија обврските кон стопанството во износ од 92 милиони евра, од кои 52 милиони евра обврски по основ на поврат на ДДВ и 40 милиони евра за реализирани проекти. Со тоа Македонија е единствена од регионот која се раздолжи кон стопанството. Од тогаш редовно се извршуваат обврските кон стопанството и навремено се врши повратот на ДДВ. Тоа многу помогна во првата половина од оваа година да се оствари раст на БДП и компаниите да имаат подобра ликвидност.

 

ПРЕС24: До каде е Законот за финансиска дисциплина?

СТАВРЕСКИ: Тој е во финална фаза на подготовка, наскоро ќе биде доставен до Влада, а потоа и до Собранието. Со законот ќе се предвиди во договорите помеѓу приватните фирмите, рокот за исполнување на паричните обврски да не може да биде подолг од 60 дена. Во исклучителни ситуации, доколку постои согласност од двете страни, тој рок може да биде подолг, но не повеќе од 120 дена. Со законот се предвидува на должникот кој паричните обврски не ги исполнил во роковите да му се пресметува и наплаќа казнена камата, согласно законот за облигациони односи. Со овој Закон ќе се подобри дисциплината на плаќања, а со тоа и ликвидноста на фирмите, посебно на малите и средни претпријатија кои најчесто се жртви на неплаќачите. Мора да се заштитат доверителите, и да се прекине со праксата должниците да живеат на товар на доверителите.

 

ПРЕС24: Кога ќе пристигнат новите 100 милиони евра евтини кредити за стопанството од Европската инвестициска банка за малите и средни претпријатија?

СТАВРЕСКИ: Министерството за финансии и Македонската банка за поддршка веќе ја имаат отпочнато постапката за обезбедување на нови 100 милиони евра и во октомври се очекува финализирање на преговорите и усвојување на кредитот на бордот на ЕИБ. Веќе во ноември фирмите ќе може да почнат да аплицираат за средствата од оваа кредитна линија.

Инаку, ова ќе биде четврта ваква кредитна линија од ЕИБ која Владата преку Македонската банка за поддршка на развојот ја пласира кај малите и срени претпријатија во Македонија. На овој начин Владата увезува свеж капитал по мошне поволни услови со фиксна годишна каматна стапка од 5,5% и со рок на отплата до 8 години за инвестиции и до 3 години за обртни средства и истиот им го става на располагање на фирмите.

Ефектите од овие кредитни линии се многукратни - од подобрување на ликвидноста до инвестиции во нови технологии и отворање на нови работни места.. Од досегашните кредитни линии во износ од 250 милиони евра искористени се вкупно 222 милиони евра за реализација на 761 проект и отворање на нови 4.782 работни места. До крајот на септември се очекува повлекување на уште 6 милиони евра за нови проекти, со што од претходната линија на располагање остануваат уште 22 милиони евра.

 

ПРЕС24: Најавивте зголемување на пензиите наредната година. Дали ќе можат пензионерите да очекуваат редовна исплата на пензиите и покачувања?

СТАВРЕСКИ: Откако оваа Влада е на власт исплатата на пензиите оди редовно и истите се исплаќаат најдоцна до 5-ти во месецот. Годинава ги зголемивме пензиите за 5 отсто како што ветивме и следната година ќе ги зголемиме 5 отсто исто така.

Од 2006 наваму пензиите се зголемени за 50 отсто. Така ако просечната пензија во 2006 година изнесувала 7.683 денари, во 2013 таа изнесува 11.565 денари. Уште поголем е растот ако се преви споредба на најниската пензија во 2005 и 2013 година. Најнискиот износ на  пензија во 2006 година изнесуваше 3918,50 денари, а во а во февруари 2013 година изнесува 6.968,00 односно зголемување за 77,8%.

Но грижата на оваа Влада за постарите лица не се сведува само на личниот доход. Во текот на годиниве спроведени се бројни проекти како намалувањето на цената на лековите, бесплатната бања, бесплатниот градски превоз и др.

 

ПРЕС24: Значително е зголемена и сумата за субвенции во текот на годиниве. Колку може да се очекува да се зголемат субвенциите во наредниот период?

СТАВРЕСКИ: Земјоделството е еден од носечките сектори на македонското стопанство.  Затоа од 2006 година наваму Владата има исплатено над 630 милиони евра за субвенции за земјоделците. Заклучно со 2016 година субвенциите исплатени на земјоделците ќе надминат една милијарда евра. За споредба во 2006 година во Буџетот на Владата на СДСМ биле планирани само 5 милиони евра субвенции.

 

ПРЕС24: Како оди реализацијата на проектот „Купи куќа, купи стан“. Кои средства сега се повратни, а кои се неповратни?

СТАВРЕСКИ: Проектот „Купи куќа, купи стан“ влегува во втората година на својата реализација и можам да кажам дека е задоволство што веќе се гледаат ефектите од него – млади семејства кои започнуваат да го градат својот семеен живот во нов дом. Тие се најдобар доказ за мене дека овој проект е успешен.

Што се однесува до средствата кои Владата ги субвенционира за станбен кредит – било да се избере моделот „Рата“ или „Учество“ и без разлика дали станува збор за куќа или стан – тие се неповратни. Така ако изберете да купите стан Владата може да ви плаќа половина од ратата за кредит првите пет години или може да ви плати половина од учеството. На овој начин можете да добиете до 10.000 евра субвенција од Владата. Ако пак изберете да аплицирате за проектот за да купите, изградите или надградите куќа, Владата субвенционира 75 отсто од ратата за кредит првите пет години или 75 отсто од учеството. На овој начин можете да добиете субвенција и до 15.000 евра. Дополнителен бенефит се ниските каматни стапки кои се движат од 4,5 до 5,5 отсто.

Сепак, секој треба сам да си направи сметка и да види кој модел најмногу му одговара. Стекнувањето на сопствен дом е решавање на едно животно прашање и треба да му се пристапи аналитички, но и да се искористи големата помош која ја нуди Владата и тоа на почетокот, кога е најтешко.

 

ПРЕС24: Главна забелешка на опозицијата е дека не се вложува во инфраструктурата. Според нив, ниското ниво на странски директни инвестиции е резулат на тоа што немаме патишта. Имаат ли основа овие тврдења?

СТАВРЕСКИ: Да зборуваме со аргументи, а тоа се бројките. Кога правам споредби јас секогаш зборувам со бројки. Во 2005 година капиталните инвестиции во патната и железничката инфраструктура изнесувале 2.251 милиони денари, а во 2013 година 8.496 милиони денари, додека во 2014 година се планирани 13.214 милиони денари. Значи ако споредите 2005 година и 2013 година капиталните инвестиции во инфраструктурата пораснале за 277 отсто, а ако споредбата се направи меѓу 2005 и 2014 година тогаш зборуваме фантастичен раст на капиталните инвестиции во инфраструктурата од 487 отсто.

 

ПРЕС24: А што е со странските инвестиции?

СТАВРЕСКИ: Странските директни инвестиции во периодот 2007-јули 2013 достигнаа 1.812 милиони евра, што е за 1.045 милиони евра повеќе во однос на кумулативниот прилив во 10-годишниот период на владите на СДСМ (767 милиони евра без приватизацијата на ЕСМ). Значи за 6,5 години ВМРО-ДПМНЕ успеа да донесе над 1 милјарда евра повеќе странски инвестиции во однос на тоа што го оствари СДСМ за цели 10 години!

Оттаму, не би се согласил со тврдењето на СДСМ дека нема странски инвестиции. Впрочем демант за тоа се Џонсон Контролс, Џонсон Мети, Кемет електроникс, Протек груп, Технокозе, Ван Хул, Кромберг и Шуберт, Дрексел Мајер, Суташ, Гришко, Џеваир Холдинг и низа други. 

Дали некој памти или може да каже која странска инвестиција ја донесе СДСМ во Македонија? Не само што не донесе ниту една, туку ги избркаа Ауди, ИНГ банката од Холандија и уште неколку глобални брендови. А тоа се случи само заради корумпираност и заштита на интересите на лоби групи блиски до СДСМ.

Тоа се бројките и фактите. Тоа е и крај на приказната кој бил поуспешен, дали има или нема странски инвестиции, патишта и сл.


Извор : „Прес 24“

Дозволете сега за неколку други работи. Какви се односите со ДУИ? 

- Се трудиме да се добри.

Само толку? Делува неубедливо... 

- Имаме несогласувања. За некои наоѓаме решенија, за некои сеуште не. Реков еднаш и пак ќе кажам, односите со ДУИ во првиот и во вториот мандат не се исти. Во вториот се влошени, но сеуште на одржливо ниво. Се додека имаме тренд на зголемување на стандардите во сите сфери, ќе има логика нашето коалицирање. Тоа е наша мисија како политичари. Постојани реформи на подобро. За подобро на сите, независно дали некој е Македонец, Албанец, Турчин, Србин, Ром, Бошњак, Влав или нешто друго. Независно дали е христијанин или муслиманин, или атеист.

На што конкретно мислите кога велите зголемување на стандардите?

- На закони, одлуки, мерки, реформи  и нивно спроведување со кои граѓаните се чуствуваат подобро, со кои се решаваат нивните проблеми и им се нудат повеќе можности, независно дали е тоа попрофесионална администрација, понезависно и поспособно судство, понезависни и поефикасни инспекции, поправично оценување, поправично добивање титули на основ на знаење и вештини, труд и работа, а не врски, корупција или партиски интервенции. Никогаш нема да има и никаде нема идеално општество, но нашата цел е да се стремиме кон тоа, и без застој да се движиме напред. Да создаваме мерки со кои ќе им се помага на болните и пациентите, и ќе се воведе правичност во наградувањето на лекарите, судиите, обвинителите, наставниците, професорите, дипломатите, итн... Се повеќе да има ред и поредок. Правда и еднакви можности зависно од учинокот. 

Екстерното тестирање е удар врз транзициското слепило

Која од овие споменати работи ги придвиживте?

- Многу, ама и има уште многу. Екстерното тестирање во основните и средните училишта е почеток на крајот на ерата во која царуваше неправично оценување кое започна како тренд во деведесетите заедно со транзицијата и новопечените богаташи, кои непосветеноста на развојот на децата сакаа да го компензираат и  купуваат со поправање на нивните отценки преку притисоци врз наставниците и професорите, кои пак притиснати од дел од ваквите родители, на крај решија за да им биде чиста совеста кон оние кои немаа таква моќ, на сите да им пишуваат високи оценки. Невелам дека се помина идеално во првата година на екстерното отценување, ниту пак дека тоа како систем е идеално, но е голем удар за транзициското слепило кое не води кон општество без знаење, без морал, без етика, без вистински вредности, не води кон навики дека се може да се заврши без знаење и труд, по заобиколен пат, со пари, со моќ, независно дали е таа финасиска, политичка, општествена...Екстерното тестирање е неповратен процес. Тој само ќе се усовршува. Се враќаат вредносните системи кои почиваат на личен труд и знаење.

Слично е и со плаќањето по учинок во здравството. Свесно си навлековме многу противници и со оваа реформа. Со верба дека градиме општество со повисоки стандарди и вредности.  И таа мерка има свои слабости. Нема идеален систем, посебно во здравството никаде во светот. Но има подобри и послаби. Се соочивме со жестоки критики и напади. Отпорот беше голем. Реформите бараат жртви, и ние сме свесни за тоа, но и во многу наврати покажавме спремност за тоа. Ама знаеме дека среднорочно позитивно ќе влијае на односот лекар пациент. Се менуваат и подигнуваат стандардите, се наградуваат најдобрите, се охрабруваат оние со послаб учинок да се подобрат. Не во која партија е, или кој му е близок, или на било кој начин клку е моќен, туку, колку помогнал на пациенти, и каков квалитет има, наспроти што и колку пациентите го посакуваат да им е лекар. Сега многу сме посветени на додатните обуки на лекарите. Нема добро здравство без постојано следење на светските трендови и учење.

Во секоја професија правило е дека кој сака да напредува, треба да знае дека цел живот мора да учи. Факултетот и постдипломските се само подготовка и учење како низ животот еден професионалец да напредува и да продолжи полесно да учи. Тоа е посебно важно во здравството. И министерот и јас договараме обуки насекаде низ светот. Тие веќе почнаа. Планот е секоја година по најмалку 500 медицински лица да одат на обуки за напредно знаење во странство, и да учат нови методи на работа. Годинава веќе околу 300 медицински лица заминаа за конкретни обуки. На почетокот имаше отпор и кон ова. Несфатливо, но имаше. Сега нема. Напротив, се повеќе расте конкурентноста кој каде и побрзо да отиде. Тоа ме радува. Се промени свеста. Имаше зачмаеност. Уседеност. Безволност. Сега во таа фела, веќе губиш на углед и на авторитет  ако не се доусовршуваш, затоа што другите го прават тоа. Тоа ќе не носи напред. И ние преземавме додатни мерки кои го стимулираа ова. На пример, освен што платата им тече додека се на обука, а таму се им е платено и плус добиваат некои екстра средства, предвидовме во законот одреден број месеци медицинското лице да прима поголема плата ако отиде на некоја обука и се усоврши за некоја нова метода на лекување. Почна да функционира и она што го ветивме на изборите: двојната плата за 100-те лекари со најголем учинок. 

Со ова ќе се намали и бројот на пациенти кои мора да одат на лечење во странство, од причина што многу методи кои во минатото не се практикуваа во Македонија, сега се учат на обуките и се практикуваат. Тоа ни прави заштеди на пари, а пак затоа воведовме закон, откако претходно го ветивме на изборите, дека секој што ќе мора да оди на лечење во странство и тоа го констатирла стручна комисија, нема да плаќа повеќе од 200 евра. И годинава ова почна да се применува. Секој кој сега преку медиумите бара пари за лечење во странство, треба да знаете дека тоа се случаи кои самите одлучиле да одат на лечење надвор, а не дека тоа лечење не е можно и во Македонија, и за тоа има одлука на стручна лекарска комисија. Освен што праќаме лекари на обуки во странство, и носиме странски специјалисти тука да вршат обуки на нашите лекари.

Економската дипоматија ќе ни биде главно оружје

И кај дипломатите ги променивме некои нешта. Нема веќе дипломат без меѓународно призната диплома со точно утврден степен на знаење на англиски јазик и на други јазици. Нема веќе докажување дека некој знае странски јазик со диплома од соседната улица, или со лично кажување дека знае. Ниту пак е доволно ако некој знае јазици да стане дипломат. Дипломатите не се преведувачи, знаењето странски јазик е само предуслов. Треба да има повеќе способности, вештини, знаења, искуства. Се ориентираме повеќе кон економска дипломатија. Со новиот закон се спречува и обично вработување во МНР без да се докажат преку различни тестирања способностите. Нема ни денгубење на вработените низ градските кафулиња во работно време, а тоа да не е регистрирано во учинокот. Среќен сум што овој закон од први јули, годинава, стапи на сила. Системски се следи работата на сите и сечиј учинок. Се е видливо. Министерот Поповски воведе дополнителни нови стандарди кои самиот ги практикувал и ги видел кога работеше во Европската Комисија, пред да биде ангажиран од нас. Од дипломатите и вработените во МНР се бара конкретен резултат, пред се економски за оние кои се надвор, а не голи фрази или фасада без содржина.

Немојте да ми кажете дека и измените на законот за абортус беа покачување на стандардите...?

- Апсолутно дека беа. Станува збор за правата на жената да ги има сите информации пред да ја донесе конечната одлука за абортус. Но, за жал ние како Влада не успеавме најсоодветно тоа да го искумуницираме со граѓаните. Тоа беше наш пропуст, а во Парламентот и во дел од медиумите не начекаа на нож. Дури и некои наши коалициони партнери во Парламентот хистерично врескаа за да се прикажат како нечии заштитници, со цел да приграбат некој политички поен на наш грб, без предходно да го прочитаат и анализираат законот, без да дојдат на координацијата на пратеничката група за таму да се расчистат нејаснотиите. Излезе дека ние нешто лошо сакаме некому да направиме, а другите демек спасуваат ситуација. Некои недоволно упатени граѓани не разбраа како да сакаме да им се вмешаме во нивната интима, што апсолутно не е така. Невладините организации финасирани од Фондацијата „Отворено општество“ ова го видоа како шанса уште еднаш да ни се нафрлат сметајќи на слабата комуникација која ја имавме по овој закон и на неговата карктеристична чуствителност. Дента кога се утврдуваше дневниот ред на Собранието, кога дојдоа пред Парламентот да протестираат заедно со некои новинари, министерот за здравство ги покани да влезат внатре за да се разбереме. Одбија. Тоа говори се. И за искреноста во намерите и за политичката заднина на нивното делување. Всушност мислам дека и да го искомунициравме најдбро што може, оваа група на луѓе ќе постапеше повторно исто.  

Во парламнтот подолг период стои новиот закон за правосуден испит предложен од група пратеници. Го подржувате ли тој закон?

- Апсолутно го подржувам. Е тој закон е вистинско зголемување на стандардите и ставање ред и поредок во таа сфера. Меѓу останатото законот упатува и на тоа 40 отсто од прашањата на испитот, одговорите да се бараат во учебници од кои се учи на највисоко рангираните универзитети во светот. Јас би го ставил тој процент да е и повисок, но ова е добар почеток. Посебно добро е што со овој закон се елиминира секаква можност да се положи без знаење и учење. Се’ е компјутерски. Испитот се снима и во живо се пренесува на веб страната на министерството за правда, членовите на комисијата не смеат да се задржуваат до кандидатите, а прашањата за секој одделен кандидат ги избира компјутерот преку специјален софтвер, од пул од 2.000 прашња, кои претходно се објавени, и посочено е во која литература ги има одговорите на секое одделно прашање. И за вториот дел од испитот предвидена е одлична процедура. Убеден сум дека откако ќе се усвои и ќе почне да се применува овој закон, многу други земји ќе го превземат од нас. И овој закон не води кон општество на знаење и вештини и правда во однос на тоа кој знае да положи, кој незнае да не положи, и да нема заобиколен пат за доаѓање до диплома.

Зошто толку инсистирате на таа фраза, општество на знаење и вештини? 

- Затоа што Македонија е мала држава, без преголеми природни богаства, без наоѓалишта на нафта или гас, без нуклерани боеви глави кои обезбедуваат некаква моќ, и без илјадници километри морски песочни плажи кои ќе ни донесат милијарди од туризам како што е во некои земји. Нашиот успех може да се заснова исклучиво на знаење и вештини, на вложување во умовите и знаењето на граѓаните. Тука е нашата шанса за успех долгорочно, и мора да направиме се што е во наша моќ да извлечиме максимум во тој дел и да ги охрабриме граѓаните да делуваат во тој правец. И затоа што во светот успешни држави и успешни општетства се оние кои се базирани на знаење, иновативност, претпримништво, научни достигнувања и образование. Дури и оние држави кои добиваат милијарди од нафта и гас, значаен дел од парите ги вложуваат во ова што го говорам затоа што сакаат да изградат општество и генерации кои сами по себе со своето знаење и вештини ќе генерираат напредок. Не случајно на пример Катар им има платено огромни пари на најпознатите американски универзитети да отворат кај нив универзитетски кампуси со ист квалитет како во Америка, за нивните граѓани, Катарците да учат во најквалитетни школи и да добијат најквалитетно знаење и вештини. Никој со сила не ги тера да го прват тоа, ама го прават. Да не говорам за Израел, Америка, Британија, Германија, Кина, Јапонија, сите вложуваат во градење на индивидуи кои ќе добијат знаење и вештини со кои општеството ќе оди напред. Затоа се тоа општества кои долгорочно се осудени на успех.

Албанските политичари повеќе се фокусираат на квантитеот отколку на квалитетот на кадрите. Треба да ги знаеме јазиците на кои зборуваме

Да се вратиме каде што почнавме, а почнавме со ДУИ и Албанците...

- Не. Почнавме со ДУИ. Албанците се друга тема. Ако имаме недоразбирања со ДУИ, незначи дека имаме недоразбирања со сите Албанци. Всушност што има лошо за Албанците во ова што го говорам.

Сепак, ДУИ бараат дополнителни работи околу употребата на албанскиот јазик...

- Мислам дека некои политичари од желба да им се додворат на своите електорати забораваат на некои посуштински работи. На пример, Албанците во Македонија, изучувањето на македонскиот јазик го започнуваат од четврто одделение, а на англиски од прво одделение. Постои отпор, и двата да се изучуваат од прво одделение. Од друга страна, согласно закон, македонските ученици можат да го изучуваат албанскиот јазик факултативно во училиште, но речиси никој не го прави тоа. Политичарите ова го премолчуваат за да не загубат политички поени односно за да не бидат погрешно разбрани и нападнати од политичкиот противник. Се прашувам каде не води ова? Ако сега веќе не живееме едни со други, туку едни покрај други, како ли ќе биде по 20 или 30 години. Како ќе се разбираме меѓусебе? Со преведувачи, или на англиски? Тоа се суштински проблеми, а не дали претседателот на Собрание седницата ќе ја води на македонски или албански јазик, во услови кога преносот на телевизија, Албанците го добиваат со албанска надсинхронизација. 

Дали Вие би дозволиле Вашите деца да учат албански јазик?

- Апсолутно. И не само да дозволам, јас би ги охрабрил да го направат тоа. Покрај, англискиот, знаењето албански јазик е предност. Воопшто земено, учењето странски јазик е богаство, и не случајно народот рекол, богат си толку колку што знаеш јазици, или вредиш за онолку луѓе колку што јазици говориш. Посебно познавањето на јазикот на комшијата е предност а не хендикепт.

Не мислите ли дека на ова ќе ви забележат многу Ваши подржувачи?

- Јас ви кажав, дека го говорам отворено она што го мислам, а имам избор да правам и поинаку. Но мојот избор е отвореноста. Има илјада начини да се каже помеко ова што го говорам, но мојот избор е директно и отворено. Секој кој ќе ми замери треба да се погледне во огледало и да се праша што има лошо во тоа ако го знаеш јазикот на комшијата со кој ќе живееш до крајот на животот. Но, свесен сум дека има предрасуди и отпор за овие прашања, и тоа големи.

Дали е ова промена на Вашите ставови?

- Не, отсекогаш сум го мислел истото. Па јас со години на многу настани каде има доминатно албанско население се трудам да кажам дел од моето обраќање на албански јазик. Тоа е израз на почит кон тие луѓе. Но, доброто знаење на јазикот, не е толку почит, колку корист за секој кој го знае.  Ама ќе ви дадам уште еден пример кога станува збор за односите меѓу Македонците и Албанците. Кога се прават коалиции меѓу политичките партии во Македонија, тие преговори траат со месеци. Мислам дека албанские политички лидери во Македонија многу повеќе внимание посветуваат на квантитетот на функционерските места, отколку на квалитетот на кадрите кои подоцна ги назначуваат. Квалитет кој ќе го издигне целото општество, а не само една етничка група. Не велам дека нема добри кадри меѓу Албанците. Има. Но, тврдам дека помалку се обрнува внимание на тоа од страна на нивнте лидери и партии, при што не се осврнувам на една или две парти или политичари, туку на сите воопшто.

Не подржуваме насилство, со насилство не се решава ништо

Зошто не реагиравте на повикот на ЛДП за осуда на употребата на насилство на хомосексуалците?

- ЛДП е партија која на последните парламентарни избори, после толку многу години постоење и делување, неуспеа да освои доверба на граѓаните ниту барем за еден пратеник. На следните избори ќе успеат да добијат пратеници само ако СДСМ одлучи да им даде пратеник или пратеници како коалициски партнер. Оттука, ние не се водиме по нивните проценки и  повици, за кои граѓаните го дадоа своето мислење преку гласањето, туку по нашите проценки. Ние како партија никогаш не подржуваме насилство, независно кон кого е насочено. Во секоја земја, па и во нашата повремено се случуваат инциденти проследени со насилства. Работа на полицијата е нив да ги реши и преку судската власт да ги санкционира низ процедурите на системот.

Значи не го подржувате насилството кон оваа група?

- Ниту кон нив, ниту кон никого. Со насилство не се решава ништо.

А каков е Вашиот став за протестите на „Веритас“ и пробиваето на кордонот на полицајците и кршење прозор на општината?

- Подржуваме секој човек, група, заедница, здружение или било што на мирен начин да изрази револт, но не подржуваме употреба на сила. Во случајот на „Веритас“, постоеше сериозна причина за протест, но кршењето прозорец не беше најсоодветно. Инаку, во тој случај имаше јасна намера на градоначалникот на Центар, од црквата да направи дива градба. Тоа се виде од образложението на поништувањето на деталниот урбанситички план. Во тој план единствено црквата се гради на зелена површина, и ниту еден друг објект, а тој токму враќањето на зелената површина го стави како единствено образложение. Потоа се вадеше дека мислел на онаа тревна површина спроти хотелот Бристол, ама не кажа дека тоа е дел од друг детален урбанистички план, а не од Мал ринг. Прилично невешт и неискрен начин на оправдување. Инаку, постапката која ја тера градоначалникот, е незаконска, и иинспекцијата за локална самоуправа има законско право да ја поништи доколку се донесе. Ако толку многу сакаше да тера по закон градоначалникот, можеше планот да го даде на Уставен суд, а не да создава вакви тензии. Но, очигледно, во услови на безидејност и немање ниту еден реализиран проект, на човекот му требаше причина да се експонира и да одглуми жртва. За тоа, морам да признаам го бива. Инаку, факт е дека тој во првите два, три месеци откако стапи на функција се покажа дека не е градоначалник кој сака да создава, да гради или решава проблеми. Напротив, тој со своите изјави ги одвраќа и инвеститорите да инвестираат во таа општина. А ако нема инвеститори тој нема да има ни пари нешто да изгради. 

Откако тргна во поход на незаконско поништување на веќе усвоени ДУП-ови со цел спречување на градби, чија подготовка или градба веќе е во поодмината фаза, инвеститорите сфатија дека е ризично да ги вложат своите пари во Општина Центар. Еве на пример, на оглас беше парцела на локација која е веројатно најатрактивна, веднаш до плоштадот Македонија. Имаше повик за јавно наддавање. Тешко дека некој може да најде поатрактивна локација во Скопје. Знаете кој се јави на повикот? Никој! Пропадна. Претходно самиот тој излезе и јавно кажа дека тој повик му е сомнителен или нешто слично, и крај. Толку им треба на инвеститорите. Затоа пак во другите општини продажбата на локации оди добро, и доста се инвестира, од што доста заработуваат самите општини. Тие продадени локации утре ќе бидат градби, центри, паркови, хотели, урбани катчиња, игралишта, училишта, сали итн., а Центар ќе продолжи да се занимава со поправки на бандери и со деструкција.

А однесувањето на Вашите советници тој ден во општината кои заличеа на СДСМ во декември?

- Мислам дека нашата советничка група соочена со неправдата и лошата намера на градоначалникот постапи на начин кој може да се протолкува најразлично, но јас знам дека нивната намера не беше деструктивна, туку напротив, да спречат деструкција на скоро изграден црковен објект. Дали го одбраа најсоодветниот механизам и дали на тој начин треба да се делува, е прашање на кое може да се даде различен одговор. Јас насилство и деструкција не можам и нема никогаш да оправдам, а одговорност за случувањата таму имаат сите чинители. Треба да извлечеме поука, и да продолжиме понатаму со вредностите во кои веруваме. Сметам дека кај нашата советничка група и постоеше извесно чувство на вина, но за среќа брзо се сфати грешката, и понатаму не се повторуваше. Тоа е нашата предност над СДСМ. Кога ќе згрешиме знаеме и да признаеме, и да се извиниме ако треба, и што е најважно да се корегираме.

Владиката Пимен не покажа аргументи и принципиелност

Владиката Пимен не ви беше баш од помош. Се стекна впечаток дека неговите зборови се упатени кон Вашата партија, иако пред да влезе во служба на МПЦ бил активист на ВМРО ДПМНЕ.

- Сум слушнал за тоа дека во времето кога претседател на ВМРО ДПМНЕ беше Љубчо Георгиевски, владиката Пимен, тогаш под неговото крстено име бил активист во младинската организација. Но, не сум слушнал дека е поддржувач на ВМРО ДПМНЕ откако е дојдено новото раководство во 2003-та со новите политики кои ги донесе. Напротив, имам чуено дека самиот ја истакнувал неговата блискост и подршка на Заев, што беше јасно кажано и во неговите интервјуа, каде посочуваше дека МПЦ во Струмица има многу поблиска соработка со СДСМ, отколку со ВМРО, што е нормално право на слободен избор.

Како и да е, милам дека  владиката Пимен меѓу другото имаше проблем што повеќе години е владика во синодот на МПЦ, а многу малку луѓе тоа го знаеја, и очигледно анонимноста го оптеретувала. Мислам дека на човекот му недостасуваше визибилност, пошироката јавноста да го запознае, па кога ја виде оваа шанса да го направи ова на наш грб, не се симна од медиумите под контрола на опозицијата цела недела. Којзнае колку бил среќен што конечно смислил причина некој да го даде на телевизија. Па дури почна да раскажува со кого што зборувал по кафичи. Несериозна работа. Не ми личеше ни на поп, ниту на владика, кога ги прераскажуваше кафански муабети на телевизија, кој во кафана што му кажал, и што во кафаната овој му одговорил. Но, негово право е тоа. И негов избор. Потоа, побара да се види со мене, а јас поучен од искуството на многумина дека човеков секој кажан збор го објавува по социјалните мрежи. одлучив да не бидам предмет на неговите општења со јавноста по Фејсбук и на медиумите за тоа кој што му рекол и што тој му одговорил, претпоставив дека и таа средба ќе биде дел од неговите наредни интервјуа, и фејсбук комуникации, во смисла на неговите обиди да излезе од анонимност. 

Сепак ќе потенцирам една работа, не ме убеди во она што најмногу сакаше да ја убеди јавноста. Во неговата принципиелност во ставовите. Дури напротив, за прв пат видов за каков непринципиелен и неискрен човек станува збор. За се што очигледно е непринципиелно и не му одговара бега од одговорите со нејасни одбегнувачки одговори. Кога некои медиуми му поставија прашања за некои непринципиелности на личности и нивно однесување, а кои се од неговото опкружување, за состојбите во МПЦ за кои веќе и јавно се говори, плашејки се дека искрениот одговор ќе може да му наштети, си ја „собра опашката“ и избега од конкретен одговор. Заборави и на принципи, и на верници, и на Господ  и на се’. Кариерата внатре во МПЦ му стана одденаш поважна од принципите.

И конечно, мислам дека во него беше насобрана некоја фрустрација, можеби делумно заради неговиот третман во МПЦ, за кој од самиот него знам дека не беше според неговите очекувања во минатото, а се чини и кон нас како политичка гарнитура, согласувајки се со Вас, дека иако не не спомна, беше доволно јасен дека се обраќа на нас. Не е ни прв ни последен, кому секогаш кога сме можеле сме му помагале, а ни вратил со „дрва и камења“ во прва наредна прилика. Таков е животот, и некои луѓе.

 

Извор: „НетПрес“

 

Желбата за да сторам се’ што е во моја моќ да се подобрат условите за живот е мојот мотив

Само што се вративте од Кина, за некој ден заминувате за Хамбург, Германија, а оттаму за Вилнус, Литванија. Пред само десетина дена бевте во Виена на самитот на Европската Народна Партија, веднаш потоа за  Естонија и Калининград, Русија. Во април бевте и низ неколку земји на Јужна Америка. Во септеври во програмата Ви се некои градови во САД. На што се должи Вашата прилично честа меѓународна активност во последните неколку години?

Се должи на мојата да желба да сторам се што е во моја моќ да се подобрат условите за  живот во Македонија. Најчесто овие патувања се комбинирано политички и економски, а некогаш се само економски или само политички, зависно од настанот и од ситуацијата. Значаен дел се поврзани со обидите за привлекување инвеститори, кои ќе отворат нови работни места во Македонија, а некаде воспоставување или продлабочување на односи, релации и пријателства со земјите од меѓународната заедница, а во некои случаи, кај доста значајни земји, играчи во меѓународните односи, за жал, се случува дури и нивна политичко економска посета за првпат од независноста на нашата земја. Тоа е мојата главна цел.

Компанија од Детроит најави дека ќе инвестира во Македонија

Каков  е одзивот?

- Некаде е подобар некаде послаб, зависно од многу фактори. Еден од факторите е и логистиката која ја имаме во одредена земја во смисла на подготовка на настанот, информирање на компаниите, и убедување да дојдат на тој настан. Покрај ангажманот на амабасадите и инвестициските промотори, кои се длабоко вклучени во овие настани, користиме и друг лица или институции кои можат да ни помогнат. Направивме и многу развиена мрежа на почесни конзули, и во најголем дел тоа се крупни и угледни бизнисмени. Во многу од случаите тие носат многу компании и го бараме тоа од нив, затоа што статусот почесен конзул како што се дава, така може и да се одземе. Треба да помогнат нешто на земјата која им го дала тој статус. Некаде од голема помош е и дијаспората. На пример, Мајк Зафировски многу ни има помагано, со отворање врати и силна препорака кај крупни компании чии врвни менаџери или сопственици се негови лични пријатели. Некаде тоа го прават други пријатели на Македонија или стопански комори. На прмер во Индија освен промоторот и амбасадата, многу ни помагаше Субрата Рој, кој ги покани највлијателните луѓе од земјата на презентацијата. Во Мексико целокупната организација ја превзеде најбогатиот човек на светот, Карлос Слим, и неговиот син Карлос Слим Јуниор, кој го води телекомуникацискиот бизнис која е нивна главна дејност.  Во Турција огромна е политичката подршка на премиерот Ердоган и ангажманот на Стопнската комора на Турција. Лани кога имавме презентации во Кина, клучна беше поддршката на властите и стопанската комора. Секаде е различно. Некогаш имаме по 200 или 300 или во некои случаи дури 400 присутни компании, но има места каде доаѓаат и помалку, по 30  или 40. Во некои земји е поголем интересот, во некои помал. Но, наше е да се бориме. Се случувало некаде да има и по 25 до 30 компании присутни, а да излезат  една, две или три многу заинтересирани компании. Нема правила. Никогаш незнаеш како ќе биде, мора да се вложуваат напори. Но, покрај масовните прзентации, некаде одиме и на таргетирани селектирани комании, и тоа директно кај нив. Еве на пример пред година или година и пол кога бевме во Детроит, посетивме три фабрики, и толку. Но, една од нив, веќе ни најави влез во Македонија, и позначаен број врботувања. Важен е бројот на присутни компании, но и квалитетот на компаниите како и нивното селектирање од страна на тој кој ги поканил, кој ја правел логистиката. Инаку, некои земји за вакви настани користат специјални агенции кои се прилично скапи за нас, и засега не сме користеле нивни услуги. На пример една соседна земја склучи договор со една од афилијациите на „Фајненшел Тајмс“ која се занимава со вакви организации, но за 4 организирани настани годишно само за услугите на агенцијата ќе плати 2 милиони евра.

Посетата на Кина беше успешна, со Русија ќе потпишеме договор за Јужен Тек

Како ја оценувате последната посета на Кина?

- Посетата во Кина ја оценувам мошне успешна и корисна. Имав прием и средба со првиот човек на државата, новиот претседател на Кина, како и со новиот премиер, на која средба присуствуваше и министерот за трговија, како и заменик министерот за надворешни работи на Кина. Тие се избрани на овие позиции пред само три месци, и беше важно да се воспостваи комуникација и да се продолжи добрата соработка со оваа земја која е наш принципиелен поддржувач и втора најголема економија во светот, и економија во експанзија. Интересно е што и на двете средби, со Претседателот и Премиерот, како и на интервјуто за ЦЦТВ, откако ги слушнаа условите за правење бизнис во Македонија, ми беше забележано дека потребна е посилна промоција на она што го нудиме во Кина, пред кинеските компании. Инаку, она што се трудиме да го обезбедиме е наше учество во пакетот од 10 милијарди долари кои Кина ги одреди за подршка на проекти во земјите на Централна и Источна Европа, како и привлекување компании од Кина кои планираат градба на капацитети во Европа. Имавме и други средби, учество на конференција за соработка на Кина со источна и централна Европа, обиди за воспоставување релации за обука на наши лекари за традиционалата кинеска медицина и повеќе други активности. Се на се се вратив со одлични впечатоци од оваа пријателска земја, и со надеж дека соработката ќе се продлабочи.

Некако остана да виси прашањето за непотпишувањето на гасоводниот проектот Јужен Поток со Русија. Има ли нешто што се случи или навистина технички беа причините како што беше официјалното објаснување? 

- Конечно вчера руската влада го прифати проектот и објави потпишување. Со Русија имаме се’ подобри релации, што е меѓудругото и резултат на наш ангажман во тој правец, после долг период на неоправдано запоставување на односите со оваа земја. Не мислам дека има некои суштински причини или скриени намери за Јужен Поток. Русија е голема држава и некои работи одат побавно отколку што ние очекуваме. Но, нема задна намера. Најважно е што се заврши се’ што требаше и што самата Влада на Русија го објави тоа и закажа потпишување наскоро. Тоа е историски чин за нас, и  за нашите меѓусебни односи. За Македонија овој нов гасовод ќе обезбеди долгорчна енергетска сигурност, и сега и планираната внатрешната градба на мрежа на гасна инфраструктура добва поголема смисла.

Остануваме во НАТО мисијата во Авганистан, членството во НАТО и во ЕУ е наш врвен приоритет

Дали на Кина и Русија не им пречи нашата намера да се зачлениме во НАТО и ЕУ?

- Никогаш не спомнале такво нешто. Мислам дека на нив им е позната состојбата и ориентацијата на нашиот регион, но и нашата желба да соработуваме со сите, и да градиме одлични и пријателски односи и со нив, како што и самата ЕУ и НАТО градат такви односи со нив. Глобализацијата ги поврзува земјите и регионално, но се повеќе и пошироко од тоа, како на пример земјите од БРИКС или НАТО на пример.

А дали водечките земји од НАТО и ЕУ се противат на се поголемото отворање на македонската надворешна политика во последните години кон повеќе земји и континенти?

- Никогаш немало такви забелешки или сугестии, ниту директни ниту индиректни. Па ние ја следиме надворешната политика на ЕУ во тој правец. ЕУ има повеќе држави со кои има стратешко партнерство, меѓу кои се Индија, Кина, Русија, Бразил, САД, Мексико, Јапонија, Канада и други. Сите ние се бориме за подобра иднина и поквалитетен живот на нашите граѓани. Нема соработка без лична комуникација, дијалог, меѓудржавни договори и промоција. Како што претседателот на САД  или на ЕУ оди во Индија, Кина, Русија, Бразил, како што се среќаваат со лидерите на Казахстан, Азербејџан, Јапонија, Сингапур, Катар, Мексико итн. во обид да направи нешто добро за нивните граѓани, така тоа го правам и јас и нашата Влада. Се разбира ние сме помали, а тие поголеми држави и имаме различни пристапи, потреби, очекувања, но во основа е истото ова што го кажав.

Повеќе земји планираат да го продолжат учеството во НАТО мисијата во Авганистан по 2014-та во форма на тренинзи, обуки и слично, се разбира во намален број војници и полицајци? Каков е планот на Македонија околу ова?

- Најпрвин дозволете да истакнам дека нашите војници во Авганистан вршат голема работа за Македонија и одлично не преставуваат. Оценети се со највисоки отценки, и тоа е за почит и за честитки. Покрај тоа, ротацискиот шестмесечен престој таму, и за самите нив, е едно ново и неповторливо искуство како професионални војници во амбиент на вистинска мировна, но и воена мисија. Во однос на вашето прашање одговорот е дека Македонија веројатно и по 2014-та извесен период ќе остане во мисија во Авганистан со намален број војници, со цел тренинзи и обуки на авганистанските безбедносни сили. 

Во однос на ЕУ, слично како и за НАТО повеќе пати изјавивте дека се соочуваме со неправди кон нас. Остануваме ли со истиот елан во напорите за зачленувањето?

- Членството во ЕУ и НАТО, и покрај сите неправди кои ни се случуваат, остануваат наш врвен приоритет. Тоа е интерес на Македонија, но и на регионот. Во крајна линија тоа е интерес и на ЕУ и на НАТО. Попречувањата кои ги имаме се наш предизвик со кој мора да се справуваме. Таква ни е кармата. Историски гледано никогаш ништо лесно не сме добиле и постигнале и никогаш ништо не ни било подарено. Се’ е со огромни напори и жртви, со попречувања и попречувачи, а за неправди, пак, да не зборуваме. Но, сме успевале, и ќе успеваме. Еден ден некој ќе се срами од ова што ни го прават.

Има многу аналитичари кои се прашуваат зошто сакаме да влеземе во ЕУ чија иднина е доведена во прашање?

- Затоа што тоа е интерес на земјата во овој момент. Јас незнам дали после 20, 30 или 50 години ќе ни биде интерес тоа членство. Впрочем, какко што може да се влезе, може и да се излезе во некое друго време ако тоа го налагаат околностите и интересите. Но, сега имаме интерес да влеземе во ЕУ. Не само заради структурните фондови кои се огромни пари, туку и заради многу други користи кои една мала земја од ваков турбулентен регион ги добива со членството. Многу историски настани од пред 50, 100 или повеќе години кои навидум се неразбирливи, можат лесно да се разберат само ако се проникне во тоа време и се разберат тогашните предизвици, проблеми, стравови, надежи, состојби. Затоа и најдобри историчари не се оние кои од денешен аспект носат суд дали некој пред сто години постапил исправно или не. Најдобри историчари се оние кои ќе навлезат во суштинските детали на тоа време, добро ќе го објаснат, и тогаш ќе стане јасна секоја одлука и причината за неа. Од една таква перспектива сосема е различна оценката за некој потег. Така е и со ова. Незнам како од аспект после 100 години ќе изгледа оваа наша борба за членство во ЕУ и НАТО. Можеби некој ќе ја фали, а можеби ќе ја критикува и исмејува. Но, јас знам дека во ова време, од мноштво причини, како економски, така политички и безбедносни, членството би и’ помогнало на Македонија. И ако тој што ќе носи оценка тогаш проникне во длабочината на нашето време во кое жевееме, и добро ги разбере проблемите, предизвиците и ризиците, ќе констатира дека оваа наша стартешка определба и напори биле исправни.

Ова ме потсетува на различните оценки за нашите историски личности околу нивните чекори пред стотина години...

- Да, вашата компарација е на место. Имаме историчари кои на пример левицата во ВМРО ја величеше а десницата ја осудуваше. Други пак ги сметаат за грешки или неразбирливи некои чекори од тоа време, на пример барањето автономија наместо незвисна држава. Но, има и историчари кои наместо да се постават како судии кои носат судови со ум од денешно време, без прникнување и разбирање на тоа време, многу поаналитично им приоѓаат на работите и резултатот на судот е поинаков. Јас ги почитувам многу повеќе вторите. Па така, ќе кажам дека во најголем дел и левицата и десницата се бореле за иста цел, но едните и другите избирале различни патишта, пријателства и поддршки, различни стратегии, методи, што за жал ги донело до меѓусебни пресметки. Тие понекогаш и ги менувале тактиките, сојузништвата, па и одредени нивни лични ставови, што може да се рабере само ако длабоко се проучи времето во кое живееле, севкупната атмосфера, распоред на сили, ризици, и други клучни моменти од тоа време. Но, тоа бара и повеќе работа, и повеќе труд и напори во проучување, читање, истражување. Така е и со ова прашање. Од денешен аспект и од денешна гледна точка членството е наш интерес.

Јас сум политичар кој отворено, јасно и недвосмислено ги испраќа пораките  

Што е целта на писмото кое пред некој ден го испративте до Самарас? 

- Се што имав да кажам кажав во писмото. Немам додатен коментар. Одбрав да бидам политичар кој прилично отворено, јасно и недвосмислено ги испраќа пораките, без скриени намери, политички игри или спинови, без трикови и блефови. Тоа што го мислам, јасно го кажувам. Не треба толкувања и толкувачи. Не дека неможам и поинаку, се разбира дека можам, но ова е мојот избор. Му се допаѓало тоа некому или не. 

Има ли одговор од Самарас?

- Засега нема. Треба да почекаме.

 

Новинар: Дејан Николовски

Извор: „НетПрес“

 

Kако ја оценувате моменталната економска ситуација? Јавноста Ве доживуваше, пред с`, како економска Влада, т.е. Влада посветена на економијата, а сега впечатоците како да се измешани.

Се зависи од кој агол ја гледате работата. Ќе ви дадам два примера.

Прво, во првиот квартал оваа година економијата заврши со раст од 2,9 отсто. Значи, безмалку 3 отсто раст. Ако ме прашавте во 2007 и во 2008, сам ќе ви кажев дека тоа не е доволно. Тогаш немаше светска економска криза, ниту европска должничка криза и економијата во Европа и секаде во светот одеше одлично. Денес ви велам дека сум задоволен затоа што сме во услови кога Европа с` уште ја тресат европската должничка криза и рецесиите, па така речиси 3 отсто раст е резултат за почит.

Второ, стапката на невработеност од 29,9 е висока. Но, ако земеме предвид дека наследивме стапка од 38 отсто од 2005 година и поминувајќи низ кризата, која се уште трае, дојдовме до 29,9, можам да си дозволам да кажам дека намалувањето на невработеноста во едни вакви околности оди добро.

Значи, мојот одговор на вашето прашање е, ако се земат околностите во ова време и во опкружувањето, би рекол дека економијата се движи релативно добро. Порано го мразев зборот стабилно кога стануваше збор за македонската економија, но дојде такво време во Европа и во светот кога да останеш стабилен стана предизвик.

Има ли на повидок некои нови инвестиции наскоро? Ќе кажете има, но тоа се најави, сепак, можеме ли нешто да конкретизираме?

Kога веќе ме прашувате за конкретни потенцијални инвеститори, да потсетам дека не можам да објавувам имиња на компаниите додека тие не одлучат да ја објават инвестицијата. Тоа е старо деловно правило во оваа работа. Но можам да дадам опис на она што ни е најавено, без да ја прецизирам компанијата.

Во март оваа година објавив дека еден германски гигант н` извести дека неофицијално веќе го избрале Велес како место каде што ќе ја реализираат својата следна инвестиција од областа на електрониката во автомобилскиот сектор и ќе вработат 600 лица во период од три години. Во меѓувреме тие н` известија дека донеле и одлука на бордот, што значи сега одлуката е формална. Не знам кога планираат да ја објават за јавноста, но начелно ни најавија дека градбата на фабриката би ја почнале на почетокот од следната година, што значи за 7-8 месеци од сега. Дај боже се да продолжи како досега.

Втора најавена инвестиција ни е исто така од германски гигант во областа на информатиката, поточно давање консалтинг-услуги од ИТ на големи клиенти. Тие најавија најмалку 1.100 вработувања, главно со високо образование од различни профили. Одлучија да изнајмат простор, а подоцна да изградат објект во Скопје. Значи, ќе ангажираат економисти, хемичари, биолози и други главно технички струки и од природните науки и ќе вршат обука и тренинзи за оние работи од ИТ за кои ќе има потреба.

Трета е француска компанија од индустријата за автомобилски делови, која н` извести дека одлучи да инвестира во Македонија и да вработи околу 450, а би почнале со 250 вработувања. Се уште немаат одлучено во кој град или општина ќе инвестираат, а најавија дека до крајот на годината би започнале активности за градба на фабрика. Би произведувале пластично-метални компоненти и би им продавале на некои од глобалните компании од автомобилската индустрија, кои веќе изградија фабрики кај нас, но и голем дел би извезувале. Kомпанијата има свои фабрики на три континенти, а отворањето на оваа фабрика е преселување на една од нивните фабрики во Северна Африка од каде што сакаат да се повлечат поради политичката нестабилност.

Четвртиот, прилично сигурен инвеститор, е една регионална компанија од областа на индустријата на градежни материјали, која, најверојатно, ќе инвестира во ТИРЗ „Штип“ и ќе вработи 80 луѓе.

Петтата е исто така регионална компанија од електронската индустрија, но продава производи во целиот свет. Нивниот план е да почнат од октомври-ноември со 50-ина вработувања, а за три години да стигнат до 300 вработувања, со потенцијал и за повеќе.

Шестата во најава е американска компанија од областа на автомобилски делови, која најави намера за инвестирање во Македонија. Претставници од таму беа на неколку локации, во Охрид, Kочани,Тетово и на други места во внатрешноста на Македонија, но с` уште ни немаат кажано точно каде би инвестирале. Би вработиле околу 800 луѓе за период од три години, а би почнале во првата половина на идната година.

Од истата компанија, но други три дивизии, ја разгледуваат можноста за инвестирање во Македонија.

Kолку се овие сигурни инвестиции?

Се додека не почнат со градба, не може да се каже дека се сто отсто сигурни, но овие ни кажале дека веќе донеле одлука.

Можно ли е да ја сменат одлуката?

Можно е. И такво нешто се има случувано. На пример, лани по убиството на Железарското Езеро, една германска компанија ја смени одлуката за градење фабрика во Струга каде што требаше да вработат 1.500 луѓе и одлучи поради безбедносни ризици, наместо во Македонија, да инвестира во Бугарија. Тоа ни беше кажано многу отворено, конкретно и директно. Или, на пример, почетокот на светската економска криза беше причина за откажување на повеќе веќе договорени инвестиции во 2008, на пример, „Хаер“ од Kина, чиј партнер за македонската инвестиција, кој беше од Јужна Kореја, падна во тешкотии и инвестицијата се одложи на подолг период со ризик и да пропадне.

Значи, не можам да исклучам дека е можно од разни причини некоја од овие компании да ја смени одлуката или да ја пролонгира инвестицијата. Ова што го говорам е на база на информациите што од нив ги имаме до овој момент.

Дали има и други што веќе ви соопштиле дека одлучиле да инвестираат кај нас?

Да, има. Еден американска светска компанија, која има годишен обрт од 2 милијарди долари, ни најави инвестиција во Kичево, најпрвин во постоен објект, а потоа префрлање во слободата зона. Тие се од индустријата на автомобилските делови и нивниот сегашен план е да вработат 700 луѓе во период од две до три години, а во последниот квартал на оваа година најавија дека ќе почнат да адаптираат објект и да почнат со вработувања.

Има и други што имаат интерес. На пример, иако се уште немаме потврда, засега имаме позитивни индикации од две  швајцарски компании за производство на опрема за обновлива енергија. Засега намерата им е и на двете, ако донесат финална одлука да инвестираат кај Струга, да вработат по 100-ина луѓе.

Една друга компанија од САД исто така планира градба на капацитет за делови на автомобили и вработување на 300 до 350 луѓе. Тие имаат и други дивизии, па можеби, ако с` оди добро, со оваа дивизија ќе привлечеме уште една. Една од тие дивизии е за авионски делови. Ќе направиме напори да ја убедиме да дојде.

Уште една американска компанија од индустријата на електронски делови во автомобилската индустрија најави инвестиција, но нема одредено во која општина ќе  биде локацијата.

Освен ова, важно е и дека неколку од компаниите, што веќе инвестираа во Македонија, активно размислуваат за нова инвестиција или за проширување и такви има потенцијално неколку фабрики, од кои едната е веќе во фаза пред добивање дозвола за градба во Скопје.

Постојат и други комбинации. На пример, една туниска компанија за кабли на автомобили сака да стационира производство со 100 вработени, веројатно, во околината на Kавадарци, со цел да ги снабдува „Дракселмајер“ во Kавадарци и „Kромберг“ и „Шуберт“ од Битола.

Освен ова, во Демир Хисар кон крајот на годината компанијата „Гришко“ од Русија, која веќе отвори погон со 80 вработени во село Слепче, Демирхисарско, планира втор погон кон крајот на годинава каде што во период од 2 до 3 години ќе вработи околу 200 луѓе. Истата компанија веќе соработува со други постојни фабрики во Штип, за чевли и за облека. Тие веќе произведуваат за нив и ќе продолжат тоа да го прават и по отворањето на новата фабрика во Демир Хисар.

Во период сме кога се најавува драстично поскапување на храната на светско ниво. Нас од тоа може да не  спаси само поголемо производство. Има ли интерес кај странците за инвестирање во оваа област?

Има поголем број заинтересирани. Но, би одвоил неколку. Една е за „Џумајлија“ и набргу се надевам дека ќе можам да објавам добра вест за влез на позната компанија од голема азиска земја, на која  посветивме големо внимание при нашите роуд-шоуа. Ако се биде во ред, таму планот на инвеститорот е во период од три години да вработи околу 2.000 луѓе и да инвестира околу 200 милиони евра и да инсталира производство со кое би го покривал целиот европски и блискоисточен пазар.

Има уште четири големи компании, кои сакаат да направат големи инвестиции во земјоделството. Едната е холандска компанија, а втората е унгарска, шпанска и турска. Сепак, со овие три компании сме во фаза на преговори, не сме во финиш и не можам да ги кажам како сигурни. Сите четири бараат големи парцели земјиште и не е лесно да се обезбеди. Во голема мера дали тие ќе инвестираат, ќе зависи од министерот за земјоделство во смисла ако тој обезбеди соодветни парцели земја за обработка. Холандската компанија бара 800 хектари земја каде што има термална вода, од кои 240 би биле со оранжерии и со пристап до термална вода. Инвеститорот од Шпанија бара 300 хектари, од кои околу 100 би биле под оранжерии. Унгарците бараат 10 илјади хектари, тоа е многу, но тие бараат земја со послаб квалитет и може да е расцепкана на повеќе делови, а турскиот инвеститор бара околу 2.500 хектари, но да не се разделени на повеќе од три локации, а и тие да се блиску. Kомпанија од Дубаи покажа интерес за откупен центар во Ресен и за тоа на потег е министерот за земјоделство.

Освен ова, една друга холандска компанија не извести дека донела одлука за инвестирање во Струмица во изградба на лаборатории за семенски материјал каде што планираат вработувања на приближно 300 луѓе во период од три години.

Дали има интерес за вложување во други индустрии?

Да, има една компанија од регионот од областа на металната индустрија. Не  информираа дека донесоа одлука за инвестиција на отворено во Kриволак каде што ќе вршат тестирања на соединување на металите со помош на експлозив. Ќе има околу 30-ина директни вработувања, но ќе има индиректни вработувања затоа што репроматеријалите ќе бидат од домашни компании и плус ќе имаат логистички услуги. Во моментот вршат тестирање за да ја потврдат локацијата. Или, да речеме, една англиска компанија н` информира дека одлучиле да отворат сервис на авиони на самиот аеродром и да вработат околу 150 луѓе. Ги очекуваме да ја реализираат нивната намера. Потоа тука е и неодамнешната најава на три компании од Турција од областа на медицината, со кои сме во фаза на преговарање на договорот откако н` известија дека донеле одлука за инвестирање. Тие би инвестирале во Бунарџик и за три години би постигнале бројка од 800 директни вработувања.

Пред две недели кај мене беше сопственикот на синџирот-болници од Турција и најави купување земјиште за градба на болница во Скопје. Ја виде локацијата, која во наредните неколку месеци треба да се подготви со цел да се даде на оглас и кажа дека му се допаѓа. Оствари и средба со градоначалникот на Kарпош, во чија надлежност е земјиштето, и се надевам дека градоначалникот нема да ја пропушти оваа инвестиција.

Со министерот за транспорт договорив да се подготват уште неколку локации за болници бидејќи повремено се јавуваат заинтересирани инвеститори. Исто така, треба да подготвиме и повеќе нови локации за хотели бидејќи постои интерес и за тоа. Засега има само неколку локации во општина Центар, но со оглед на тоа дека таму нема соработка со градоначалникот и неговиот однос ги плаши инвеститорите да вложуваат, ќе мора да се најдат можности во други општини како во Скопје така и низ Македонија.

Да потсетам дека се продаде и локацијата Сончев Град на истиот инвеститор, кој инвестира над 100 милиони евра во висококатниците во Аеродром и се надеваме дека до крајот на следната година и тој ќе ја започне својата инвестиција.

Македонија има голем потенцијал во рударството. Ќе има ли инвестиции во оваа област?

Да, се согласувам со Вас дека има потенцијал во рударството. Освен рудникот Иловица, кој според инвеститорот треба да почне со ископ во 2017 година и во кој има потенцијал за над 700 директни вработувања, во одлична фаза на напредок е рудникот Стогово каде што руско-украинскиот инвеститор планира 350 вработувања. За жал, не се реализира замислата со рудникот Тајмиште, но таму следува нов обид и има заинтересирани компании од Оман, но и од други земји, кои најавија учество на јавниот повик.

Од кое роуд-шоу досега имате најголем одѕив?

Ако под одѕив подразбирате компании што по роуд-шоуто доаѓаат во Македонија или на кој било начин ја продолжуваат комуникацијата, би рекол дека има повеќе примери каде што одѕивот е доволно голем за да се одвојат од другите. Несомнено досега тоа се Америка, Германија, Турција и Индија.

Kолку успеавте амбасадорите да ги натерате да помагаат за нови инвестиции?

Имаме делумен успех, но се движиме кон уште поголем. Амбасадорите полека сфаќаат дека Македонија не е земја што може да креира некоја висока геополитика и дека тие не може да имаат иста улога како амбасадори на некои големи според население и територија и финансиски и воено моќни земји. Нашата примарна цел, освен стратешкиот интерес за членство во ЕУ и во НАТО и градењето добри политички односи со сите земји, како и проблемот со името, треба да се економијата, инвестициите и отворањето нови работни места. Со исклучок на некои амбасадори што се пратени во мисии, како што се мисијата за ООН, НАТО, ЕУ и уште неколку слични, сите други треба да се примарно фокусирани на инвестиции и на извоз.

Или, наједноставно кажано, успешен амбасадор е онолку колку што со неговите активности во земјата каде што не претставува, успеал да отвори нови работни места во Македонија. Се  друго е трошење државни пари без голем ефект. 

Планирате ли отворање нови амбасади?

Да. Токио, Астана-Kазахстан, Бразил и веројатно во Абу Даби со Дубаи. Сите се избрани со цел развој на економските односи. Слабо сме застапени во Африка, мора и за тоа да се размислува во иднина.

Ги користат ли нашите бизнисмени услугите на амбасадорите и на промоторите?

Да, ама малку и ретко. Штета. Тоа е друга мака. Ние ќе отвораме нови амбасади во нови дестинации, ама ако бизнис-секторот не не следи, во смисла да бара услуги од нив за извозни зделки и слично, тогаш успехот нема да е според планираниот. Владее некоја апатичност, локална ориентираност, веројатно и недостиг на самодоверба и на енергија кај многу наши бизнисмени. Kако да се задоволуваат со малку. Чест на исклучоците, имаме и такви што се многу агресивни и упорни, но, за жал, не се многу. 

До каде сте со 1.600 вработувања во администрацијата и од каде една ваква идеја кај десничарска влада?

Македонија е земја во која има многу невработени во повеќе ранливи групи и тие луѓе тешко доаѓаат до вработување. Никогаш досега во Македонија не се отворил конкурс на кој предност при вработување би се дало на најзагрозените од оние што долгорочно се невработени над 10 години, на оние што немаат ниту еден вработен од семејство. Во минатото СДСМ ветуваше дека од секое семејство ќе вработи по еден, но од тоа ништо.

Не сметам дека ваквиот начин на вработување треба да стане принцип и да го засени вработувањето според квалитетот ниту, пак, имам илузии дека со овие 1.600 вработувања ќе им помогнеме на сите од овие категории. Што е најважно, оваа мерка не е ни наше изборно ветување и многу внимававме да не ја објавиме и да не ја започнеме пред избори, па да се сфати како предизборен маркетинг. Сепак, мислам дека барем еднаш државата треба да се сети и да им помогне на најзагрозените.

Имате ли притисоци, ургенции, лобирања за овие вработувања?

Би бил неискрен да кажам дека нема. Но, како на седница на Владата така и на последната седница на партискиот ЦK, каде што беа собрани повеќето од нашите функционери, дадов јасно до знаење дека не смее да се случи и нема да дозволам некој да си поигрува со судбината на овие категории лица.

Се пријавија над 25 илјади кандидати, а примате само 1.600. Другите 23.000 по дефиниција ќе бидат бесни и на Вас и на Владата.

Тој ризик ми беше познат уште од почетокот и повеќе од сигурен сум дека, на пример, опозицијата ќе направи максимум да ја дискредитира оваа наша добра намера. Јас знам дека од еден ваков процес, каде што десет пати повеќе ќе бидат разочарани отколку среќни, ние како влада и како партија не можеме да добиеме политички поени. Но, поентата е да им помогнеме на 1.600 семејства и за тоа вреди да се загубат политички поени. Притоа најважно е да имам чиста совест дека изборот бил фер и непристрасен. Се  друго е предрасуда, перцепција или политиканство и манипулација. Kонечно, ако некаде направиме грешка и некој тоа ни го предочи, а ние по проверките го констатираме, нема да се двоумиме веднаш да ја исправиме таа грешка. Поставивме двојна контрола на внесувањето на податоците, а како што кажав, кај избраните ќе има и постапка за проверка на вистинитоста на податоците. Внимававме и на етничката застапеност. Овој процес мора да заврши правично, како што е и замислен.

Но важно е да кажам дека и по ова планираме да излеземе со нов закон за администрација, со нови процедури, кои даваат сигурни гаранции на најдобрите, најкомпетентните и на најспособните да имаат предност при секое вработување во администрацијата. Значи, оваа мерка со 1.600 вработувања на ранливи категории е претходница на една нова многу сериозна надградба на процедурите за вработување.

Почнавте нов начин на ангажирање функционери преку јавни огласи. Зошто така постапивте?

Најголем дел од овие позиции ние немаме обврска да ги дадеме на оглас, Владата има законско право да ги назначи на седница без огласување. Но ние одлучивме поинаку. Еве веќе го завршивме процесот на интервјуирање на кандидатите за дипломати. И можам да кажам дека од оние што се избрани има дел што првпат ги видовме во животот, а ќе добијат шанса. Значи, има луѓе чие искуство и квалитет веќе ни се познати, но и такви што не сме ги сретнале никогаш претходно. Знаете, мојата филозофија е дека колку повеќе ангажираме компетентни луѓе толку подобро за државата и за Владата, а во крајна линија и за нас како партија. Меѓу тие што ќе отпаднат има и навистина квалитетни луѓе, но ќе има нови шанси.

Старите фабрики се заглавени во стечајни постапки

Од една страна, градите слободни економски зони и вложувате многу пари, од друга, стотици фабрички хали стојат празни. Нели е ова малку парадоксално?

На прв поглед така е. Но, кога ќе се види состојбата во сите тие фабрики со празни хали, ќе се види дека сите тие се заплеткани во некакви судски и стечајни лавиринти, од кои тешко и бавно се излегува. За таа цел подготвивме неколку работи. Прво, направивме регистер на празни фабрички хали, со сите потребни податоци од правен, економски и од секаков друг аспект, потребни за потенцијален инвеститор, па дури и со фотографии. Тој регистер го имаме и им е на располагање на инвеститорите. Наскоро планираме да стане и јавно достапен на неколку владини веб-страници. Второ, формиравме т.н. комитет за стечај. Kомитетот, освен што изработи нов закон за стечај, кој очекуваме да биде еден од најефикасните во Европа за оние фирми што отсега, па натаму ќе влезат во таква состојба, во стечај, туку се зафати со тоа фирма по фирма, од овие поголемите, каде што има празни фабрички хали, да ги отплеткува. Со тоа ги правиме сите потребни чекори за судовите да може да ја завршат постапката за нив независно каква е, стечајна, ликвидациона или каква било оти кога правно ќе се расчисти, тогаш станува многу атрактивно за инвеститорите да го купат просторот и таму да отворат погон и да вработат луѓе. Ова е многу макотрпна работа, која јавноста не ја гледа, но, се надевам, еден ден дел од неа ќе ја почувствува ползата. Мислам дека тоа ќе биде за една-две години кога веќе би требало да имаме посериозен резултат.

Градоначалниците да се свртат кон индустриски зони

Kако оди градбата на слободните економски зони?

Скопје 1 е завршена, Скопје 2 е при крај, Штип ќе биде функционална во јули кога „Џонсон контролс“ ќе почне да ја гради својата втора фабрика во Македонија, во која планира да вработи над 650 вработени. За тетовската зона се потпиша договорот за јавно-приватно партнерство и сега инвеститорот е на потег да ја догради зоната. Почнати се градбите во Kичево, Прилеп и во Гевгелија и во текот на следната година таму ќе има градежни работи. Во план се зоните Струга-Охрид, Струмица, Радовиш и Ранковце каде што наесен ќе почне градбата, и за последните три, Берово-Пехчево, Kочани-Виница и Делчево во моментов се прават проектите, а градбата би почнала кон крајот на оваа и во почетокот на следната година. Но, напомнувам дека паралелно со овие технолошко-индустриски развојни зони, многу е важно секој градоначалник во Македонија да изгради барем по една индустриска зона. Инвеститорите не сакаат само да инвестираат во ТИРЗ-овите, туку и во индустриски зони. Kој ќе биде спремен макар и со мала зона од 7-8 хектари, тој ќе ги привлече инвеститорите. Но тоа значи да има инфраструктура, пат, улица во зоната, водовод, канализација, а уште подобро за оние што во близина имаат пруга и гас. Kога јас би бил градоначалник, првата инвестиција би ми била во индустриска зона, макар и мала. А и резултатите на оние градоначалници, кои изградија вакви индустриски зони, се импресивни. Битола, Прилеп, Валандово, Василево и неколку други ги изградија и веднаш ги продадоа и во нив се градат погони што ќе вработуваат луѓе од нивната општина. За мене, нема поголем успех на еден градоначалник ако преку ваков чекор отвори нови работни места, што е и најгорливиот проблем во Македонија.
 

Извор: „Дневник“

Новинар : Дарко Јаневски

Господине Груевски, веќе е јасно дека Македонија нема да добие датум за почеток на преговори. Неодамна бевте во Виена, претходно се сретнавте со Филип Рикер во Скопје, ги имате информациите од контактите на нашите амбасадори, контактите на министерот за надворешни работи и на претседателот. Неодамна во Вашето обраќање на роденденот на Вашата партија повикавте на заедничка позиција и на утврдување нова државна стратегија, на што СДСМ одговори со повик за Вас да кажете зошто досега не ја внесовте земјата во ЕУ и во НАТО. Имате ли одговор на сето ова?

Не разбирам како СДСМ може да постави вакво прашање кога не цела Македонија, туку цел свет знае зошто Македонија не влезе во НАТО и не доби датум за почеток на преговорите со ЕУ. Единствена причина е што не прифативме промена на идентитетот на Македонците и на името на државата, а и таа промена да е по мера, да не речам по избор на Грција, истовремено одбегнуваат преговори и очекуваат с` да биде како што тие бараат. Еве, ако ме повикуваат да одговорам - ова е одговорот, иако тие добро го знаат. Блокадата во Букурешт во 2008 година заедно ја преживеавме кога со нивниот татко по ДНK, Бранко Црвенковски, бевме таму и двајцата дадовме речиси идентични изјави. Тоа што СДСМ потоа се престрои и се извлече од одговорноста е друго прашање. Но во целиот период потоа ние ги исполнувавме сите потребни критериуми, реформи и очекуван напредок, освен еден: оној што го бара Грција. Притоа секоја година добивавме позитивен извештај од ЕУ и препорака на ЕK до ЕС за доделување датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Истото е и со НАТО и таму за членство недостига само согласност од Грција. Навистина не сакам да звучи ова како некакво алиби, никогаш не сум бегал од преземање одговорност, но тоа е факт и не можам да измислам некој друг одговор, освен да ја кажам вистината. Знам дека новиот претседател на СДСМ, Зоран Заев, има поинаков став за ова прашање, знам дека уште пред неколку години тој јавно се произнесе со изјавата дека треба да го свиткаме грбот и немам против кој како сака да размислува, но таа негова изјава воопшто не ни помага во борбата да се дојде до решение, кое, освен за Грција, би било прифатливо и за мнозинството Македонци и граѓани на Република Македонија. Понекогаш се ставам во кожата на нашиот јужен сосед и помислувам што им останува да прават во ваков случај кога имаат лидер на опозиција од другата страна, кој јавно кажува дека тој кога би станал премиер, би го свиткал грбот. Тоа сигурно ги одвраќа од брзо решение и ги наведува да чекаат на некои наредни избори да победи тој и да го свитка грбот. Зошто би брзале? И да ви кажам, од она што го гледам и слушам, многу не им се брза.

Kаков е ставот на ЕУ и на меѓународната заедница за ова прашање? Постои ли притисок од нив кон Грција и кон нас?

Меѓународната заедница, вклучувајќи ја и ЕУ, не вршат притисок врз Грција. Напротив, тие се во фаза на сестрана поддршка на Грција во смисла на нејзино излегување од финансиската криза. Оттука, чувствувајќи го ова, Грција и не помислува на решение што би било вистински компромис. Нивната тактика е одолжување колку што може за тоа, а кога нема притисок однадвор, тоа е многу лесно да се спроведе. Некои од позначајните земји-членки нa ЕУ за притисок го сметаат фактот што при средбата на нивните премиери или министри за надворешни работи со грчките го поставуваат прашањето за нашиот спор. И толку. Јас сум им благодарен и за тоа, но тие што го познаваат менталитетот на раководствата на нашиот сосед, знаат дека тоа тие воопшто не го чувствуваат како притисок, туку како обичен дел од разговор. Всушност, реалноста е таква што поголем притисок може да вршат само неколку земји, кои се многу силни. Другите може само да помагаат, да го држат прашањето живо, да потсетуваат, да прашуваат, да негодуваат. И тоа не е неважно, напротив. Од оваа група земји имаме многу сојузници, но тоа не е доволно за успех. Големите сили во овој момент не се подготвени за сериозен притисок врз Грција. Можеби се подготвени за мал притисок, но не и за голем. А без нивна поголема заинтересираност, нема да се реши проблемот бидејќи моменталното раководство на Грција е и тотално дефокусирано од ова прашање. Едноставно, ова прашање во Грција не е на дневен ред ниту, пак, кај големите сили. Дури некои од нив имаат позиција да го игнорираат, засега, и на тој начин сметаат дека се создава притисок, но, за жал, не е така. 

Зошто е тоа така?

Има многу причини за тоа и не е можен еден едноставен одговор. Но еден од поклучните е дека Грција како членка на НАТО и на ЕУ има поголемо влијание кај големите сили и тоа е факт без разлика на сите можни дипломатски обиди или, пак, неадекватни дискусии за наводно подинамична дипломатска активност и слично. 

Второ, и покрај кризата, се работи за поголема и помоќна држава, со побројна и финансиски помоќна дијаспора и со голем број милионери и милијардери, кои се подвижно и бесплатно лоби за Грција насекаде. Еве, неодамна нешто проструи дека грчкиот премиер не го примиле во Вашингтон кај претседателот. Можеби, не знам дали е така. Но кога ќе се доближат изборите во Америка, ќе видите како ќе го примат, од едноставна причина која се вика три милиони гласачи и финансиска поддршка во изборите. Тој тоа го знае и сигурно не е многу загрижен што сега претседателот на САД немал време за него, доколку е тоа воопшто точно. Ќе има време максимум за две години, а можеби и порано.

Трета причина може да е презафатеноста на големите сили како со сопствени така и со други меѓународни проблеми и конфликти. 

Четврта е европската криза и преокупираноста со неа, а посебно фактот што сите знаат дека Грција, веројатно, е во најтешка ситуација од сите други земји во однос на кризата, па се воздржуваат да им го отежнат животот со притисок за ова прашање. Петта причина е што големите и моќни земји во ЕУ не се нешто посебно заинтересирани за проширувањето на ЕУ во услови на економска криза, растечка невработеност и незадоволството во нивните земји, а и лошите искуства со приемот на последните земји за членки во ЕУ. Шеста причина е и нашето неединство за ова прашање наспроти цврстото единство кај Грција, па некако полесно им личи да притиснат кај нас отколку кај нив. Покршливи им личиме однадвор со неединството. Со обѕир дека повеќето од нив не навлегуваат длабински во спорот и површно го третираат, им личи дека штом во Грција сите се единствени за една позиција, а во Македонија има многу политичари што ги поддржуваат грчките позиции, а не македонските или барем изразуваат спремност за попустливост, тогаш, веројатно, проблемот е до нас. Има и многу други фактори, но и еден обичен и едноставен, а тоа е дека сме многу мала земја во развој, со малку народ и територија, финансиски не многу моќна, која не игра значајна улога во политичките случувања во Европа, независно дали била внатре во ЕУ или надвор од неа. Големината на земјата според жители и територија е еден од позначајните фактори во геополитиката. Всушност, кога зборуваме за последните две причини, би рекол, ако се навратиме во историјата, тоа н` следи над сто години. Тие причини биле нашето петно за многу порази и неуспеси, а понекогаш и монета за поткусурување меѓу големите сили. Но, сепак, нашата борбеност, како и упорноста, издржливоста, саможртвата, правичноста и мудроста низ историјата на многу генерации пред нас ни помогнале да го имаме ова што денес го имаме: мала по територија и по број на население, но слободна и независна држава, крената од пепелот.

Kолку помага пресудата во Хаг, која е во корист на Македонија?

Не можам да речам дека не помага, но фактот што големите сили ја игнорираат води кон тоа таа засега да не е клучен фактор. Впрочем, како и што очекувавме, познавајќи ги меѓународните околности. Во ситуација на несовршен меѓународен поредок, каде што правдата не е главната водилка, туку интересите, меѓународното право има лимитирана моќ, особено кога станува збор за помали по број на население и територија земји во развој. Сепак, чекорот што го повлековме со неа беше исправен. Сега имаме еден сериозен аргумент повеќе на маса. Ако кај некого во светот имаше дилеми или нејасности, сега јасно е дека правдата е на наша страна. 

Значи, интересите се посилни од меѓународниот суд?

Очигледно.
Некои земји и политичари од меѓународната заедница не беа многу среќни кога Македонија ја поднесе тужбата до судот во Хаг. Тоа го ценеа како лош потег.
Точно, затоа што на површина го вади ова што го говорам, со фактот кај кого е правдата и до каде одат интересите газејќи ја правдата. 

Добро, тоа е за притисокот врз Грција, а постои ли притисок врз нас од меѓународната заедница?

Постои, но во поинаква форма од порано. Порано беше директен, сега повеќе индиректен. Сега немаме многу вербални убедувања и притисоци јавни или зад затворени врати како порано. Дури тие што го правеа тоа сега се трудат да изгледаат дека н` игнорираат покажувајќи незаинтересираност и замореност од проблемот или барем трудејќи се така да изгледаат. Бараат виновник. Се разбира, нема сами себе да се прогласат за виновни. Не сакаат Грција да ја прогласат и кој тогаш останува ако не ние. Најмалиот во овој триаголник. Така приближно стојат работите и во нашиот спор со Грција и со влезот во ЕУ и во НАТО, со сите перипетии и игри за тоа. Kога некој треба да е крив, најмалиот и да не е, ќе го направат. Зарем очекувате ЕУ или САД да преземат вина за тоа што пред многу други во регионот ги исполнивме условите за влез во НАТО и во ЕУ, а стоиме во место на тој план. Покомплицирано им е ако таа ласкава титула им ја дадат на Грците и тогаш остануваме ние како најмали и најнеопасни во смисла на компромитација на неправдата или на возвраќање. Грција е членка и може да возвраќа за многу прашања за кои е потребен консензус и со тоа да им прави проблеми. 

И за да се оправда тоа, ќе дојдат не само од ООН и од ОБСЕ, туку секакви можни експерти за човекови права, медиуми, судство, администрација и што ли уште не, со однапред изготвени извештаи. Ќе прошетаат во државата за да се види дека биле и божем истражувале и на крајот ќе најдат доволно причини зошто Македонија не треба да оди напред во евроинтеграциите. Вториот ефект на овој притисок има цел да влијае врз владејачкото мнозинство праќајќи порака дека ако не попуштиме, ќе имаме лоши извештаи, кои ќе имаат ефект и врз гласачкото тело во Македонија. Притоа забораваат дека народот кај нас веќе е отрпнат на овие игри. Толку многу ги имаше, што веќе ни позитивен извештај многу не му значи ниту, пак, негативен, кој знае колку му менува. И во двата случаја безмалку е исто во смисла на добивање она што го заслужуваме. Еден граѓанин ми вели, што имаме ние што четири години по ред добиваме препорака и позитивни извештаи кога нема ни датум ни членство?

А ако утре ги прифатиме грчките ставови за името, сите известувачи нагло ќе го подобрат мислењето за човековите права во Македонија, медиумите, судството итн. ќе кажат дека работите се придвижиле напред во меѓувреме и еве ти нов извештај. Гледајте како го сменија ставот за Србија. Сега таа е реформска земја, а до пред три месеци не беше. 

А за таков нов позитивен извештај нема ни да им биде тешко бидејќи ние постојано работиме на нови реформи и на подобрување. Само некогаш некој сака да ги види и да ги вреднува, а некогаш не во зависност од политиката.

Не сакам да звучам дека ние немаме слабости што треба да се подобруваат во овие области и во многу други. Секако дека имаме и постојано работиме на нивно подобрување. Но јас говорам за една друга димензија, за извештаите како инструмент на притисок.

ЕУ и НАТО не кријат дека нема напредок поради немање прогрес во добрососедските односи или преведено од дипломатски речник, во решение на спорот за името?

Точно е тоа, но вие ме прашавте за вршење притисок, а не за алиби зошто немаме датум за преговори или членство. Јас ви одговарам на кој начин се врши притисок сега врз нас. Инаку, ним одамна не им е проблем да кажат со дипломатски речник дека проблем е противењето на Грција поради името. Ќе го издржиме и ова некако. Таква ми била судбината, да имам таков мандат. 

Можно ли е во правец на тој притисок да ни ја одземат препораката за преговорите?

Ништо не можам да исклучам. С` што доделуваат може и да го одземат. Само душата не можат да ни ја земат.

Се користи ли албанскиот фактор во овие притисоци?

Да, ни праќаат абери дека ДУИ може во секој момент да ја извадат од Владата ако така решат и со тоа Владата да падне. 

Kој е Вашиот одговор на тоа?

Па немам одговор. Штом така велат, веројатно и можат. Подготвен сум на се.

Има ли врска раздвиженоста на ДУИ на меѓународен план во однос на името и членството во ЕУ и во НАТО со сето ова?

Не знам дали има или не, но не гледам ништо лошо ДУИ да е поактивна се додека тоа е со добра намера. Така и подобро ќе се запознаат со проблемот, но и со непринципиелноста кон Македонија. Kолку повеќе навлегуваат во проблемот, за мене е подобро бидејќи подобро ќе го разберат со сите детали и финеси, а за разлика од СДСМ, тие засега барем нешто се трудат да направат во правец на придвижување кон подобро.

Можат ли реално тие нешто да променат со нивната активност на меѓународен план?

Не сакам да потценувам ничиј труд. Секој што со чесни намери се труди да помогне, треба да се поздрави. 

Зошто Нимиц не доаѓа во Македонија и во Грција?

Прашајте го него за тоа. Од нас има отворени врати, дури и повик да се продолжи дијалогот по неговите последни идеи. Не сум сигурен дека е така и од другата страна. Човекот се труди многу, но честопати од едната страна има проблем да обезбеди прием, термин за средба. Таа страна не сме ние. Ние сме му кажале дека секогаш сме отворени за дијалог со цел да се најде решение. Kај нас секогаш го пречекува целиот државен врв со целата почит, со внимание и со посветеност. Kај другата страна тоа е по исклучок, а правило е овластениот преговарач да се сретне со него, во поретки случаи министерот за надворешни работи, а уште поретко премиер или претседател. И тоа нешто говори. Но, тој не може многу да придвижи ако зад него не застанат големите сили што имаат влијание во овој регион. Можеби и тоа е причината за несвикувањето нови рунди разговори.

Што во ваква ситуација? Kои се алтернативите и плановите?

Има едно правило што вели дека никој не може да ти помогне толку колку што самиот можеш. Се зависи од волјата за успех. Точно е дека влезот во ЕУ и во НАТО ќе ни помогне во развојот на економијата и ќе се добие поголема перцепција на стабилност на политички план, но и без тоа ние можеме и мораме да одиме напред со многу работа, со постојани промени кон подобро, реформи и подобрувања. Ние сме во таков регион, опкружување, историски околности и степен на развој што членството во ЕУ би ни помогнало. Од друга страна, имавме визен режим, сега немаме. Немавме глобални компании што отвораат нови работни места, сега ги имаме и се множат постојано. Немавме централен регистар, сега го имаме најдобриот во Европа и шести во светот. Имавме речиси 39 отсто невработеност, сега и покрај светската и европската должничка криза, имаме речиси 10-процентни поени помалку. Тоа не е доволно, но во едни вакви услови во Европа, тоа е повеќе од успех. Бевме на 94. место на листата на Светската банка според условите за бизнис, сега сме 23. во светот и многу поинтересни за инвеститорите што отвораат работни места. Немавме доволно апарати во здравството, сега набавивме с` што е потребно, се става ред и во фармацијата, се отворија нови универзитети и факултети, се зајакнува претприемачкиот и иноваторскиот дух кај нашите граѓани, се помага во отворањето нови бизниси со цел вработувања. 

Го сметате ли овој проблем или предизвик за најголем?

Има уште еден што е најмалку на исто рамниште со овој и по важност и по тежина за решавање. А тоа е демографскиот предизвик. За него помалку се говори, помалку се пишува, а е ужасно суров и тешко решлив. Точно е дека цела Европа, со исклучок на Ирска, Полска и на Израел, го има овој проблем, но кај нас, во една мултиетничка и мултиверска средина, тој проблем е многу поголем. Тој, всушност, може да донесе многу нови поголеми проблеми во иднина. 

Секоја година имаме многу повеќе починати отколку родени. Бројот на новородени деца падна од 50 илјади годишно во 1950 година на приближно 22 илјади во 2010 г. Има такви што велат дека тоа е поради економски причини. Но, да беше проблемот само од економска природа, немаше да го имаат Германија, Франција, Англија, Италија, Шведска, Белгија и други богати земји, кои освен што се богати, и луѓето имаат повисок стандард, како држави вложуваат многу пари во овој предизвик и пак имаат само мал успех или никаков. Проблемот повеќе го решаваат со увоз на луѓе од Азија, Африка и од источна Европа. Економијата е само еден сегмент на овој проблем. 

Без реформи, НАТО и ЕУ нема да ни помогнат

Во меѓувреме што до приемот во НАТО и во ЕУ?

Мора да се движиме напред и да ги надминуваме предизвиците. Тоа го правиме сега, така мора да продолжиме и во иднина. Дури и кога ќе влеземе во НАТО и во ЕУ, ако немаме силна волја за успех и многу работа, одговорност и посветеност, самото членство нема многу да ни помогне. Мора да продолжиме да работиме и да се бориме да успеваме сите ние во земјата, постојано преку реформи да ги издигнуваме стандардите во земјата и да градиме поправично општество, а паралелно на тоа да бараме решенија за предизвиците, како што е овој со НАТО, ЕУ и со Грција.

Во Македонија борбата е за второ, а не за трето дете

Kако да се промени односот кон демографскиот проблем?

Многу поголем е проблемот во главите на сите нас или на повеќето од нас. Сменети се сфаќањата за семејството, бракот, многудетните семејства, сменета е перцепцијата како треба тие да изгледаат, сменето е размислувањето на основните вредности на животот. Луѓето се поинакви од оние пред 50 или повеќе години во смисла дека поинаку размислуваат и имаат поинакви потреби и очекувања од животот. Не обвинувам никого, само потенцирам дека таа промена, освен ако нешто не успееме да смениме во меѓувреме, за 25 до 30 години, ако не и порано, ќе ни создаде многу проблеми. И економски и политички. 

Денес во Македонија не е борбата за трето дете, туку за второ. Тоа е реалноста. Најчесто оправдување е економската состојба, но ништо поинакво не е кај поимотните, а во повеќето случаи кај нив е и полошо. Брзото збогатување ретко одеше паралелно со брзото градење свест, каква што има кај имотните семејства со подолга традиција. Во прашање е и животната филозофија кај мнозинството граѓани. И тоа не може да го реши Владата или само една влада. Потребна е непрекината дебата и широка општествена и континуирана поддршка на оваа тема. Многу луѓе кога ќе се отвори оваа тема, се шегуваат. Некои се толкави песимисти дека нешто може да се смени, што не сакаат да си го губат времето на оваа тема. Ние сме прва влада што не само што го отвори ова прашање и го издигна, туку презема и голем број конкретни мерки, се разбира, во рамките на нашите можности. Ќе останеме посветени на тоа.

Извор: „Дневник“

Новинар: Дарко Јаневски

 

Кои се според вас најактуелните мерки и политики креирани во изминатиов период за подобрување на бизнис климата, на ниво на Влада и на ниво на Министерството за економија?

- Во својот досегашен мандатен период актуелната Влада на РМ беше целосно посветена на унапредување на деловниот амбиент во земјата. Предвидените мерки и политики успешно ги реализираме, за што говорат признанијата од релевантни меѓународни организации како што се Светска банка, фондацијата „Херитиџ“ и други. Меѓу бројните реформски мерки што Владата ги реализира во минатиот период, како позначајна мерка во која активно учество зема Министерството за економија би го издвоил проектот „Регулаторна гилотиња“, со чија реализација се укинаа или намалија административните ограничувања на бизнисот со измена, дополнување или укинување вкупно на над 2.000 прописи. Со цел зголеување и одржување на финансиската кондиција и конкурентноста на фирмите, како и намалување на негативните последици од свестката економска криза и спречување на појавата на социјална криза, Министерството активно учествуваше во креирањето и реализацијата на мерките од неколкуте антикризни пакети, меѓу кои ќе го споменам последниот, т.н. петти пакет мерки, за поттикнување на стопанство и негова заштита од силното негативно дејство на кризата. Овозможивме добивката да се оданочува само ако е распределена во дивиденда, рокот за плаќање на ДДВ го поместивме за 10 дена, а воведовме и мирување на обврските по основ на придонеси за здравствено осигурување, отписи на камати кога е платен долг по основа на даноци и придонеси, ослободување на каматите од оданочување, одлагање на плаќање на даночниот долг, репрограмирање на долговите на фирмите врз основа на социјални давачки на 36 месеци, пониско одданочување на земјоделците за 80 отсто, инвестициска програма со која се предвидени голем број инфраструктурни проекти, мерки за олеснување на извозот на стоки...

Во правец на поддршка на економијата и зголемување на конкурентноста на компаниите во Македонија обезбедивме кредит од ЕЦБ во износ од 250 милиони евра за подобрување на ликвидноста и за инвестиции на македонските мали и средни претпријатија, со гарантна шема од МБПР и со субвенционирана камата до 5,5 осто. Воведовме специјални програми за вработување и самовработување на илјадници лица. Во соработка со стопанските комори донесовме и пакет мерки за поддршка на металуршката индустрија, како и поддршка за градежниот сектор, кој има огромно влијание врз над 20 други економски сектори. Со цел поттикнување на домашните и странските инвеститори се интензивира отворањето на неколку технолошко-индустриски развојни зони, со нудење повеќе бенефиции, особено во делот на намалени или целосно елеминирани обврски за плаќање т.н. комуналии, одложено плаќање на даноци и друго. Во иста насока и со иста цел е отворањето на повеќе индустриски зони, со нудење соодветни поволности за инвеститорите. Воспоставивме можност за исклучително брза регистрација на фирми (за три часа), а перманентно се работи на поттикнување на претприемништвото, туризмот и рударскиот сектор, како силно потенцијални стопански области. Така, во туризмот има растечки субвенции на актерите во таа област, а продолжува и интензивната промоција на Македонија, како атрактивна труистичка дестинација. Во функција на намалување на финансиската недисциплина во платниот промет, воведена е задолжница со која ефектно се реализираат меѓусебните обврски и побарувања на претпријатијата. И, секако, паралелно со сето ова, успешно се реализира и т.н. фискална децентрализација, со која на општините им се дадоа бројни надлежности, но и можности за остварување се поголеми сопствени приходи, како што се оние од издадените концесии во минералните суровини и малите хидроцентрали, што тие ги користат за подобрување на локалната деловна клима, а со тоа и за поттикнување на  локалниот економски развој.

Со цел директно намалување на административните бариери и создавање на поволен бизнис амбиент во последниов период беа изготвени измените на Законот за едношалтерски систем, измените на Законот за стечај, Законот за трговски друштва, а беше донесен нов Закон за минерални суровини и Законот за индустриски зони. Со измените и дополнувањата на овие закони, работени според потребите на бизнис заедницата, се отиде неколку чекори напред во оваа владина цел.

Воведувањето на едношалтерски систем и неговата фазна реализација овозможи поволности за деловниот и банкарскиот сектор, како и за странските инвеститори. Кои се најзначајните придобивки во тој дел и што предвидуваат последните измени на Законот за едношалтерски систем?

- Последните измени на Законот за едношалтерски систем стапија на сила на 25 мај годинава. Меѓу придобивките за бизнис заедницата, кои се регулираат со законот, се стимулирање на електронската регистрација на фирма, преку намалување на трошоците за нејзиното регистрирање, олеснување и поедноставување на административните процедури за регистрирање трговско друштво или трговец поединец, како и заштеда на време и финансиски средства за лицето кое сака да регистрира фирма, на сметка на регистрацискиот агент, кој би ја презел сета таа активност, без надоместок-бесплатно. Поради намалените трошоци за основање, ова ќе придонесе за зголемување на бројот на новоосновани субјекти во сите општини, а се создава можност уписот да се изврши од било каде, односно локално, бидејќи подносителите нема да мора да доаѓаат во некоја од регистрациските канцеларии на Централниот регистар во Скопје, туку таа постапка би можело да се спроведува во местото на живеење, бидејки регистрациските агенти се субјекти кои би вршеле дејност на територијата на целата држава. Убеден сум дека со последните измени на Законот за едношалтерски систем ќе овозможиме подобрување на рангирањето на Република Македонија, во делот на Извештајот на Светска Банка, според  индикаторот „Започнување бизнис“. Или, подетално да објаснам, пријавата за упис на субјектот во електронска форма во име на подносителот да може да биде поднесена и од страна на регистрациски агент, преку Системот за е-регистрација, без за тоа да бидат наплатени било какви трошоци. Обврска за регистрацискиот агент е да го утврдува идентитетот на учесниците во постапката за регистрација, и да ја утврдува веродотојноста на потписите на прилозите кон пријавата за упис.

Што превзема Министерството за економија со цел забрзување на стечајната постапка и зголемување на процентот на намирување на доверителите?

- Со цел забрзување на стечајната постапка и зголемување на процентот на намирување на доверителите подготвени се измени и дополнувања на Законот за стечај. Станува збор за опсежни измени од повеќе од 80 члена на законот. Пред се, скратени се роковите за постапување на органите на стечајната постапка, воведени се рокови за постапување онаму каде што тие досега не беа предвидени, зајакнато е постапувањето на членовите на одборот на доверителите, со тоа што при гласање мораат да се изјаснат „за“, или „против“ и веќе нема можности за одлагање на седници поради немање мислење при гласање. Со измените и дополнувањата на овој закон предвидена е електронска продажба на имотот на должникот, доколку е донесена одлука за престанок на деловниот потфат, се воведува електронско именување на стечајни управници и, што е најзначајно, воведени се стечајни постапки од мала вредност, по поедноставена процедура. Новитет е и можноста за реорганизација на должникот пред отворање на стечајна постапка во предходна постапка која има краток рок од 60 дена.

Ја споменавте реорганизацијата пред стечај. Што ќе значи тоа како процедура за фирмата и која ќе биде придобивката?

- Ова е посебно значајна новина, која за првпат се воведува во Република Македонија, и битно се разликува од постапката за доброволно порамнување пред стечај. Согледувајќи ги слабостите на постапката за доброволно порамнување пред стечај, во нашиот закон должникот и доверителите вршат порамнување пред отворање на стечајна постапка во предходна постапка, која се спроведува во судот. Ова е направено од причина што само судот може пред стечај да определи мерки за обезбедување на имотот и средствата на должникот додека трае договарањето помеѓу доверителите и должникот. На тој начин се избегнува можноста, додека трае договарањето, присилно да се оттуѓува имотот или да се извршуваат решенија врз имотот на должникот. На овој начин, доколку се постигне договор помеѓу должникот и доверителите за реорганизација пред стечај, му се дава можниост на должникот да го продолжи бизнисот, а со тоа да се спасат изгубени работни места. Исто така, ова би требало да доведе до поголема сигурност во правниот промет затоа што доверителите можат да го спасат должникот од банкрот доколку за тоа има економски услови.

Имаме ли стручни кадри кои ќе знаат да оценат дали понудениот план за реорганизација е реален?

- Во законот, односно со измените е предвидена посебна специјализација на стечајни управници кои ќе водат план за реорганизација пред стечај. Исто така, тоа ќе значи посебна едукација и за судиите, како и за менаџерските тимови, кои ќе можат да препознаат момент кој е погоден за поднесување план за реорганизација. Би сакал да напоменам дека веќе има обучени проценувачи од разни области, а секоја процена може да биде подложена на ревизија на соодветна комисија во Комората на проценувачи.

Во измените на законот се споменува и електронската продажба и стечај по скратена постапка. Што е карактеристично за нив и за какви случаи се наменети?

- Електронската продажба е вообичаена пракса во повеќето земји  со развиени пазарни економии. За таа цел, во измените на законот е предвидена електронска продажба со строги критериуми и рокови. Продажбата најчесто се врши по електронски пат со јавно наддавање, без почетна вредност. Ова е од причини што реалната цена  на секој производ ја определува пазарот. Во досегашната пракса имавме нереални процени и огласи за продажба и по повеќе од десетина пати. Со новите измени се предвидени рокови од 90 дена, во кои мора да заврши продажбата. Доколку тоа не успее во определениот рок, имотот на должникот се распределува на доверителите на идеални делови, во процент согласно нивните утврдени побарувања. По исклучок може само со одобрение на судијата, по скратена постапка да се продаваат производи, кои се склони на расипување или се со определен рок на траење, и тоа со цел да не настане штета од нивно чување по истекот на рокот.

Стечај по скратена постапка е, всушност, стечај од мала вредност, каде што имотот на должникот не преминува вредност од 1.000.000 денари. Тука е предвидена скратена постапка со цел да не се формира одбор на доверители, туку стечајниот управник да може да предложи одлуки на собранието. Притоа, собранието ги донесува одлуките, кои треба да бидат одобрени од страна на стечајниот судија. Исто така, предвидено е непосредно отворање на стечајна постапка, без спроведување на предходна постапка, кога должникот кон предлогот доставува докази за својата инсолвентност и докази за својот имот, врз кој ќе се води постапката. Во овој случај, не е потребно водење на предходна постапка, со оглед дека кон предлогот се доставени сите релевантни докази. Овој предлог може да го поднесе и ликвидатор, кој водел постапка за редовна ликвидација, но во која не се обезбедени доволни средства за намирување на сите доверители во целосен износ. Во тој случај, ликвидаторот е должен да поднесе предлог за отворање на стечајна постапка .

Меѓу предлог мерките за подобрување на деловната клима, според препораките на „Doing Business 2013“ на Светска банка е и измена на Законот за трговски друштва. Какви олеснувања во административната постапка за деловните субјекти носи овој закон?

- Со решенијата кои ги нудат последните измени на Законот за трговски друштва се планира да се подобри деловната клима согласно препораките на извештајот „Doing Business“ на Светска банка, и тоа во делот на олеснување на административната постапка за упис во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица, преку стимулирање на Систем за електронската регистрација на фирми, со цел да се надмине сегашната состојба за негово слабо користење. Истовремено, се постигнува подобрување на заштитата на правата на малцинските акционери, во случај на постоење сомневање за можни нерегуларности при работењето на акционерското друштво, односно заради поголема правна сигурност, на акционерите кои имаат најмалку 10 отсто од основната  главнина на друштвото им се дава  можност  за ангажирање на овластен ревизор, кој ќе изврши увид/ревизија согласно со меѓународни стандарди, во случај на постоење сомневање пред да поднесе тужба пред надлежен орган.

Овозможивме и пролонгирање на рокот за електронско доставување годишни сметки до Централниот регистар, кои сега освен до крајот на месец февруари, ќе можат да ги поднесуваат и најдоцна до 15 март наредната година. Трговците кои нема да ги достават податоците од годишната сметка до 28 февруари и 15 март ќе мора да платат посебен надоместок, што ќе се утврди во тарифата на Централниот регистар. Воведена е обврска за средните и големите трговци годишните сметки задолжително да ги доставуваат само во електронска форма, односно само преку интернет страницата на Централниот регистар, а во делот бришење неактивни субјекти од надлежниот регистар, се предлага  пролонгирање на сегашниот рок од 60 дена за отпочнување постапка за стечај или ликвидација на субјектите, на 120 дена, како и проширување на  примената на овој рок и на субјектите за кои веќе се отпочнати стечајни и ликвидациски постапки пред належниот суд. 

Измените на Законот за минерални суровини беа направени на барање на бизнис заедницата, а во насока на олеснување и забрзување на постапките на деловните субјекти. Се чувствуваат ли ефектите на терен од овие измени?

- Во насока на пресретнување на потребите на бизнис секторот, Министерството за економија изработи нов Закон за минерални суровини, со кој се создадоа подобри услови за вршење на детални геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини и создавање на конзистентна правна рамка која ќе кореспондира со реалните потреби. Имено, факт е дека интересот за овој сектор е се поголем, за што зборуваат и конкретните инвестиции на терен, а според најавите се очекува дополнително интензивирање и на интересот за инвестирање, како и на интензивирање на активностите на постојните концесионери. Со Законот за минерални суровини дополнително се придонесе кон развој на овој сектор, а бенефитите од тоа веќе се чувствуваат, бидејќи станува збор за индустрија која поттикнува низа други економски гранки. За да се намалат административните процедури се даде можност на концесионерите за проширување на просторот за истражување уште во фазата на детални геолошки истражувања, а целта е рационализација на овој процес. Во таа насока, се предвиде припојување на соседни концесии на еден концесионер од ист вид на минерална суровина. Ова важи и за концесии за експлоатација, каде се даде можност за припојување на концесиите во случај кога концесијата се простира на исто наоѓалиште за ист тип на минерални суровини. Во насока на кратење на роковите во новиот Закон за минерални суровини, освен за металичните и енергетските минерални суровини се предвиде мислење по однос на поднесената иницијатива за вршење на детални геолошки истражувања да се бара само еднаш т.е. во оваа фаза, а не како што во предходниот закон, мислење да се бара и пред отпочнувањето на истражување и пред отпочнувањето на експлоатацијата. Во насока на пропишување на разумни рокови кои кореспондираат со реалните состојби на терен, кај металичните и енергетските минерални суровини се зголеми рокот за поднесување на барање за издавање на дозвола за експлоатација од две на четири години. По донесувањето на овој закон веќе доделивме над 100 концесии, со кои се отворија повеќе од 200 работни места и остварен е приход во буџетот на Република Македонија од над 100 милиони денари.

При реализацијата на овој закон се увиде дека неопходно е да се изврши уште една измена, за да се овозможи непречено продолжување со работа на голем дел од веќе доделените концесии, за која неодамна одржавме и јавна расправа со рударскиот сектор. Во насока на унапредување на бизнис климата извршивме измена во делот на создавање на услови за проширување на концесиите за експлоатација и заради зголемување на инфраструктурните капацитети кои се во функција на рационалната експлоатација, како што се пристапни патишта, електрични инсталации и уреди, објекти, згради за луѓе и опрема и сл. Проширувањето е во функција за обезбедување на подолг век на експлоатацијата на минералните суровини кај рудниците каде што се врши експлоатација на металични минерални суровини (жични рудни тела). Со измените се врши целосно усогласување на лиценците од рударската област со лиценците од геолошката област, односно повеќе нема да се издаваат посебни лиценци и овластувања за подземна и површинска експлоатација и преработка на минерални суровини, туку ќе се издава унифицирана лиценца и овластување за изработка на рударски проекти за површинска и подземна експлоатација и преработка на минерални суровини. Да напоменам дека овој предлог закон е веќе во владина процедура, а со него уште повеќе ќе се олеснат условите за водење бизнис во овој значаен сектор.

Што е следно во законската регулатива што ќе донесе поедноставување на бизнис процедурите?

- Во претстојниот период како Влада ќе продолжиме со реализација на својот реформски однос кон економијата. Нашите приоритети на кус и на среден рок, првенствено, ќе бидат насочени кон зголемување на конкурентноста на фирмите, поттикнување на нивното производство и зголемување на стапката на вработеност. Меѓу позначајните мерки би ја споменал изградбата на хидроцентрали (мали и големи), поттикнување на изградба на сончеви колектори и на ветерници со цел зголемување на производството на домашна електрична енергија, намалување на нејзината цена, односно на еден од најзначајните и најголемите влезни трошоци во производството на домашните фирми и зголемување на нивната конкурентност. Секако, продолжуваме со проектот „Регулаторна гилотиња“, во кој учествуваат речиси сите министерства, во насока на отстранување на новопојавените и/или новолоцираните административни бариери за бизнисот. Континуиран процес е и реконструкцијата на постојната и изградба на нова патна и железничка инфраструктура, односно т.н. капитални буџетски инвестиции, како силен поттикнувач на производството, трговијата и извозот на стоки и услуги, за брза и ефектна комуникација меѓу фирмите. Во претстојниот период ќе преминеме на воведување т.н. „едношалтерски информациски систем“, кој е планиран да биде во рамки на Министерството за економија, чија цел ќе биде собирање и доставување на сите потребни податоци и информации  до сите заинтересирани домашни и странски инвеститори, а ќе се продолжи и со намалување на стапките на социјалните придонеси веднаш по завршувањето на светската економска криза, што ќе ги намали трошоците на фирмите и ќе ја поттикне нивната побарувачка за работна сила. Во тек е и засилена реализација на веќе преземените и преземање дополнителни мерки за постепено менување на структурата на работната сила согласно барањата на пазарот на труд, а ќе се продолжи со натамошно засилување на финансиската дисциплина на економските субјекти, преку воведување фискални сметки секаде каде што во минатиот период било пропуштено или не било можно нивно воведување, како и веќе споменатото воведување систем на брз стечај и/или ликвидација на трајно неликвидни или несолвентни фирми и сл. 

Извор: „МИА“

Новинар: Валентин Јанковски

„Јужен тек“ напредува во изградбата, а земјите вклучени во гасоводот ги средуваат формалностите за своето учество во проектот. До каде е договорот за приклучување на Македонија во коридорот?

Со задоволство можам да кажам дека меѓудржавниот  Договор за приклучување на Македонија кон Јужен тек е веќе реалност. Добивме потврда од страна на Русија дека се согласни со предложениот текст, по што Владата на РМ на минатата седница го усвои финалниот текст на Договорот помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Руската Федерација за изградба на гасоводен крак кон Република Македонија. Сега го договараме формалниот датум за потпишување на Договорот, при што очекуваме истото да биде во јуни во Санкт Петербург.
 
Поврзувањето со меѓународниот коридор за пренос на гас Јужен тек, за Македонија обезбедува многукратни придобивки. Со Договорот е предвидено да се обезбедат дополнителни количини на природен гас, што ќе значат стабилна енергетска иднина на нашата земја. Влегувањето на Македонија во овој проект значи дека ќе обезбедиме сигурно снабдување со гас на сите стопански капацитети, како и за домаќинствата, при што може да се очекува и намалување на цената на гасот. Ќе се задоволат целокупните потреби за гас во земјата, како за нови стопански и енергетски капацитети, нови електрани, така и за гасоводната мрежа до сите градови. Проценката е дека до 2030 година потребните количини на гас кои ќе се обезбедуваат би изнесувале 2,5 милијарди кубни метри. Оператор на гасоводот во Македонија ќе биде мешовито македонско-руско друштво, кое со Договорот е предвидено да биде со еднакво учество од по 50 проценти.
 
Какви се очекувањата за прилив на странските директни инвестиции за годинава? Имаше најави од странски компании за инвестиции. Со кои од нив преговорите се во понапредна фаза?

 
 
 
Сигурен влез најавија 6 компании - инвестиции кои ќе се реализираат во текот на годинава. Компанија од ИТ секторот која планира да вработи 1.100 луѓе најави дека ќе отвори капацитет во Скопје. Исто така, германска компанија од автомобилската индустрија ќе гради фабрика во Велес, тука се планирани 600 вработувања. Уште една европска компанија од автомобилската индустрија најави отварање на фабрика која ќе вработи од 250 до 400 луѓе, тие се уште не одлучиле за локацијата – изборот е меѓу Скопје, Штип и Охрид. Три турски компании ќе инвестираат годинава, се очекува отварање на 600 нови работни места. Се преговара со уште неколку компании од автобилската индустрија, електрониката итн.

Во секој случај, се повидливи се резултатите од долгогодишните напори за подобрување на бизнис климата во РМ. Ако во текот на изминативе години во околности на голема криза на светската економија успеваме да привлечеме солиден број мултинационални компании, можеме да бидеме оптимисти дека со стивнувањето на кризата, резултатите ќе бидат уште подобри. Ова што го работиме во делот на проивлекувањето на инвестиции, континуираните реформи за подобрување на бизнис климата, презентацијата на Македонија како добра дестинација за бизнис, е забележано и оценето како многу позитивно од страна на инвеститорите, меѓународните финансиски институции, политичарите и влијателни луѓе од многу земји.
 
Она што се истакнува како адут кај Македонија за привлекување странски инвестиции се ниските даноци. Како Македонија успеа да задржи ниско ниво на даночни стапки и покрај негативните движења во Европа?

- Македонија има најатрактивен даночен пакет во Европа, најниски стапки на даноци, но воедно и најниски вкупни трошоци за водење бизнис во Европа. Во текот на целиот период од почетокот на светската економска криза досега, Владата на Република Македонија издржа да не не ги зголеми  даноците. Уште повеќе, со непроменети даноци Македонија успеа да обезбеди стабилни буџетски приходи, додека голем број од земјите-членки на ЕУ и дел од земјите во регионот не успеаа во истото и ги зголемија даноците. Во периодот од 2008-2013 година, 17 земји-членки на ЕУ ги зголемија стапките на ДДВ  во опсег од 1% до 7%. Минатата година покачување на ДДВ имаше и кај земјите од регионот - Хрватска од  23% ја зголеми стапката на 25%, а Србија од 18% на 20%. Вистинскиот одговор на прашањето како Македонија успеа да ги одржи ниските даноци во услови на општа криза е дека поставивме добра даночна политика и истата успешно се менаџира и спроведува. Ниските даночни стапки во Македонија ја прават даночната евазија неисплатлива, а истовремено реформите кои ги спроведовме ја зголемија фискалната дисциплина. Но треба да се истакне и дисциплинираното спроведување на антикризните мерки  во делот на штедење на Владата и државните институции на сите помалку продуктивни расходи.

Таквата дисциплина и одговорност во водењето на јавните финансии овозможи да не зголемиме даноците и покрај големите искушенија од долготрајната светска криза, а во исто време дури и да ги зголемиме капиталните инвестиции во Буџетот, како и пензииите, социјалната помош и субвенциите. Слободно можам да кажам и тоа лесно може да се провери – нема друг таков пример во Европа во последниве 5 години на светската економска криза.
 
Како ја оценувате економската состојба во Македонија, со оглед на движењата во европската економија?

Македонија се справува со кризата подобро од многу други земји. Започна позитивен тренд во производството во индустријата. Во март е регистрирана стапка од 4,2%, по растот во феврурари од 4,5%. Се очекува задржување на растот на индустриското производство и во следниот период. Двојно се зголемени извршените градежни работи во првите два месеца од годинава, што ќе има позитивно влијание врз севкупниот економски раст. Позитивен раст, иако низок, има и кај извозот, имајќи ја предвид економската состојба во ЕУ која е се уште неизвесна. Македонија е четврта најмалку задолжена земја во Европа, што е голем успех. Редовно се исплаќаат сите буџетски обврски, ги исчистивме заостанатите долгови и редовно се вршат плаќањата кон фирмите по основ на поврат на ДДВ и фактури, ги зголемивме пензиите, социјалната помош и субвенциите. Сето тоа се реални резултати кои покажуваат дека иако имавме бројни предизвици и проблеми, сепак добро се изборивме со кризата, која несомнено е најтешката и најголемата криза во последите 80 години.

Според очекувањата, во втората половина од оваа година ЕУ би требало да оствари позитивен раст, што ќе овозможи и раст на македонскиот извоз и производство. Сепак, состојбата во економиите на земјите од ЕУ е се уште со многу ризици, што налага сите проекции да се земат со резерва и будно да се следи ситуацијата што македонската Влада и го прави.
 

Веќе изминува петтиот месец од годинава. Неодамна споменавте дека буџетот е во добра кондиција. Дали ќе има потреба од ребаланс на државната каса?
 
Не очекувам и засега нема потреба од ребаланс на буџетот. Сепак, треба да се потестиме
дека ребаланс на буџетот значи усогласување на расходната и приходната страна во текот на годината, на што влијаат внатрешни и надворешни фактори. И тоа не е баук доколку евентуално се случи. Особено не во вакво турбулентно окружување, во услови на европска должничка и светска економска криза. Сите од земјите од регионот, изминативе години правеа и до две усогласувања годишно.

Инаку, полнењето на буџетот засега оди сосема задоволително. Ако ја погледнете расходната страна на буџетот – ќе видите дека добар дел од обврските кои требало да се сервисираат се реализирале токму во овој период. На почетокот на годината ја исплативме еврообврзницата во висина од 183 милиони евра. Исто така, како што беше ветено, заклучно со февруари беа целосно расчитени обврските на државата кон стопанството по основ на поврат на ДДВ и други налози. Сега тие обврски се одржуваат на нула. Да напоменам дека Македонија е прва и единствена земја во регионот која се соочи и го реши овој проблем. Истовремено исплативме големи износи за субвенции, за тутунот и многу други земјоделски култури. Навремената исплата на сите обврски најдобро говори за кондицијата на Буџетот.
 
Проектот „Купи куќа, купи стан“ се реализира и оваа година. Објавени се огласи до 31 мај. Дали и во наредните месеци ќе може да се поднесуваат барања, односно дали ќе се продолжи рокот?

 
Досега 121 семејство доби свој дом благодарение на овој проект и уште 20 апликации се во завршна процедура. Владата објави уште еден јавен повик во рамки на кој граѓаните може да поднесуваат барања до 31 декември годинава. Освен тоа, овој проект даде поддршка за градежништвото и ја поттикна и кредитната активност на банките. Околу 4 милиони евра станбени кредити се доделени преку овој проект, од кои 703.000 евра субвенционираше државата. Најмногу одобрени апликации има во Скопје, потоа во Битола, Струмица, Кичево и Куманово. Граѓаните повеќе го избираат моделот „половина рата“. Засега, многу повеќе апликации се за купување стан, отколку за куќа. Меѓутоа по зголемувањето на субвенцијата за изградба или надградба на куќа од 50% на 75%, расте интересот и за оваа опција. Граѓаните може да искористат и некој од плацевите што ги нудат општините како што се Бутел каде има 150 парцели за индивидуални куќи, Хиподром 300, Прилеп 354, потоа Илинден, Сопиште...Проектот е одлична можност за граѓаните да го решат животното прашање со поддршка од Владата преку субвенција која достигнува и до 15.000 евра.
 
Го вративте „македонското сонце“ на фискалните сметки. Купувате ли  Вие „македонски производи“ и кои ефекти ги очекувате од овие промени во фискализацијата?

 
- Сонцето е знак за квалитет, за македонски производ. Македонските производи се квалитетни и лично кога купувам, претпочитам да го земам производот со македонско потекло. Купувањето на секој македонски производ значи вложување во нашата економија – вложување во нови работни места, во развој на нашите фирми, подобри услови за живот, нови патишта, училишта, болници...Домашниот пазар е важен за македонските фирми. Враќањето на „купувајте македонски производи“ на фискалните сметки е еден начин да се зголеми свесноста кај секој од нас, да се пробуди чувството дека нема развој на домашната економија без сите заедно и секој поединечно во својот дел и своите можности, да помогне тоа да се случи.

Истовремено со промените кои се направија во фискализацијата се овозможи постојано електронско поврзување на фирмите со Управата за јавни приходи преку ГПРС систем. Со овој систем УЈП ќе има секојдневна информација колкав е прометот на фирмите, односно ќе знае за секоја продажба која е направена. Со ова очекуваме да зајакне фискалната контрола кај готовинските плаќања и зголемување на фискалната дисциплина кај даночните обврзници.


Извор: МИА
Новинар: Сузи Котева-Стоименова