Ковачевски за Слободен печат: Само во мандатот на мојата Влада пензиите пораснаа за 25%, имаме сериозна методологија за постојан раст на пензиите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во интервју за „Слободен печат“, меѓу другото, зборуваше и за антикризните мерки и поддршката за пензионерите.

„Пензионерите добиваат зависно од висината на пензијата. Оние кои имаат 14.000 пензија, 3000 денари месечно во наредните 5 месеци. Тоа се 15.000 денари на сметките на пензионерите. Оние од 14.000 до 16.000 денари добиваат 2000 денари месечно, а оние од 16.000 денари до 19.000 денари 1500 денари месечно.

 
За пензионерите имаме една сериозна методологија за постојан раст на пензиите. Само во мандатот на мојата Влада пензиите пораснаа за 25% за 1,5 година. Тоа е системски, 50% два пати годишно растат согласно зголемувањето на трошоците за живот, а 50% согласно со зголемување на просечната плата“, изјави премиерот Ковачевски во денешното интервју за „Слободен печат“.
 
„Ако ја споредиме просечната пензија, таа е веќе порасната за 6,500 денари во однос на 2016 година. Ние денес имаме 21.000 денари просечна пензија, додека минималната пензија е за 50% поголема од она што беше 2016 година и сега имаме над 13.000 денари минимална пензија во државата. Такви бројки никогаш не биле досега“ посочи премиерот Ковачевски, додавајќи дека често пати овие бројки ги ставаат во корелација со инфлацијата.
 
„Но, ние инфлацијата која минатата година беше на ниво од 19% со мерките кои ги презедовме заедно со Министерството за финансии и Државниот пазарен инспекторат, успеавме сега да ја намалиме за скоро 7 пати и да имаме инфлација од 3%, а инфлацијата кај храната е само 1%. И во тој дел имаме реален пораст на пензиите“, нагласи премиерот Ковачевски за „Слободен печат“.