Говори и интервјуа

Интегрално пренесени говори и интервјуа на Претседателот на Владата на Република Македонија и министрите на Владата.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, во рамките на неговото гостување на емисијата 24 Отворено, на темата “100 дена Влада”, одговараше на прашања од бизнисмени, аналитичари, граѓански активисти и новинари, синдикалци.

 

Почитуван потпретседател на САД, Мајк Пенс, почитуван премиер на Црна Гора, Душко Марковиќ, почитувани присутни, почитувани медиуми,

Јадранската повелба испраќа силна регионална порака до НАТО Алијансата и до светот:

- Членството во НАТО е нашата заедничка иднина.

Интеграциите во НАТО бараат од нас меѓусебна соработка. Бараат политики на мостови. Бараат зрели политички раководства кои имаат чувство за тоа што им е потребно на граѓаните на нашите држави. Бараат одговорност за регионалната и глобалната безбедност. Бараат свесност од наша страна, како поединци кои имаат чест да ги предводат државите, и како држави, да придонесуваме кон светскиот мир.

Со нашето присуство овде, на Самитот на земјите членки на Јадранската повелба ние велиме: Да, подготвени сме да соработуваме во интерес на граѓаните на нашите држави и низ интеграциските процеси, да го донесеме регионот до неговиот дом, до големото семејство на НАТО.

Членството на Црна Гора во НАТО е охрабрувачка порака на Алијансата дека вратите се отворени за сите што ќе се издигнат над сопствените предизвици и ќе покажат дека можат да придонесуваат за колективните потреби и за сопствените граѓани.

Ѝ честитам на Црна Гора!

Изразувам верба и подготвеност за акција, за Република Македонија да биде 30-тата членка на НАТО.

Интеграциите на Република Македонија во НАТО и во Европската унија се стратешки цели за нашата држава. Сите патокази го покажуваат патот на Македонија токму кон НАТО и ЕУ. Новата Влада на Република Македонија, ќе се обврзам и на овој форум, е одлучена да биде локомотивата на возот кон овие две организации, за да го осигураме добриот живот на нашите граѓани и иднината на своите деца.

Работиме темелно, посветено и енергично.

За да ги забрзаме интеграциите во ЕУ и НАТО на домашен план го почнавме Планот 3-6-9 за итните реформски приоритети, што водат кон професионални и независни институции, демократизација на целото општество, а со тоа и кон квалитетен живот за сите граѓани.

На регионален план се отворивме кон соседите за зацврстување и продлабочување на соработката, пријателството и довербата. Вчера потпишавме Договор за добрососедски односи со Бугарија, но паралелно ја интензивиравме комуникацијата и со другите земји од регионот.

Овие чекори се во насока на развој на Република Македонија но и на развој на регионот.

Очекувам дека ќе придонесат кон напредок во европските и евро-атлантските интеграции на Македонија со членство во НАТО и со сериозни придвижувања на државата кон членство во ЕУ.

Охрабрени сме од оптимизмот, вербата и поддршката што ги чувствуваме од нашите граѓани, но и од оптимизмот, вербата и поддршката што доаѓаат од САД и од нашите пријатели, земјите членки на ЕУ.

Тоа за мене како премиер на Република Македонија и за нас како Влада е силен мотив да ја оправдаме довербата и да ги оствариме очекувањата во интерес на граѓаните на Македонија, на регионот, како и во светски рамки.

Бидејќи е ова Самит што се однесува на НАТО интеграциите, изразувам во оваа прилика благодарност за постојаната соработка со САД којашто многу значи за демократските интеграциски процеси на Македонија, а и регионот.

Тоа што со нас седи висок претставник на Соединетите Американски Држави, покажува каков верен, стратешки партнер имаат Македонија и регионот во САД и во НАТО.

Затоа најавувам дека ќе продолжиме како држава да бидеме партнер од доверба во мисиите на НАТО и активно да придонесуваме кон безбедноста.

Република Македонија ќе го зголеми буџетот за одбрана и ќе го зголемиме учеството во мисиите на НАТО.

Исто така, ќе ги интензивираме односите со земјите членки на Јадранската повелба.

Свесни сме дека дека регионот, овој мал дел од светот на којшто припаѓаме, е стратешки важен за регионалната и глобалната безбедност и стабилност.

Ова треба да нѐ охрабри, не смее да нѐ плаши. Да работиме напорно и со нашите потенцијали и да покажеме дека силата е во волјата и во ангажираноста, а не во тоа колку сме големи или мали како држави. Затоа што, на крајот, секој има своја улога и свое значење под сонцето, на демократскиот хоризонт. 

Јадранската повелба е можност да седиме заедно и да ги дискутираме заедничките интеграциски, безбедносни и одбранбени предизвици, како и идните перспективи за регионална и транс-атлантска соработка, како и да бидеме активни партнери во овие процеси.

Република Македонија е почестена што може да претседава со Самитот на земјите членки на Јадранската повелба и да биде ко-домаќин со Република Црна Гора.

Ја имаме шансата да покажеме дека ние сме генерација политичари со позитивен дух и со отворен ум за потребите од нов начин на управување и убеден сум дека ќе одговориме достоинствено на честа и одговорноста доверена од граѓаните во нашите држави, во регионот, а во интерес на потребите на светскиот мир и напредок.

Почитувани граѓани, почитувани гости и присутни, претседател на државата Ѓорге Иванов, премиер на Република Бугарија, Бојко Борисов, министри и претставници на владите и парламентите на Република Македонија и Република Бугарија, претставници на дипломатскиот кор, претставници на политичките партии, од судовите, научници од МАНУ, претставници на граѓански здруженија,

Пред споменикот на великанот и револуционер Гоце Делчев, кој пред повеќе од еден век знаеше дека „Ќе удри утринската зора и за нас“, пред сегашните и идните генерации, на 114-годишнината од Илинденското востание и на 73-годишнината од Првото заседание на АСНОМ, од име на граѓаните на Македонија и на Владата на Република Македонија, изразувам одлучна верба за јасна иднина:

Има светла иднина за Нашата Република Македонија и има иднина за секого во оваа наша убава земја, Република Македонија.

Историјата и минатото ги ставивме да бидат цврсти темели на коишто почнавме да ја градиме европската и евро-атлантската иднина на Република Македонија којашто води до квалитетен живот. 

Го послушавме Делчев. Тој рече „Нека не се губи времето!”. И се здруживме, ги подадовме рацете меѓу нас и создадовме пат кон развојот. За развој се потребни доброволно подадени раце на граѓани и народи кои се потпираат и поддржуваат и така заеднички чекорат стабилно напред.

Потребни ѝ се, и стабилност, и развој на Република Македонија. 

Денес кога се поклонуваме пред загинатите за слободна иднина, со чист образ можеме да изговориме, дека и нашите генерации, минаа низ предизвиците и се бореа за право, за слобода и за човечки живот! Нашите генерации ја oдбраа и одбранија слободната иднина. И тргнати сме чекор понатаму, кон стабилна иднина.

Патот за Република Македонија, почитувани граѓани, конечно е отворен. Бидете сите горди за овој успех.

Успехот не е на еден човек. Застанавме заедно, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други... Успехот не е на една група или политичка партија. Паѓавме и се кревавме заедно. Успехот е заеднички, на сите, без разлика на вера, етничка припадност, пол или убедување. Успехот е на оваа НАША МАКЕДОНИЈА!

И токму борците кои ги положиле своите животи во тие темели се нашиот завет дека Македонија ќе ја чуваме, ќе ја сакаме и ќе ја градиме. Но, најсигурно ќе ја чуваме СИТЕ ЗАЕДНО; најсилно ќе ја сакаме СИТЕ ЗАЕДНО; и најубаво ќе ја градиме СИТЕ ЗАЕДНО.

Токму тој збор, ЗАЕДНО, е најсилната гаранција за иднината на нашата Македонија.

И ние денес, почитувани граѓани, треба сите да покажеме одговорност кон себе и кон светот.

Како што заедно во државата обезбедивме демократски промени, потребно е да учествуваме и во демократските промени во регионот. Затоа што, колку повеќе идеи, заложби и ангажмани ќе здружиме кон напредокот, толку поцврсто, сите од регионот, ќе отидеме напред со демократскиот свет.

Одговорноста денес значи храброст и одлучност да се гледа напред.

Владата и граѓаните на Република Македонија дадоа пример како може да се исчекори напред. Погледот мора да се насочи напред и да биде кон вистинската цел.

Знаеме дека нашата стратешка цел се членство во Европската унија и НАТО. И Република Македонија, ве уверувам, го прави потребното.

Подадовме раце не само внатре, туку и кон надвор. И еве, има одговор, има раце кои се испружени кон нас. Еве сме заедно, со нашите соседи и пријатели, официјалните претставници на граѓаните на Република Бугарија, премиерот Борисов и дел од Владата и Парламентот на Бугарија кои ја покажуваат истата одговорност кон заедничките цели.

Затоа, денеска заедно ја испраќаме пораката:

Регионот е подготвен да води политики на зрелост, мудрост и посветеност кон своите граѓани. Регионот се однесува европски и заслужува да ја добие шансата да се развива во европското и евро-атлантското семејство.

Владата на Република Македонија постави добри основи за соработка и со другите соседи од регионот и имаме право да очекуваме дека во периодот што престои ќе добиеме и други испружени раце кон нас.

Стабилноста, безбедноста, мирниот живот на граѓаните, економскиот развој, културната соработка, се потребни на граѓаните на Република Македонија, но и на граѓаните на целиот Балкан, чијашто иднина се исто така ЕУ и НАТО.

Земјите членки на овие две организации кон коишто целиме, ги препознаа отворените и искрени намери на Република Македонија и затоа ѝ дадоа на нашата земја силна поддршка на Самитот за Западен Балкан во Трст, со што очекувам да бидеме охрабрени и денеска на состанокот на земјите од Јадранската група со потпретседателот на САД, Мајк Пенс во Подгорица.

Затоа, почитувани граѓани, мојот оптимизам и оптимизмот на Владата дека доаѓаат добри денови за Република Македонија и за граѓаните на нашата држава, се реалност за што е потребна поддршка и од сите вас.

Слободата, демократијата, развојот, напредокот бараат исто така жртви. Тие жртви денес значат да се грижиме за себе и за своето семејство, но да се грижиме и за општетсвото во коешто живееме и за државата што ја обновуваме.

Градиме професионални институции, независно судство, услови за слободни и објективни медиуми. Потребни ни се силни и квалитетни корективи, Парламентот, регулаторните тела, граѓанските организации, секој граѓанин поединечно.

Тие реформи се потребни за нашата иднина во ЕУ и НАТО. Членството во овие организации ќе отвори простор за квалитетни странски инвестиции, за конкурентни пазари за домашните претпријатија. Тоа ќе отвори простор за нови работни места и повисоки плати. Тоа ќе донесе мирен живот во нашите домови. Тоа ќе ги мотивира нашите деца да ја гледаат својата иднина во својата татковината, во Нашата Македонија.

Поради ова, почитувани граѓани, кога говориме за итните реформски приоритети и за Планот 3-6-9, гледајте во него шанса за сегашност со живот за сите. Тоа е и реформски план за професионализација на институциите кои се ставаат во служба на граѓаните.

Се чувствува разбудената надеж во нашата држава. Дури и светот ја почувствува.

Ова, сакам да знаете дека за мене како премиер и за Владата е голема чест и прифатена одговорност да ги оствариме очекувањата за достоинствен живот и за перспективна Македонија.

Почитувани граѓани,

Упатувам апел за максимална сериозност и ангажираност и од сите политички субјекти во државата и од институциите. Ова е заедничка иницијатива и акција.

Денеска кога правиме исчекор за новата приказна на Република Македонија, во периодот после најдлабоката политичка криза во историјата на современата државност, повикувам повторно да го воскликнеме повикот од Манифестот на АСНОМ: „Каква Македонија ќе изградиме, таква ќе ја имаме“ и во новите предизвици да влеземе без петно од минатото.

Да го искористиме поводот, празнувањето на основањето на државноста на Република Македонија, двојниот Илинден, кога е неминовно да се сетиме на сите што своите животи ги вградија во темелите на вековниот сон – македонската држава, да изразиме жалење за неправдата за сите оние што настрадаа заради различни идеолошки и политички ставови.

Во исто време, да повикаме на помирување на минатото и сегашноста, во име на иднината. Да се обединиме заради заедничките стратешки цели од исклучителна важност за иднината на нашата заедничка држава – Република Македонија.

Очекувам, како што Владата се отвори за целата општествена јавност, така и секој, без разлика од различностите по која било основа, да се види себе си и да се вгарди себе си во процесите и промените со коишто заедно испишуваме нова историја за Република Македонија. На таа историја следните генерации ќе можат цврсто да ја постават иднината, како што ние го правиме тоа со аманетот од Илиденското востание и АСНОМ.

И затоа, да бидеме сите на ниво на својата обврска.

Да останеме здружени едни со други и да и го обезбедиме на Република Македонија заслуженото место во светот, во тој свет којшто е поле за културен напредок на народите.

Имаме пред себе големи цели.

И како што вели Гоце Делчев: Трудот е силата со која човекот станува голем во секоја иницијатива.

Како што вреди секоја капка крв врежана во овој свет датум, 2 август,  Ден на Републиката, вреди и секоја капка пот за Нашата Македонија.

Нека ни е честит и вековит 2 август, Денот на Илинденското востание, Денот на АСНОМ, денот на нашата држава, Република Македонија.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, за време на посетата на Босна и Херцеговина беше поканет на ексклузивно и опширно интервју за регионалната телевизија Н1. Првото прашање на новинарот Борис Брезо се однесуваше на посткризната ситуација во Република Македонија. Тој го замоли премиерот Заев да даде оценка каква е ситуацијата сега и дали постои можност кризата да се повтори.

Претседателот на Владата на Република Македонија Заев, нагласи дека сите во државата извлекоа поука од политичката криза и дека сите чекори што беа преземени, или се преземаат, се во насока таа никогаш да не се повтори.

„Тргнавме напред за да обезбедиме подобар живот за сите граѓани. Вие сте телевизија што го покрива целиот овој мултиетнички регион и вие самите известувавте за настаните кај нас. Овие лузни на моето лице се затоа што еден Македонец се бореше за унапредување на правата на помалите етнички заедници, за доброто на мултиетничка Македонија“, изјави Заев за Н1.

Премиерот Заев за ТВ Н1 соопшти дека со Претседателот на Србија Александар Вучиќ, ги разрешиле сите дилемите кои се појавија во јавноста после неговата изјава дека „има опасност македонското сценарио да се прошири и во Србија“, како и за прашањето на присуството на поранешниот службеник на српските безбедносни служби во Собранието на Република Македонија за време на насилните настани на 27 април оваа година.

„Србија немаше влијание на настаните во Македонија, ниту лоши намери. И таму многу добро знаеја дека Македонија беше блокирана, без функционални иснтитуции. Затоа граѓаните одлучија дека е време за промени. На вечерата на Самитот за Западе Балкан се сретнавме со Претседателот Вучиќ, си подадовме рака и решивме да продолжиме напред. Се договривме да го направиме тоа што го сакаат нашите граѓани – да отвориме нови перспективи и за Србија и за Македонија“, потенцираше премиерот Заев во интервјуто.

Во овој дел на интервјуто, претседателот на македонската влада се задржа на поентите договорени во Трст, на Самитот за Западен Балкан. Доколку се оствари договореното во Трст, ќе им покажеме на Брисел и на ЕУ, дека регионот може да решава важни прашања од заеднички интерес. 

„Во Трст расчистивме со Брисел: Унапредување на регионалната соработка не е замена за членството во ЕУ и НАТО. Тука нема дилеми. Сепак, сите западни земји повеќе ќе не почитуваат ако има покажеме дека соработуваме и дека можеме заеднички да ги освојуваме западноевропските пазари и ќе имаме заеднички пристап до пристапните фондови на ЕУ“, поентираше премиерот Заев.

Посебно внимание во интервјуто му беше посветено на прашањето на паток на Република Македонија со НАТО и на прашањето за проблемот со Република Грција.

„Владата што ја предводам е одлучна да ги реши сите отворени спорови со нашите соседи. Сега имаме одлични односи со Бугарија и Албанија, како и со Србија и Косово. 

Имаме и со Грција. Со Грција разговараме за тоа дека и тие ќе имаат придобивки од тоа што Република Македонија ќе стане членка на НАТО“, одговори Зоран Заев.

Тој додаде дека ја смета за реалност изјавата дека Република Македонија ќе биде 30-та членка на НАТО и дека отворената понуда на алијансата ќе го поттикне рашевањето на отвореното прашање со Грција.

Премиерот Заев подробно го елаборираше и неговиот став дека на мултикултурните општества како што се Република Македонија и Република Босна и Херцеговина, како и другите земји во регионот, треба да се гледа како на предност во духот на основниот принцип на ЕУ – единство во различностите.

„Треба да бидеме паметни и да го искористиме тоа“, истакна премиерот Заев за Н1 телевизија.

Водителот на интервјуто посебно се задржа на актуелните истраги во Република Македонија кои се однесуваат на сериозни злоупотреби на врвни личности од поранешната владеачка партија и запраша дали се можни и нивни притвори.

„Тоа не е моја работа. Мораме да создадеме услови обвинителството и судиите независно да работат. Ако постојат докази, секој мора да одговара. Ако постои опасност осомничените да влијаат на сведоци, мора да бидат притворени. Сите се еднакви пред законот и секој мора да одговара доколку се докаже неговата вина“, објасни претседателот на Владата на Република Македонија.

Во завршницата на интервјуто за телевизијата Н1, премиерот Заев беше запрашан за претстојните локални избори. Тој соопшти дека тие се најавени, дека наскоро ќе бидат распишани, и дека ветува дека владата ќе обезбеди услови за фер и демократски избори. 


Оригинален извор

 

Почитуван домаќин на оваа Конференција за Западен Балкан, претседател на Советот на министри на Република Италија, г-дин Паоло Џентилони, почитуван еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, почитувана потпретседателке на ЕК и висока претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, колеги од земјите членки на ЕУ и од регионот,

За почит се амбициите и задачите што ги презеде Италија, со цел поврзување на регионот и отворање соработка помеѓу земјите во клучни области, што отвораат можности за економски развој, справување со заедничките безбедносни предизвици и европски перспективи. И чест и потреба е да се биде дел од овој Самит што е шанса за унапредување на регионалната соработка, со значајната поддршката на земјите членки на ЕУ на Западен Балкан. И кон ЕУ и кон Република Италија, за ова, изразувам голема благодарност во име на граѓаните на Република Македонија, во име на Владата на Македонија и во мое име како премиер.

Да, има голема потреба од формирање рамка за унапредување на односите меѓу земјите од Западен Балкан, кон што е силно определена новата Влада на Република Македонија.

Постои и голема потреба не само од реформи, туку и од фокусиран забрзан реформски напредок.

Ова ја трасира евроинтеграцијата на регионот. Ова усогласување со стандардите на ЕУ значи и достигнување квалитет на живот во нашите држави, што ќе ги направи спокојни, сигурни, среќни и безбедни нашите граѓани.

Знам дека граѓаните на Македонија се изморени од долгогодишната стагнација. Но, сакам да го споделам и оптимизмот во нашата држава, што го заменува тој замор. Тој оптимизам е резултат на видиците што ги отворија демократските промени во Македонија, но и подадената рака од Брисел и меѓународната заедница, кои што тоа го препознаа и ги отворија вратите за Република Македонија.

Тоа се врати на перспективи за граѓаните на Македонија, на верба и на надеж дека ова е моментот што не смее да се испушти. Ова е шансата за напредок. И ние тоа го имаме предвид.

Затоа ќе бидам конкретен по посочените точки важни за овој Самит:

1. Сакам да ве уверам дека: Постои политичка волја кај Владата на Република Македонија да ја поддржи и прифати Aгендата за поврзаност на регионот, која што значи шанси за напредок на Македонија и на Западен Балкан. Поврзувањето не е само политичко прашање. Добрососедските односи не се само прашање на политичка култура. Тие се неопходност. Тие се мостови кон Европа и светот. Тие значат и конкретни придобивки во квалитетот на живот на нашите граѓани.  Кон тоа придонесува добрата инфраструктурна поврзаност, којашто носи можности за економски развој на државите. Затоа го поздравувам денешното потпишување на Договорот за транспортна заедница, што ќе го олесни поврзувањето меѓу државите од регионот според законодавство на ЕУ.

Железничното поврзување на Република Македонија со Република Бугарија е пример колку ние сериозно гледаме на оваа Агенда за поврзување во регионот.

Одлуката веќе ја донесе нашиот меѓународен партнер ЕБОР, за изградбата на железничката пруга Куманово - Деве Баир, како дел од Коридорот 8, на барање на Македонија.

Исто така, Владата на Македонија е посветена кон реформи и во енергетскиот сектор, со цел да го исполниме својот дел од обврските од Договорот за основање енергетска заедница за Југоисточна Европа. Свесни сме дека тоа ќе отвори можности за финансиски олеснувања за граѓаните и за компаниите.

2. Владата на Република Македонија е свесна дека основата на секоја демократска држава, во што сме определни да продолжиме да ја градиме Македонија, е владеењето на правото и доброто управување.

Тоа е европска и цивилизациска вредност, важна за остварувањето на стратешката цел на Република Македонија - членство во Европската унија. Длабоката и долгогодишна политичка криза, предизвикана токму од непочитувањето на овие базични обврски, ни покажа дека тоа е и потреба за граѓаните кои имаат уставно право на правда и почитување на нивните слободи и права. Секој да е еднаков пред законот. Секој да се чувствува заштитен. Затоа реформите во правосудството се меѓу итните реформски приоритети во Планот 3-6-9 што го усвои Владата. Си зацртавме амбициозни краткорочни, среднорочни и долгорочни цели, за следните 3, 6 и 9 месеци. На есен да добиеме чиста препорака од Европската комисија за преговори со ЕУ, а потоа да отвориме пат за дискусии меѓу земјите членки и за датум за почеток на пристапните преговори. Ве уверувам, Македонија може да биде и ќе биде кредибилен партнер на ЕУ во регионот, а тоа ќе испрати и нова мотивирачка порака за целиот Западен Балкан, затоа следете нè и поддржувајте нè. Потребна ни е вашата помош и поддршка.

3. Интеграциите за кои зборуваме отвораат пат за регионална економска област што ќе донесе олеснувања и во трговските односи, инвестициите, мобилност, дигитална интеграција. Потребен ни е одржлив економски развој и економска стабилност за граѓаните. Само задоволни граѓани се гаранција за мир, стабилност и безбедност. 

4. Безбедносните прашања се посебен предизвик на денешнината. Во врска со ова, порачувам дека Република Македонија останува цврст партнер во справувањето со предизвиците во борбата против тероризмот. Илегалната миграцијата, радикализацијата, бараат заеднички ангажман во справувањето. Македонија покажа одговорност во мигрантската криза и ќе продолжиме активно да соработуваме со ЕУ, за да имаме резултати.

Република Македонија, почитувани пријатели од регионот и од Европската унија, се гледа себе си како дел од големото семејство на народи и држави. Граѓаните на Македонија го препознаа и го избраа вистинскиот пат, патот на демократските промени и во име  на граѓаните на Македонија сакам да порачам, ќе соработуваме и ќе придонесуваме кон регионалниот и европски развој.

Почитувани претставници на граѓанскиот сектор, почитувани медиуми,

Јас би зборувал отворено заради тоа што со граѓанското општество, овие теми коишто денеска сакаме да бидат старт на операционализација се многу јавно и транспарентно отворени и навистина општеството ни е напеналено за самиот почеток на реформскиот важен процес за Р.Македонија. Извлековме и позитивни работи од политичката криза, веројатно ваквите стојалишта коишто денеска ги имаме сите доволно се силна мотивација да отпочнеме еден многу сериозен процес кадешто буквално сите сме поканети со своите лични капацитети да се вградиме во него и да дадеме сериозен придонес во она што значи подобрување на севкупните услови за живот на граѓаните во Македонија.

Јас како премиер и Владата што ја предводам сме подготвени да овозможиме услови за ангажман и вклученост на целото општество, во сериозниот реформски процес што го поставивме пред нас.

Целта е голема, стратешка и неопходна за Република Македонија и за граѓаните, и се нарекува развој. Тоа се перспективите на Македонија во Европската унија и во НАТО. Тоа е шанса за достоинствен живот на граѓаните и на семејствата во оваа наша земја и мотив за нашите млади да останат да живеат и работат во ова наше единствено општество. 

Намерата на Владата е до крајот на годината Република Македонија да добие чиста препорака за почеток на преговорите со ЕУ, а идната година да добиеме и датум за почеток на преговорите за пристапување на Македонија кон Европската унија.

Владата, во првиот месец од мандатот го направи првиот чекор и го обезбеди позитивниот амбиент за остварување на овие цели.

Покажаме посветеност кон вредности, подадовме рака за соработка: преку политиките на инклузивност во државата, преку политиките на мостови кон соседите и преку политиките на отвореност кон нашите стратешки партнери, ЕУ и НАТО.

Тоа е препознаено од европските институции и од Брисел коишто се подготвени да ни помогнат, да ги откочиме евро-атлантските интеграции.

И ние како Влада ја препознаваме својата одговорност.

Знам дека секој од нас, како поединец или како институција може да направи нешто, но знаеме и дека заедно можеме да направиме многу повеќе.

Денеска сум овде да порачам дека Владата на Република Македонија гледа партнер за реформскиот процес во сите демократски и граѓански ориентирани сили во државата, тоа се политичари, експерти, истакнати индивидуалци, во секој граѓанин кој чувствува дека сака, може и знае да помогне, во секој од вас почитувани граѓани коишто сте денеска овде присутни и коишто не следите преку медиумите.

Како Влада, ќе соработуваме со Парламентот, со државните институции, со сите политички партии, со граѓанските организации, со синдикатите, со коморите, со заедниците, со медиумите, со граѓаните.

Активно ќе поттикнуваме учество и ќе ги вклучиме сите заинтересирани да бидат дел од создавањето суштински реформи и во сите суштински процеси на носење одлуки.

Реформите на коишто ќе работиме се реални и остварливи.

Тоа се Итните реформски приоритети коишто произлегоа од Извештајот на експертската група на Европската комисија предводена од Рајнхард Прибе и од извештаите на ЕК за пристапување на Македонија во ЕУ. Граѓанскиот сектор го има веќе подготвено и блупринтот, којшто ќе биде од огромна помош на целиот овој процес.

Многу од точките и прашањата од Извештајот на Прибе беа отворени во текот на преговорите од Пржино. Со работата на некои од нив, државата успеа да спроведе кредибилни избори и да отвори пат на демократските процеси.

Но за да профункционира правната држава, за да обезбедиме независни институции, објективни медиуми, професионална полиција, потребни се реформи за коишто е потребна силна политичка волја, енергија, ентузијазам, надеж, верба и храброст и уште многу други позитивни човечки атрибути.

Сето тоа постои кај Владата и знам, препознавам дека оптимизам и позитивна енергија има и меѓу граѓаните.

Нема да биде лесно.

Но, вие граѓаните сте креативната сила на Владата.

И јас сум уверен дека заедно ќе ги затвораме важните државни прашања, со што долгорочно ќе ја обезбедиме потребната политичка и економска стабилност во Македонија. Овие процеси ќе бидат целосно отворени за учество на секој заинтересиран, целосно транспарентни и отчетни. Успесите на оваа Влада се успеси на граѓаните на Македонија и на државата Македонија.

Затоа, барам, повикувам, сите во нашата држава, и власта и опозиција, и граѓански сектор, и политичари, и експерти секој, да ја увиди и својата личната одговорност, и колективната обврска што ја имаме како граѓани на Република Македонија.

Да го обезбедиме неопходниот општествен консензус, за суштинските прашања.

Сите да се вклучиме во реформите! Акцијата е започната, потребата е огромна!

Ја имаме помошта и поддршката од партнерите на Македонија во Европската Унија.

Тоа што ќе го сработиме за евроинтеграциите ќе биде резултат и за нашата интеграција кон НАТО, чиишто врати повторно се отвораат за Република Македонија.

Успехот и ловориките од целиот успех ќе бидат заеднички на сите! Пред се на граѓаните, на граѓанскиот сектор, ескпертите, опозицијата и власта!

Денеска ќе формираме работни групи со граѓанскиот сектор, по тематски области, за секој да може да го даде својот максимум, со идеи, предлози, конкретни мерки за реформскиот процес. Потребно е учество денес, но и понатаму низ сите процеси на спроведување на реформите.

Придонесот од денешните работни групи со граѓанскиот сектор бидете уверени дека ќе биде земен предвид во утврдувањето на реформскиот Акционен план.

Оваа денешна средба со граѓанскиот сектор е силна порака и до сите граѓани на Македонија. Бидете гласни, сакаме да го слушнеме вашето мислење.

Владата е подготвена сериозно да соработува со сите во општеството, за да го сработиме тоа што ќе го работиме ефикасно и квалитетно за потребните реформи коишто претстојат пред нас.

Со овој начин на работа, почитувани граѓани, Владата на Република Македонија отвора ново поглавје во практикувањето на политиката.

Република Македонија е наша заедничка држава и отворено, со вклучување на сите општествени фактори ќе ја градиме, и заедно ќе работиме, на напредокот на државата и на нашата заедничка иднина.

Посакувам заеднички успех на сите!

 

 

 

 

 

 

 

Почитувани граѓани, почитувана постојана координаторке на Обединетите нации во Македонија, г-ѓа Луиза Винтон, почитувани организатори од Обединетите нации, почитувани присутни од Министерството за труд и социјална политика, гости, новинари,

Родовата еднаквост е висок приоритет во работата на новата Влада.

Свесни сме дека ова не е само женско прашање, не е само прашање на почитување на уставното право на еднаквост, туку сериозно влијае на развојот на општеството во кое што живееме.

Определени сме да ги надминеме сиромаштијата и невработеноста и да обезбедиме еднакви можности и квалитетен живот за сите. Тоа се темелите на Програмата на реформската Влада што ја предводам.

За тоа е потребно системско решавање на ова прашање и ние сме одлучни сериозно да му пристапиме на овој проблем на современото живеење.

Во таа насока ја поздравувам оваа Конференција посветена на родовата еднаквост и очекувам дека ќе биде дополнителен импулс за сите, ова прашање да го третираме со потребната сериозност.

 Еве, се среќавам постојано со граѓаните - сакам да кажам еден пример што вистински ја отсликува реалноста којашто сме решени да ја менуваме. Ми кажува една работничка од Штип, дека работата во фабриката и почнува од 6 часот. Но таа станува уште порано. Се буди во 4 часот. Затоа што има мали деца за кои треба да остави ручек. Затоа што семејството не може да плати градинка за децата. Ги чуваат соседи. Таа има и болна мајка на којашто треба да и ја обезбеди потребната нега, пред да тргне на работа. Вели дека размислува да ја напушти работата, затоа што `и е физички, и здравствено, неиздржливо темпото на живот. За 9.000 денари плата, да не си ги оставам децата без мајка, ми рече.

Ако ја напушти работата, семејството ќе живее уште посиромашно. Таа е добра шивачка и конфекцијата ќе загуби добра работничка. Ако ова се случи и со други квалитетни работнички, тогаш таа фирма нема да работи успешно како сега.

Ете како се рефлектира предрасудата дека жената мора да постигне да работи и на работа и дома. Дома без пари, а на работа за малку пари, затоа што е изморена и неконцентрирана и не може да  го даде својот максимум. Да не зборуваме за можноста за напредување во кариерата.

Почитувани работнички, жени, почитувани заштитиници на женските права, јас сакам да ви најавам дека новата Влада оваа реалност почнува да ја менува.

Нема да биде брзо и нема да биде лесно. Но ако работиме заедно и ако работиме посветено на овој проблем, ќе добиеме резултати.

Тоа е поголема вклученост на жените на пазарот на трудот. Споделени обврски меѓу мажите и жените дома. Згрижени деца и згрижени немоќни родители и членови на семејството.

Тоа ќе го постигнеме со тоа што државата ќе биде партнер на семејствата. Државата ќе биде социјален партнер на семејствата на кои им е тоа потребно.

Македонија по Устав и по закон е социјална држава и ние сме обврзани да го направиме тоа за своите граѓани.

Владата ќе работи на подигнување на свеста дека и жените и мажите подеднакво се одговорни за домашните активности и грижата за децата. Поделбата на оваа таканаречена неплатена работа е првиот чекор кон воспоставувањето родова еднаквост.

Владата ќе се грижи за сите, и жените и мажите да имаат еднаков пристап до платена и пристојна работа. Со тоа ќе овозможиме жените да се чувствуваат побезбедно и посамостојно, затоа што нивниот труд ќе биде соодвентно вреднуван.

Очекувам државните институции сериозно да се вклучат во оваа определба на Владата за обезбедување родова еднаквост. Таму каде што е потребно, да биде дозволено флексибилно работно време.

Нашата цел како Влада е да овозможиме градинките да работат во две смени. Ја разгледуваме можноста да го зголемиме бројот на вработени во јавните детски градинки. Со тоа ќе им олесниме на родителите кои работ и по 18 часот, да работат спокојно на работното место. Исто така ќе го унапредување системот на детска заштита со тоа што ќе отвориме градинки и во рурални средини, за да ги направиме градинките достапни за сите.

Во Програмата предвидовме, еднородителските семејства кои имаат плата пониска од просечната, да не плаќаат надоместок за градинка или за основно училиште.

Владата ќе работи на поттикнување на „таткото како еднакво грижлив родител“. На пример, планираме да воведеме флексибилно работно време за таткото во првите три месеци по раѓањето на децата. Практично, ќе овозможиме заедничко користење на родителско отсуство на двајцата родители за првите 1-3 месеци, после што еден од родителите го продолжува целосно породилното отсуство.

За негата на стари, изнемоштени и болни лица, Владата ќе спроведе модернизација на службите, но и нивна поголема достапност, според социјалните потреби на семејствата.

Владата, почитувани граѓани и присутни, ќе го усвои Законот за социјално претприемништво, преку којшто ќе го олесниме пристапот до пазар на труд за социјално ранливи категории граѓани. Социјалните претпријатија ќе нудат можност на ранливите групи да управуваат со претпријатието, да донесуваат одлуки за управување со остварените приходи и за нивно инвестирање во социјални цели.

Владата ќе го има предвид родовиот аспект во колективното договарање на сите нивоа, со цел дополнителна заштита и унапредување на жените работнички.

Јас сум убеден овој значаен документ што го имаме пред нас, за целите за одржлив развој, за што ќе се дебатира на оваа важна Конференција, ќе има силно влијание во креирањето на идните политики од областа на родовата еднаквост.

Потребно е да се намали товарот на неплатената работа на жените и да се унапреди економското јакнење на жените.

Јас како претседател на Владата сум овде да ја потврдам решителноста на Владата, преку нашите зацртани политики во Програмата, и оние што ќе произлезат низ ваквите конференции и дебатите во коишто ветивме дека ќе бидат вклучени граѓанскиот сектор и експертската јавност, да создадеме од Македонија држава којашто достоинствено ги третира и почитува родовите политики.

Се придружуваме на современиот свет во актуелизирањето и решавањето на ова важно прашање, во интерес на сите во општеството.

 

Во интервјуто за српскиот неделник Нови Магазин, премиерот Зоран Заев истакнува дека Владата на Република Македонија и парламентарното мнозинство цврсто се определени да спроведат значајни реформски процеси со цел подобрување на стандардот на граѓаните и да ја внесат Македонија во ЕУ и НАТО. 

„Новата Влада ќе работи посветено на реформите што ги најавивме за да обезбедиме квалитетен живот за граѓаните на Македонија и да ги отвориме перспективите во ЕУ и НАТО. Нема поважни цели од овие за граѓаните, без разлика на нивната политичка или каква било друга припадност, како што нема поважна стратешка цел на државата од евроатлантските интеграции“, вели премиерот Заев.

Запрашан за приоритетите од Програмата на Владата и редоследот на нејзиното спроведување, претседателот на Владата истакна дека во најголем дел таа се темели на економијата. Над 180.000 луѓе живеат со по 40 денари на ден. Над 500.000 граѓани живеат под работ на сиромаштија.

„Минималната плата ќе ја зголемиме на 12.000 денари и тоа ќе важи за сите работници. Сега работниците за облека, кожа и текстил се дискриминирани и земаат пониска плата од другите работници. Ова го најавивме за првата година од мандатот. Нашата цел е 16.000 денари просечна плата до крајот на мандатот. Тоа е нешто повеќе од 250 евра. Наша цел е и просечна плата од 30.000 денари или околу 500 евра, изјави премиерот Заев.

Потенцирајки ја интегративната политика на новата Влада која ги спојува луѓето, премиерот Заев за Нови Магазин истакнува дека Македонија во иднина ќе се гради како едно општество за сите, концепт што доби силна поддршка на изборите.

„На изборите најголема поддршка доби концептот едно општество за сите, што беше еден од петте столба на предизборната програма на СДСМ, партијата што ја раководам и којашто ја предводи новата Влада. Мнозинството граѓани во Македонија, околу 700.000, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци, други, се изјаснија дека сакаат промени, подвлече Заев во интервуто за Нови Магазин.

Во врска со идните односи меѓу Македонија и Србија, премиерот Заев во интервјуто потенцира дека новата Влада е определена да гради добрососедски односи со сите свои соседи.

Почитувани присутни, претседателке на Инженерската институција на Македонија којашто е организатор на оваа Конференција, претставници на амбасадата на САД, госпоѓо заменик амбасадор, претставници на енргетските компании во Македонија, на академската јавност, на невладиниот сектор, почитувани граѓани и претставници на медиумите,

Ова за мене е прв работен ден, прво мое обраќање и прв чекор што го правам и замислете, со жените, на тема енергетика. Се надевам дека и мојата работа ќе биде убава, паметна, успешна и продуктивна, како што ни се жените во Македонија. Навистина, денеска сме на една важна тема и би сакал да дадам свој осврт, точно на тема каде што жените треба да бидат дополнително мотивирани за нивна партиципација севкупно во општеството, но и во овој важен сектор како енергетиката. Новата реформска Влада ќе даде шанса на жените енергетичари и ќе го развиваме енергетскиот сектор, на начин што ќе целиме кон намалување на цената на електричната енергија за граѓаните и домаќинствата, успешно работење на енергетските компании и економски раст во интерес на Република Македонија.

На енергетските политики на коишто се обврзавме, активно работеа и жени од ФЕИТ, од ЕВН, од БЕГ, од Регулаторна комисија за енергетика, преку Комисијата за енергетика на партијата од која што доаѓам, којашто ги интегрираше искуствата на голем дел од енергетската експертска јавност во Македонија, во она зад што денеска стоиме како Програма на новата Влада.

Тука сум да ви кажам дека отвораме можност повторно заедно да ги реализираме зацртаните цели.

Како човек кој доаѓа од демократска средина, каде се негуваат и почитуваат рамноправност и еднакви шанси, знам дека тоа што сите `не спојува е професионализмот преку кој што можеме тоа да го направиме во оваа значајна област за граѓаните и за економијата во државата.

Енергетиката е меѓу водечките сили на економијата во една држава. Со обезбедена енергетска сигурност и безбедност, се обезбедува сигурен раст на економијата и на општеството.

Во наредниот период Владата на Република Македонија силно ќе се насочи кон обезбедување енергетска сигурност и независност. Ќе ставиме посебен акцент на обновливите извори на енергија. Сонцето, симболот на нашата земја, ќе биде извор на енергија за секое домаќинство.

Ќе го зголемиме домашното производство на струја. Ќе вложиме во развој на домашните енергетски капацитети и ќе изградиме нови, со цел да го намалиме скапиот увоз на струја.

Ќе ја вратиме евтината тарифа на струјата, но за поевтина струја ќе направиме и низа  други стратешки чекори.

Ќе обезбедиме енергетска ефикасност.

Ќе обезбедиме слободен пазар на електрична енергија согласно европските директиви.

Ќе го донесеме и гасот до секое домаќинство како поевтин и еколошки енергенс.

На овој начин ќе отвориме и нови работни места во енергетиката.

Ова се клучните чекори што ќе ги направиме во енергетиката, за да им овозможиме на граѓаните поевтина струја и стабилно снабдување со електрична енергија, како и стабилна економска клима за функционирање на енергетските компании.

За да го оствариме ова, ќе биде потребен ангажман од сите. Вашите искуства се и ќе бидат драгоцени за развојот на енергетиката во Македонија.

Следејќи ги европските вредности и уставните начела за рамноправност на жените во општеството, Владата на Република Македонија ќе се стреми за поголема застапеност на жените на водечките позиции во енергетиката воопшто.

Денес во светски рамки се зборува и истражува многу за родовите прашања и се повеќе студии потврдуваат дека со вклучувањето на жените, компаниите стануваат поетички, корпоративно управувани и имаат подобри економски резултати. Овие практики треба да се поддржат и јас како премиер со моето присуство денеска овде сакам тоа и да го потврдам.

Познавам многу жени енергетичари, докажани маркетинг менаџери, комерцијални менаџери, политичари, кои работат по компаниите и фирмите, невработени, кои сум убеден дека можат да дадат голем придонес во развојот на енергетиката и ќе дадеме шанса да се вклучат во развојот на енергетскиот сектор.

Ја поздравувам оваа меѓународна конференција која што за прв пат се организира во нашиот регион и чест ми е што сум денеска тука со вас.

Уверен сум дека Конференцијата ќе поттикне вклучување на младите девојки во овој сектор. Ќе помогне при донесувањето одлуки кај работодавците и сопствениците на компании при изборот на нивните раководни тимови, затоа што жените се добри лидери.

Квалитет и напредок има само ако ги срушиме предрасудите, бариерите и стереотипите за различностите по која било основа, па и по родовата.

Посакувам успешна работа во текот на Конференцијата и уверен сум дека ќе има плодни дискусии и резултати.

Благодарам.

 

 

Почитувани присутни,

Почитувани претставници на Македонската Православна Црква-Охридска Архиепископија,

Почитувани претставници на верските заедници,

Почитувани претставници на Собранието, на Владата, на општините,

Почитувани претставници на дипломатскиот кор,

Почитувани граѓани,

 

Денес сме овде на ова легендарно место “Мечкин камен“, заеднички да го одбележиме големиот празник 2 август - Илинден, кој е симбол на непокорот, симбол на жртвата, симбол на преданоста на цела една генерација наши предци, кои тогаш кога било потребно се жртвувале себеси за денес ние да живееме слободно и рамноправно во нашата држава Република Македонија.

Како што ќе каже големиот Кочо Рацин

“...У историјата на македонскиот народ има многу места кај што се покажује сето онова што е битно за неговата борба за ослободуење. Секоа народна историја има таквиа места ели датуми, па и македонската историја. А еден таков, и това, можеби најголем е Илинден ели Илинденското востание. Това е денот, кога заспалиот македонски народ, разбуден од петвековниот сон се разбудуе и стануе да оди со свои нозе по своjот вистински пат...“

Токму тоа почитувани сограѓани, ...тоа е симболот на денешниот празник, ... големото будење на нашиот народ и тргнувањето со свои нозе, по својот вистински пат... И покрај тоа што оние кои тргнале знаеле каков е тој пат, дека тоа е патот на жртвата, дека тоа е трнливиот пат кон слободата, сосема свесни решиле со својата крв да остават патокази за следните генерации, да знаат каде да се движат, да знаат кој е вистинскиот пат.

Крушево е место со безброј такви патокази. Каде и да се свртиме, каде и да погледнеме, се чувствува тежината на големите битки, тежината на големиот празник кој денес го славиме и тежината и значајноста на идејата.... Се чини дека секој камен, секое дрво и секоја билка тука, крие своја приказна за минатото.

Една од големите битки во кој илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република била битката кај Слива.

Во оваа битка, високо во планината, од една страна биле 40-ина комити, а од друга страна 20-илјадна војска која доаѓала да го задуши востанието. Комитите можеле да се повлечат, но така само ќе го олеснеле противничкото продирање, а со тоа ќе било загрозено и излекувањето на другите востанички сили и извлекувањето на самото население од Крушево. Одлучиле да останат и да се борат до крај.

Со четата командувале Диме Смугрев и Ѓорѓи Стојанов. Токму на тоа место, на Слива,  се наоѓала и нивата на војводата Ѓорѓи Стојанов, нивата на неговите предци, нивата на Стојановци. Тоа е татковина, а татковината треба да се брани. Ако неговите предци таа нива ја залевале со пот, судбината налагала, тој како војвода да ја залее со својата крв. Така и било.

Пред самиот судир војводите се обратиле со зборовите: „Браќа часот е голем ... Непријателот е пред нас, но и примерот за саможртвување е пред нас. Да докажеме дека сме корави Македонци, упорни борци и доблесни синови на родината. Од височините на Бела Вода, Македонија ќе го гледа нашиот подвиг. Смртта станува неизбежна, но еднаш прифатена, таа треба да се пречека достоинствено“.

Така и завршила оваа битка, достоинствено до самиот крај. Востаниците се бореле до последниот куршум, а со последните куршуми решиле да се самоубијат, за живи да не паднат во рацете на непријателот. Турските офицери, изненадени од херојството и саможртвата на овие јунаци, наредиле војската што минала покрај нивните трупови - со истрели во воздух да им оддаде почит.

Почитувани сограѓани,

Денес ние оддаваме почит кон илјадници вакви битки, кон илјадници знајни и незнајни јунаци кои ја прегрнале смртта за да го одбележат патот кон слободата.

Таква е нашата историја, тешка и емотивна. Дури и спомените за неа се тешки за раскажување. Таквата тежина е сосема доволен притисок за постојано да бидеме свесни што е тоа што го немале нашите предци во минатото, а што го имаме ние денес. Што е тоа за што порано се гинело, а денес ние го живееме.

Тоа е сопствената држава и слободата во секоја смисла на зборот. Слобода на сопствен идентитет, слобода да се зборува на својот мајчин  јазик, да се образува на својот мајчин јазик, да се пее и твори на својот мајчин јазик, без притоа некој да биде презиран, навредуван и малтретиран. Денес секој може да ја развива својата култура на начин на кој тој смета дека треба да ја развива, без притоа да биде осудуван и прогонуван. Денес секој може да си ја одбере својата религија и да верува во неа без никакви притисоци и присилби да се откаже од истата и да премине во друга.

Таквата слобода е скапо платена и како таква треба да се цени и почитува од секој граѓанин на оваа земја, како и од сите други граѓани на другите земји.

Илинденското востание било само една етапа, еден поттик за следните генерации да го продолжат копнежот за слобода и сопствена држава. Како што ќе каже Кочо Рацин во предвечерјето на втората светска војна:

“Илинденското востание не го доврши патот за слободата. Тоа само го почна тој пат, поправо, само го покажа за тие што вистински се борат за вистинска слобода на Македонија. И баш затова оти тој пат не е довршен, оти само ако понего се тргне ќе се дојде до слободата на Македонија, баш затова ние младите, напредните синови на оваја поробена земја, треба да го цениме и учиме Илинден, за да би ја постигнале целта на својата борба и слобода на Македонија“.

Овие зборови на Рацин и повикувањето на историските традиции на Илинденското востание кои ги говореше Кузман Јосифовски Питу, биле водилка за следните генерации да ја поведат Македонија во втор Илинден и преку народноослободителната и антифашистичка борба да докажат дека илинденската идеја живее. Дека наследената борбеност и нескршливиот дух заедно со силната и исконска желба за слободна Македонија можат да издвојуваат победа. Победа која е заверена на првото заседание на АСНОМ со формирањето на слободната Македонска држава.   

Токму затоа, ние денес ги одбележуваме двата Илиндена и оддаваме почит како на Илинденската генерација, така и на Асномската генерација. Денес Македонија и македонците секаде во светот одбележуваат 113 години од Илинденското востание и 72 години од АСНОМ.

Почитувани сограѓани,

Денешниот голем празник не потсетува на минатото но и не поттикнува да размислуваме за иднината на нашата држава. Значајноста и тежината на делата на илинденската и асномската генерација ја создаваат одговорноста на нашата генерација за иднината на државата. Тоа е одговорност и кон нашите предци и кон нашите идни генерации. Одговорност која сама по себе  носи многу значајна тежина, затоа што кога станува збор за Македонија, одговорноста треба да биде најголема, посветеноста – најсилна, работливоста – беспоштедна а духот – нескршлив. Само така, и со силно единство наместо со надворешни замешателства, можеме да продолжиме да чекориме по патот на развој и просперитет на нашата татковина и да го исполниме аманетот на нашите предци за борба за Македонија.

Затоа, денес од Мечкин Камен повикувам на добра мисла и добра намера, на единство на сите расположливи капацитети во државата во процесите за развој и просперитет на нашата татковина... Обединување на сите Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи и Бошњаци, на сите христијани и муслимани, бидејќи ова е наша држава. Бидејќи ова е држава на нашите деца и внуци. Повикувам на искрено единство кога станува збор за државните интереси и државните приоритети, кои никогаш не смеат да бидат ставени зад партиските приоритети или личните желби на некој политичар или група на луѓе. Повикувам на конструктивност на секој фактор и ја осудувам деструктивноста која некој сака да ја наметне како систем на делување. Ние сите треба да градиме, да создаваме дела и вредности, а поривот за рушење и критика на се, треба да биде потонат и енергијата да ја фокусираме на спроведување на реални проекти кои го подобруваат секојдневието на граѓаните.

Таков пристап и искрена волја ни е посебно потребна во овие моменти кога државата подолг временски период е вовлечена во политичка криза од која мораме и можеме да излеземе посилни. Оваа политичка криза не му одговара на никој што и сака добро на државата и истата создава одредена несигурност кај граѓаните која се рефлектира како на секојдневното живеење така и во стопанството. Политичката криза не може и не смее да биде период кој што ќе трае во недоглед и кој ќе нанесува штетни последици за државата, како дома така и во странство. Затоа треба да покажеме добра волја и свесност за излез од политичката криза, покажувајќи со тоа и свесност и желба за враќање на државата во нормалниот колосек и целосно посветување на работа насочена кон реализација на проекти и дела во интерес на граѓаните. Кон целосно фокусирање на решавање на проблемите на граѓаните но и кон целосно посветување на исполнувањето на нашиот врвен приоритет за целосна интеграција во НАТО и Европската Унија, односно добивањето на полноправно членство во НАТО Алијансата и отпочнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, за што имаме и политички консензус и доволно сработено и реализирани реформи и докажани капацитети. 

Токму затоа денес сакам да упатам апел за свесност и совесност во процесот на разрешувањето на политичката криза и излез од истата, во кој единствен приоритет треба и мора да бидат државните интереси и интересите на граѓаните.

Таквиот излез од наметната политичка криза е единствено возможен со одржување на избори на кои граѓаните на Република Македонија ќе донесат одлука која секој политичар и секоја политичка партија мора да ја почитува. Бидејќи тоа е вредноста на демократијата. Бидејќи така е секаде во светот и така мора да биде и тука. Волјата на народот е најсилна и секој политичар мора истата да ја почитува. Народот никогаш не греши и секогаш е во право. Негирањето на волјата на граѓаните, секој обид за сомнеж во одлуките на народот во обид за прикривање на сопствените слабости и порази претставуваат израз на непочитување на граѓаните и сериозен израз на недемократско однесување.

Силно уверен дека одржувањето на изборите ќе ја оконча политичката криза, Ве уверувам дека како Влада ќе направиме се што е во наша надлежност изборите да бидат фер и демократски, целокупниот изборен процес да се одвива според сите меѓународни стандарди а изборната кампања да помине во одлична демократска атмосфера. Како држава имаме капацитет за такво нешто и тоа сме го покажале на претходните изборни циклуси и можеме да го покажеме и сега. Нема причина и не смее сега да биде поразлично бидејќи тоа не е во корист на секој што ја сака оваа држава.

За изборната кампања и начинот на нејзиното реализирање од исклучителна важност е улогата на политичките партии кои се надевам и искрено очекувам дека наместо кампања базирана на навреди и местенки ќе се фокусираат на кампања и политика базирана на проекти и дела, на реална политичка понуда на проекти, на програма и на кредибилитет за исполнување на ветувањата. Ова го велам затоа што нашите граѓани сакаат од политичарите да видат проекти и дела, да видат доследност но и работливост за подобрување на состојбите во секоја област и во секој регион. Само така се добива довербата од нашите граѓани кои секогаш знаат добро да проценат и лично да одлучат на кого ќе ја дадат довербата и поддршката. Нашиот народ многупати досега ја покажал својата мудрост и својата свесност и затоа не се сомневам дека и при излезот од политичката криза нема да биде така. Нашиот народ, граѓаните на оваа држава се тие кои одлучуваат за Македонија! Никој не смее да ја негира волјата на македонските граѓани, бидејќи Македонија е на сите граѓани! Бидејќи Македонија е нашата татковина и татковина на нашите поколенија!

Драги пријатели,

И во моменти на политичка криза, и во моменти на соочување со глобални безбедносни ризици кои претставуваат сериозни предизвик за сите држави, како држава продолжуваме да бидеме фокусирани на реализација на програмата која е базирана на ветувањата кои се дадени во изборниот период и кои претставуваат наша обврска кон граѓаните. Бидејќи интересот на граѓаните мора секогаш да биде на прво место!

За таа цел и во овој период продолжуваме да работиме на основниот приоритет на Владата за намалување на невработеноста и отворањето на нови работни места. Историски најниското ниво на невработеност од 24,5% кое го постигнавме оваа година претставува доказ дека посветената долгогодишна работа вродува со резултат. Падот на невработеноста за 13,5 проценти во однос на минатото кога истата изнесуваше огромни 38 проценти е доказ дека имаме сила, знаење и енергија за подобрување на економскиот стандард на граѓаните. Дека Македонија може успешно да се справува со предизвиците и дека имаме сила за добри резултати.

Тоа е доказ дека борбата за нови работни места покажува резултати. Тоа е борбата на нашата генерација, за работа за секого, како чекор кон обезбедување на повисок стандард и плати за населението. За тоа говорат  илјадниците ново отворени места во технолошко-индустриските развојни зони во кои работат странските компании, кои препознавајќи ги одличните услови за инвестирање дојдоа во нашата држава и изградија свои фабрики, и вработувањата во домашните компании. А доказ дека бројот на ново отворени работни места дополнително ќе расте, се и голем број на ново најавени инвестиции и препознавањето на овој стратешки приоритет од страна на домашната бизнис заедница која и покрај сите предизвици не отстапува од политиката на вработување и поддршка на растот, за што сакам на овој празник да им оддадам високо признание.

Сакам да искажам благодарност и до сите еснафски организации, на здруженијата на земјоделците, на синдикатите, на пензионерите, на младите, на учителите, лекарите, административците, полицајците и војниците, социјалните работници, работниците по фабриките и во услужниот сектор, земјоделците по нивите, кои успеаја да го задржат фокусот, да ја препознаат вистинската приказна за денешната борба за Македонија и македонскиот суверенитет, да ја направат разликата која што ја прават години наназад и кои успеаја да придонесат и во услови на криза државата да функционира, да ги надминува предизвиците и да чекори напред, со помало темпо од она што го посакуваме но сепак напред. И така ќе продолжиме. Да одиме напред!

Овие групи и категории на лица имаа суштинска улога во пребродувањето на предизвиците, внатрешни и надворешни и тие заслужуваат голем пиетет. Тие го исполнија својот влог кон државата, во иднина државата со уште поголем интензитет и обем треба да им возврати. И ќе им возврати. По разрешувањето на кризата, и по изборите, државата треба да влезе во помирни води и да почне да обезбедува нов циклус на реформи, на проекти, на задоволување на потребите на секој еден граѓанин на нашата земја. И ние како и досега сме спремни и подготвени да ја исполниме нашата обврска кон народот, бидејќи ние сме едно со народот. 

По изборите, мора и ќе продолжиме со силно темпо на секој дел од теренот, на уште повеќе капитални инвестиции и градежни проекти кои на оваа држава и носат нови патишта и булевари, нови железнички пруги, нови спортски објекти, училишта и градинки, нови здравствени установи, нови театри и музеи, голема раздвиженост во градежниот сектор, многу работа за нашите компании и секако нови работни места во истите.

Само така, градејќи ја Македонија ја градиме иднината на нашата држава. Реализираме и ќе реализираме проекти кои остануваат трајни вредности за македонските граѓани. Градби кои се капитал на државата.

Реализираното досега повеќе од доволно говори дека имаме капацитет и енергија да ја направиме Република Македонија силна држава. Затоа што ние не се штедиме и работиме многу затоа што само работата, трудот и постојанството, посветеноста и одговорниот пристап, како и исполнетите ветувања ја прават разликата.

Почитувани сограѓани,

На крајот би сакал да завршам со една прекрасна мисла од нашето минато која вели:

“Пет минути од секое деноноќие ќе и ги посветам на Македонија, за да се соочам со мојата македонска совест и да се уверам дека не е ништо она што сум го сторил за неа”.

Во духот на оваа мисла би сакал да апелирам до сите оние кои искрено си ја сакаат оваа земја, во прв план секогаш да им бидат интересите на Македонија, интересите на нашиот народ и на иднината на следните генерации ! Пет минути помисла за Македонија, за да сфатиме дека имаме доста направено, но и дека имаме обврска уште многу да направиме. Пет минути помисла а остатокот од денот работа за Македонија и во интерес на Македонија!

Да се огледаме на нашата историја, да поземеме пример од минатото, да се соочиме со нашата совест и да се увериме дека колку и да сме направиле, тоа се уште не е доволно во однос на она што Македонија го заслужува, а Македонија заслужува најдобро !

....Заслужува стабилност, заслужува развој и инвестиции во секој регион, во секоја општина, во секое населено место, заслужува продолжување на добрите економски резултати, заслужува уште нови инвестиции, уште голем број на нови работни места, нови проекти, нови патишта, нови проекти во образованието, инвестиции во здравството, поддршка за земјоделството, културата, туризмот и сите останати сфери кои се од значење за секојдневното живеење.

Македонија заслужува развој и просперитет!

Ваквите заложби мораат да бидат исполнети, а за тоа сме одговорни пред историјата, пред нас самите, но и пред следните генерации на кои ја оставаме Република Македонија.

Нека ни е честит и за многу години големиот празник Илинден !

Нека е вечен споменот за илинденците !

Да сте живи и здрави!

Да живее Република Македонија!

Да живее илинденскиот дух!

Да живее европска Македонија!!!